Горно Неволјани
Горно Неволјани или само Неволјани (дијалектно: Неолани; грчки: Σκοπιά, Скопја; до 1928 г. Άνω Νεβόλιανη, Ано Невољани[2]) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Лерин на истоимениот округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 563 жители (2011) и денес има македонско мнозинство. Традиционално го носи простото име Неволјани, но подоцна е наречено Горно за да е разликува од селото Долно Неволјани во истиот округ.
Горно Неволјани Σκοπιά | |
---|---|
Координати: 40°45.48′N 21°24.37′E / 40.75800° СГШ; 21.40617° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Лерински |
Општина | Лерин |
Општ. единица | Лерин |
Надм. вис. | 700 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 563 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија
уредиСелото е сместено 5 км јужно од Лерин, во местото каде долината на Неволјанска Река (Матица) се отвора кон Леринското Поле. Лежи меѓу Кула од север и Лопушки Рид од југ,[3] кои се северни разграноци на Нередска Планина.
Во делото „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 г. Ѓорче Петров вели дека Неволјани е на растојание 1⁄2 час од Лерин и ја опишува поставеноста на селото, додавајќи дека Лопушки Рид е обраснат густа букова шума, а ридот Кула над селото е гол и необработен. За Неволјанска Река вели дека собира вода од извори по целата долина, во која има неколку воденици, но и во најсилната горештина има сила да тера воденица со еден камен.[4]
Историја
уредиВо Отоманското Царство
уредиСелото се среќава во пописниот дефтер за Леринската нахија од 1481 г. За разните делови од селото Неволјани е запишано дека вкупно имало 133 христијански македонски семејства кои произведувале пченица, јачмен, 'рж , просо, лен, лук, кожурци, овошје, имало оревови дрвја и ливади, се обработувале лозја, се чувале свињи и работеле неколку воденици за што селото остварувало свкупен приход од 12.763 акчиња[5]
Во XIX век Неволјани било големо и претежно македонско село кое било чифлик на Али-паша Јанински и етнички чисто пред да се населат извесен број Турци[3] кои, според францускиот славист Андре Мазон, биле всушност Турцизирани Албанци.[6]. Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович („Очерк путешествия по Европейской Турции“) го опишал Неволино како македонско село.[7][8] Во 1861 г. Јохан фон Хан на етничката карта на долината на Вардар го обележал Неволјани како македонско село.[7][9]
Кон крајот на 1860-те во селото веќе работела грчката пропаганда. Во селското училиште на грчки предавал учителот Тодор од с. Кабасница, кој подоцна станал свештеник во Лерин. Во 1870 г. на негово место дошол леринскиот бугарофилски деец и анархист Спиро Гулапчев, кој вовел настава на бугарски и нов „заемоучителен метод“. Есента 1871 г. селото им се спротивставило на бугарчењето и егзархиското свештенослужење на татко му, Константин Гулапчев, па Спиро бил приморан да го напушти селото. На негово место дошол учителот Стерјо Христов од Лерин, кој до 1874 г. предавал на грчки само читање и сметање, а сите останати предмети — географија, историја, веронаука итн. — на македонски. Во 1874 г. на учителското место го наследил Тодор Коцев Грозданов, кој бил мештанин од Неволјани.[10]
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Неволено (Névoléno) било село со 200 домаќинства, од кои 390 жители биле Македонци, а 206 биле муслимани.[11][12] Во 1896 г. Ѓорче Петров запишал дека куќите биле наредени во улици и сите биле покриени со ќерамиди, а однатре уредени со килими и градска покуќнина. Исто така, Петров напоменува дека во времето на пишување селото повеќе не било чифлигарско, туку самостојно.[4]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Неволјани имало 1.260 жители Македонци и 300 Турци.[11][13] Српскиот географ Боривое Милоевиќ во следиот период во селото завел 150 македонски и 50 турски куќи.[3]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Горно Неволјани се води како мешано македонско-турско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 340 куќи.[14]
На почетокот на XX век македонското население на селото било духовно поделено под врховенствата на Бугарската егзархија и Цариградската патријаршија, од кои посилна била патријаршијата. Според цариградскиот деец Христо Силјанов, на почетокот на 1904 г. преминало под врховенството на Бугарската егзархија,[15] но по податоци на нејзиниот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. Неволјани броело 480 Македонци под егзархијата и 1.080 Македонци под патријаршијата; во селото работеле и бугарско и грчко училиште.[11][16] На 28 септември 1905 г. грчките андарти извршиле колеж врз македонско население кое било собрано на свадба.[17]
Во Грција
уредиПо Балканските војни селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Истата 1913 г. селото броело 1.833 жители кои во 1920 г. се намалиле на 1.520,[3] веројатно како последица од војните. Со склучувањето на Лозанскиот договор во 1924 г. муслиманското население на Горно Неволјани е иселено во Турција, а на негово место се доведени 74 грчки доселеници од Мала Азија. Во 1928 г. селото е преименувано во Скопја,[18] кога е заведено како етнички мешана населба 1.478 жители, од кои огромно мнозинство имало македонското население.
На пописот од 1940 г. Горно Неволјани имало 1.731 жител, со апсолутно мнозинство на Македонци.[3] Во Втората светска војна селото потпаднало под бугарска окупација и воведена е бугарска општинска власт.[19]
Во март 1946 г. судот во Лерин осудил 90 лица од Неволјни за учество во паравоената организација „Охрана“.[20]
Селото не настрадало значајно во Грчката граѓанска војна поради близината до Лерин, така што во 1951 г. имало 1.522 жители. Сепак, во следниот период голем дел од жителите решиле да се иселат во прекуокеанските земји и населението почнало битно да се намалува. Така, во 1961 г. селото имало 1.077 жители кои во 1971 станале 732, а во 1981 г. биле 612.[3] Опаѓањето продолжило и во следните десетлетија, но со помала стапка — во 1991 г. во Горно Неволјани живееле 594 лица, во 2001 г. биле 571, а во 2001 — 563.
Носија
уредиВо 1896 г. Ѓорче Петров дал и опис за изгледот на носијата од Неволјани, при што изгледот на машката носија се состоел од: 1) црна шајачна долама без ракави, куса до колениците, 2) салтамарка исто од црн шајак и 3) црни шајачни пртеници. Опинци носеле само кога оделе по дрва. Во другите денови жителите носеле градски обувки.[4] Женската носија се состоела од: 1) долга платнена кошула, 2) долга алаџена антерија со многу долги ракави, 3) црна шајачна долама без ракави и 4) салтамарка од шајак или чоја.[4]
Население
уредиЕве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.731 | 1.522 | 1.077 | 732 | 612 | 594 | 571 | 563 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Стопанство
уредиЗа стопанството на селото кон крајот на XIX век Ѓорче Петров запишал дека полето и долината се меѓу најплодородните во Леринската каза и на нив се одгледува пченица, ’рж, пченка, јачмен и не многу квалитетно вино. Вишокот на производството имал вредност од 30.000 грошеви. Селаните се занимавале и со градинарство во Цариград.[4]
Селото денес се смета за прилично богато поради доброто земјиште и неговото наводнување од Неволјанска Река. Се произведуваат жито, грав и овошје, особено ореви и јагоди. Мошне развиено е и говедарството.[3]
Личности
уреди- Андон Георгиев Митров - Бошко (1916 - ?) — комунистички деец, подоцна и партизан на ДАГ[21]
- Геле — деец на МРО, селски војвода во Илинденското востание[22]
- Ѓорѓи М. Сотиров — лерински селски војвода на МРО[23]
- Григор Иванов - Гичето (1883 – 1927) — револуционер на МРО
- Илија Видинов, наречен Иљо Неволски (? – 1904) — револуционер на МРО
- Илија Нушев (1920 - 2005) — научник во Бугарија на полето на енологијата[24]
- Наум Христов — учител
- Пеце Христов — револуционер на МРО
- Стефанос Папанастасиу (р. 1945) — политичар, градоначалник на Лерин
- Стојан Стефо Трајчев (? – 1944) — комунистички деец[25]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Άνω Νεβόλιανη - Σκοπιά
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 163–164.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски, 2016 (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија. Скопје: Единствена Македонија. стр. 463. ISBN 978-608-245-113-8.
- ↑ Соколоски, Методија (1973). Турски документи за историјата на македонскиот народ. II. Скопје: Архив на Македонија. стр. 274.
- ↑ Mazon, Andre. Contes Slaves de la Macédoine Sud-Occidentale: Etude linguistique; textes et traduction; Notes de Folklore, Paris 1923, p. 6
- ↑ 7,0 7,1 Нарекувајќи го „бугарско“ под влијание на бугарската пропаганда.
- ↑ Григорович, В. Очеркъ путешествія по Европейской Турціи, Москва, 1877, стр. 93.
- ↑ Croquis der westlischen Zurflüsse des oberen Wardar von J.G. von Hahn. Deukschriften der k Akad. d wissenseh. philos. histor. CIX1Bd, 1861.
- ↑ Христов, Наум. Моята автобиография, стр. 2-4.[мртва врска]
- ↑ 11,0 11,1 11,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 82-83.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 249.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 26.
- ↑ Силянов, Христо. Освободителните борби на Македония, том I, София, 1993, стр. 125.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 176-177.
- ↑ Трифуновъ, В (1940). „Нападение на сватбата в с. Неволяни, Леринско“ (PDF). „Илюстрация Илиндень“. София. XII (8 (118): 11–12.
- ↑ „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ Даскалов, Георги. „Българите в Егейска Македония, мит или реалност“, Македонски научен институт, София, 1996, стр. 489.
- ↑ Добрин Мичев. Българското национално дело в Югозападна Македония (1941 – 1944 г.)
- ↑ Пътеводител по мемоарните документи за БКП, съхранявани в Централния държавен архив. Архивни справочници, том 6 (PDF). София: Главно управление на архивите при Министерския съвет. Централен държавен архив. 2003. стр. 284. ISBN 954-9800-36-9. Посетено на 3 септември 2015.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 30.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 153.
- ↑ „Парцел 29“. София помни. Посетено на 13 јануари 2016.
- ↑ „Elizabeth Kolupacev Stewart, For Sacred National Freedom: Portraits Of Fallen Freedom Fighters, Politecon Publications, 2009“. Архивирано од изворникот на 2021-02-24. Посетено на 2019-11-21.