Битлси

(Пренасочено од Beatles)

Битлсите (англиски: The Beatles) — поп и рок-група од Ливерпул, Англија, формирани во 1960. година. Примарно составени во текот на нивната кариера од Џон Ленон (ритам гитара, вокали), Пол Мекартни (бас гитара, вокали), Џорџ Харисон (водечка гитара, вокали) и Ринго Стар (тапани, вокали), Битлсите се познати за водењето на музичката „британска инвазија“ во Соединетите Држави во средината на 60-те години од XX век. Иако нивниот музички стил зема корени од рокенролот на 50-те години, групата истражува голем број на жанрови, од тин пен ели до психоделичен рок. Нивната облека, стиловите и ставовите ги направија тренд-сетери, додека нивнита социјална свесност влијаеше врз социјалните и културните револуции во 60-те. Откако бендот се распадна во 1970., сите четири члена продолжија со соло кариери.

Животописни податоци
ПотеклоАнглија Ливерпул, Англија
ЖанровиПоп, рок и мн. други[1]
Период на активност1960–1970, 1994–1995
ИздавачиParlophone Records, Capitol Records, Odeon Records, Apple Records, Vee-Jay Records, Polydor Records, Swan Records, Tollie Records, United Artists Records
СоработнициThe Quarrymen, Plastic Ono Band, The Dirty Mac, Wings, Traveling Wilburys, Rory Storm and the Hurricanes, Ringo Starr All-Starr Band
Мреж. местоwww.beatles.com
Членови
Џон Ленон
Пол Мекартни
Џорџ Харисон
Ринго Стар
Поранешни членови
Стјуарт Сатклиф
Пит Бест

Битлсите се комерцијално најуспешните и критички најпризнатите бендови во историјата на популарната музика, продавајќи над билион албуми интернационално.[2] Во Обединетото Кралство, Битлсите продале повеќе од 40 различни синглови и албуми кои стигнале до број еден на британската топ листа; единствени во историјата на листата со 15 различни број еден албуми. Нивниот комерцијален успех е повторен во многу други држави; нивната продуцентска куќа, EMI, проценила дека до 1985 продала над една милијарда снимки низ целиот свет.[3] Во САД, Битлсите продале повеќе албуми од било кој друг бенд.[4] Во 2004, Rolling Stone магазинот ги рангирал Битлсите како број еден на својата список на 100. најголеми изведувачи на сите времињаАрхивирано на 10 август 2007 г..[5] Според истиот магазин, иновативната музика и културното влијание на Битлсите помогнало да се дефинираат 1960-те, а нивното влијание на поп културата е видно и до денес. Во 2008, Billboard магазинот за својот педесетти јубилеј издал список на најпродавани уметници; Битлсите повторно стигнале до број 1.[6] Во 1969 година, членовите на групата го добиле Орденот на Британската Империја, но четири години подоцна, Ленон го вратил орденот, наведувајќи неколку причини: вмешаноста на Британија во војната во Нигерија, поддршката што Британија ѝ ја давла на САД во војната во Виетнам и лошиот комерцијален успех на неговата песна „Студена мисирка“ (Cold Turkey).[7]

Создавање на групата

уреди

На конечното формирање на групата му претходат неколку фази низ кои минуваат членовите на „Битлс“, почнувајќи од Леноновата аматерска група „Кверимен“ (The Quarrymen), од 1957 година. Членот на „Кверимен“, Иван Вон, го запознава фронтменот на својата група, Џон Ленон, со Пол Мекартни, кому навистина му се допаѓал стилот на оваа група (особено нескриениот афинитет спрема стилот на Елвис Присли); тогаш Мекартни се обидува да добие место како гитарист во „Кверимен“, за себе и за својот гимназиски другар - Џорџ Харисон, исто така гитарист. Неколку месеци подоцна, разочаран од неуспешните настапи на својата група, Ленон ги расформира „Кверимен“ и ја продолжува соработката само со Мекартни.

Наскоро, повторно им се приклучува Харисон, како и двајца нови членови - тапанарот Пит Бест и басистот Стјуарт Сатклиф. И покрај неискуството, „Битлси“ во 1961 година минуваат неколку месеци во Хамбург, Западна Германија, каде брзо напредуваат и каде низот на успешни настани во еден локал на Улицата на црвените фенери е прекинат по апсењето на Харисон поради недозволен престој надвор од Англија (во тоа време Џорџ е малолетен) како и поради тоа што и Мекартни и Бест ја доживуваат сличната судбина како и Харисон - уапсени се заради тоа што предизвикуваат мал пожар во станот во кој живеат додека се обидуваат да најдат полуксузно место за живеење.

Групата набрзо продолжува со своите настапи во „Кафе Каверн Клуб“, но без Сатклиф, кој на местото бастист е заменет од страна на Мекартни. Сатклиф умира следната године, од излив на крв во мозокот, предизвикан од сѐ уште сосема неразјаснети причини. Сопственикот на една продавница за плочи, Брајан Епстајн, станува менаџер на Битлс и ги испраќа нивните снимки во „Декa Рекордс“. Тука е одбиен, со објаснување дека групите кои свират на гитара излегуваат од мода. Овој настан е обележан како еден од најголемите бизнис-промашувања во музичката индустрија. Продуцентот на „Еми-Парлофон“, Џорџ Мартин се согласува да го издаде првиот сингл на групата - Love Me Do, кој се појавува во продавниците на 5 октомври 1962 година. Во почетокот на следната година, „Битлси“ го договараат снимањето на својот прв ЛП-албум - Please Please Me. Еден ден пред почетокот на снимањето, Бест е заменет од Ринго Стар, зашто остатокот од групата смета дека ѝ е потребен друг тапанарски стил. Албумот е издаден на 22 ноември истата година со што и официјално започнува една од најголемите приказни во музичката индустрија...

Битлманија

уреди

„Битлси“ стануваат вистинска сензација во Велика Британија кон крајот на 1963 година, феномен кој британските весници ќе го именуваат како Битлманија. Оваа појава е окарактеризирана со толпи жени кои врискале и паѓале во несвест секој пат кога се појавувала групата, на сцена или во јавност. Битлманијата се проширува и на северноамериканско тло во почетокот на 1964 година, по што популарноста на групата се проширува во најголем дел од светот. Во текот на следните пет години, нивната музика напредува од очигледната едноставност на првите синглови (како She Loves You и I Want То Hold Your Hand) до уметнички амбициозните (како што се целокупните концепт-албуми Revolver, Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band и Abbey Road). Пишувајќи ги своите оригинални песни, истражувајќи ги можностите на студијата и тежнеејќи по невиден квалитет во секоја издадена снимка, „Битлси“ имаат оставено далекусежна трага на популарната музика. Групата исто така прави и долгометражни филмови изложени на внимание без преседан, како и серија акти преку кои станува симболичен водач на меѓународната млада против-култура на 1960-те години (меѓу другото, јавно истражување на источниот мистицизам, психоделични дроги и револуционерна политика).

Неибните албуми од периодот меѓу 1963 и 1966 година, без разлика на големиот успех, не се специфични како оние од подоцнежниот дел на нивната кариера. Вториот британски албум - With The Beatles, претставува природен продолжеток на првиот. Првите албуми наменети за американскиот пазар се состојат од песни од британските албуми, само со други наслови и други опаковки, од причина што „Капитол“, американскиот партнер на „Еми-Парлофон“, сметал дека Битлсите нема да успеат во САД. И нормално, токму поради овие причини, првите албуми на „Битлси“ во САД се здобиваат само со просечен успех. Но по турнејата низ Европа, „Битлси“ се упатуваат и на една американска турнеја, која конечно им носи светска слава и на американска почва. Конечното запечатување на вечниот примат крај нивното име - најдобри - „Битлс“, во САД го достигнуваат со незаборавното гостување во „Шоуто на Ед Саливен“ - една од најгледаните емисии во историјата на САД.

Следи албумот A Hard Day's Night, снимен за потребите на истоимениот црно-бел филм, со членовите на „Битлс“ во главните улоги. Филмот кој раскажува еден ден во животот на славната рок-група станува навистина популарен, а истовремено на прво место на светските топ списоци се пробива песната Can`t Buy Me Love. Потоа следат неколку класични производи од нивниот репертоар: албумот Beatles For Sale, филмот Help! (во кој групата ја прогонува индиска секта), како и истоимениот албум, чиј плод се два незаборавни евергрина - Ticket to Ride и секако, можеби најпозната песна во музичката индустрија - Yesterday.

Со албумот Help! за многумина завршува еден период од кариерата на „Битлс“. Зашто по Help!, „Битлс“ ги раскинуваат нишките со комерцијалната поп-култура и потполно се ориентираат кон откривање на нови жанрови во музиката. Ова се годините кога следат трите познати албуми - Rubber Soul, Revolver и Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band објавени на 30 декември 1965, 5 август 1966, односно на 1 јуни 1967 година и поставени на петтото, третото и првото место на листата 500 најдобри албуми на сите времиња соодветно.[8]

Предводници на новата музичка генерација

уреди

„Битлси“ секако дека ќе останат запаметени и како предводници на новата психоделична генерација. На оваа нова титула ќе ѝ претходи одлуката на групата да ги напушти турнеите и по издавањето на албумот Revolver да се посвети исклучиво на студиска работа. Секој од членовите во тој момент има повеќе време за себе и своето семејство. Смртта на нивниот менаџер Брајан Епстајн, поради предозирање со дрога, ќе ги услови „Битлси“ да ја основаат команијата „Епл“ со цел истата да се занимава со неколку активности во рамките на психоделичното друштво, меѓу кои како најважна се истакнува издавањето на нивните нови албуми. Во меѓувреме, користењето на дрога, пред сѐ ЛСД како и слушањето на индиска музика (под влијание на Џорџ Харисон), ќе има најголем удел во создавањето на веќе споменатиот антологиски албум Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band, како и на следниот - Magical Mystery Tour. Воедно, тоа се првите два албуми на Битлси, истовремено објавени во Велика Британија и САД.

Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band се смета за magnum opus на Битлси и самиот албум до денес нема изгубено од својата актуелност. Неговата незаборавна опаковка го прикажува Битлсовиот Пантеон и е избрана за најдобра во историјата. Некои од песните на овој албум исто така доживуваат незаборавен успех, а некои контроверзна судбина (како Lucy in the Sky with Diamonds, која, и покрај тврдењето на членовите на групата дека е инспирирана од истоимената слика на Леноновиот син - Џулијан, е дел од една урбана легенда која вели дека првите букви од зборовите сугерираат користење наркотични средства - ЛСД, под чие влијание бил напишан надреалистичниот текст на песната).

Magical Mystery Tour пак, пропратен со истоимениот филм претставува врв на психоделичниот период во кариерата на „Битлс“. Ниту албумот, ниту филмот не поминуваат добро кај публиката (особено кај англиската, каде албумот е издаден во форма на двојна плоча), а критиката го велича само албумот. Филмот пропаѓа поради неинтересното сценарио (магичните авантури на „Битлсите“ во автобус), премиерата во црно-бела техника на Би-Би-Си, како и поради отсуството на сега-легендарната песна I Am the Walrus. Сепак, денес и филмот и албумот имаат култен статус. Првиот светски сателитски ТВ пренос - Мондовизија, планирал учество на музичари од целиот свет. Велика Британија ја претставуваат „Битлси“ кои, заено со уште неколку познати музичари (Мик Џегер, Кит Ричардс - од Ролинг Стоунс, Ерик Клептон, Кит Мун од The Who и многу други) ја изведуваат песната што Ленон и Мекартни ја пишуваат специјално за оваа намена - All You Need Is Love.

Во почетокот на 1968 година, после снимањето на матрицата за албумот/цртаниот филм Yellow Submarine, сите членови на „Битлсите“, заедно со своите поубави половини, заминуваат во индискиот камп „Ришикеш“, каде учат трансцендентална медитација. Прво Ринго Стар и Мекартни, а потоа и останатите членови на групата го напуштаат кампот, отфрлајќи го учењето. Со триесетина нови песни, „Битлси“ влегуваат во студио. Работата оди бавно, а резултатите се страшни - најдобрите песни се исфрлуваат и се објавуваат како синглови. Како целина, албум одвај и да постои. Ленон и Мекартни работат истовремено во две различни студија, притоа речиси и да не соработуваат - Ленон се поексплицитно повикува на користење на наркотиви, а Мекартни ја отфрла психоделијата. Песните на Харисон безмалку и да се игнорираат, иако се најмузикални. Стар дури и ја напушта групата во период од две недели (кога Мекартни одвоено ги свири тапаните), и во еден момент се чини дека „Битлс“ се наоѓаат на работ на амбисот.

Но, на 22 ноември 1968, на две ЛП-а, „Битлси“ го објавуваат албумот The Beatles, многу попознат како Белиот албум поради својата авангардна опаковка на која освен името на албумот нема ништо друго. Белиот албум содржи 28 песни и денес се смета за едно од врвните достигнувања во музиката. Прогласен е за единаесетти најдобар албум на сите времиња. Наскоро, објавен е и албумот Yellow Submarine, кој пак останува забележан како едно од послабите остварувања на „Битлси“.

Распад

уреди

Катастрофата се најавува со Мекартниевиот проект „враќање кон корените“ Get Back, објавен како последен албум на групата Let It Be, на 8 мај 1970 година. Идејата била групата да снима во студио како да настапува во живо, а притоа филмските камери би го снимале процесот во вид на документарна емисија.

Но она што ќе биде забележано на камера ќе биде една група во распад. Тензииите биле големи, особено оние меѓу Мекартни и Харисон. Во снимањето на албумот учествува и клавијатуристот Били Престон, но тоа не помага многу. Наместо планираниот голем промотивен концерт, „Битлси“ свират на кровот на својата корпорација, но и тој настап, предвиден за случајните минувачи, е прекинат од страна на полицијата.

За последен пат, групата заедно работи на снимањето на албумот Abbey Road објавен на 26 септември 1969 година. Расцепот во групата тогаш е веќе забележлив, и чувствувајќи го доаѓањето на крајот, Мекартни го замислува албумот како последен. Сепак, Let It Be, иако е работен пред Abbey Road ќе биде издаден како последен Битлсов албум. Денес се верува дека „Битлси“ планирале барем уште еден албум - The End of School Days - и тоа составен од песните кои членовите на групата подоцна ќе ги објават како солисти. Групата се распаѓа во 1970 година. Причините се многубројни - пропаста на компанијата „Епл“, основана од групата со цел да го надохнадат недостатокот од менаџер, недоразбирањата околу начинот на кој треба да се пишуваат песните, политичката идеологија на Ленон, која не му се допаѓала на Мекартни...

На 9 април 1970 година, Мекартни објавува дека ги напушта „Битлси“. И покрај првобитните деманти на Ленон (кој тврди дека „Битлси“ можат да функционираат и како трио), по објавувањето на албумот со трогателен наслов - Let It Be, и официјално се растура најголемата и критички најдобро прифатената рок-сензација во историјата на музиката.

Влијание и наследство

уреди

Во 2016 година бил снимен документарниот филмБитлси: Осум дена во неделата“ (The Beatles: Eight Days a Week – The Touring Years), во режија на Рон Хауард, а според сценариото на Марк Монро и П. Г. Морган. Во филмот се прикажуваат деновите од создавањето на групата, со нагласок на годините 1963-1966, кога групата доживеала незапаметена светска слава. Во филмот, членовите на групата и бројни други музичари, новинари и глумци зборуваат за големата еуфорија поврзана со нивните плочи и концерти, за притисокот на славата, за повремените кризни настани итн.[9]

Еден кус расказ на македонскиот писател Ѓоко Здравески од 2019 година носи наслов „Еленор Ригби“ според познатата песна на Битлси.[10]

Дискографија

уреди
Година Име
1963. Please Please Me
1963. With the Beatles
1964. A Hard Day's Night
1964. Beatles for Sale
1965. Help!
1965. Rubber Soul
1966. Revolver
1967. Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band
1967. Magical Mystery Tour
1968. The Beatles
1969. Yellow Submarine
1969. Abbey Road
1970. Let It Be

Белешки

уреди
  1. Битлсите основаат и популаризираат многу поджанрови на рок и поп-музиката. Премногу се за да се напишат тука.
  2. „Во овој месец: јуни“. uktv. Посетено на 2008-08-15.
  3. „1960-1969“. EMI Group Ltd. Посетено на 2008-05-31.
  4. „Американската индустрија за снимање ги објавува своите уметници на векот. (The American Recording Industry Announces its Artists of the Century)“. Recording Industry Association of America (RIAA). 10 ноември 1999. Посетено на 2007-06-26. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  5. „Бесмрттните: Првите педесет (The Immortals: The First Fifty)“. Rolling Stone издание бр. 946. Rolling Stone. Архивирано од изворникот на 2010-04-11. Посетено на 2008-07-08.
  6. „The Billboard Hot 100 All-Time Top Artists (20-01)“. 11 септември 2008. Посетено на 2008-09-13. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  7. „Боуви одби да стане витез, Брандо ги бојкотира Оскарите“, Дневник, година XX, број 6224, петок, 25 ноември 2016, стр. 22.
  8. 500 најдобри албуми на сите времиња Архивирано на 2 март 2008 г. според списанието Rolling Stone
  9. Кинотека на Македонија, Програма - февруари 2017.
  10. Ѓоко Здравески, Отсечки стварност. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 26.

Надворешни врски

уреди