Бент Ларсен
Јорген Бент Ларсен (дански: Jørgen Bent Larsen; 4 март 1935 - 9 септември 2010) бил дански шаховски велемајстор. Тој бил првак на Данска шест пати и кандидат за светски првак во 1965, 1968, 1971 и 1977 година. Ларсен има победено на неколку силни турнири во својата кариера, како и на меѓузонските турнири во Амстердам во 1964, Сус во 1967 и во Бил во 1976 година. Во 1976 година, бил одликуван со наградата, Шаховски оскар.
Бент Ларсен | |
---|---|
Целосно име | Јорген Бент Ларсен |
Земја | Данска |
Роден | 4 март 1935 Тилстед, Данска |
Починал | 9 септември 2010 Буенос Аирес, Аргентина |
Титула | велемајстор |
Најв. ранг | 2660 (јануари 1971) |
Ларсен важи за најсилниот дански шахист на сите времиња и најсилен скандинавски до појавата на Магнус Карлсен. Од почетокот на 1970-тите, живеел најпрвин во Лас Палмас, а подоцна и до крајот на животот во Буенос Аирес.
Животопис
уредиРани години
уредиЛарсен се родил на 4 март 1935 во Тилстед[а][1], во близина на Тистед. Научил да игра шах на 7 години, а веќе на 12 години започнал самостојно да изучува шаховска литература. Како што било подоцна обелоденето, големо влијане врз него имала книга за кралскиот гамбит, во која отворањето е опишано како:
„отворање како ураган, на кое никој не може да му одолее!“
Бил ученик во црковното училиште во Алборг, каде што бил најдобар ученик. Рано во младоста станал најдобар шахист во своето место, а наскоро и во целата област.
Првиот поголем меѓународен успех го постигнал на младинското светско првенство во 1951 година во Бирмингем, на кое го освоил петтото место. На младинското светско првенство во 1953 година, кое се одржало во Копенхаген, го зазел осмото место. Во тоа време, студирал воено инженерство, но не го завршил факултетот, решавајќи да се посвети на шахот. Во 1954 година, станал државен првак на својата земја, по што ја претставувал репрезентацијата на шаховската олимпијада во Амстердам на која го освоил поединечниот бронзен медал на прва табла. Овој успех му ја донел титулата, меѓународен мајстор.
Во 1955 година, Ларсен го победил Олафсон во егзибициски меч во Осло со резултат 4½-3½, а подоцна ја одбранил титулата на домашното првенство.
Постанување велемајстор
уредиВо 1956 година, Ларсен победил на турнирот во Копенхаген, освојувајќи 8 од 9 можни бодови, а истата година го освоил златниот медал во поединечна конкуренција на прва табла на олимпијадата во Москва. Благодарение на овој успех, истата година бил одликуван со велемајсторската титула.[2] Одличната година ја заокружил со третатапоследователна победа на домашното првенство, на кое победил и во 1959, 1963 и 1964 година.
На шаховскиот турнир во Хејстингс во 1956 и 1957 година, завршил на делба на првото место, заедно со Глигориќ, остварувајќи резултат 6½/9. На турнирот во Далас во 1957 година, завршил на делба на третото и четвртото место, со освоени 7½ од можни 14 бода, завршувајќи зад Глигориќ и Решевски. На зонскиот турнир, којшто истата година се одржал во Вагенинген, Ларсен завршил на делба на третото и четвртото место, со резултат 12½/17. Но, со оглед на фактот дека на меѓузонскиот турнир, учество обезбедувале првите тројца шахисти, за последното место кое водело на турнирот се одиграл меч меѓу Ларсен и Донер. Во мечот, којшто се одиграл во Хаг во 1958 година, Данецот победил со 3-1, со што обезбедил учество на меѓузонскиот турнир во Порторож, истата година. На турнирот, остварил успешност од 8½/20, што било доволно за 16. место на завршната табела, но не и за место на турнирот на кандидатите. Сепак, истата година, постигнал голем успех со победата на силниот турнир во Мар дел Плата, со резултат 12/15, пред Ломбарди, Елисказес, Пано и Пилник.
По несупешниот меѓузонски турнир, во 1959 година, Ларсен учествувал на силниот турнир во Цирих, на кој завршил на делба на петтото и шестото место, со резултат 9½/15, а зад Таљ, Глигориќ, Керес и Фишер. Во 1960 година, големо разочарување бил зонскиот турнир во Берг ен Дал, на кој завршил на четвртото место со освоени 5½ од можни 9 бода, со што не успеал да обезбеди учество на меѓузонскиот турнир. Во 1961 година, остварил одличен успех, делејќи ја победата на шаховскиот турнир во Бевервијк со Борислав Ивков, имајќу успешност 7/9. Истата година, освоил 6 од можни 11 бода, заземајќи го шестото место на турнирот во Цирих, на кој победил Керес пред Петросјан. Следната година, учествувал и на силниот турнир во Москва, на кој со половичен учинок (7½ од 15), завршил на делба од седмото до единаесттото место.
Кандиадт за светски првак
уредиВо текот на 1960-тите, Ларсен значајно го променил начинот на игра, започнувајќи да игра ризични и невообичаени оотворања и варијанти кои ги збунувале противниците. Сепак, ова вродило со плод и тој започнал да за бележува успеси. На зонскиот турнир во Хале во 1963 година завршил како втор, со резултат 13/19, веднаш зад пбедникот, Лајош Портиш, обезбедувајќи учество на меѓузонскиот турнир следната година. На турнирот во Белград во 1964 година, Ларсен завршил на делба од петтото до шестото место, освојувајќи 10 од можни 17 бода, додека на шаховскиот турнир во Бевервијк освоил 9½ од 15 бода, доволни за делба од петтото до седмото место на конечната табела. Со своите невообичаени отворања настапил на меѓузонскиот турнир во Амстердам истата година, на кој завршил на делба од првото до четвртото место, заедно со Спаски, Таљ и Смислов, освојувајќи 17 од 23 бода. Со овој успех обезбедил учество на турнирот на кандидатите.
На турнирот на кандидатите во 1965 година, Ларсен најпрвин го поразил Борислав Ивков со 5½–2½ во меч којшто се одиграл во Блед, но потоа загубил, во меч против поранешниот светски првак, Таљ, со 4½–5½, кој исто така се одиграл во Блед. Во 1966 година, победил во меч против Ефим Гелер со 5-4, кој се одиграл во Копенхаген и одлучувал за евентуалното трето место на турнирот на кандидатите. Следната година, победил на меѓузонскиот турнир во Сус, а потоа и во првиот круг од турнирот на кандидатите, против Портиш со 5½–4½, во меч кој се одржал во 1968 година во Пореч. Но, во полуфиналниот меч, кој се одиграл во Малме, загубил против Спаски со 2½–5½, кој подоцна ја освоил титулата.
Во 1970 година, завршил на делба на второто место на меѓузонскиот турнир во Палма де Мајорка, остварувајќи успешност, 15/23, а завршувајќи веднаш зад Боби Фишер. На почетокот на 1971 година, Ларен го достигнал најголемиот Ело рејтинг, кој изнесувал 2660, со што бил трет шахист во светот во тој момент, веднаш зад Фишер и Спаски, а со исто бодови колку и Корчној.[3] Истата година, во меч против Волфганг Улман одигран во Палма де Мајорка, Ларсен победил со 5½–3½,но во полуфиналниот меч во Денвер, во кој се соочил со Фишер, загубил со 0-6.
Во интервју за мрежното место, Kasparov.com, во 1998 година, Ларсен изјавил дека поразот против Фишер, од една страна се должи на неговата состојба за време на мечот:
„ | Организаторите избраа лошо време за мечот. Јас бев изнемоштен од жештината,а Фишер беше подбро подготвен за такви посебни услови... Замаглено ги гледав фигурите и со тоа, мето ниво на игра не беше добро.[4] | “ |
Во 1973 година, Ларсен не успеал да обезбеди учество на меѓузнскиот турнир во Ленинград. Тој завршил на делба од петтото до шестото место, остварувајќи резултат 10/17. Во 1976 година, Бент победил на меѓузонскиот турнир во Бил, но загубил во мечот против Портиш, одигран во Ротердам, во рамките на турнирот на кандидатите, со 3½–6½. На меѓузонскиот турнир во Рига во 1979 година, освоил 10 од можните 17 бода, доволно за седмото место, но не доволно за понатамошно учество во борбата за светски првак.
Турнирски успеси
уредиВо средината на 1960-тите, Ларсен започнал серија на одлични резултати на силните турнири низ светот. Во 1966 година, на турнирот во Авр победил со освоени 9 од можнии 11 бода, додека во Санта Моника истата година, завршил трет, веднаш зад Спаски И Фишер, остварувајќи успешност, 10 од 18. На турнирот во Хавана во 1967 година, Ларсен победил со одлични 15 од можни 19 бода, оставајќи ги зад себе Таиманов, Смислов, Полугавески, Глигориќ и Филип. На турнирот во Данди истата година, завршил на делба од второто до третото место, со резултат 5½/8, веднаш зад Глигориќ, додека на турнирот во Бевервијк го зазел четвртото место со освоени 8½ од можни 15 бода. Во Монте Карло завршил на делба од третото до четвртото место, освојувајќи 6 од 9 бода, додека во Винипеег завршил на делба од првото до второто место со резултат 6 од 9, а победил и на турнирот во Палма де Мајорка со резултат 13/17, оставајќи ги зад себе Смислов, Ботвиник, Портиш, Глигориќ и Ивков. Благодарение на овие одлични успеси, на крајот на 1967 година, Ларсен бил награден со Шаховскиот оскар.
Невообичаено е тоа што на крајот од 1960-тите, ларсен како еден од најсилните шахисти во светот, играл на турнири организирани во Швајцарски систем, на кои учествувале голем број на натпреварувачи, но на кои остварил и големи успеси. така, победил на отвореното првенство на Канада во Торонто во 1968 и во Сент Џонс во 1970 година. Истите години, победил и на отвореното првенство на САД: во 1968 во Аспен и во 1970 во Бостон.
На турнирот во Палма де Мајорка во 1968 година, ларсен остварил успешност 13/17, со што завршил ан делба од второто до третото место, заедно со Спаски, а веднаш зад Корчној. Истата година, победил на турнирот во Монте Карло, во конкуренција на Ботвиник, Смислов, Хорт, Берн, Портиш и Бенко, со освоени 9½ од можни 13 бода. Во 1969 година, Ларсен одиграл меч без натпреварувачко значење против Хеики Вестеринен во Хелсинки, во кој победил со 6-2. Во мечот за третото место на турнирот на кандидатите во Ерзел во 1969 година против Михаил Таљ, Данецот победил со 5½–2½, возвраќајќи му за поразот во мечот со исто значење во 1965 година. До крајот на годината, Ларсен победил на турнирот во Палма де Мајорка со резултат 12/17, оставајќи ги зад себе Петросјан, Корчној, Хорт и Спаски, а на турнирот во Бизум победил со 11 освоени од можни 15 бода, пред Полугаевски. Во Сан Хуан, завршил на делба од шестото до седмото место со успешност 9/15.
Во 1970 година, победил на турнирот во Лугано со резултат 9½ од 14. Во Белград, истата година се одиграл првиот меч на Советскиот Сојуз против остатокот од светот на кој Ларсен играл на прва табла за Остатокот и освоил 2½ бодови во четирите партии одиграни против Борис Спаски и Леонид Штајн. Во Лајден истата година, завршил на делба од третото до четвртото место, со освоени 5½ бодови во 12 одиграни партии. До крајот на годината победил во меч без натпреварувачко значење против Лубомир Кавалек со 6-2, кој се одиграл во Золинген и на турнирот во Палма де Мајорка завршил на делба од шестото до седмото место, со резултат 9/15. Во 1972 година, на турнирот во Сан Антонио завршил на делба од осмото до деветтото место, со резултат 8½/15, на турнирот во Тисајд победил со 11 освоени бодови во 15 партии, а на турнирот во Лас Палмас завршил на делба од второто до третото место со истиот учинок.
На турнирот во Хејстингс во 1972 и 1973 година, Ларсен победил со 11½ од 15 бода. на турнирот во Бауанг во 1973, со учинок 6/9 завршил на четвртото место. Истата 1973, победил на турнирите во Грена со 8½/10, како и на турнирот во Манила со резултат 12½/15.
Подоцнежни години
уредиВо 1988 година, ларсен загубил партија пртовиto Deep Thought на светското првенство за употреба на софтверски алатки, со што станал првиот велемајстор, кој загубил од сметач на шаховски турнир.
Во текот на 1990-тите, Ларсен продолжи да учествува повремено на некои турнири, иако со стареењето неговото здравје се влошуваше. Во 1999 година, тој заврши на седмото место во конкуренција на 10 шахисти на првенството на Данска, но 2000 година беше принуден да се повлече поради оток, којшто предизвика хируршка интервенција на мозокот. Оттогаш, Ларсен има настапено на само неколку турнири во Буенос Аирес. На меморијалниот турнир во чест на Мигел Најдорф во 2002 година, заврши на четвртото место.
Ларсен почина на 9 септември 2010 година во својот дом во Буенос Аирес. Во веста објавена од страна на Англиската шаховска федерација беше наведено дека
„неговото здравје било слабо подолго време и дека фактички не бил активен со години.“[5]
Шаховски олимпијади
уредиКако претставник на Данска, Ларсен има учествувано на 6 шаховски олимпијади и на сите има играно на прва табла. Освојувач е на три поединечни медали: едно злати и две бронзи. Од вкупно 109 одиграни партии, неговата успешност изнесува 68,8% (+61 =28 -20). Карактеристично е тоа што обично играл во секој натпреварувачки круг.
Во следната табела е даден детален преглед на остварените резултати на Ларсен на шаховските олимпијади[6]:
Година | Град | Олимпијада | Табла бр. | + | − | = | Резултат | Место (тимски) | Место (поединечно) |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1954 | Амстердам | 11. шаховска олимпијада | 1 | 11 | 4 | 2 | 13 од 17 | 19 | 3 |
1956 | Москва | 12. шаховска олимпијада | 1 | 8 | 5 | 5 | 10½ од 18 | 12 | 17 |
1958 | Минхен | 13. шаховска олимпијада | 1 | 9 | 4 | 5 | 11 од 18 | 10 | 12 |
1966 | Хавана | 17. шаховска олимпијада | 1 | 11 | 4 | 4 | 13 од 19 | 18 | 4 |
1968 | Лугано | 18. шаховска олимпијада | 1 | 11 | 6 | 1 | 14 од 18 | 10 | 1 |
1970 | Зиген | 19. шаховска олимпијада | 1 | 11 | 5 | 3 | 13½ од 19 | 16 | 3 |
Стил на игра и авторство
уредиЛарсен бил познат како шахист кој длабоко размислува, отфрлајќи ги општоприфатените идеи и преземајќи повеќе ризик отколку неговите современици. Оваа одлика на неговата игра се огледала и во шаховските отворања кои ги играл. За неговиот стил на игра, Самуел Решевски напишал:
„ | Тој е цврст верник во вредноста на изненадувањето. Последователно на тоа, тој често применува сомнителни варијанти и различни отворања. Тој, исто така сака да ги усложнува позициите, дури ако тоа содржи соодветен ризик. Тој има голема самодоверба во своите партии и не се плаши од никого. Неговиот посебен стил е докажан многу успешно против релативно послаби противници, но никогаш не бил премногу успешен против најдобрите.[7] | “ |
a | b | c | d | e | f | g | h | ||
8 | 8 | ||||||||
7 | 7 | ||||||||
6 | 6 | ||||||||
5 | 5 | ||||||||
4 | 4 | ||||||||
3 | 3 | ||||||||
2 | 2 | ||||||||
1 | 1 | ||||||||
a | b | c | d | e | f | g | h |
Ларсен бил еден од ретките велемајстори кој го применувал Бирдовото отворање (1.f4), а долги години се отворал и со потегот 1.b3, што во негова чест е наречено Ларсеново отворање или Нимцо-Ларсенов напад, со почит и кон Арон Нимцович. Успешен бил, играјќи ја и Холандската одбрана, која во тоа време била многу ретко отворање во врвниот шах. Го оживеал и Отворањето со ловец (1.е4 е5 2. Lc4), имајќи успех и со ова отворање, а во 1964 година пронашол нови начини за црниот да обезбеди активност во Филидоровата одбрана (1.e4 e5 2.Sf3 d6). Ларсен бил и првиот шахист, кој успешно го применил нападот Гран при во Сицилијанска одбрана (1.e4 c5 2.f4), зголемувајќи ја и и одржувајќи сè поголемата популарност на оваа варијанта. Во средината на 1960-тите, полагал надежи во Алехиновата одбрана (1.e4 Sf6), играјќи ја дури и на силни турнири. Во 1979 година, го победил светскиот првак, Карпов, во партија која ја запонал со Скандинавска одбрана (1.e4 d5), со што успеал да го врати интересот и за ова отворање. Неговата омилена варијанта во Каро-Кан настанува по потезите 1.e4 c6 2.d4 d5 3.Sc3 dxe4 4.Sxe4 Sf6 5.Sxf6+ gxf6, а во литературата е именувана во негова и во чест на Давид Бронштајн. Идејата зад оваа варијанта е да се создаде слабост во пешачката структура во замена за позиција со ловечка двојка за црниот.
Гринфелдовата одбрана (1.d4 Sf6 2.c4 g6 3.Sc3 d5), исто така била отворање кое Ларсен често го играл со црни фигури, додека Гринфелдова-индиска одбрана со бели. Ова го поттикнало во 1979 година, заедно со Штефан Цојтен, да издаде книга за отворањето и сличните позициски структури. Претходно, во 1968 година ја издал книгата „50 избрани партии“, која изобилува со обилните коментари втемелени во шаховската психологија и делотворната примена на ретктие отворања. Во 1972 година ја уредил книгата за шаховскиот турнир во Сан Антонио, кој се одржал истата година, а бил и еден од седумте врвни велемајстори кои напишале делови од книгата „Како да се отвори шаховска партија“, издадена во 1974 година.
Антологиски шаховски партии
уреди- Бент Ларсен - Борис Спаски, Меѓузонски турнир во Амстердам, 1964, Бирдово отворање (А03), 1-0 Ларсен успешно применил неколку невообичаени отворања на овој турнир, играјќи едно од нив и во оваа партија против најдобриот советски шахист, што му овозможило да победи на турнирот.
- Светозар Глигориќ - Бент Ларсен, агреб, 1965, Сицилијанска одбрана, Схевенингенска варијанта (B83), 0–1 Глигориќ започнува навидум опасен напад, но Ларсен пронаоѓа одлична одбрана.
- Боби Фишер - Бент Ларсен, Санта Моника, 1966, Шпанска партија, Отворена варијанта (С82), 0–1 Фишер имал ветувачка позиција, но поради неговата погрешна пресметка е казнет од противнападот на Ларсен.
- Бент Ларсен - Тигран Петросјан, Санта Моника, 1966, Сицилијанска одбрана, Забрзана змејска варијанта (B39), 1–0 Ларсен спроведува комбинација со жртва на дама за да го победи светскиот првак.
- Михаил Таљ - Бент Ларсен, Ерзел, 1969, шеста партија во мечот, Сицилијанска одбрана, Рихтер-Раузерова варијанта (B65), 0-1 Ларсен му покажува на поранешниот светски првак, зошто е опасен со црните фигури.
- Михаил Ботвиник- Бент Ларсен, Лајден, 1970, Холандска одбрана, Класична варијанта (А90), 0-1 Уште еден поранешен светски првак потклекнат пред Данецот.
- Боби Фишер - Бент Ларсен, Меѓузонски турнирво Палма де Мајорка, 1970, Сицилијанска одбрана, Велимировиќов напад (B89), 0-1 Ларсен го победва Фишер во партија одиграна речиси без грешка, воведувајќи новинка во отворањето.
- Анатоли Карпов - Бент Ларсен, Монтреал, 1979, Скандинавска одбрана (B01), 0-1 Ларсен игра ретко отворање против светскиот првак, за што е нагарден со успех.
Наводи
уреди- ↑ Bent Larsen: Larsen's Selected Games of Chess, London, 1970, G. Bell and Sons Ltd, стр. 1
- ↑ Willy Iclicki: FIDE Golden book 1924-2002. Euroadria, Slovenia, 2002, стр. 74
- ↑ „Elo ratings 1970–1997“. Архивирано од изворникот на 2009-11-26. Посетено на 2010-10-01.
- ↑ Chess legend Bent Larsen turns 75, ChessGames.com, 3 март 2010
- ↑ Chess Moves - the ECF newsletter Архивирано на 1 март 2011 г., официјално мрежно место на Англиската шаховска федерација
- ↑ Larsen, Bent, профил на Василиј Иванчук на OlimpBase
- ↑ Samuel Reshevsky: „Great Chess Upsets“, New York 1976, Arco Publishing, стр. 259–260.
Литература
уреди- Bent Larsen: „Ich spiele auf Sieg“, Verlag Kühnle-Woods, Zürich, 1971.
- Eric Brøndum: „Bent Larsen, the fighter“, Dansk Skakforlag, Kopenhagen, 1978, ISBN 87-87187-08-6.
- Гари Каспаров: „Моите големи претходници“, четврти дел, Everyman Chess, 2004, ISBN 1-85744-395-0.
- Bent Larsen: „Alle Figuren greifen an“, Band 1, SchachDepot Verlag, Stuttgart, 2009, ISBN 978-3-9812856-0-4.
Надворешни врски
уреди„Бент Ларсен“ на Ризницата ? |
- Бент Ларсен — профил и партии на ChessGames.com (англиски)