Тркање (село)
Тркање — село во Општина Кочани, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.
Тркање | |
Воздушен поглед на Тркање | |
Координати 41°54′23″N 22°21′44″E / 41.90639° СГШ; 22.36222° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Кочани |
Област | Кочанско Поле |
Население | 1.001 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2301 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13041 |
Надм. вис. | 348 м |
Слава | Духовден |
Тркање на општинската карта Атарот на Тркање во рамките на општината | |
Тркање на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото првпат е забележано како Тракање во XVI век (1570 г.) во турски документи. За името има најразлични толкувања од каде произлегува, па така првото значење се поврзува со антропонимот Тракан, што исто така може да означува и управител на област кај старите Словени. Како второ објаснување е дека доаѓа од старословенскиот збор „трк“ што означува од или трчање.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Кочанското Поле, во јужниот дел на Општина Кочани, недалеку од самиот град Кочани, на оддалеченост од шест километри.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 370 метри.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од експресниот пат Штип-Кочани (А3).
Селото се наоѓа 4 километри западно од градот Кочани. Северно од Тркање се издигнуваат падините на Осоговските Планини, каде главно се наоѓаат пасиштата. На јужната страна е пониското земјиште со разни земјоделските култури. Поради ова, селото има доста поволна стопанска местоположба. Во минатото, водата за пиење се добивала од десетина бунари и од една послаба чешма, која е во селото. Над селото се наоѓаат Стојна Чешма и Извор, додека западно од село се Стара и Мала Чешма.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кривулица, Чумулига, Круша, Ѓерен, Стар Брес, Голем Брег, Кантон, Лозја, Горна Подлошка, Беланова Нива, Врв, Гашник, Ѓурановец, Трлиште, Падарница, Елењак, Селиште и Тодорица.[4]
Селото има многу збиен тип, а бидејќи е сместено во долина тоа е издолжено во насока север-југ. Некои делови од селото се наречени по поголемите родови, како што се Пуѓовци, Кацковци, Малецовци, Голубовци и други.[4]
Историја
уредиТркање е старо село. Во него постои една група стари македонски родови, па се претпоставува дека некои од нив се староседелци.[4]
Во средина на селото се наоѓа црквата „Св. Никола“, која била подигната во XIX век, а претходно таму се наоѓала мала ниска црква. Покрај оваа црква, над селото до 1960-тите години се гледале ѕидови од црквата „Св. Димитриј“, а под селото имало остатоци на црквичка, каде селаните оделе за Ѓурѓовден.[4]
Остатоци од старини има и на месноста Трлиште, каде денес има пасишта, што е на половина час одење над Тркање. Покрај рекичката се наоѓаат цигли и камен од ѕидови. Селаните мислат дека таму некогаш се наоѓало селото, кога тоа имало 5-6 куќи. Месноста Селиште на исток од селото нема остатоци од старини и селаните не знаат што имало таму.[4]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 10,8 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 563 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 459 хектари, додека шуми нема.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него има продавници и услужни објекти, а во минатото имало земјоделска задруга и фабрички погон.[3]
За време на отоманскиот период, на атарот на селото имало слободна и чифликсајбиска земја. Сопственици на чифлиците биле Амед-бег, Риза-ефенди, Аџи Таиб и Рушид-ефенди, сите од Кочани. Сепак, слободната земја зафаќала голем дел од атарот и припаѓала на македонските селани од „старо време“.[4]
Во 1949 година, во селото била основана задругата „Галеб“, која била многу напредна. Во 1960 година имала околу 3.000 овци, 75 хектари обработливо земјиште, 52 вработени и 7 службеници.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Тркање живееле 680 жители, сите Македонци.[5]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Тркање имало 680 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[7]
Селото е големо и населено со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 1.065 жители, а во 1994 година 1.243 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, селото имало 1.225 жители, од кои 1.224 Македонци и 1 Србин.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1.001 жител, од кои 963 Македонци, 5 останати и 33 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 680 | 680 | 841 | 931 | 1.065 | 1.060 | 1.161 | 1.206 | 1.243 | 1.225 | 1.001 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
уредиТркање е македонско православно село.[4]
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:
- Староседелци или многу стари доселеници со непознато потекло: Пуќовци (16 к.), Тацковци (14 к.), Ташковци или Поповци (8 к.), Гаџовци (6 к.), Молецовци (8 к.), Пендовци (6 к.), Ѓауровци (5 к.), Буријарци (5 к.), Бодушовци (4 к.), Мусовци (2 к.), Голубовци (7 к.), Рендевци (5 к.), Газарци (5 к.), Деповци (4 к.), Гицовци (4 к.), Пржовци (2 к.), Посателци (6 к.), Рогушеви (6 к.), Златанови (3 к.) и Самантелци (2 к.), за овие родови не се знае дали се староседелци или доселеници со непознато потекло.
- Доселеници со познато потекло: Рунтевци (6 к.), доселени се од сега раселеното село Десовица над селото Бања. Родот го основал Златан, кој се доселил околу 1870-тите години (Анѓел, 60 години во 1960 година-Ефрем-Златан); и Бунишовци (6 к.), доселени се од селото Бунеш кај Пробиштип во отоманскиот период.
Иселеништво
уредиСе знае за следниве иселени македонски родови: Горни Подлог (Ефремовци, 5 к.; Газарци, 3 к.), Оризари (Поп Миајлови, 4 к.), Долни Подлог (Депови, 3 к.) и Прибачево (Тракањци, 1 к.).[4]
По заминувањето на Турците, во селото се населил влашкиот род Зикови (3 к.), но две домаќинства заминале во Романија во 1933 година, а едно во 1935 година заминало во селото Радање, кај Штип.[4]
Во поново време е забележано намалување на бројот на жителите.
Општествени установи
уреди- Подрачното основно училиште „Никола Карев“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Никола Карев“ - Кочани
- Дом на културата
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Тркање било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Кочани, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кочани.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кочани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облешево, во која покрај селото Тркање се наоѓале селата Бања, Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци, Облешево, Спанчево и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Долни Подлог, во која влегувале селата Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци и Тркање.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0874 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 929 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 934 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[17]
- Главовец — населба од неолитско време;
- Горна Црква — некропола од доцноантичко време;
- Господница — населба од доцноантичко време;
- Селиште — населба од доцноантичко време;
- Страгата — некропола од доцноантичко време; и
- Трлиште — населба од доцноантичко време.
- Цркви[18]
- Црква „Св. Никола“ — главната селска црква, изградена е во 1830 година;
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — манастирска црква изградена во 1975 година;
- Црква „Св. Димитриј“ — мала селска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — мала селска црква.[19]
- Споменици[20]
- Споменик на Никола Карев
- Реки[21]
- Тркањска Река — река низ селото
-
Црквата „Св. Ѓорѓи“
-
Црквата „Св. Димитриј“
-
Тркањска Река
-
Споменик на Никола Карев пред влезот во селото
-
Црквата „Св. Никола“
-
Црквата „Св. Петка“
Редовни настани
уреди- Слави[4]
- Духовден — главна селска слава
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 177.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 301. Посетено на 19 ноември 2024.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 99-100. OCLC 16745284.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 132-133.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 ноември 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 19 ноември 2024.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 182. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Црква „Св. Петка" во Тркање — Брегалничка епархија“. Архивирано од изворникот на 2016-11-01. Посетено на 2016-11-18.
- ↑ „Првпат доаѓам на местото на погибијата на дедо ми Никола Карев“, Дневник, година XIX, број 5753, среда, 29 април 2015, стр. 11.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 73. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Надворешни врски
уреди- Тркање (село) на Ризницата ?