Граче
Граче или Грче (дијалектно изменето од: Гратче или Градче; грчки: Πτελέα, Птелеа; до 1928 г. Γκρέντση, Гредци[2]; до 1949 г. Φτελιά, Фтелија[3]) — село во Костурско, Егејска Македонија, денес во општината Нестрам на Костурскиот округ во Западна Македонија, Грција. Населението брои 45 жители (2021), сочинето целосно од Македонци.[4]
Граче Πτελέα | |
---|---|
Координати: 40°28′N 21°5′E / 40.467° СГШ; 21.083° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Костур |
Општина | Нестрам |
Општ. единица | Нестрам |
Надм. вис. | 825 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 45 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Нестрамкол, на 17 км југозападно од градот Костур, во североисточното подножје на планината Гал'мбица по која оди границата со Албанија, на надморска височина од 825 м. Низ селото тече реката Черешново, лева притока на Бистрица, кое го дели на две маалa - Горно и Долно Грaче.[4]
Историја
уредиМеѓу Граче и Дреничево се наоѓал древноримскиот град Ватина, кој според натпис од 193 година, играл важна улога во време на царот Адријан. Камената црква „Свети Никола“ во селото е од XI век.
Во Отоманското Царство
уредиСпоред Тодор Симовски првично селото се состоело од пет маала - Монастирец, Кљасовисо, Иљавица, Ладушица и Бела Црква, кои вкупно имале 700 куќи. Овие пет села се распаднале во времето на Али-паша Јанински во XVIII век и нивното население било преселено во Епир. По триесет години некои од жителите се вратиле и од урнатините подигнале нова населба.[4]
Во XIX век Граче било македонско село во Костурската каза на Горичкиот Санџак.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Граче имало 195 жители, сите Македонци.[5][6] Во Етнографските карти на Битолскиот Вилает од 1901 г. се вели дека Граче се состои од 26 македонски куќи.[7]
По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Граче имало 208 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6][8] Според грчки извори, во 1905 г. во Граче имало 198 жители „Грци“.[9] Според Христо Сиљанов во 1906 година селото страда од грчки андартски напади.[10]
Според Георги Константинов Бистрицки селото пред Балканската војна имало 30 македонски семејства[6][11], а според Георги Христов и 1 влашка.[12]
Во Грција
уредиПо Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога броело 318 жители. Нивниот број во 1920 г. се намалил на 287.[4]
Боривое Милоевиќ („Јужна Македонија“) во 1921 г. напишал дека во Гроче имало 30 куќи на словени (Македонци) христијани.[4]
Во 1920-тите властите довеле грчки колонисти од Мала Азија. Во 1928 г. се евидентирани 333 луѓе, од кои 301 Македонец и 32 доселеници.[9] Во 1928 година, името на селото било променето во Фтелија (Φτελιά). Во 1949 г. е одново преименувано, овојпат во Птелеа (Πτελέα).
Селото прилично настрадало за време на Граѓанската војна - биле убиени 60 лица. Намалувањето на населението по војната се должи на емиграцијата во други градови во Грција и прекуокеанските земји.[4]
Стопанство
уредиНаселението произведува жито, а делумно се занимава и со сточарството.[4]
Население
уредиСè до 1961 г. Долно Граче се броело како маало на Граче, кога е прогласено за одделно село. Граче отсекогаш било населено со Македонци и во тој поглед нема претрпено никакви етнички промени.[4]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 462 | 83 | 79 | 76 | 79 | 82 | 56 | 55 | 45 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
уредиВо 1918 година, селото станало самостојна општина[4]. Општината Граче била приклучена во општината Нестрам во 1997 година.
Селото припаѓа на општинската единица Нестрам со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Нестрам, во округот Костур. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Граче, во кој влегуваат и селата Долно Граче и Дреничево.
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви
- „Св. Димитриј“ од 1890 г.
- „Св. Никола“ од XV век
- Параклиси
- „Св. Онуфриј“
- „Св. Илија“
- „Пресв. Богородица“
- „Св. Атанас“
Личности
уредиРодени во Граче
- Мик Велоски (р. 1924)
- Ристо Кирјазовски (1927 - 2002)
Починати во Граче
- Пандо Шиперков (? - 1948)
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ „Πανδέκτης: Gkrentsi -- Ftelia“. pandektis.ekt.gr. Посетено на 2023-09-29.
- ↑ „Πανδέκτης: Ftelia -- Ptelea“. pandektis.ekt.gr. Посетено на 2023-09-29.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 14.
- ↑ „Makedonija. Etnografija i statistika - 2.43“. macedonia.kroraina.com. Посетено на 2023-08-10.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 98.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.180-181.
- ↑ 9,0 9,1 „Mapping Migration in Kastoria, Macedonia. Ftelia“. Архивирано од изворникот на 2007-07-26.
- ↑ Силяновъ, Христо (1943). Освободителнитѣ борби на Македония (PDF). II. Следъ Илинденското възстание. София: Издание на Илинденската Организация. стр. 220.
- ↑ Бистрицки, Българско Костурско, Ксанти, 1919, стр. 8.
- ↑ Марков, Георги Христов. Хрупищко, Хасково, 2002, стр. 198.
Литература
уреди- Видоески, Божидар. Фонолошки опис на говорот на селото Гратче (Костурско). Годишен зборник. Филолошки факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј". Скопје, 1977, 3, стр. 23-31.