Боротино
Боротино — село во Општина Кривогаштани, во околината на градот Прилеп.
Боротино | |
Поглед на селото | |
Координати 41°17′21″N 21°24′3″E / 41.28917° СГШ; 21.40083° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Кривогаштани |
Област | Прилепско Поле |
Население | 265 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7525 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20008 |
Надм. вис. | 590 м |
Слава | Света Марина |
Боротино на општинската карта Атарот на Боротино во рамките на општината | |
Боротино на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото првпат се сретнува во историските документи како Боротин во XV век (1468 г.). Името доаѓа од личното име Борота или Боротин.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во југозападниот дел на Прилепското Поле, а на јужната страна на Општина Кривогаштани. Селото е сместено главно во средишниот дел меѓу двата пата од Прилеп за Битола и од Прилеп за Крушево.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 590 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 21 километар,[3] додека од општинското средиште Кривогаштани е оддалечено 10 километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 2339, кој ја поврзува Пелагонија со Железник.
Селото се наоѓа на левата страна од реката Блато. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Кадино Село на исток, Загорани на југ, Пашино Рувци и Обршани на запад и Врбјани на север. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари. Околу селото нема извори.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Боротинска Рудина, Ластојца, Преко Блато, Аљојца, Голема Нива, Рамаданица и Петков Вир.[4]
Главниот пат со правец исток-запад го дели селото на два дела: северен кој се нарекува Горно Маало и јужен, Долно Маало.[4]
Историја
уредиИсточно од селото се наоѓа месноста Рудина, каде мештаните откопувале големи ќупови.[4]
Поради близината на реката Блато и подрачјата погодни за поплавување, селото било силно погодено при поплавите во 1937 година, кога било срушено.[4]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 9,2 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 807,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 35,6 хектари, а на шумите отпаѓаат само 3,3 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
До 1912 година, целото село било чифчијско и единствено две куќи од родот Ѓорѓиовци имале своја земја. Последните сопственици на чифлиците биле од Прилеп (Зуљам-оџа, Камбер-ага, Алабак, Афуз, Аџи Илија, Илија и Милан). Последните тројца биле Македонци, кои ги купиле чифлиците пред 1912 година. Од 1912 година, селаните започнале да ја купуваат земјата од сопствениците на чифлиците. По Првата и Втората светска војна, некои селани добиле државна земја со аграрните реформи.[4]
По Втората светска војна, државниот комбинат „Славеј“ во поранешното село Александрово и претпријатие со седиште во Воѓани зазеле голем дел од атарот на селото.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото имало 40 домаќинства 175 жители мажи.[5]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Боротино живееле 280 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Боротино имало 120 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Боротино се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 38 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[9]
Селото е средно по големина, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото броело 352 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 264 жители и тоа преминало во мало село, населено со македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Боротино живееле 277 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 265 жители, од кои 264 Македонци и 1 лице без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 280 | 120 | 303 | 351 | 352 | 353 | 336 | 270 | 264 | 277 | 265 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
уредиБоротино е македонско село.[4]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1955 година родови во селото се:
- Староседелци: Ѓоргиовци (4 к.), Секуловци (1 к.) и Шестаковци (1 к.), најверојатно се староседелци;
- Доселеници: Просаровци (3 к.) и Пупалевци (2 к.), шетале по многу села, овде се доселени во турско време; Огњановци (1 к.), доселени се однекаде; Раловци (5 к.), доселени се од Мало Коњари, таму им се род Каравеловци; Размовци (1 к.), шетале по многу села, овде дошле од Обршани пред 1912 година; Стригловци (2 к.), и тие шетале насекаде, доселени се пред 1912 година; Ујгуновци (5 к.), доселени се од Пашино Рувци; Барлевци (2 к.), доселени се од селото Големо Коњари; Јанчевци (2 к.), доселени се во 1913 година од селото Загорани; Волчевци (3 к.), доселени се 1913 година од селото Секирци; Ќајовци (2 к.), доселени се од селото Обршани; Брсјаковци (1 к.), доселени се од селото Загорани, таму имаат истоимени роднини доселени од Железник; Бучинци (3 к.), доселени од Бучин; Веселчани (1 к.), доселени од Веселчани; Блажевци (1 к.), Максим (1 к.) и Тасевци (1 к.), доселени од селото Базерник во Железник во 1947 година; Таљомановци (1 к.), доселени од селото Куратица во Охридско во 1947 година.
Иселеништво
уредиСе знае за следните иселеници од ова село. Родот Бозовци иселени се во Загорани, Крбалевци иселени се во Врбјани, Лисковци иселени се во Поешево, Мисирковци иселени се во Мало Коњари, Шестаковци и Кромидовци иселени се во Ерековци.[4]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Јонче Смугрески“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на истоименото училиште во селото Обршани
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Боротино било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Кривогаштани, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Кривогаштани.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Мало Коњари, во која покрај селото Боротино, се наоѓале и селата Врбјани, Големо Коњари, Кадино Село, Мало Коњари, Мирче Ацев и Славеј. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Боротино, во која се наоѓале селата Боротино, Обршани и Пашино Рувци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1517 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 224 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 220 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
уреди- Петков Вир — населба од римско време;
- Селска Црква — населба од римско време;
- Тумба — населба од бронзено време; и
- Рудина — неопределено наоѓалиште од непознат период.
- Цркви[20]
- Црква „Св. Марина“ — главна селска црква. Изградена е во 1862 година.
- Реки[21]
- Блато — канализирана река во близина на селото
Редовни настани
уреди- Слави
- Света Марина — црковна и селска слава
Култура и спорт
уредиФудбалскиот клуб „Боротино“ успешно се натпреварува во Општинската лига на Прилеп.
Галерија
уреди-
Сретселото
-
Поглед на селото
-
Фудбалско игралиште
-
Канализираниот тек на реката Блато кај селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 67. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 35. Посетено на 4 јануари 2022.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 76-77.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 237.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.166-167.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 21.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 јануари 2022.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 4 јануари 2022.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 282. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 13. ISBN 978-9989-2117-6-8.