Џиновска панда

(Пренасочено од Ailuropoda melanoleuca)
Џиновска Панда
Џиновска панда во зоолошката градина во Вашингтон
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Ѕверови
Семејство: Мечки
Род: Ailuropoda
Научен назив
Ailuropoda melanoleuca
Распространетост на џиновската панда

Џиновската панда (Ailuropoda melanoleuca) е член на семејството на мечките (Ursidae), со природно живеалиште во централно-западна и југозападна Кина [1]. Првично се мислело дека ова животно припаѓа во семејството Procyonidae во која спаѓаат ракуните[2].

Ова животно е лесно препознатливо поради впечатливите црни дамки околу очите, на ушите и околу неговото тркалезно тело. Иако спаѓа во редот на месојадци, 99% од храната што ја внесува пандата е бамбусот. Освен бамбус јадат и мед, јајца, риба, портокали, банани и листови од некои грмушки.

Џиновската панда живее на неколку планини во централна Кина, во покраините Сечуан, Шанси и Гансу, и е на списокот на загрозени животни. Според последните информации[3], Кина има 239 панди кои живеат во заробеништво и уште 27 кои живеат надвор од земјата. Во дивината се проценува дека има 1590 панди[3]. Според ДНК истражување во 2006 година, се мисли дека можно е да има 2000 до 3000 панди во дивината[4]. Иако сите истражувања покажуваат дека бројот на пандите се зголемува[5][6], сепак Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN - International Union for the Conservation of Nature and Natural Resources) смета дека сѐ уште е рано да се симне пандата од списокот на загрозени животни[7].

Според истражувањето на Државната администрација за шумарство, на крајот на 2013 година, во Кина имало 1.864 џиновски панди во дивината, т.е. популацијата се зголемила за 17% за една деценија, како последица на мерките за заштита. Истоврмено, во резерватите живееле 375 џиновски панди, и тоа: 166 машки и 209 женски. Во јуни 2014 година, надвор од Кина се наоѓале 42 панди во 12 земји во светот.[8]

Особености

уреди

Возрасните единки се со должина од 1,5 метри. Мажјаците тежат до 115 кг и се генерално за 10 до 20% поголеми од женките кои тежат до 100 кг[9].

Џиновската панда има тело типично за семејството на мечките. Поседува црно крзно околу очите, на ушите, муцката, нозете и на рамениците. Остатокот од телото е со бело крзно. Иако научниците не се сигурни зошто овие мечки имаат толку чудно крзно, сепак се претпоставува дека претставува камуфлажа во околината составена од снег и карпи. Крзното е густо и ги штити од студеното време. Пандите имаат широки катници и силни мускули на вилицата за кршење на цврстиот бамбус.

Џиновската панда има шепа која се состои од „лажен палец“ и 5 прсти. Таканаречениот „палец“ е всушност изменета коска, со чија помош пандата може да го држи бамбусот додека јаде. Стефан Џеј Гулд (Stephen Jay Gould) го употребува овој пример во неговата книга за еволуцијата и биологијата „Палецот на пандата“ (The Panda's Thumb).

Во заробеништво, џиновската панда живее 25 до 30 години.

Однесување

уреди

Во дивината, џиновската панда го поминува животот скитајќи и јадејќи бамбус [10]. Ова животно е територијално, што значи дека си ја брани својата територија. Секоја возрасна единки има точно дефинирана територија и обично женките се прилично нетолерантни доколку некоја друга женка навлезе во нивната територија. Пандите комуницираат со гласови но и со маркирање, како што е гребење на дрвјата и обележување со урина [10]. Способни се да се качуваат на дрвја или на карпи, но не поседуваат постојано скривалиште. Како и останатите суптропски животни, тие не хибернираат туку се преместуваат во делови со потопла клима [11].

Средби помеѓу пандите има само за време на кратката сезона на парење[12]. После парењето мажјакот ја напушта женката и таа сама се грижи за младенчињата.

Исхрана

уреди
 
„Тајшан“ во зоолошката градина во Вашингтон

И покрај нивната класификација како месојадци, режимот на исхрана е претежно вегетаријански (околу 95%), кој се содржи речиси ексклузивно од бамбус. Останатите 5% отпаѓаат на исхрана со јајца и инсекти. Сепак бидејќи поседува систем за варење како и останатите месојадци, пандата нема голема способност за варење на целулозата од бамбусот (се обработува само околу 17% од целулозата), на што се должи малку добиена енергија и многу малку белковини. Во просек овие животни јадат од 9 до 14 кг бамбус дневно. Бидејќи со ваквата исхрана пандата добива многу малку енергија, тоа се одразува на нејзиното однесување, ги ограничува социјалните контакти и избегнува стрмни предели[13].

Во дивината пандата се храни со 25 различни видови на бамбус, меѓу кои и Fargesia dracocephala и Fargesia rufa. Во нивните денешни живеалишта, на повисоките надморски висини на планините, постојат само неколку видови. Листовите на бамбусот содржат поголема концентрација на белковини од стеблото. Поради синхронизираното цветање и регенерација помеѓу различните видови на бамбусот, пандата постојано има најмалку два различни вида со кои може да се храни. Во зоолошките градини, најчесто се придржуваат кон исхраната со бамбус, но сепак некои ги снабдуваат и со специјални бисквити или некои други додатоци во исхраната.

Одлика на пандите се и 6 прсти на шепата. Всушност еден од нив е таканаречен „лажен палец“ које поставен спротивно на останатите 5 прсти. Ова всушност е изменета коска од рачниот зглоб со кој пандите си помагаат при држењето на бамбусот.

Размножување

уреди
 
Бебе панда во инкубатор. При раѓање пандите тежат околу 150 грама.

Пандите достигнуваат полова зрелост на возраст помеѓу 4 и 8 години, и се репродуктивни до 20 години. Сезоната за парење е помеѓу март и мај, кога женките влегуваат во еструс (период од 2-3 дена кога женката е спремна за оплодување) што се случува еднаш годишно. За ова време, 2 до 5 мажјаци се натпреваруваат за една женка. Бременоста трае од 95 до 160 дена. Малите панди по раѓањето тежат само 90 до 130 грама што претставува 1/900 од тежината на мајката. Најчесто пандите раѓаат едно до две малечки. Бидејќи е потребна огромна грижа и внимание кон малите и безпомошни панди, мајката најчесто одбира само едно малечко и го напушта второто кое умира набрзо по раѓањето. До денес сѐ уште не се знае како пандата одбира за кое младенче ќе се грижи, и научниците се трудат да го најдат одговорот. Мажјакот нема никаква улога во одгледувањето на малечките.

Кога се раѓаат малите панди имаат кожа со розова боја, немаат крзно и се слепи. Се хранат со мајчино млеко 6 до 14 пати дневно по 30тина минути. Мајката го напушта дувлото на неколку часа за да се прехрани. После една до две недели, кожата станува сива на местата каде што во иднина ќе има црно крзно. Еден месец по раѓањето крзното на малечкото е целосно. Младенчето почнува да лази на возраст од 75 до 90 дена, и почнува да си игра со мајката.Тие почнуваат да јадат мали количини на бамбус веќе на 6 месечна возраст, но сепак мајчиното млеко претставува главна храна во првата година. На една година, младите тежат 45 кг и продолжуваат да живеат со мајката до сè до возрасто од година и пол –две години. Временскиот интервал помеѓу раѓање во дивината е најчесто две години.

Џиновските панди во заробеништво губат интерес за парење. Во центарот за истражување на репродукцијата на пандите во Ченгду (Кина), само 10% се парат, а само 30% од женките потоа се грижат за малечките панди. Ова резултираше со употреба на дури екстремни методи како што е покажување на видеа од панди што се парат[14] и давање Вијагра на мажјаците[15], сè со цел да се зголеми интересот за парење. За да го спасат видот, научниците употребуваат вештачко оплодување [16]. Првите успеси со оваа техника се во зоолошката градина во Пекинг во 1978 година. Денес стапката на репродукција е едно младенче на две години[6][10].

Класификација

уреди

Многу децении е водена дебатата за класификацијата на Џиновската панда и на Црвената панда кои имаат слични одлики и со мечките и со ракуните. Сепак, Со молекуларните истражувања е потврдено дека пандата спаѓа во семејството на мечките[17][18]. Најблизок роднина на пандата е Очилната мечка од Јужна Америка.

Сè уште постојат несогласувања околу класификацијата на Црвената панда, дали спаѓа во семејството Ursidae (мечки), Procyonidae (ракуни) или во посебна третото семејство Ailuridae. Иако црвената и џиновската панда комплетно се разликуваат во изгледот, сепак имаат многу сличности. Живеат во слични предели, имаат слична исхрана на основа на бамбус и и двата вида поседуваат „лажен палец“.

Под-видови

уреди
 
7-месечна панда во резерват во Сечуан, Кина

Постојат два под-вида на Џиновската панда:

  • Ailuropoda melanoleuca melanoleuca е најголемата популација. Овие животни ги среќаваме во покраината Сечуан и крзното им е со карактеристичната црно-бела боја.
  • Ailuropoda melanoleuca qinlingensis е популација која ја среќаваме само на 1300-3000 метри надморска височина на планините Кинлинг во Шанси. Наместо црните шари, овие животни имаат темнокафени шари на светлокафеаво крзно. Черепот им е помал од црно-белите панди и имаат поголеми катници.

Џиновските панди и луѓето

уреди

Историја

уреди

За разлика од останатите животни во стара Кина, пандите не биле употребувани за лековити цели. Во минатото, пандите биле сметани за ретки и благородни суштества. Мајката на кинескиот цар Хан Вен била закопана со череп од панда, а царот Танг Тајцунг ѝ подарил на Јапонија две панди и една кожа од панда како знак на добра волја.

Џиновската панда првпат била презентирана на западот во 1869 кога францускиот мисионер Арман Давид добил крзно од панда од ловец. Првиот човек од западот кој видел жива панда е германскиот зоолог Хуго Вајголд во 1916. Кермит и Теодор Рузвелт Џуниор се првите странци кои застрелале панда во 1920-тите. Во 1936 Рут Харкнес донесе жива џиновска панда (младенче со име Су-Лин[19]) во зоолошката во Брукфилд во Чикаго.

Донирање џиновски панди на зоолошките градини во Америка и Јапонија претставува значаен дел од дипломатијата на Кина во 1970-тите. Сепак, во 1984 Кина почнува да дава панди на заем на 10 години. Заемот вклучува исплата од еден милион американски долари годишно и договор дека секое младенче родено во периодот на заем е сопственост на Народна република Кина. Од 1998 благодарение на WWF законот дозволува американска зоолошка да увезе панда само доколку може да се гарантира дека повеќе од половина од исплатата за Кина е наменета на заштита на џиновската панда и нивното живеалиште.

 
„Хуа Меј“, панда родена во зоолошката градина во Сан Диего во 1999 година

Заштита

уреди

Џиновската панда е заштитен вид, кој е загрозен поради губењето на природното живелиште и многу слабата стапка на размножување и во дивината и во заробеништво.

Еден од многу проекти за заштите е и создавањето на 40 (до 2006 година) резервати во покраините Сечуан, Гансу и Шанси во Кина, споредено со 13те резервати кои постоеле 2 децении пред тоа[4]. Во овие програми спаѓа и формирањето на специјална гарда за борба против ловокрадството.

Во 2006 научниците објавуваат дека бројот на панди во дивината е потценет за околу 1000 единки. По извршеното истражување со помош на нови методи, како ДНК анализи на измет од џиновски панди, научниците веруваат дека популацијата е околу 3000. Иако овој вид е сѐ уште загрозен, се смета дека сите напори кои се влеваат во заштита на овие животни се исплатат.

Живеалиштата на џиновската панда во југозападниот дел на покраината Сечуан кои покриваат 7 природни резервати се дел од светското наследство УНЕСКО од 2006 година[20][21].

Занимливости

уреди
  • Иако змејот низ историјата е сметан за национален симбол на Кина, во последните децении Џиновската панда исто така се користи како симбол на земјата. Сликата се појавува на голем број сребрени, златни и платински монети.
  • Пандата е одбрана за лого на асоцијацијата WWF која се грижи за заштита на природата.
  • Главниот лик во цртаниот филм од Дизни – „Кунг Фу Панда“ е џиновска панда
  • Популарноста на ова животно е огромна поради тоа што е милолико, неагресивно и ранливо.

Легенди

уреди

Постојат неколку легенди за црните дамки на пандата.

  • Една кинеска легенда раскачува дека пандите порано биле комплетно бели. Еден ден тие отишле на погребот на некое мало девојче со раце полни пепел во знак на жалост. Додека плачеле тие си ги триеле очите за да ги избришат солзите, се тешеле прегрнувајќи се и си ги затнувале ушите за да не го слушаат плачот. Легендата кажува дека овие дамки од пепел останале вечно на нивното крзно.
  • Друга слична легенда, која доаѓа од Тибет, раскажува дека постоел некој овчар кој спасил мајка панда со нејзиното малечко од нападот од леопард. Овчарот загинал заштитувајќи ги пандите, и сите панди, трогнати од неговата храброст го оплакувале со пепел во рацете како што налагале обичаите во тие предели.

Наводи

уреди
  1. „Global Species Programme – Giant panda“. World Wildlife Fund. 2007-11-14. Посетено на 2008-07-22.
  2. Bram, Leon (1986). Funk & Wagnalls New Encyclopedia Vol 20 (Hardcover. изд.). Funk & Wagnalls Inc. стр. 119. ISBN 0-8343-0072-9.
  3. 3,0 3,1 „Number of pandas successfully bred in China down from last year“. Xinhua. 2007-11-08. Посетено на 2008-07-22.
  4. 4,0 4,1 „Hope for future of giant panda“. BBC News. 2006-06-20. Посетено на 2007-02-14.
  5. „Giant panda gives birth to giant cub“. Архивирано од изворникот на 2007-09-22. Посетено на 2008-11-15.
  6. 6,0 6,1 Warren, Lynne (20 јули 2006). „Pandas, Inc“. National Geographic Magazine. Посетено на 2008-04-10.
  7. „Concern grows for smallest bear“. BBC News. 2007-11-12. Посетено на 2008-07-22.
  8. „Бројот на џиновски панди се зголемил за 17 отсто“, Утрински весник, година XVI, број 4724, вторник, 3 март 2015, стр. 13.
  9. Brown, Gary (1996). Great Bear Almanac. стр. 340. ISBN 1-55821-474-7.
  10. 10,0 10,1 10,2 „Panda behavior & habitat“. World Wildlife Federation China. Посетено на 2008-06-16.
  11. Paul Massicot (13 February 2007). „Animal Info - Giant Panda“. Animal Info. Посетено на 2008-06-17.
  12. „Giant Panda“. Smithsonian National Zoo. Посетено на 2008-07-17.
  13. Ciochon, Russell L.; Eaves-Johnson, K. Lindsay, „Bamboozled! The Curious Natural History of the Giant Panda Family“, Scitizen, Архивирано од изворникот на 2007-07-21, Посетено на 2008-07-22
  14. Prapanya, Narunart (2006-01-25). 'Panda porn' to encourage mating“. CNN. Time Warner. Архивирано од изворникот на 2008-04-05. Посетено на 2008-04-13.
  15. „Pandas unexcited by Viagra“. BBC News. BBC. 2002-09-09. Посетено на 2008-04-13.
  16. „National Zoo's Giant Panda Undergoes Artificial Insemination“. NBC‏‎. Associated Press. 2008-03-19. Посетено на 2008-04-13.[мртва врска]
  17. O'Brien, Nash, Wildt, Bush & Benveniste, A molecular solution to the riddle of the giant panda's phylogeny, Nature 317, 140 - 144 (12 септември 1985)
  18. Lindburg, Donald G.; Baragona, Karen (2004). Giant Pandas: Biology and Conservation. University of California Press. ISBN 0520238672.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  19. Watson, DA. „The Panda Lady: Ruth Harkness (Part 1)“. Female explorers. Посетено на 2007-02-01.
  20. Pandas gain world heritage status BBC News
  21. Panda sanctuaries now World Heritage sites United Press International

Надворешни врски

уреди