Александар Александрович Блок (руски: Александр Александрович Блок; 28 ноември 1880 - 7 август 1921) — познат руски и советски поет од почетокот на XX век, истакнат претставник на рускиот симболизам.

Александар Блок
Роден/а28 ноември 1880
СССР Санкт Петербург, Русија
Починат/а7 август 1921
СССР Петроград, Советски Сојуз
Занимањепоет, драматург
НационалностРусија Руска ИмперијаСССР Руска СФСР
ЖанрПоезија
Книжевно движењеСимболизам

Животопис

уреди

Блок е роден на 28 ноември 1880 година во угледно петроградско семејство. Tатко му бил професор на Варшавскиот универзитет, а дедо му по мајка, А. Н. Бекетов, во чијашто куќа ги поминал детинството и раната младост, бил истакнат општествен деец, прочуен ботаничар и ректор на Петроградскиот универзитет.[1] Од есента 1883 до пролетта 1884, во придружба на најблиските роднини - мајка му, баба му, тетка му и дадилката, престојувал во Трст и Фиренца. Уште многу млад, во текот на 1893 година, посетувал театарски претстави и балетски претстави. На 1 јули 1896 година ја поставил првата аматерска театарска претстава во селото Шахматово на аристократска тема за спорот на античките богови за вкусовите.

И покрај своето буржоаско потекло, Блок бил воодушевен од Октомвриската револуција и веднаш им се приклонил на болшевиците. На 16 јуни 1917 година присуствувал како делегат на Првиот конгрес на Советот на работничките и војничките депутати. Во август 1917 година го напишал текстот „Последните денови на стариот режим“. На 30 септември 1917 година го започнал својот познат есеј „Интелигенцијата и револуцијата“. На 18 февруари 1918 година ја објавил поемата „Дванаесетмината“ во списанието „Знаме на трудот“.[2]

 
Блок во 1910 година.

На 31 мај 1918 во едно писмо до Зинаида Хипиус (жена на Мерешковски и најогорчениот емигрант меѓу писателите кои ја напуштиле Русија по Октомвриската револуција), Блок напишал:

Зарем Вие не знаете дека Русија нема да постои исто така како што исчезнал Рим... Зарем не сфаќате дека светот се преуредува? Дека Стариот Свет доживува раслојување?

Во анкетата на Сојузот на работниците на уметничката литература, на 13 мај 1918 година одговорил:

„Уметникот мора да биде начисто дека онаа Русија која постоеше - ја нема и никогаш повеќе нема да ја има... Светот настапи во нова ера. Онаа цивилизација, онаа државност, онаа религија - сето тоа изумре.“[3]

 
Потписот на Блок.

Творештво

уреди

Поетското дело на Александар Блок, суптилно и крајно сложено, распнато помеѓу две епохи, пробивајќи се низ децениите исполнети со бурни историски настани и непомалку бурни промени во доменот на литературата, ја издржа проверата на времето, оцртувајќи се како една од најмаркантните книжевни појави од почетокот на XX век.[4] Неговата поезија е спој на класичниот начин во надворешното оформување на песната и новото во содржинското компонирање. Неговите стихови се одликуваат со комбинација на пејзажи и чувства, симболи и реални детаљи, музика и мисли при што често се користел со контрасти.

Блок бил голем талент уште во раната младост и првите стихови ги напишал пред да наврши десет години. Подоцна, како поет се формирал под огромно влијание на руските симболисти, особено поетот и филозоф Владимир Соловјов во кој гледал како идол, пример, речиси жив бог на стихот и мислата. Со него никогаш не се сретнал лично, ама го набљудувал оддалеку, читал за него и пишувал на начин кој би му се допаднал нему.

На самиот почеток од својот настап на книжевната сцена, Блок ја објавил стихозбирката "Стихови за Прекрасната Дама", завршена во летото 1904 година, (која претставува комбинација на царица, љубовница и Богородица) со која застанал на чело на рускиот симболизам, развивајќи ја музикалноста на рускиот стих до невидени размери. Но, по Првата руска револуција Блок ги напуштил своите апстрактни сновиденија започнал да создава нови, сосема поинакви, необични стихови, не помалку музикални, но сега веќе несентиментални. Периодот од 1905 до 1917 е време кое ја означува неговата потполна творечка зрелост, време на првите лирски симболистички драми на Блок што ги режирал Всеволод Мејерхолд, на неговите нови поетски збирки исполнети со живи сведоштва за бурни трагања по новиот поетски јазик и постојано новиот израз. Во тој период, централно место во неговата поезија заземале градскиот пејзаж и урбаната лирика, она што Пастернак го нарекол: "Петроград на Блок - најреалниот помеѓу сите други Петрогради насликани од уметниците на новото време, градот на блоковските стихови, главниот јунак на неговата повест, на неговата биографија".

Само два и пол месеци по избувнувањето на Октомвриската револуција, Блок (во еден здив) ја напишал својата поема "Дванаесетмината" - збунувачки сложено и противречно дело околу кое и ден-денес спори книжевната критика, но истовремено, сугестивно и фасцинантно, едно од врвните во руската и европската поезија од почетокот на XX век.[4]

Најпознати циклуси песни се:

  • Ante Lucem,
  • Стихови за Прекрасната Дама,
  • Распаќа,
  • Разни песни,
  • Град,
  • Снежни маски,
  • Маски,
  • Харфи и виолини,
  • По работ на минатите денови.

Исто така, тој е автор на познатите поеми:

Значење и влијание

уреди

Во младоста, рускиот писател Борис Пастернак бил воодушевен од Блок, кој му бил еден од најголемите идоли. Така, во својата автобиографија, Пастернак го истакнува Блок како најретката и најдрагоцената појава во својот живот.[6] Исто така, во романот „Доктор Живаго“, Пастернак пишува дека „Блок е манифестација на Христовото раѓање во сите области на рускиот живот“.[7]

Наводи

уреди
  1. Милан Ѓурчинов, „Александар Блок“, Енциклопедија на културното наследство на Струга
  2. Božo Bulatović, „Od Divne Dame do revolucije“, во: Blok, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 122-123.
  3. Božo Bulatović, "Od Divne Dame do revolucije", во: Blok, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 125-126.
  4. 4,0 4,1 Милан Ѓурчинов, "Александар Блок", Енциклопедија на културното наследство на Струга
  5. Božo Bulatović, "Od Divne Dame do revolucije", во: Blok, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 126-127.
  6. Света Лукић, „Ново сведочанство о Пастернаку“, во: Борис Пастернак, Доктор Живаго (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 9.
  7. Борис Пастернак, Доктор Живаго (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 124-125.

Надворешни врски

уреди