Неман

река во источна Европа
(Пренасочено од Њоман)

Неман, Њоман, Немунас или Мемел (белоруски: Нёман; литвански: Nemunas; руски: Неман; германски: Memel; полски: Niemen) — река во Европа која извира во Белорусија и тече низ Литванија, образувајќи ја северната граница на западната руска ексклава Калининградска Област. Се влева во Курскиот Залив, поврзан со Балтичкото Море во еден тесен дел. Тече во должина од 937 км, и затоа се вбројува меѓу поважните источноевропски реки. Се движи во запад до Гродно на 12 км од полската граница, северно до Каунас, а потоа повторно на запад сè до морето.

Неман
Нёман, Nemunas, Memel
Неман кај Алитус
Неман на карта
Етимологијаможеби јужнословенско име на чудовиште
Местоположба
ЗемјиБелорусија, Литванија, Русија
ГрадовиГродно, Каунас, Советск
Физички особености
Извор 
 • местојугозападно од Минск, Белорусија
 • координати53°15′10″N 27°18′21″E / 53.25278° СГШ; 27.30583° ИГД / 53.25278; 27.30583
 • надм. вис.176 м
УстиеКурски Залив
 • место
западно од Шилуте, Литванија
 • координати
55°20′12″N 21°14′50″E / 55.33667° СГШ; 21.24722° ИГД / 55.33667; 21.24722
 • надм. вис.
0 м
Должина937 км
Големина на сливот98.200 км2
Проток 
 • местоКурски Залив, поврзан со Балтичкото Море
Особености на сливот

Ова е најголема река во Литванија и трета по големина во Белорусија. Пловна е во најголемиот дел. Почнува од две изворишта чии водотеци се спојуваат околу 15 км југозападно од гратчето Узда, 55 км југозападно од главниот град Минск. Само свиок од 17 км лежи на белоруско-литванската граница. Понатаму реката има значителни свиоци долж помал тектонски расед.

Сливот на реката е образуван за време на доцниот квартар приближно по работ на последната ледена покривка, што значи некаде 25.000 до 22.000 години п.н.е. Длабочината на реката се движи од 1 м во горното течение до 5 м во долниот слив.

Течение

уреди

Немански свиоци

уреди
 
Неман кај Лишкјава

Поради нивната местоположба, свиоците честопати се опишуваат со литванското име на реката. Во 1992 г. е основан Националниот парк Немански Свиоци. Тој има за цел да ги зачува свиоците (лит. vingis) кои реката ги прави во шумата Пунија. Близу Приенај, Неман прави 17-километарски свиок (во облик на солза), кој е толку искривен што за 1,2 км би направил круг. Реката тече низ двојниот свиок помеѓу Балберишкис и Бирштонас цели 48 км, а потоа зазема северен правец, но само 4,5 км. Свиоците не се обични речни меандри, туку следат тектонски структури под коритото. Од раседите излегуваат минерални извори.[1] Ова подрачје има историско и културно значење. Овдешните замоци биле во првите редови на одбраната од нападите на Тевтонските витези.

Делта

уреди

Во делта се дели на ракавци и канали кои се мешаат во полдерите и моклиштата и претставуваат мошне привлечно одредиште за екотуризам. Четирите главни растоки се Атмата, Пакалне, Скирвите (јужното устие кое ја бележи државната граница) и Гилија. Реката игра суштинска улога во екосистемот на Курскиот Залив. Таа е главниот дотур на вода во заливот, кој впрочем претставува лагуна и ја одржува водата речиси слатка. Ова им овозможува живеалиште на животните што живеат во слатка и соленикава вода. Како што делтата се шири на север, лагуната од спротива се стеснува. Овде е Регионалниот парк Делта на Неман, создаден во 1992 г.

Притоки

уреди

Ова се притоките на Неман (од изворот до устието):

Најголеми населени места

уреди

Броејќи од запад кон исток, најголеми населени места во поречието се Советск/Тилзит, Неман, Каунас, Алитус, Друскининкај, Гродно и Масти.

Културно значење

уреди

Римскиот географ Птоломеј оваа река ја нарекува Хронос (иако постои верување дека мислел на Прегоља).

По реката е наречена праисториската неманска култура од времето на неолитот.[2]

 
Наполеон со неговата војска како го преминува Неман во јуни 1812 г.

Делот од реката што поминува низ историска Прусија на германски се нарекува Мемел барем од 1250 г. кога Тевтонските витези го изградиле замокот Мемелбург и градот Мемел во устието на Курскиот Залив, нарекувајќи го по домородното име на реката — Мемел. Градот Мемел денес е во Литванија и се нарекува Клајпеда (макар што постои и друг Мемел на реката Данге кој денес се нарекува Дане). На германските карти, само 112 км од течението на Неман во Прусија се води како Мемел, а остатокот е запишан како Ниман.

Границата помеѓу Државата на Тевтонскиот ред и Литванија е утврдена во 1422 г. со Мелнскиот договор и останала непроменета со векови. Тилзитскиот мир склучен помеѓу Наполеон и рускиот цар Александар I е потпишан на сплав на реката во 1807 г.[3] Преминувањето на реката од Наполеоновите војски на почетокот на Француската инвазија на Русија во 1812 г. е опишано во романот „Војна и мир“,[4] а воедно се споменува и во книгата „Пан Тадеуш“. Во 1919 г. со Версајскиот договор по Неман е повлечена граница, одвојувајќи ја Мемелската Теирторија од германска Источна Прусија почнувајќи од 1920 г. Тогашната Вајмарска Република ја усвоила Песната на Германците (Deutschlandlied) како државна химна. Во првата строфа, напишана во 1841 г., реката се споменува како источна граница на тогашна (сè уште необединета) Германија:

 
Неман во Друскининкај
Германски Препев
Von der Maas bis an die Memel,
Von der Etsch bis an den Belt
Од Меза до Мемел,
Од Адиџе до Белт

Литванците го нарекуваат Неман „татко на реките“. Безброј претпријатија и организации во земјата го содржат зборот „Немунас“ во нивните имиња, меѓу кои фолклорен ансамбл, неделно списание за уметност и култура, санаториум и бројни пансиони и хотели. Реката често се споменува во литванската и полската книжевност. Една од најпознатите песни на Мајронис вели:

Литвански Препев
Kur bėga Šešupė, kur Nemunas teka Кајшто бега Шешупе, кајшто тече Неман
Tai mūsų tėvynė, graži Lietuva Тоа е нашата татковина, убава Литванија

Речиси секој Литванец ги знае овие зборови напамет.

Во Литванија има помали реки и потоци со имиња кои се морфолошки изведенки или когнати: Немуникштс, Немуњукас, Немунинас, Немунелис и Немунајтис.

Етимологијата е спорна: според едни Немунас е стар збор со значење „влажно место“,[5] а според други означува „нема, бесшумна река“ (од nemti, nėmti „занемување“, како и memelis, mimelis, mėmė „бавен и трапав човек“).[6] Името можеби е дојдено од финскиот збор niemi со значење „плашт“.[7]

Стопанско значење

уреди
 
Карта на Каунаското Езеро и околината

Голем дел од реката се користи за риболов, производство на струја, водоснабдување, индустриски намени, земјоделство, разонода, туризам и воден превоз.

Во Литванија има планови за прокоп на коритото под Каунас за да биде поискористлива во тој дел од течението.[8]

Поголеми градови на реката се Гродно во Белорусија, Алитус и Каунас во Литванија и Советск во Калининградската Област на Русија. Речниот слив има население од 5,4 милиони жители. Во белорускиот дел на сливот застапени се гранки како металопреработувачката, хемиската индустрија, производство на дрвена каша и хартија, производство на градежен материјал како и преработка на храна. Во Литванија, градот Каунас со своите 400.000 жители е главен корисник на реката; тамошните стопански активности што ја засегаат реката се хидроенергетиката, машинството, хемиската, дрвопреработка и хартиената индустрија, изработката на мебел, текстил и прехранбени производи. Во Калининградската Област индустриски центри по поречието се Советск и Неман, кои имаат големи погони за производство на дрвена каша и хартија.

Над Каунас во 1959 г. е изградена брана за потребите на хидроелектрана. Така е направено Каунското Езеро, најголемо вештачко езеро во Литванија. Зафаќа површина од 63,5 км2; долго е 93 км и достигнува длабочина од 22 м. Популарна активност на езерото е едрењето.

Августовскиот Канал, изграден во XIX век, го поврзува Неман со Висла.

Риби

уреди

Во Неман се застапени следниве видови риби: кострешот, штуката, смуѓот, белоперката, лињакот, девериката, писата, лиглето и плашицата.

Неговите притоки носат видови како штипалката, колушката, крапот, речната пастрмка, пешот, кркушката, кленчето и кленот.

Атлантскиот лосос вршел спротиводна преселба по реката за се мрести на есен, но сега е слабо застапен поради изградбат на браната, која нема рибја патека. Во минатото населението ловело риба ноќе со факли и харпуни.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „The Great Nemunas Loops“. Nemunas Loops Regional Park. Архивирано од изворникот на 26 февруари 2008. Посетено на 10 јануари 2009.
  2. Rimantienė, Rimutė (март 1992). „The Neolithic of the eastern Baltic“. Journal of World Prehistory. Springer Netherlands. 6: 97–143. doi:10.1007/BF00997586. S2CID 162896841.
  3. McLynn, Frank (1998). Napoleon: A Biography. Pimlico.
  4. Leo Tolstoy (1915). War and Peace. J.M. Dent. стр. 200. niemen river war and peace.
  5. Aleksandras Vanagas. Lietuvių hidronimų etimologinis žodynas. 227 psl., – Vilnius: Mokslas, 1981.
  6. Petronytė, Jurga (2 август 2016). „Mėmelis ar Klaipėda?“. Vakarų ekspresas. Архивирано од изворникот на 2017-11-25. Посетено на 2022-10-09.
  7. Tadeusz Lehr-Spławiński. O pochodzeniu i praojczyźnie Słowian. – Poznań, 1946.
  8. „Transportation initiatives in the Baltic states“. Архивирано од изворникот на 25 септември 2006. Посетено на 2 декември 2006.

Надворешни врски

уреди