Полдер

вештачки земјиштен облик

Полдер (холандски: polder) — ниско крајбрежно земјиште исцедено од вода и одвоено од неа со затворени насипи. Постојат три вида полдери:

  1. Мелиорирани од водна површина како езеро или морско тло
  2. Плавни земјишта одделени од море или река со насип/брана
  3. Мочуришта одделени од околната ода со насип и потоа исцедени; во германија го носи името „ког“ (koog)
Полдер во исцедување. Несмерзил, Германија, 2012 г.
Нордостполдер во Холандија (595,41 км2)

Тлото на исцедените мочуришта тоне со текот на времето. Сите полдери со време се спуштаат под нивото на околната вода. Таа навлегува во нив по пат на инфилтрација и притисок од подземните води, со врнежи или дотур од реки и канали. Овој вишок вода се испумпува или исцедуца со отворање на засуни при осека. Се внимава внатрешниот водостој да не биде пренизок. Полдерското земјиште сочинето од тресет (поранешно мочуриште) тоне поради разградувањето на тресетот кога е изложен на кислород од воздухот.

Полдерите се под постојан ризик од поплавување, и затоа особено внимание се обраќа на заштитата на насипите. Тие се направени од месно расположливи материјали, и секој материјал има свои опасности: песокот може да се урне ако се презасити со вода; сувиот тресет е полесен од водата и може да не ја задржи ако сезоната е мошне сува. Некои животни копаат тунели во препреката, која потоа пропушта вода; во некои европски земји бизамските стаорци се ловат поради ова поведение. Полдерите обично се среќаваат во речни делти, поранешни слатини и крабрежни подрачја.

Во минатото поплавувањето на полдерите било воена тактика. Таков пример е поплавувањето на полдерите крај реката Изер за време на Првата светска војна. Силите на Антантата да ја запрат германската армија отворајќи ги засуните на плима и затворајќи ги на осека, со тоа претворајќи ги полдерите во непристапни мочуришта.

Холандија има големи полдерски површини: дури 20 % од територијата е преземена од морето, што придонело кој развојот на земјата. Најпознат полдерски проект во Холандија е Ајселското Езеро. Други земји со поголеми полдери се Бангладеш, Белгија, Канада и Кина. Помали полдери има во разни други земји. Позначајни полдери во Холандија се Бемстер, Схермер, Флевополдер и Нордостполдер.

Холандија

уреди
 
Пумпна станица во Зутермер, Холандија: Полдерот е пониско од околната вода од другата страна на насипот. Се забележуваат Архимедовите навои.

Холандија е позната по нејзините полдери, чии инженери се прославиле осмислувајќи начини на исцедување на моклишта и нивно оспособување за земјоделство и други потреби. За ова сведочи поговорката „Бог го создал светот, ама Холанѓаните ја создале Холандија“.[1]

Холанѓаните имаат долга историја на мелиорирање на мочуришта и слатини, и со време создале 3.000 полдери[2]. Во 1961 г. половината од територијата на Холандија (18.000 км2) била исцедено земјиште од морето.[3] Околу половина од вкупната површина на полдерите во северозападна Европа се наоѓа во Холандија. Првите брани во Европа се изградени во римско време, а првите полдери се појавиле во XI век. Најстариот постоечки полдер е Ахтермер, изграден во 1533 г.

Како последица од катастрофалните поплави во земјата се воведени водни управи (waterschap ако се внатрешни или hoogheemraadschap ако се крај морето, претежно во областа Холандија)[4][5] чија задача е да ја одржуваат целовитоста на одбраните околу полдерите, да ги одржуваат каналите и реките во нив и да го контролираат водостојот во и вон полдерите. Овие управи распишуваат свои избори, наплаќаат даноци и работат независно од другите владини органи. Нивната функција е непроменета дури и денес. Како такви, тие се најстарите демократски установи во земјата, кои се појавиле поради неопходноста за соработка помеѓу сите општествени слоеви.

Катастрофалната поплава од 1953 г. поттикнала нов приод кон осмислувањето на насипи, брани и други водозадржни градби, заснован на веројатноста на прелевање. Ризикот се определува како производ од веројатноста и последиците. Потенцијалната штета во човеки животи, имот и трошоци за обнова се споредува со потенцијалните трошоци за водоодбрана. Од овие пресметки изведен е прифатлив ризик од морска поплава еднаш на секои 4.000–10.000 години, како и еднаш на 100–2.500 години за прелевање на реките. Ова е водечко начело во државната одбрана од поплави по кое се водат одлуките на холандската влада.

Најголемите холандски полдери со годините на нивото исцедување се следниве: Бемстер (1609–1612), Схермер (1633–1635), и Харлеммермерполдер (1852). Оние создадени со големиот проект Заудерзе се Вирингермерполдер (1930), Нордостполдер (1942) и Флевополдер (1956–1968).

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Cf. Forrest Clingerman, Brian Treanor, Martin Drenthen, David Utsler, Interpreting Nature: The Emerging Field of Environmental Hermeneutics, Fordham University Press, 1 sep. 2013. The sentence stems from a poem by Archibald Pitcairn (1652–1713): Tellurem fecere dei, sua littora Belgae. C.D. van Strien, British Travellers in Holland During the Stuart Period: Edward Browne and John Locke as Tourists in the United Provinces, Leiden 1993, 164.
  2. Kijk naar de geschiedenis. Rijkswaterstaat. Посетено на 21 јануари 2008.[мртва врска]
  3. Ley, Willy (октомври 1961). „The Home-Made Land“. For Your Information. Galaxy Science Fiction. стр. 92–106.
  4. „waterschap“. Архивирано од изворникот на 2 октомври 2012.
  5. Reh, W., Steenbergen, C., Aten, D. 2007. Sea of Land, The polder as an experimental atlas of Dutch landscape architecture. 344 pp, Uitgeverij Architectura & Natura. ISBN 9789071123962

Надворешни врски

уреди