Џепиште
Џепиште — село во Општина Дебар, во областа Голо Брдо, во околината на градот Дебар.
Џепиште | |
Воздушен поглед на селото Џепиште | |
Координати 41°26′34″N 20°31′58″E / 41.44278° СГШ; 20.53278° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Дебар |
Област | Голо Брдо |
Население | 347 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1250 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08036 |
Надм. вис. | 740 м |
Џепиште на општинската карта Атарот на Џепиште во рамките на општината | |
Џепиште на Ризницата |
Селото е едно од двете села од областа Голо Брдо (заедно со селото Отишани), кои се наоѓаат на денешна Македонија. Главно е населено од Македонци, но дел од Македонците-муслимани се изјасниле како Турци или како Албанци поради политичко-религиски причини.
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото првпат е забележано во XVI век (1583 г.) во турски документи како Жепиште, додека во 1882 година се споменува и како Жепишча Името Жепишта потекнува од зборот жепа што означува вид извишено место, споено со -иште што означува место каде што се наоѓа(ла) жепа. Името Џепишта пак потекнува од личното име Џеп или Џепо, што може да доаѓа од турското име Реџеп. За Џепишта има и друго објаснување, односно се поврзува со самиот збор џепиште кое означува место каде што има одрони (џепови).[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Дебар, чиј атар се допира со државната гранична линија со Албанија.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 740 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 12 километри.[3]
Селото се наоѓало над реката Црн Дрим, додека денес всушност е над новосоздаденото Дебарско Езеро, во врвот на долината на еден краток поток, а под врвовите Црвеница, Голема и Мала Краста, кои го одделуваат од Албанија. .[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ливаѓе, Бигор, Ледина, Равен, Ускула, Параспур (некогашно манастирско земјиште), Садовик, Гаталица, Подбраненица, Прелози и Питулец.[4]
Низ самото село поминува регионалниот пат 1201, кој ги поврзува градовите Дебар и Струга.
Во селото се наоѓа изворот Студенец, потоа Извор во Петковско Маало, Бероец во Ѓиновско Маало и Тушинец во Ќеовско Маало.[4]
Самото село е поделено на маала, а куќите во маалата се збиени. Муслиманско маало било Ќеовци, додека христијански маала биле Ковачко, Ѓиновци, Марковци и Краста, додека мешано било Петковци.[4]
Историја
уредиПодрачјето на Џепиште е населено уште од римско време, за што сведочат повеќе наоѓалишта во неговата околина.[5]
Се пренесува дека порано во селото имало само четири куќи, кои биле раштркани, а подоцна од тие куќи се создале четири маала. Краста е основана во поново време.[4]
Селото било погодено од чума, поради која селаните го напуштиле селото и избегале во требишката шума.[4]
Во селото постоел и чифлиг, каде работниците често се менувале, но во последните години од отоманската власт, истите почнале да го откупуваат и околу 1912 година скоро целиот чифлиг бил откупен.[4]
Под муслиманското маало Ќеовци порано имало црква посветена на Преображение, каде и денес една рамнина се нарекува Манастирец. По Балканските војни во 1912 година, муслиманите го растуриле тоа црквиште.[4]
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Стопанство
уредиАтарот на селото е мал и зафаќа простор од 3,4 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 204 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 65 хектари, а на пасиштата 49 хектари.[3]
Во селото работат услужни објекти.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 35 домаќинства со 25 жители муслимани (Македонци) и 75 христијани (Македонци).[7]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Џепиште имало 300 жители, сите Македонци, од кои 165 православни и 135 муслимани.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Џепиште имало 168 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[10]
Селото во 1961 година имало 293 жители, од кои 162 биле Турци, 88 Македонци и 30 жители Албанци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 421 жител, од кои 207 биле Македонци, 132 Турци и 74 жители Албанци.[3]
Според пописот од 2002 година, селото Џепиште броело 499 жители од кои:[11]
Целосното муслиманското население на селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се пишале како Турци. Во тој однос, треба да се напомене дека селото е населено исклучиво со Македонци, бидејќи жителите попишани како Турци или како Албанци се всушност Македонци-муслимани, како и сите останати жители на селото. Доказ за тоа е наглата промена во изјаснувањето на жителите како Македонци и Турци (или како Албанци).
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 347 жители, од кои 45 Македонци, 75 Албанци, 181 Турчин, 24 останати и 22 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 300 | 168 | 312 | 287 | 293 | 303 | 382 | 476 | 421[б 1] | 499 | 347 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиСелото Џепиште отсекогаш е населено во целост со Македонци. Денес селото е речиси целосно населено со Македонци-муслимани, а во минатото во него живееле и православни христијани.[4]
Според истражувањата од 1937 година, родови во селото биле:
- Македонски родови:
- Муслимански родови:
- Староседелци: Јусуфовци, Бајрамовци и Селмановци, според народно предание, овие родови водат потекло од тројца браќа; Лимановци, како старинци се сметаат и тие;
- Доселеници: Колецовци, кои дошле пред 155 години од голобрдското село Стушани во Албанија, бегајќи од крвна одмазда; Љатифовци, со непознато место на доселување; Шабановци, со непознато место на доселување; Ајдаровци и Ибраимовци, кои се доселиле од селото Торбач во Голо Брдо под Албанија, додека родот Изеировци изумрел во селото.
- Христијански родови:
- Староседелци: Трајковци (слават Свети Никола и Св. Архангел); Трајовци или Блажевци (слават Св. Никола и Св. Архангел) и Марковци;
- Доселеници: Симоновци (слават Св. Архангел), нарекувани „скитници“ по потекло се од Прилеп од каде што избегале поради Турците, а пред да дојдат во Џепиште живееле и во струшките села Добовјани и Модрич; Гиновци (слават Св. Архангел и сечат колач на Ѓурѓовден) избегале од селото Којовец во Голо Брдо во Албанија; Петковци (слават Св. Никола) дошле од областа Мат пред 175 години и Стефановски (слават Св. Никола и Св. Архангел) со непознато место на иселување.
- Муслимански родови:
Иселеништво
уредиОд ова село има многу иселеници. Во времето на истражувањето од 1937 година, голем дел од православното население се преселило во Скопје.[4]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Братство-Единство“, подрачно деветгодишно основно училиште во состав на ОУ „Братство-Единство“ - Дебар
- Матично одделение
-
Матичното одделение
-
Поглед на основното училиште
-
Матичното одделение
Самоуправа и политика
уредиКон крајот на XIX век, Џепиште било село во Дебарската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Дебар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Манастирец, во која влегувале селата Буринец, Дренок, Модрич, Отишани, Селце и Џепиште. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Џепиште, во која влегувале селата Отишани и Џепиште.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0553 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Отишани.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.030 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.076 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[5]
- Извор — некропола од римско време;
- Манастирец — средновековна црква; и
- Параспур — населба од римско време.
- Цркви[20]
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — главна селска црква; и
- Црква „Собор на Светиот Архангел Гаврил“ — главна манастирска црква на Џепишкиот манастир.[21][22]
- Манастири
- Џепишки манастир — метох на Бигорскиот манастир
- Џамии[20]
- Џамија — главна селска џамија
-
Главната селска црква
-
Селската џамија
Галерија
уреди-
Поглед на дел од селото, од северозапад
-
Поглед на дел од селото
-
Автобуска постојка на сретсело
-
Поглед на дел од селото
-
Поглед на дел од селото
-
Поглед на селото
-
Поглед на дел од селото
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 199. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 321.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Филиповиќ, Миленко (1940). Голо Брдо (српски). Скопје. стр. 28–30.
- ↑ 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 123. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 170-171.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 259.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рp. 184-185.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 јули 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2023-01-08. Посетено на 8 јануари 2023.
- ↑ 20,0 20,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Во посета на Бигорскиот метох посветен на Соборот на Светиот Архангел Гаврил
- ↑ „Бигорскиот манастир со денационализација си врати имот од 650 хектари“. Архивирано од изворникот на 2015-01-27. Посетено на 2015-01-26.
- Забелешки
- ↑ Податоците за вкупното население во Пописот од 1994 година за населените места: Баниште, Горно Косоврасти, Дебар, Кривци, Отишани, Оџовци, Селокуќи, Спас, Хаме и Џепиште претставуваат збир на фактички попишаното и проценетото население.
Надворешни врски
уреди- Џепиште на Ризницата ?
- Приказни од Џепиште на месниот дијалект, стр. 105-109 — Центар за ареална лингвистика на МАНУ