Габревци

село во Општина Конче

Габревци — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.

Габревци

Панорамски поглед на селото Габревци со црквата „Св. Спас“ и езерото Мантово

Габревци во рамките на Македонија
Габревци
Местоположба на Габревци во Македонија
Габревци на карта

Карта

Координати 41°33′51″N 22°22′45″E / 41.56417° СГШ; 22.37917° ИГД / 41.56417; 22.37917
Регион  Југоисточен
Општина  Конче
Население 220 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2424
Повик. бр. 032
Шифра на КО 22005
Надм. вис. 569 м
Слава Спасовден
Габревци на општинската карта

Атарот на Габревци во рамките на општината
Габревци на Ризницата

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 355 жители[2], со што селото се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на дел од селото од ридот каде што е резервоарот за вода над селото

Селото се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Конче, во горното сливно подрачје на реката Крива Лакавица, десна притока на Брегалница, на чиј атар е изградена вештачката акумулација на езерото Мантово[4]. Сместено е во подножјето на западната падина на ниската планина Смрдеш. Од три страни над селото кон север, исток и запад се издигнува ридско земјиште со највисоки точки Елени Рид (763 м) и Вела Глава (705 м) додека кон југ е отворот на Дујков Дол кој се спојува со долината и полето крај реката Крива Лакавица од чија десна страна се наоѓа Габревци. Самите куќи на селото со препознатливите ѕидани фурни и амбари во дворовите се распоредени во три маала наречени Горно, Долно и Крајно Маало[5] на благо зарамнето земјиште со бројни грижливо и убавои обработени ниви од околу, додека кон север е застапена дабова, габрова, тополова и нискостеблеста шума. Во непосредна близина на запад веднаш под селото започнува заезерувањето на езерото Мантово во кое се влева и суводолицата Габрешка Река. Габревци е ридско село, расположено на надморска височина од 500 метри[4]. Од градот Радовиш е оддалечено 14 километри[4] (поточно 20 км), додека од централното место односно општинското средиште Конче е оддалечено 11 километри. До него води асфалтен пат кој се одвојува од главниот афлатен пат кој одвојувајќи се од патот Радовиш - Конче води кон браната и вештачкото езеро Мантово. Атарот на Габревци зафаќа постор од 10,8 км2, при што на него шумите заземаат површина од 519,4 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 323,9 ха, а на пасиштата 197,4 ха[4].

Историја

уреди
 
Поглед на сретселото со автобуската постојка

Селото Габревци е доста старо, бидејќи за него постојат пишани историски податоци уште од средновековниот период, како и предание меѓу неговите жители за историското миното на селото. Според народното предание, селото Габревци поради чума трипати ја променувало својата местоположба[5], за што постои и народна песна во која се пее:

...Габревци наше село,
трипати селèно,
од три чуми спасèно[5]...

—Народна песна

Најпрвин селото се наоѓало на месноста Куќиште долу под селото, потоа се преместило во месноста Илиница, која се наоѓа северно над селото во ридскиот предел, па потоа тоа излегло односно било „растрсано од габерје“ т.е. габрова шума, според што го носи и името Габревци и повторно се преместило во месноста Селиште[5]. За да се спаси и избави од чумата и болестите, како што е случај и со многу други села ширум Македонија, по границите на атарот селото било заорано - „заокружено“ со дрвено рало[5].

Најстарите пишани податоци за селото Габревци потекнуваат од турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година кога тоа било чисто христијанско македонско село во посед на видниот Хајдар кој бил воен старешина на царскиот двор при што тоа припаѓало во рамки на засебната Нахија Конче во состав на Ќустендилскиот санџак, а на него му било додадено и селото Градец (Валандовско) кое било дервен што припаѓал под нахијата Тиквеш[6]. Во ова време во селото, запишано како Габрешчи живееле 13 македонски христијански семејства како и 8 неженети со имиња Петре Николин, Димитри Петре, Тодор Михо, Бојо Пејко, Стојан Тодор, Стале Стојко ид-р кои произведувале 8 товари пченица, 10 товари мешано жито, уров, памук, градинарски култури, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во улишта и кошници, за што се остварувло приход и давачки од 1656 акчиња[6].

Во XIX век селото било дел од Радовишката каза на Отоманското Царство.

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото Габревци потекнува од името на дрвото габер кое што е застапено во шумовитиот предел околу селото. Самите селани кажуват дека при трикратното преместување на местоположбата на селото поради чума, тоа било „растрсано од габерје“ односно излегло т.е. била искрчена шумата со габрови дрвја за неговата повторна изградба[5]. Според книгата „Речник на топонимите во областа на Сливот на Брегалница“ за селото Габревци е запишано дека неговото име потекнува од ботаничкото име на дрвото габер, а стои и претпоставката дека тоа произлегува од месно име или топоним Габреш[7]

Стопанство

уреди

Селото Габревци, според струкутрата на атарот во основа има полјоделско-шумарска функција[4]. Сепак, селото Грабревци во целата околина на Радовишко и Лакавичко е најпознато и најпрочуено по развиеното грнчарство[5]. Габревци е познато по изработката на квалитетни грнчарски производи[4]. Порано со изработка на грнчарски садови се занимавало секое домаќинство, а нивните производи се продавале во сите радовишки села, самиот град Радовиш како и на пазарите во Струмица, Штип, Неготино. Сепак со развојот на индустријата, до 1980 година останал само уште еден грнчар во селото Габревци[5]. Јасен доказ за силно развиеното грнчарство во Габревци е фактот што во народните игри и ора од селото играорките играат со стомна полна со вода од 12 литри на главата[5]. Денес жителите најмногу се занимаваат со земјоделство, а во одредена мерка и со сточарство. Од поледелството секоја куќа одгледува тутун (најмногу од локалкната сорта „јака“) и пипер (од сите видови, а најмногу зелен и ајварка), додека дополнително се одгледува и жито (најмногу пченица и јачмен)[5]. Секоја куќа има и насади од разни градинарски култури (патлиџан, кромид, марула, зелка) под пластеници, од кои дел се за продажба на пазарите, а дел за сопствени потреби. На нивите во Габревци е застапено е и одгледувањето на индустриски култури. Во моментот 3 семејства одгледуваат афион, кој во минатото бил значително многу застапен во целиот крај, но неговото одгледување особено почнало да опаѓа од пред десетина години поради задолжителната обврска за одобрение и тешкотиите со пласманот и ниската цена[5]. Од индустриските култури исто така повторно заживува и се сади и памукот[5]. Од сточарството се одгледуваат крави и крупни говеда, а во помала мерка и кози[5]. Некои домаќинства се занимаваат и со пчеларство и производство на мед, а во шумата над селото, како и по целата падина на планината Смрдеш се сече дрво за огрев кое се продава во околните места, Радовиш и Скопје. За разлика од другите радовишки села, тука овоштарството е застапено во помала мерка, претежно сливи, јаболка и круши. Во самото село работи продавница и услужен објект - клуб.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948416—    
1953461+10.8%
1961458−0.7%
1971436−4.8%
1981413−5.3%
ГодинаНас.±%
1991401−2.9%
1994368−8.2%
2002355−3.5%
2021220−38.0%

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 330 жители, сите Македонци.[8] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Габревци (Gabrevtzi) имало 360 Македонци.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]

Врз основа на бројот на жителите селото Габревци се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.[3]. Разгледувајќи го бројот на населението во текот на целиот XX век, за Габревци може да се забележи дека тоа покажува стабилност и постојаност на бројот на своите жители, кој се движи околу 350 жители. Најголем број на жители е забележан на пописот во 1953 година од 461 жител. По овој попис, бројот на жители забележува благ постојан пад, така што на пописот во 2002 година истиот изнесувал 355 жители. Одржувањето на бројот на населението во одредена мера се должи на поволните услови за живот и стопанисување, поради што во селото живеат деца и млади луѓе, односно стабилен природен прираст и стапка на раѓање, при што иселувањата не се во голем обем.

Според пописот од 2002 година, селото имало 355 жители, сите Македонци.[2]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 220 жители, од кои 190 Македонци и 30 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 330 360 416 461 458 436 413 401 368 355 220
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови

уреди

Селото Габревци отсекогаш па сè до денес е населено само со Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови наречени соеви или „племиња“ кои живеат во селото Габревци се: Јанковци, Мандаци, Коцеви, Димитриеви, Икшовци, Пунковци, Фрчевци[5] кои според родовското презиме најверојатно потекнуваат и се доселени од блиското раселено село Фрча, кое што според записите на Ѓорче Петров се уништило од чума околу 1790 година[16]. Речиси сите родови во селото се староседелски, а од други места како Владевци во Струмичко и др. потекнуваат повеќе жени кои се омажени во селото[5]. Останати презимиња на семејства кои живеат во Габревци се: Божинови, Миткови, Ристови/(ски), Петрови, Андонови (можно е да имаат потекло од соседните села Горна или Долна Враштица), Василеви, Стевчеви, Камчеви.

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Конче.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Конче, во која покрај селото Габревци, се наоѓале и селата Горно Липовиќ, Долно Липовиќ, Долни Радеш, Конче, Лубница, Негреновци и Ракитец. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Дедино, во која влегувале селата Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Дедино, Габревци, Негреновци и Ракитец.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1617 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Долна Враштица.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 253 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

уреди
Новата градба на црквата „Вознесение Христово“
Поглед на старата црква
Цркви[19]
Археолошки наоѓалишта[20]

Редовни настани

уреди

Култура и спорт

уреди

Селото Габревци е познато како место на многу добри и прочуени играорци. Поради изразитото и силно развиено грнчарство во Габревци најзначајна одлика на народните игри и ора од селото е тоа што играорките играат со стомна полна со вода од 12 литри на главата[5]. Во селото постои фолклорна група „Габревци“, во која главно се вклучени повозрасните жители на селото, кои во текот на 2015 година оствариле голем успех, освојувајќи го првото место на фестивал во Словенија.[21]

Во минатото постоело и КУД „Македонски глас“, кое на 31. Државен фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ ја добило наградата за најбогат изворен фолклор.[22]. Поради знаменитоста на народните игри, ора и фолклорот, селото Габревци е неколкупати посетувано за проучување од истражувачи - фолклористи, историчари и археолози од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“[5]

Иселеништво

уреди

Според показателите за бројот на жителите селото Габревци не било зафатено од поголем бран на иселувања, а иселеници има пред сè во: семејството Тодорови и неколку други во Гевгелија, родот Герасовци кои живеат во посебно маало во блиското радовишко - лакавичко село Лубница, потоа во градот Радовиш[5], селата преку Серта во Неготинско и во странство во Германија и Западна Европа.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 мај 2016.
  3. 3,0 3,1 3,2 Атанасов, Зоранчо (2011). Инфраструктурни одлики на населените места во општините Радовиш и Конче (PDF). стр. 65–77. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-04-19. Посетено на 3 мај 2016.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 64.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 5,14 5,15 5,16 5,17 5,18 Според кажување на жители на селото. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски, Кирил Симеоновски на 02.04.2016
  6. 6,0 6,1 Соколоски, Методија (1982). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 264–265.
  7. Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 114.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 234
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 442. ISBN 978-608-245-113-8.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069.
  21. „Радовиш: Голем успех на пензионерите од с. Габревци“. Радовиш.мк. Радовиш. 21 октомври 2015. Посетено на 3 мај 2016.[мртва врска]
  22. Ј., Д. (6 август 2001). „Награди за најуспешните на фестивалот „Илинденски денови". Вест. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 3 мај 2016.[мртва врска]

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди