Прилепско-битолски дијалект

(Пренасочено од Лерински дијалект)

Прилепско-битолски дијалект — дијалект што спаѓа во подгрупата на централни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Дијалектот се зборува на територијата на цела Пелагонија, поточно во Прилепско и Битолско Поле, во источните потпелистерски села, во селата кои се наоѓаат во Цапарско Поле, во Крушевско, како и во областа Железник (Демир Хисар). Дијалектот е застапен во градовите Прилеп и Битола, малите гратчиња Демир Хисар и Крушево и во 245 села кои гравитираат околу овие градови.

Прилепско-битолски дијалект
Пелагониски дијалект
Јазично семејство
Јазични кодови
ISO 639-3
{{{mapalt}}}
Прилепско-битолскиот дијалект на картата на македонските дијалекти

Според пописот од 1953 година, прилепско-битолските говори ги зборувале вкупно 168 861 жител, или 18,8 % од вкупниот број на говорници на македонски јазик.

Овој дијалект е близок со кичевско-поречкиот дијалект и заедно со останатите дијалекти од централната подгрупа, се основата врз која се темели стандардниот македонски јазик.

Територија

уреди

Прилепско-битолската група говори се простира на мошне голема територија. Го опфаќа јужниот дел од централните говори, поточно целата област Пелагонија на југ до денешната државна граница меѓу Република Македонија и Република Грција. Значењето на оваа група говори за македонското духовно наследство е огромно со самиот факт што тоа е централната група говори што ја споменува и Крсте Мисирков како основа на македонскиот литературен јазик. Географско дијалектната граница на прилепско-битолските говори се движи по долината на реката Црна. Од велешкото говорно подрачје нив ги дели планината Бабуна, а јужната граница спрема костурско-леринските говори оди приближно по денешната државна граница, на североисток омеѓена со планината Ниџе, а на северозапад со планината Баба.

Фонолошки одлики

уреди
  • фиксиран третосложен акцент
  • Секвенцата еа се реализира како дифтонг еа, во некои локални говори како широко е, или како долго е: неа, стреа, беа, носеа, Петреа (во прилепскиот), леа, смеа, греам, односно ле:, стре:, носе:, (во битолскиот).
  • Групата оа се реализира како дифтоншка секвенца оа, или како отворено о, во битолскиот понегде и како долго о: тоа, броам, стоат, готоа (во прилепскиот), тоар, осноа, односно: то:р, осно:, јадо: (во битолскиот).
  • Во прилепскиот говор на дифтонгизација подлежи и групата ео: мео, времео.
  • Самогласните групи ае и ое се дифтонгизираат по друг начин - со десилабизација на /е/ > /i/ : двајсе, тринајсе, инаiт, знајше, гојдо, тргојц.
  • Тенденција за депалатизација на *n' што се врши најчесто со антиципација на мекоста во /ј/: којн, бајна, се клајна, сирејне. Оваа појава се наоѓа во процес, уште незавршена.
  • Во врска со дистрибуцијата на согласките, говорите во Пелагонија ги карактеризираат две посебности. Групите шт и жд се реализираат како шч и жџ, односно шќ и жѓ, во југозападните битолски села, сп: гушчер, клешчи, огнишче, дожџо, нужџа (Прилеп), гушќер, лешќа, вежѓа, глуж'ѓо (Битолско).
  • Отсуство на в во меѓусамогласна положба: чоек, глаа, дворој итн.
  • Согласката /с/ во група со /к/ во наставката -ск(и) во положба зад согласка се африкатизира во /ц/, сп. селцски, прилепски, старцки, грацки, но: кически, тетоски (зад самогласка).[1]

Морфолошки одлики

уреди
  • употреба на остатоци од дативен падеж: му рече Стојану
  • употреба на стандардните лични заменки
  • употреба на трите членови
  • употреба на предлогот ВО
  • употреба на заповеден начин на сопствени именки
  • загуба на -т во членската морфема за м.р. -от: градо, лебо, огно, дворо
  • глаголскиот прилог освен со наставката -јќи има форми и на -јќум и -јќим: викајќум, одејќум, односно викајќим, одејќим, носејќим, покрај викајќи, одејќи.

Кратенки во говорот

уреди
 
Абецедар, буквар на лерински говор
говор
стандарден дијалект
ќе одиме ќ'ојме/ч'ојме
повеќе појќе/појче
дадам дам
одам ом
можам мом
правам прам
што има шојма
правиме прајме
можеме мојме
единаесет единајсе
дваесет двајсе

Разлики во говорите

уреди
 
Во прилепскиот говор за пенкало се користи налив, а во битолскиот стило

Локалните разлики помеѓу прилепскиот и битолскиот говор се претежно од фонетски карактер.

Одлики на прилепскиот говор се:

  • акцентираните /е, о/ по правило се реализираат како затворени фонови [ẹ, ọ]: 'ẹсен, л'ẹп, 'ọко, н'ọга, а во селските говори тие се дифтонгизираат: įела, įеден, дįедо, куога, уосум.
  • на поширок ареал отсуствува фонемата /ф/, со исклучок на градскиот говор; туѓото ф се предава со во: вурна, вилџан, вира, вустан, каве, но: фрла, фес, фенер, фурна во градскиот говор
  • фонемите /ќ, ѓ/ се реализираат во некои положби (најчесто пред задните самогласки) со доста изразена фрикација: куќа, свеќа, паѓа, меѓа, односно: кујќа, цвејќе, нојќе, вејѓа, мејѓа, лујѓе, прејѓеска - со антиципирано ј, а во говорот на помладата генерација и цвејче, лујџе.
  • прилепскиот говор се разликува од битолскиот по наставката -ув(а) за образување на имперфективни глаголи: купува, кажува

Одлики на битолскиот говор се:

  • фонемата /л'/ како континуитет на старото палатално *l': Битол'а, бл'ут, кл'уч, пријател'
  • глаголските образувања со наставката -в(а) од типот купва, кажва, менва, зајдва, посаква, радва, јавва итн.
  • за одредување на личните заменки, секаде се користи машки род: му кажав нејзе, му дадов на луѓето.

Наводи

уреди
  1. Дијалектите на македонскиот јазик, том 1, Божидар Видоески, стр.191-192

Надворешни врски

уреди
  • Аудио материјал од говорот од Битола од колекцијата на Божидар Видоески - Фонотека на Центарот за ареална лингвистика при МАНУ Архивирано на 9 август 2016 г.
  • Аудио материјал од говорот од с. Тополчани, Прилепско од колекцијата на Божидар Видоески - Фонотека на Центарот за ареална лингвистика при МАНУ Архивирано на 10 март 2016 г.
  • Мирчевъ, Д (1904). „Бѣлѣжки по прилѣпския говоръ“ (PDF). Сборникъ за народни умотворения, наука и книжнина. София: Държавна печатница. I (33): 2–40.
  • Конески, Блаже (1949). „Прилепскиот говор“ (PDF). Годишен зборник на Филозофскиот факултет. Скопје: Филозофски факултет, Скопје: 245–301.