Форд или Друштво за мотори Форд (англиски: Ford Motor Company) — американско претпријатие за производство на автомобили, основано на 16 јуни 1903 година од Хенри Форд. Седиштето на Форд се наоѓа во Детроит. Тоа ги продава своите автомобили и комерцијални возила под името Форд, додека луксузните марки ги продава под името Линколн. Исто така, Форд има заеднички вложувања во повеќе земји, како: Кина, Тајван, Турција и Тајланд. Во 1989 година, Форд го откупил британското претпријатие Јагуар, а во 2000 година и Ленд ровер, но во март 2008 година нив ги продал на индиското претпријатие Тата. Исто така, од 1999 до 2010 година, Форд бил сопственик на шведското претпријатие Волво.[1] Од 1938 до 2011 година, Форд ги произведувал и луксузните автомобили од марката Меркјури.

Организација и управување

уреди

Претпријатието е организирано како акционерско друштво и котира на Њујоршката берза, а контролата во управувањето ја има семејството Форд кое има мнозинство гласови, иако нема мнозинство во вкупниот број акции.[2] Имено, во 1956 година, Форд станал јавно друштво, меѓутоа семејството Форд со помош на посебни класи акции задржало 40 % од бројот на гласовите.[3]

Производство

уреди

Ова претпријатие е познато по воведувањето на методите за масовно производство, засновано врз детална поделба и специјализација на работата, организирана според принципот на подвижна лента. Овој начин на организација на производството е познат како Фордизам.

Во 2008 година, Форд произвел 5,532 милиони автомобили и имал околу 213 000 вработени во 90 фабрики и погони ширум светот.[4]

Во 2022 година, Форд бил вториот најголем производител на автомобили во САД и шестиот најголем производител во светот,[5] а во 2010 година бил петтиот најголем производител на автомобили во Европа.[6]

Финансиски резултати

уреди

За време на Глобалната финансиска криза од 2007-2008 година, Форд западнал во финансиски тешкотии, но не побарал финансиска помош од државата, како што бил случајот со другите две американски автомобилски претпријатија.[7][8] Оттогаш, претпријатието повторно станало профитабилно,[9] и во 2018 година се наоѓало на 11. место на списокот на најголемите американски претпријатија со вкупен приход од 157 милијарди долари во 2017 година.[10]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Ford Motor Company (2 август 2010). "Ford Motor Company Completes Sale of Volvo to Geely". Соопштение за печат.
  2. Muller, Joann (December 2, 2010). „Ford Family's Stake Is Smaller, But They're Richer And Still Firmly In Control“. Forbes. Архивирано од изворникот June 20, 2019. Посетено на August 31, 2016.
  3. Muller, Joann (March 9, 2014). „William Clay Ford's Legacy Cemented Family's Dynasty“. Forbes. Архивирано од изворникот November 16, 2018. Посетено на August 28, 2017.
  4. „Ford Motor Company / 2008 Annual Report, Operating Highlights“ (PDF). стр. 1. Архивирано од изворникот (PDF) на April 19, 2011. Посетено на September 19, 2010.
  5. „Worldwide car sales by manufacturer“.
  6. „New Passenger Car Registrations by Manufacturer European Union (EU)“. ACEA. Архивирано од изворникот на September 27, 2011. Посетено на January 28, 2011.
  7. „Bush announces $17.4 billion auto bailout“. Politico (англиски). December 19, 2008. Посетено на April 8, 2022.
  8. „Stopgap auto bailout to help GM, Chrysler“. CNN Money. December 19, 2008. Посетено на April 8, 2022.
  9. Hammond, Lou Ann (January 13, 2011). „How Ford stayed strong through the financial crisis“. Fortune. Архивирано од изворникот на July 2, 2018. Посетено на December 20, 2017.
  10. „Ford Motor“. Fortune (англиски). Архивирано од изворникот August 23, 2019. Посетено на November 9, 2018.