Бошко Буха
Бошко Буха (1926 - 1943) бил млад партизан, еден од најголемите симболи на Втората светска војна во Југославија, и народен херој на Југославија.
Бошко Буха | ||
Роден | 1926 Градина, кај Вировитица | |
---|---|---|
Починал | 27 септември 1943 Јабука, кај Пријепоље |
Животопис
уредиБуха е роден во славонското село Градина (близу Вировитица) во семејство на етнички Срби.[1] Потекнувал од сиромашно земјоделско семејство. Татко му, Раде Буха, бил затворен во Билеќа по Сараевскиот атентат, во јуни 1914 година, а потоа бил мобилизиран во Австроунгарската војска и испратен на фронтот во Италија. Заедно со група војници, Раде избегал од таму и заминал на Македонскиот фронт, каде се приклучил како доброволец на Српската војска. По завршување на Првата светска војна, Раде и неговата сопруга Мара биле колонизирани во Подравина, каде добил имот како воен доброволец.[2]
Бошко бил најстаро од седумте деца, и како дете бил многу немирен, но помагал при работата на нива и во водењето на домаќинството.[2]
Во 1941 година, по окупацијата на Кралството Југославија од Оската и создавањето на Независна Хрватска, неговото семејство станало мета на усташите и морало да пребегне во Србија.[2] Семејството Буха се сместиле во селото Јадранска Лешница, кај Лозница во еден магацин. Бошко заедно со татко му Раде работел за надница по други куќи за да заработат за живот.
Партизанска активност
уредиВо летото 1941 година започнало востанието во Србија против фашистите, а веќе во октомври истата година, Бошко Буха, на петнаесет годишна возраст, станал партизан во Мачванскиот партизански одред. Како едан од најмладите борци, брзо станал познат меѓу партизаните, од кои учел како се ракува со пушка и со бомби. Не покажал страв во првите борби во кои учествувал.[2] Но, по октомврискиот снег, Бошко Буха се разболел, па командатот на одредот го упатил на лечење на слободната територија т.н „Ужичка Република”. Во партизанската болница во Севојно, на 6 километри од Ужице го однел татко му Раде, каде Бошко останал десет дена. Откако оздравел, Бошко останал во Ужице, а татко му се вратил во Лешница по вестите дека окупаторот ги пали селата. Тоа била нивна последна средба.
Кон крајот на октомври, четата на Бошко Буха била испратена во Пожега, каде Бошко со неколкумина борци имал задача да го чува мостот на реката Скрапеж. Четниците ги заробиле и го однеле в затвор во Пожега. На 3 ноември 1941 година, четите на Ужичкиот и Чачанскиот партизански одред ја зазеле Пожега и ги ослободиле заробените партизани, меѓу кои и Бошко и неговите другари.[3]
Во Ужичкиот одред
уредиВо текот на ноември 1941 година, Бошко бил дел од Ужичкиот партизански одред, кој водел постојани борби против Германците и четниците во Операцијата Ужице. По Битката на Кадињача и падот на Ужице, на 29 ноември 1941 година, Бошко со Ужичкиот одред се повлекол кон Златибор. Операцијата Ужице завршила така што партизанските сили од западна Србија се повлекле од териториите кои биле под окупација на германските сили.[3]
Кон крајот на декември, по наредба на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ, била извршена реорганизација на партизанските одреди. Од Ужичкиот партизански одред биле формирани два батаљона — Прв и Втор ужички батаљон, а било решени дел од помалку способните борци да се вратат дома. Во Ужичкиот одред имало многу деца-борци. Меѓу најпознатите деца-борци на Ужичкиот партизански одред, а подоцна на Втората пролетерска ударна бригада, биле: Божо и Олга Којадиновиќ, Бошко Матиќ, Живорад Бакочевиќ, Драгољуб Весиќ Фаса, Милена Ситерица, Ленка Николиќ, Десанка Петронијевиќ, Нешо Михаиловиќ, Перо Вишњиќ, Жарко Јовановиќ и други, како и народните херои — Нада Матиќ (1924), Даница Милосављевиќ (1925), Саво Јовановиќ Сирогојно (1926) и Бошко Буха, од кои многу не биле вооружени. Во меѓувреме, родителите на децата-борци доаѓале да ги повикаат да се вратат дома, но повеќето одбивале. Сепак била донесена одлука децата-борци да се вратат дома, и тие ја напуштиле единицата, а некои од нив биле распоредени во куќи на партизанските симпатизери. Една партизанска група на чело со Јеврем Поповиќ добила задача да ги префрли децата-борци во ужичкиот крај. Во текот на една ноќ, четниците ја нападнале групата, стражарите биле совладани, но децата се вклучиле во борбата и успеале да го одбијат четничкиот напад. По оваа борба, Јеврем Поповиќ решил да не ги носи децата во Ужице, туку ги однел во штабот на Првиот ужички батаљон, каде повторно биле распоредени во чети.[4]
Ноќта меѓу 7 и 8 февруари 1942 година партизанските единици во близина на Пријепоље морале да преминат преку реката Лим. Повеќето деца-борци, меѓу кои Бошко Буха и Саво Јовановиќ Сирогојно, не знаеле да пливаат, па ја минале реката заедно со командантот на Првиот ужички батаљон, Миодраг Миловановиќ Луне.[4] На патот кон Босна, партизаните биле нападнати од четниците во селото Крњача кај Прибој. Во оваа борба, Бошко Буха со бомба убил двајца четници, а потоа со заробениот пушкомитролез пукал кон четничките позиции.[5]
Кон крајот на февруари 1942 година, партизанските сили стигнале во ослободеното Чајниче, каде борците се одмориле, а штабовите вршеле подготовки за формирање на нова пролетерска бригада. На денот на формирањето на Втората пролетерска ударна бригада, на 1 март 1942 година, во Чајниче од Фоча дошле членови на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ и врховниот командант Јосип Броз Тито, кој им се обратил на борците од балконот на хотелот. Првиот ужички батаљон станал дел од бригадата како Четврт ужички батаљон, а командантот Луне Миловановиќ останал да командува. По одржаниот говор, Тито се сретнал со раководителите на бригадата, и на командантот Луне Миловановиќ му советувал децата-борци да ги испрати на ослободена територија. На 1 март 1942 година, за време на формирањето на Втората пролетерска бригада, во неа имало околу 50 деца-борци помлади од 16 години. Командантот Луне издвоил околу 30 од најмладите борци, меѓу кои и Бошко Буха. Иако биле издвоени, истата вечер, децата тргнале по батаљонот, и пред него стигнале на местото за одмор, по што било решено да останат во единицата.[5]
Втора пролетерска бригада
уредиПо формирањето, Втората пролетерска бригада била упатена на својата прва задача, уништување на четничките сили во Борике, кај Рогатица, ноќта меѓу 7 и 8 март 1942 година. Бригадата водела борби околу Рогатица и Братунац, а кон крајот на април 1942 годона се вратила кон Чајниче, каде влегле италијански единици.[5] Во нападите на Рогатица, многу од децата-борци, меѓу кои Буха и Чикало, се истакнале како добри бомбаши. Во текот на нападот на Чајниче, ноќта пред 1 мај 1942 година, командантот на Четвртиот ужички батаљон Миодраг Миловановиќ Луне побарал доброволци-бомбаши, а Бошко се пријавил меѓу првите. Како добар бомбаш се покажал и при уништувањето на италијанските сили на патот Горажде—Чајниче, на 6 мај 1942 година, кога учествувал во уништување на непријателските бункери.[5] Бошко Буха развил талент на прикрадување на бункерите и нивно уништување со рачни гранати и бомби. Поради ова, како и поради тоа што во неговата единица имало и други деца-бомбаши, единицата го добила прекарот „Партизанска артилерија“.[6]
Во јуни, Втората пролетерска бригада се нашла во Херцеговина, каде од 11 до 13 јуни 1942 година биле водени тешки борби против италијанско-четничките сили на Гат. Во оваа борба, Бошко успеал со ползење да стигне до четничката позиција, од каде дејствувал митралез, и фрлил две бомби, а останатите партизански бомбаши влегле во ровот и ги ликвидирале четниците. По овој напад, Бошко на сличен начин со ползење успеал да стигне до друга четничка позиција, каде исто така фрлил две бомби. Но, италијанско-четничките сили биле силни, па партизаните морале да се повлечат, а во текот на повлекувањето Бошко Буха бил ранет, со куршум во ногата. Болничарката Милена Ситерица успеала да дојде до него, и почнала да го влече кон партизанските позиции, кога го погодил уште еден куршум. Четвртиот ужички батаљон во овие борби претрпел тешки загуби: 32 загинати борци, меѓу кои Анѓа Ранковиќ, народен херој, и 26 ранети борци, меѓу кои Бошко Буха и командантот на батаљонот Луне Миловановиќ.[7]
Во јуни 1942 година биле формрани Третата, Четвртата и Петтата пролетерска бригада, кои заедно со Првата и Втората пролетерска бригада, под команда на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ тргнале на голем марш во Босанска краина. По еден месец, кон крајот на јули 1942 година главнината на партизанските сили стигнала до Купрешкото поле, каде се воделе борбите за Бугојно и Купрес. Посебно тешки биле борбите за Купрес, кои траеле цел месец. Усташките сили помогнати од Црната легија се бранеле во добро утврдени бункери. Во овие борби учествувале децата-борци, меѓу кои и Бошко Буха, Саво Јовановиќ Сирогојно, Бошко Матиќ, и други. По неколку неуспешни напади, партизаните се откажале од заземање на Купрес, и продолжиле кон Мркоњиќ Град и Јајце, кои ги ослободиле кон крајот на септември 1942 година.[8]
Во текот на борбите за Јајце, Првиот и Четвртиот ужички батаљон од Втората пролетерска бригада напаѓале на рид каде имало многу усташки бункери, кои биле опремени со рефлектори, што го осветлувале просторот пред бункерот, каде дополнително имало ископани ровови и била поставена бодликава жица. Во текот на ноќта меѓу 24 и 25 септември 1942 година, група бомбаши-доброволци, меѓу кои и Бошко Буха, во тишина се провлекле до бункерите. Групата во која бил Бошко имала задача да го уништи најголемиот бункер кој се наоѓал пред позицијата на Четвртиот ужички батаљон. Заедно со тројца борци, Бошко успеал да ги изненади усташите и да ги совлада, а во текот на освојувањето на вториот бункер, дошло до пукање, но Бошко успеал да фрли неколку бомби и да го уништи бункерот. Откако и другите бомбаши успеале да ги совладаат другите бункери, бил извршен јуриш, и позицијата била освоена.[9][10]
Во првата половина на октомври 1942 година, Втората пролетерска бригада водела тешки борби против германско-усташки и четнички сили, а на 17 октомври со воз борците биле префрлени во Дрвар, каде Јосип Броз Тито извршил смотра на бригадата. Истиот ден, бригадата била префрлена во Мало Тичево, каде водела тешки борби против четниците.[11] Бригадата влегла во состав на Втората пролетерска дивизија, и на 25 ноември била упатена кон Ливно. Борбите за ослободување на Ливно се одвивале на 14 и 15 декември 1942 година, и во нив учествувал Бошко Буха како бомбаш.[12]
Делегат на Конгресот во Бихаќ
уредиВо декември 1942 година, Централниот комитет на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКМЈ) донел одлука за одржување на конгрес на Обединетиот сојуз на Антифашистичката младина на Југославија (ОСАМЈ), кој бил замислен како масовна антифашистичка организација на југословенската младина. Конгресот бил закажан за крајот на декември, а во текот на декември биле свикувани младински конференции на кои биле бирани делегати за конгресот. Во Четвртиот ужички батаљон на Втората пролетерска ударна бригадана борците-младинци им се обратил политичкиот комесар на батаљонот Јеврем Поповиќ, а потоа се расправало за изборот на делегатите. Било решено да се изберат најдобрите и најверните борци, меѓу кои бил избран и Бошко Буха.[13][14] Пред поаѓање во Ливно се собирале делегатите и се фотографирале, кога се направени и најпознатите зачувани фотографии на Бошко Буха, кои послужиле при изработка на неговите спомен-бисти.[15]
Конгресот започнал на 27 декември 1942 година и го отворил секретарот на ЦК на СКОЈ, Иво Лола Рибар, во присуство на 365 делегати. Како гости на конгресот присуствувале членови на Централниот комитет на КПЈ, на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ, на Извршниот одбор на АВНОЈ, како и врховниот командант Јосип Броз Тито, кој се обратил на присутните делегати. Вториот ден од конгресот, на 28 декември, на говорницата настапувале делегатите од разни краишта на Југославија, а еден од нив бил и Бошко Буха,[6] кој тогаш имал шеснаесет години.[16] По завршувањето на конгресот, Јосип Броз Тито ја примил делегацијата на Втората пролетерска бригада, а на крајот, на Бошко Буха му подарил рачен часовник и наливперо.[16]
На Неретва и Сутјеска
уредиПо конгресот, делегацијата се вратила во Ливно и на позицијата на бригадата кај Шуица. На патот кон бригадата, во една барака во подножјето на Динара ја дочекале новата 1943 година. По враќањето, делегатите на состаноци ги пренесувале своите импресии од конгресот.
Бошко Буха учествувал во Битката на Неретва во февруари 1943 година. Партизаните го разбиле италијанскиот батаљон, кој дошол со 23 камиони, по што Италијанците побарале преговори. На преговорите бил и Бошко Буха. На средбата, италијанските офицери на командантот Луне му забележале дека очекувале да дојде со партизански офицери, а не со деца. Преговорите завршиле успешно, а Италијанците со 286 војници се предале на Втората пролетерска бригада.[17][18]
Откако успешно ја освоиле долината на Неретва, започнал нападот на Коњиц. Втората пролетерска бригада била префрлена да изврши противудар на правецот Прозор — Горњи Вакуф-Ускопље — Бугојно за да го запре непријателското напредување. Во март 1943 година биле водени посебно тешки борби, потоа бригадата учествувала во разбивање на четничките сили, а потоа во тешки борби кај Улог и Калиновик. Кон крајот на март, Втората пролетерска бригада влегла во составот на Втората пролетерска дивизија и била упатена кон Дрина со задача да ја нападне Фоча. Тука биле водени тешки борби против четничките сили, а по преминувањето на Дрина, биле водени борби против Италијанците и четниците. Во април Бошко се разболел, па морал да премине во Централната партизанска болница, каде останал до мај 1943 година.[19]
Откако се вратил во батаљонот, започнала најголемата офанзива Битката на Сутјеска. До крајот на мај 1943 година непријателот успеал да ги потисне партизанските единици во долината на реката Сутјеска. Тогаш се водени тешки борби со цел да се премине Сутјеска и да се изврши пробој преку Зеленгора. Бошко Буха со Четвртиот ужички батаљон бил на падините на ридот Кошур, на чиј врв биле утврдени Германците. Десет дена овде траеле нападите на партизаните.[20][21]
Во јуни 1943 година сите единици на Главната оперативна група преминале во противофанзива кон источна Босна, а Втората пролетерска дивизија се пробивала кон северниот дел на источна Босна преку Романија кон Олово, Кладањ и Тузла. На ова подрачје биле водени борби против усташите, муслиманската милиција и четниците.[21]
Загинување
уредиНа 20 август 1943 година, Втората пролетерска дивизија по наредба на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ се префрлила во долината на Дрина, од каде продолжила кон Санџак и Црна Гора. На овој пат, бригадата најпрво ја ослободила Фоча на 4 септември, а потоа заедно со Третата ударна бригада на 22 септтември 1943 година го ослободила градот Пљевља.[22][23] Додека штабот на бригадата се подготвувал за напад на Пријепоље, многу од борците на Втората пролетерска бригада станале политички работници на ослободената територија, меѓу кои и Бошко Буха, кој бил добар говорник, и раскажувал за своите бомбашки искуства. На 26 септември, батаљонот на Бошко учествувал во борбите за ослободување на Пријепоље, кое по заминувањето на Италијанците се нашло во рацете на четниците.[22][23]
По ослобоувањето на Пријепоље, на 27 септември 1943 година, Бошко Буха заедно со докторката Саша Божовиќ и командирот на бригадната болница Богдан Радан, тргнал со камион од Пљевља за Пријепоље по санитетски материјал.[24] Во близина на селото Јабука, кое се наоѓа на половина пат меѓу Пљевља и Пријепоље, камионот наишол на четничка заседа. Бошко и Богдан Радан пружиле отпор, но брзо биле совладани, а докторката Саша Божовиќ била ранета и заробена.[24]
Наредното утро, Четвртиот ужички батаљон откако добил информација за заседата, тргнал во напад на четниците, кои се повлекле кон Бијело Поље. Во една куќа ја нашле докторката, а телата на Бошко Буха и Богдан Радан ги пренесле во Пљевља, каде наредниот ден биле погребани. На погребот на Бошко присуствувале голем број граѓани на Пљевља, посебно млади, а на гробот говор одржал Слободан Пенезиќ Крцун, политички комесар на Втората пролетерска дивизија.[23][24]
Народен херој
уредиПо повод десетгодишнината на Југословенската народна армија, на 20 декември 1951 година, со Указ на Президиумот на Народното собрание на Федеративната Народна Република Југославија, Бошко Буха бил прогласен за Народен херој на Југославија.[6]
Спомен на Бошко Буха
уредиНа иницијатива на пионерите на Пријепоље и Пљевља во 1959 година била покрената акција за изградба на спомен дом „Бошко Буха” во селото Јабука. Спомен-домот бил изграден во 1964 година, а на 17 октомври 1966 година била одржана средба на младите од цела Југославија, како и голем историски час.[25] Истиот ден, на местото каде загинал Бошко Буха била поставена камена плоча со натпис: Овде во 1943 година погина пионерот, борецот и народниот херој Бошко Буха, а крај неа биле посадени 17 борови како знак на бројот на годините на Бошко во моментот на смртта. На откривањето на ова спомен-обележје присуствувал Раде Буха, таткото на Бошко.[26]
Во Белград постои театар со неговото име. Во 1979 година, хрватскиот режисер Бранко Бауер режирал филм за неговиот живот.
Наводи
уреди- ↑ Народни хероји 1982, стр. 124.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Радовановиќ 1981, стр. 7—10.
- ↑ 3,0 3,1 Радовановиќ 1981, стр. 10—13.
- ↑ 4,0 4,1 Радовановиќ 1981, стр. 13—18.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Радовановиќ 1981, стр. 18—24.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Народни херои 1982, стр. 124.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 24—27.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 30—34.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 34—38.
- ↑ Втора пролетерска 1992, стр. 77.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 38—44.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 48—52.
- ↑ 13,0 13,1 Втора пролетерска 1992, стр. 99.
- ↑ 14,0 14,1 Миловановиќ 1979, стр. 68.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 51.
- ↑ 16,0 16,1 Радовановиќ 1981, стр. 52—60.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 63—67.
- ↑ Втора пролетерска 1992, стр. 112.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 68—73.
- ↑ Радовановиќ 1981, стр. 73—77.
- ↑ 21,0 21,1 Радовановиќ 1981, стр. 77—81.
- ↑ 22,0 22,1 Миловановиќ 1979, стр. 143.
- ↑ 23,0 23,1 23,2 Радовановиќ 1981, стр. 86—88.
- ↑ 24,0 24,1 24,2 Радовановиќ 1981, стр. 88—90.
- ↑ Зејак 1986, стр. 10—12.
- ↑ Зејак 1986, стр. 18.
Надворешни врски
уреди„Бошко Буха“ на Ризницата ? |