Куфалово

град во Солунско, Егејска Македонија

Куфалово (грчки: Κουφάλια, Куфалија) — град во Солунско, Егејска Македонија, денес административен центар на општината Илиџиево на Солунскиот округ во Централна Македонија, Грција. Населението брои 8.139 жители (2011). Сè до 1924 г. било населено исклучиво со Македонци.[2]

Куфалово
Κουφάλια
Пат низ Куфалово
Пат низ Куфалово
Куфалово is located in Грција
Куфалово
Куфалово
Местоположба во областа
Куфалово во рамките на Илиџиево (општина)
Куфалово
Местоположба на Куфалово во општината Илиџиево и областа Централна Македонија
Координати: 40°46.75′N 22°34.60′E / 40.77917° СГШ; 22.57667° ИГД / 40.77917; 22.57667
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругСолун
ОпштинаИлиџиево
Општ. единицаКуфалово
Надм. вис.&1000000000000003500000035 м
Заедница
 • Население8139
 • Површина (км2)67,5
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)
Пошт. бр.571 00
Повик. бр.+30-2391-xxx-xxx
Рег. таб.NAx-xxxx до NXx-xxxx

Географија и местоположба

уреди

Куфалово се наоѓа во Солунското Поле, 25 км северозападно од Солун, на десниот брег на реката Леска. Традиционално се состои од три маала: Горно, Средно и Долно Куфалово. Лежи на надморска височина од 35 м.[2]

Историја

уреди

Антика

уреди

Се смета дека кај Куфалово се наоѓал древномакедонскиот Ихне, чии остатоци се наоѓаат во денешната месност Тавас.[3]

Османлиско време

уреди

Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Горно и Средно Куфалово имало 135 Македонци[4] христијани, а во Долно 480 Македонци христијани, 25 Турци и 6 Роми.[5]

 
Старата црква „Св. Атанасиј“ во Куфалово

По Илинденското востание на почетокот на 1904 г. целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија.[6] Според податоците на езархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Долно Куфалово имало 336, во Средно — 656, а во Горно Куфалово 1.440 жители, сите Македонци.[4] Во местото се наметнале и бугарската и грчката пропаганда, така што во Долното и Средно Куфалово работеле бугарски училишта[7], а во Горното Куфалово работело тригодишно грчко училиште[8]. Бугарска настава се одвивала и во Горно Куфалово, но во истата 1905 г. е прекината, учителката е отпуштена и новиот учител е преместен во Средно Куфалово.[9] В 1908-1909 година в Куфалово е учител Л. Атанасов.[10]

Забележително е тоа што населението на Куфалово масовно се преселило во населбата Пирги во Солун, каде сочинувале силна заедница заедно со доселениците од Дебар.[11]

 
Македонска невестинска носија од Куфалово.

Куфалово страдало од грчката вооружена пропаганда на андартите. На 12 март 1907 г. во отсуство на турскиот гарнизон, андартската чета на капетанот Никифорос (Јоанис Деместихас) го нападала Горно Куфалово и наишол на отпор од само неклку милиционери. Грците убиле неколку селани, запалиле две куќи и грабнале неколку жители, меѓу кои и деца.[12] Мештанинот Божин Масларов бил одведен на воспитание во Атина, по што е вратен во Куфалово да работи како грчки учител. Поради честите напади на андартите, во Долно Куфалово се создадена селска чета на чело со војводата Пено Пејков, а во состав на четниците Глигор Узунов, Георги Кјаев, Иван Кривопетров, Мицо Тулев, Иван Чимидов и курирот е Кољо Циклев[13].

Угнетувањето на населението продолжило и понатаму со затворање на црквата, за што во 1909 г. мештаните испратиле жалба до турските власти.[14]

Во септември 1910 г. селото настрадало во разоружувачката акција на младотурците, запалувајќи неколку куќи, убивајќи четири мештани и измачвајќи многу други.[15]

Припојување кон Грција

уреди
 
Старата црква „Св. Ѓорѓи“.

Со Букурешкиот договор во 1913 г. е припоено кон грчката држава и македонското население било подложено на притисоци од новите грчки власти. На селаните им е забрането да учат на друг јазик освен на грчки, а селаните се насилно мобилизирани во грчката војска во периодот од 1912 до 1918 г., од што произлегло и дезертерство на бугарска страна. Грчките власти ги апселе и измачувале семејствата на дезертерите, да ги измачува и да им ги пали или одзема имотите. Во заштита на селаните застанал пратеникот од Ениџе Вардар, Сотирак Коџаманов.[16] Грчките офицери исто така ја прекинувале богослужбата и го тепале свештеникот бидејќи не пеел на грчки[17].

Поради големиот грчки терор, селаните од Куфалово продолжиле да го напуштаат и да се селат во Солун, што е забележано во 1914 г. Во неговиот патописен попис од 1917-18 г. Боривое Милоевиќ забележал дека Куфалово имало 320 македонски куќи, од кои 170 во Горно, 50 во Средно и 100 во Долно Куфалово.[2] Во 1920-тите, според спогодбата за размена на население меѓу Бугарија и Грција, голем број на мештани биле приморани да се иселат во Бугарија, особено во црноморскиот крај, во Равда[18], во Даутлии (Каблешково), Анхиало (Поморие) и други места[19]), а во Куфалово се доселени Грци кариоти, дојдени од бугарскиот град Кавакли (денес Тополовград). Во 1928 г. Куфалово е претставено како чисто доселеничко село, со 3.342 жители (956 семејства).[20]

Околу 80% од жителите на Куфалово се сметаат за потомци на Грци од Кавакли, а останатите се мештани, но и Грци дојдени од Источна Тракија и Мала Азија.[21]

Во Куфалово има три цркви: „Света Троица“ во Долно, „Свети Атанасиј“ во Горно и „Св. Ѓорѓи“ во Средно Куфалово. Од нив, во 1905 г. „Св. Атанасиј“ била под Цариградската патријаршија, но чијшто поп Ристо Ванчуров по средбата со Даме Груев се откажал од гркоманството и црквата долго време останала затворена. Грчките власти ја срушиле „Св. Троица“, а нејзините гробишта се ископани во 1924 г. На нејзино место е изградена нова црква со истото име.[22]

Население

уреди

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 5337 5981 6479 6721 7269 7558 8102 8139
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самоуправа и политика

уреди

Селото припаѓа на општинската единица Куфалово со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Илиџиево, во округот Солун. Воедно, градот е дел од општинскиот оддел Куфалово, каде влегува и селото Доганџиево.

Стопанство

уреди

Во Куфалово се произведуваат многу овошје, памук, жито, бостан и други земјоделски производи.[2]

Личности

уреди

Наводи

уреди
  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 329.
  3. „Портал на Општина Куфалово“. Архивирано од изворникот на 2010-03-09. Посетено на 2016-03-21.
  4. 4,0 4,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 141.
  6. Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1993, стр. 126.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 218-219.
  8. Бабев, Иван, „Македонска голгота - Спомени и изповеди от Ениджевардарско“, ТАНГРА ТанНакРа ИК, София 2009 г., стр. 149
  9. Галчев, Илия. „Българската просвета в Солунския вилает“, УИ, София, 2005, стр. 333.
  10. Дебърски глас, година 1, брой 19, 9 август 1909, стр. 4.
  11. Миладинова, Царевна. „Епоха, земя и хора“.
  12. Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1993, стр. 183.
  13. Бабев, Иван, „Македонска голгота - Спомени и изповеди от Ениджевардарско“, ТАНГРА ТанНакРа ИК, София 2009 г., стр. 157-158
  14. Македония. Сборник от документи и материали, Издателство на БАН, София, 1978, стр. 527.
  15. Ден, брой 2325, 23 септември 1910, стр. 3.
  16. Бабев, Иван, „Македонска голгота - Спомени и изповеди от Ениджевардарско“, ТАНГРА ТанНакРа ИК, София 2009 г., стр. 170-172
  17. Генов, Георги. Беломорска Македония 1908 - 1916, Торонто, 2006, стр. 175
  18. Попова, Т. В. Об одном малоизвестном типе глагольного словоизменения в болгарских диалектах. [Преселници од с. Куфалово, Солунско, в с. Равда, Поморийско]. — Во: Общеславянский лингвистический атлас. Материалы и исследования, 1976, М., 1978, 153—185.
  19. Райчевски, Стоян. Източна Тракия. История, етноси, преселения XV-XX век, София 2002, с. 259, 271.
  20. „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  21. „Портал на поранешната општина Куфалово“. Архивирано од изворникот на 2009-03-18. Посетено на 2016-03-21.
  22. Бабев, Иван, „Македонска голгота - Спомени и изповеди от Ениджевардарско“, ТАНГРА ТанНакРа ИК, София 2009 г., стр. 132, 149