Беранци
Беранци — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, на магистралниот пат А 3 меѓу градовите Прилеп и Битола.
Беранци | |
Панорамски поглед на селото Беранци | |
Координати 41°09′32″N 21°21′35″E / 41.15889° СГШ; 21.35972° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Могила |
Област | Пелагонија |
Население | 339 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7245 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02006 |
Надм. вис. | 640 м |
Беранци на општинската карта Атарот на Беранци во рамките на општината | |
Беранци на Ризницата |
Потекло на името
уредиСелото најпрвин запишано како Беранци се сретнува во 1468 година во турски документи. Се верува дека името потекнува од личното име Беран.[2]
Всушност, легендата вели дека прв во месноста се населил некојси Беран (или Берон) од струшкото село Вевчани, кој избегал од налетот на Турците. Тука тој создал семејство и започнал да живее.[3]
Географија и местоположба
уредиОва село се наоѓа во Пелагонија, во северниот дел на Битолското Поле, во западниот дел на територијата на Општина Могила.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 640 метри. Се наоѓа од левата страна на патот Битола-Прилеп, а од самиот град Битола е оддалечено 17 километри.[4]
Беранци е поголемо село сместено помеѓу планинската падина на Древеник на запад и рамнината Пелагонија на исток. Околни села се: Долно Српци, Вашарејца и Могила. Во селото постои чешма на сретсело, од која луѓето во минатото пиеле вода.[5]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Долна Нива, Црна Земја, Самовилец, Висои, Голем Присој, Градиште, Стара Река, Садинки, Црквиште, Петилеб (чешма), Смрдеш, Црна (ливада) и Габа Бара.[5]
Селото е од многу збиен тип. Одредени делови од селото добиле имиња по поголемите родови, како Боевци, Пецевци, Велјановци, Љаковци и други.[5]
Историја
уредиВо околината на Беранци се наоѓаат бројни и значајни археолошки наоѓалишта. Градиште е возвишување западно од селото. За него, мештаните велат дека е тумба со долови. На местото биле пронаоѓани стари пари, ќерамиди, големи врчви и печени тули.[5]
Месноста Висои на тромеѓето помеѓу атарите на селата Беранци, Могила и Црнобуки. Во истражување спроведено во 1954 година биле откопани стари гробови наредени во круг. Биле откопани плочи со „римско писмо“, а во внатрешноста на гробовите се наоѓале грнчиња.[5] Се претпоставува дека се работи за македонскиот древен град „Чепик“.
Од горната страна на селото се наоѓа црквиште. На месноста Црквиште, пак, се верува дека се наоѓа античка некропола.[5]
Беранци се смета за старо село. Првпат е споменато во XVII век. Сепак, тоа постоело и два века порано кога тука дошле предците на денешниот најголем род Пецевци.[5]
Во селото постои црквата „Св. Атанасиј“, изградена над селото, која е постара од манастирот. Над селото се наоѓало и манастириште, на местото на денешниот манастир „Св. Јован Крстител“.[5]
Во XIX век, Беранци било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
За време на турското ропство во Беранци постоеле неколку турски чифлици, чии сопственици живееле во Битола. Пред 1912 година таа земја ја купил Ѓорѓе Икономов, Грк од Битола, кој од крајот на Првата светска војна ја продал на жителите. Жителите на денешниот род Пецевци живееле на своја земја.[5]
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[6]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 19 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.028,3 хектари, пасиштата заземаат 785,5 хектари, а шумите само 15 хектари.[4]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Беранци живееле 545 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Беранци имало 432 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Беранци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 57 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[10]
Од Беранци се иселил голем број од населението, така што тоа преминало од големо во средно село по големина. Во 1961 година селото броело 1.127 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 478 жители, македонско население.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Беранци живееле 445 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 339 жители, од кои 327 Македонци, 1 Албанец, 1 Влав, 1 останат и 9 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 545 | 432 | 647 | 941 | 1.127 | 1.216 | 1.264 | 707 | 478 | 445 | 339 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиБеранци е македонско православно село, во селото има еден староседелски род, а другите родови во селото се доселенички.[5]
Родови во Беранци се:
- Староседелци: Ралевци (4 к.), за нив се вели дека во Беранци живеат од век и превек.
- Доселенички: Пецевци (46 к.), потекнуваат од предокот Пеце кој се доселил од Дебарско во ХVIII век, го знаат следното родословие: Ѓоргија (жив на 72 г. во 1956 година) Никола-Павле-Петре-?-Пеце кој се доселил во селото; Поповци (3 к.), гранка од родот Пецевци; Бојовци (18 к.), доселени се од некое село во Мариово; Николовци (4 к.), гранка се од родот Бојовци; Вељановци (8 к.) доселени се од соседното село Долно Српци; Јазевци (5 к.), доселени се од некое село во Мариово; Гајдовци (1 к.) гранка се од родот Јазевци; Гарговци (4 к.), потекнуваат од домазет доселен однекаде, кој влегол во родот Пецевци; Љаковци (5 к.), Кумбуловци (2 к.), Бочваровци (2 к.) и Ѓаковци (2 к.), доселени се однекаде; Рушкиќ (1 к.), родот го основал џандар кој дошол од Неготин во Србија, во 1919 година и Дамјановци (1 к.), доселени се од селото Вирово, Железник во 1955 година.
Општествени установи
уреди- Подрачно училиште „Кочо Рацин“, подрачно основно училиште до V одделение
- Месна заедница
- Дом на култура
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кукуречани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ивањевци, во која селото Беранци, се наоѓале и селата Вашарејца, Древеник, Ивањевци, Лознани, Новоселани, Подино, Свето Тодори, Српци и Трновци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Српци, во која влегувале селата Беранци, Вашарејца, Лознани и Српци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0189 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 329 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 324 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[20]
- Висои — тумул од железно време;
- Воден Дол — некропола од римско време;
- Грабечка Река — населба од хеленистичко и римско време;
- Градиште — населба од доцноантичко време;
- Женски Дол — некропола од доцноантичко време;
- Плочи — населба и некропола од римско време;
- Ристов Кладенец — некропола од доцноантичко време;
- Црквиште — некропола од раноантичко и хеленистичко време; и
- Шукаловец — населба од римско време.
- Цркви[21]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Јован Крстител“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Константин и Елена“ — новоизградена црква.
- Манастири
- Беранечки манастир — стар манастир
Редовни настани
уредиОбредни песни „Водичарки“ од село Беранци на YouTube |
- Водичарки — уникатен обичај, спој на христијанството и народните обичаи. Настанот се одржува на празникот Водици. Водичарки се женска група, облечени во традицијална носија, составена од непарен број на млади девојки, најчесто седум или девет, а групата ја предводи главната водичарка. Вообичаено, во групата има и две момчиња.
Личности
уреди- Родени во Беранци
- Веле Мачкаров — битолски селски војвода на ВМРО, участвувал во одбраната на Крушевската Република во одредот на Питу Гули[22]
- Петре Дундар (?-1635) — ајдутин;
- Борис Велевски — македонски партизан;
По потекло од Беранци
- Александар Волкановски — шампион во УФЦ. Роден во Австралија. Татко му е роден во Беранци.
Култура и спорт
уредиВо селото работи фудбалскиот клуб „Младост Беранци“.
Иселеништво
уредиСе знае за следните иселени родови од селото: Каровци (12 к.) во Драгожани; Пишмановци (8 к.) во Ивањевци; Зајковци (6 к.), Миновци (3 к.) и Велјанчевци (2 к.) во Долно Српци; Љаковци (4 к.) и Јазевци (4 к.) во Могила; Ковачевци (2 к.) во Добромири и Нечовци (1 к.) во Кравари.[5]
Од ова село има иселено над 1.000 лица. Најголем дел од нив се имаат иселено во градовите Битола, Прилеп и Скопје, но и во прекуокеанските земји и во Европа.[3]
Галерија
уреди-
Игралиште во селото
-
Сретселото на Беранци
-
Новоизградената црква во самото село
-
Манастирската црква „Св. Јован Крстител“
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 49. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-06-29. Посетено на 2019-11-02.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 48. Посетено на 29 октомври 2019.
- ↑ 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 166-167.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 ноември 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 2 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-12-10. Посетено на 2 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893 – 1934). Биографично-библиографски справочник. София, 2001, стр. 101 - 102.