Свети Трифун
Свети Трифун — христијански светец од III век кој се чествува како великомаченик и бессребреник.
Свети Трифун | |
---|---|
Великомаченик, бессребреник | |
Роден(а) | Фригија |
Починал(а) | 250, Никеја |
Почитуван(а) во | Римокатоличка црква; Православие |
Слава | 10 ноември Римокатоличка црква 1 февруари Православие |
Обележја | орел |
Заштитништво | лозари, градинари, пијаници |
Житие
уредиСв. Трифун е роден околу 225 година, во селото Комсада, во римската провинција Фригија, во Мала Азија. Родителите му биле христијани, така што и тој бил воспитуван во согласност со христијанската вера.[1] Според христијанските верувања, уште од раното детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство. Тој, на изненадување на своите современици, имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Некоја необична исцелителна сила зрачела од неговиот поглед. Меѓу многубројните негови чуда коишто ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот цар Гордијан. Тој имал необично убава ќерка и поради нејзината убавина многу кнезови ја проселе за своите синови. Но, се случило несреќа да оваа убава принцеза душевно се разболи. При страшните настапи на болеста, таа многупати сакала да се фрли во оган или во вода. Ниеден лекар не можел да ја излечи, а на девојката ѝ било откриено дека единствено може да ја излечи „детето Трифун“, кое тогаш имало 17 години.[1][2]
Дознавајќи за необичната моќ на фригиското момче Трифун, царот го повикал да ја спаси неговата ќерка. Царските слуги, по долго барање во Фригија, го нашле момчето покрај езеро како чува гуски. Затоа, тој често на иконите се слика опкружен со гуски. Тогаш, тие го повеле во Рим и тој веднаш ја излекувал. По излекувањето настапила неописива радост во дворот. Царот богато го наградил Свети Трифун, но тој не го задржал добиеното богатство, туку веднаш го разделил на сиромашните, и самиот живеел скромно во своето родно место. Но, по смртта на царот Гордијан, кој бил трпелив спрема христијаните, во 249 година на власт дошол крволочниот цар Дециј Трајан, кој наредил да се прогонуваат христијаните. Сите оние кои не сакале да се одречат, ги фаќале, ги мачеле и убивале.[2]
Светиот маченик не сакал да бега во пустината и пошол кај управникот на покраината Акилин. Тој му наредил да им се поклони на боговите, во спротивно ќе биде подложен на најстрашни маки. Свети Трифун ја одбил неговата наредба и бил одведен во Никеја, по што следувало неговото мачење. Кога виделе дека ни мачењата не помагаат, решиле да го посечат со меч. Но, мачителот претходно наредил да го врзат за еден коњ и така вржан бос да го поведат во планината. Од силниот мраз и студ почнале да му отпаѓаат меса и прстите од нозете, но тој тоа го трпел без збор и, наместо протест, од усните на овој маченик се слушнала молитвата за гонителите: „Господи не им го пишувај ова за грев“. Најпосле, на денот кога требало да биде погубен, св. Трифун ја предал душата пред џелатот да го стави мечот на неговиот врат. Тоа се случило на 14 февруари 250 година.[1] Христијаните од ова место го зеле телото на маченикот и го пренеле во неговото родно место. Еден дел од светите мошти денес се наоѓаат во Москва, во храмот посветен на Светиот маченик Трифун.[2]
Култот на св. Трифун
уредиПравославната црква го слави св. Трифун како поим за младост и доследност кон христијанските традиции. На иконите, тој е претставен или со сорче за режење лозје или со наметка како чувар на гуски. Православната црква неговиот ден го чествува на 1 февруари според јулијанскиот календар, т.е. на 14 февруари, според грегоријанскиот календар како ден на лозарите и градинарите, а тој се смета и како покровител на меанџиите. Традиционално, на 14 февруари се врши обредното закројување на лозјето, а некои овој ден го сметаат за последен од зимските и за прв од пролетните празници.
Во некои краишта на Македонија, како Охрид и Прилеп, овој празник е познат и како Св. Трипун-пијаницата. Во повеќето краишта на Македонија, на денот на св. Трифун рано наутро се одело в црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Луѓето зд оваа вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ, а потоа со неа ги прскале лозјата. Во Тиквеш, рано наутро, лозарите оделе во лозјето, каде закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни подариш.“ Во Ваташа, пак, лозарите се тркалале низ лозјето за така да се тркалаат и бочвите со вино. Во ова село било обичај, по закројувањето на лозјето, попот да забоде запалена гламја во дворот на црквата, со цел да се забрза заминувањето на зимата.[1]
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- Богородица, Свети Трипун и неговиот крвав нос — народно предание раскажано од Марко Цепенков