Аџево

историско село во Скопско, денес маало на с. Драчево

Аџево, познато и како Хаџиево — историско село во Скопско, денес на територијата на Општина Кисела Вода.

Аџево

Полиња на тоа што порано било Аџево. Во позадина се гледа Марков Рид

Аџево во рамките на Македонија
Аџево
Местоположба на Аџево во Македонија
Аџево на карта

Карта

Координати 41°55′45″N 21°30′02″E / 41.92917° СГШ; 21.50056° ИГД / 41.92917; 21.50056
Регион  Скопски
Општина Кисела Вода
Област Каршијак
Население нема жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25845
Надм. вис. 288 м

Географија и местоположба

уреди

Раселеното село Аџево се наоѓало во југозападниот крај на Скопско Поле, непосредно покрај Маркова Река. Селската населба лежела на крстопат каде што се вкрстуваат планинскиот пат што иде од долината на Маркова Река со патот Скопје-Таорска Клисура. Местото каде што било селото сега е простран потег со плодни ниви и е вклучен во атарот на селото Драчево. Од денешното месно население, наведената месност сеуште е нарекувана Аџево, која се наоѓа западно и северозападно од гробиштата „Драчево“. Околу селиштето се топографските називи: Бара, Врпче, Ќупријан и Ќерамидница.

Аџево и неговиот атар граничел со атарите на Драчево (на запад), Батинци и поранешното село Љубош (на југозапад), на север со Горно Лисиче.

Историја

уреди

Во соседното Усје се зборувало дека еднаш за време на османлиското владеење во Аџево „владеела чума“. Од чумата во Аџево, значителе број од неговото население починало.

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

Селото Аџево до 1912 година било мало чифчиско село. Тоа припаѓало на албанскиот род Цилевци, доселени во првата половина на 19 век преку тетовското село Челопек, а нивното подалечно потекло е од територијата на денешна Албанија. Во народното предание на жителите од околните села, како што запишал Јован Трифуноски, раскажувано е дека Цилевци во Аџево дошле како „една куќа“, а по доселувањето тие „со сила“ ја присвоиле земјата која припаѓала на старите македонски семејства, така што Македонците станале чифчии.

До крајот на османлиското владеење во Аџево постоеле чифликсајбијски кули, еден „амам“, џамија, воденица и неколку приземни чифчиски куќи. За време на истражувањата на Трифуноски, во селото била сочувана една воденица на Маркова Река. Трифуноски во неговото дело соопштува понатаму дека од 1912 година сопственици на чифликот во Аџево биле браќата Ибраим-ага, Асан-Ага, Расим-бег, кои почнале земјата да ја продаваат на побогатите Македонци од најблиското село Драчево и таа бргу била распродадена, а населението од Аџево морало да се исели. Така Аџево престанало да постои како населба.

Население

уреди

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 3 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 3 мажи христијани, без новороденчиња. Проценувано е дека селото во тој период имало 6 жители.[2]

Од македонско население кое за време на османлиското владеење живеело во Аџево, се знае семејството Грнчаровци (3 куќи). Тие за време на истражувањата на Трифуноски биле отселени во Орешани. Подалечно потекло на семејството Грнчаровци им е од Карабуниште (Велешко). Во првата половина на 19 век тие од Карабуниште се доселиле во Љубош, покрај Маркова Река. Од Љубош се преселиле во соседното Аџево, каде работеле како чифчии. Подоцна, Грнчаровци заминале за соседното Морани, да на крај, постојано се населиле во споменатото Орешани.

Стефан Верковиќ во 1857 годинал, го забележал населеното место со 172 жители.[3] Во 1896 година, за селото Аџево е објавено дека имало 6 куќи. Јован Хаџи Васиљевиќ, на почетокот на минатиот век ја преувеличал бројката дека Аџево броело 40 домаќинства.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Аџево живееле 95 жители, од кои 45 Македонци[4] христијани и 50 Албанци[5] муслимани. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Аџево имало 56 Македонци[4], под врховенството на Бугарската егзархија.

После Втората балканска војна, во 1913 година, селото влегло во границите на Кралство Србија, како дел од Општина Драчево, а аџевското население било пресметано во рамките на селото Батинци, 174 жители.[6]

На етничката карта од 1927 година, Леонард Шулце Јена го покажува Хаџиево (запишано како Hadžievo) како село со нејасен етнички состав.[7]

На етничката карта на Северозападна Македонија од 1929 година, Афанасиј Селишчев го означил Хаџиево како македонско-албанско село,[8][9] Меѓутоа, доколку податокот е точен, варојатно се работи за Македонци-муслимани (Торбеши).

Македонските семејства од Аџево се иселиле во Драчево и во други блиски и подалечни населби. Во чифлиците во Аџево, преку лето работеле и околу 10 македонски семејства од соседното Драчево (Ацко Аџески, Трипун Грчки и т.н.).[10]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  3. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  4. 4,0 4,1 Македонците биле заведувани како Бугари, согласно големобугарската политика.
  5. Албанците биле забележани како Арнаути.
  6. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  7. Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927
  8. Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  9. Афанасий Селищев. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – Софија, 1929.
  10. Trifunoski, J.F. (1967). Raseljena sela u Skopskoj kotlini. Загреб: Jugoslavenska akademija znanosti i umjetnosti.