Славиштекотлина и етногеографска област околу изворот, горниот и средниот тек на Крива Река, во североисточниот дел на Македонија. Најголемо населено место во оваа котлина и нејзинo средиште е градот Крива Паланка. Во областа влегуваат вкупно 48 села.

Славиште
Глетка од рамнината во средишниот дел на Славиште помеѓу селата Ранковце, Радибуш и Отошница
Карта
Карта на областа со Славиште во северозападна
Надм. висина550 м
Површина786 км2
Географија
Местоположба Македонија
Нас. местаКрива Паланка

Природно-географски и релјефни одлики уреди

 
Глетка од западниот дел на Славиште во околината на селото Отошница

Котлината Славиште се наоѓа во крајниот североисточен дел на Македонија[1]. Наоѓајќи се во изворишниот и средишниот тек од сливното подрачје на Крива Река, котлината е како вметната творба помеѓу Осоговските Планини на југ и планината Герман на север[1]. Поточно, Славиште е котлина спуштена во старата родопска релјефна маса, издолжена во главно во правец исток-запад[2]. Од север е оградено со планината Герман, на исток е планинскиот масив на Деве Баир, на југ е планината Осогово[2], со познатиот врв Калин Камен, а на запад е отворено кон долината на Пчиња во областа Средорек во Кумановско. Вкупната површина на Славиште изнесува 786 км2, а само 7000 хектари е рамничарско земјиште[1]. Котлината е формирана по тектонски пат во текот на терциерот[1]. Рамката на котлината е ограничена со раседи[1]. Основна одлика на релјефот на Славишката Котлина се големите висински разлики помеѓу котлинското дно и речните долини од една страна и планинските врвови со кои е ограничена областа, од друга страна. Додека најинската точка кај селото Крилатица изнесува 415 метри, највисоките врвови на околните планини Герман, Девебаир и Осогово се издигнуваат од 1580 до 2252 метри, при што висинската разлика помеѓу најниската и највисоката точка изнесува 1837 метри[2]. Според записите на Ѓорче Петров во книгата Материјали по изучувањето на Македонија од долината на реката Пчиња во Кумановско по ½ час движење низ една карпеста теснина се влегува во една крива и долгнавеста долина, која е всушност Паланечкото Поле[3]. Паланечкото Поле го сочинува закосеното подножје на паланечкиот Козјак[3]. Тоа е широко ½ - ¾ часа и долго 2 часа[3]. Завршува на југ со зелената долина во подножјето на Лисец, низ којашто протекува Крива Река[3]. Паланечкото Поле е мала котлина односно е многу мало и има облик на триаоглник чиишто агли се: Чифте-хани, Ветуница и Гулинци[3]. Во горниот крај, полето преку две ќошиња се задава на југоисток во Осогово преку долот на Дурачка Река и на североисток по Крива Река во аголот меѓу Козјак и Деве Баир[3]. Иако е со песокливо-глинеста почва, којашто е со слаб принос, ова поле е доста обработено. Славишкото Поле е исполнето со плиоценски езерски седименти[1]. Во плиоценските седименти во атарите на селата Ранковце, Гиновци и др. се јавуваат дебели пластови на бетонитски глини[1].

Граници уреди

 
Глетка од рамнината на Славиште во јужниот раб на подножјето на Осогово

На север, границата на Славиште се движи по билото и сртот на планината Герман по највисоките врвови Герман (1388 м.), Стража (1547 м.) и Чупино Брдо (1703 м.), што всушност претставува и вододелница помеѓу сливните подрачја и долините на Пчиња и Крива Река[2]. Кон исток, границата се протега по планинскиот масив на Деве Баир и неговите огранки, коишто ја сочинуваат вододелницата помеѓу сливните подрачја на Крива Река и Струма и воедно се поклопува со македонско-бугарската државна граница[2]. Највисоки врвови на источната граница на Славиште се Жеравинска (1460 м.), Коприва (1315 м.), Деве Баир (1199 м.) и Бождарица (1580 м.)[2]. Од југ границата ја сочинуваат Осоговските планини со своите огранки, коишто ја сочинуваат вододелницата помеѓу Крива Река и Брегалница минувајќи по највисоките врвови Руен (2252 м.), Царев Врв (2085 м.), Чатал-чешма (1824 м.), Костадиница (1645 м.) и Лисец (1527 м.)[2]. На западната страна, Славишката котлина има релативно добра поврзаност со Кумановската котлина по возвишенијата Уши (972 м.), Стацин (811 м.) и Висок Рид (844 м.)[2].

Поделба уреди

 
Разлики во празничните носии од Источниот (лево, село Жидилово) и Западниот дел на Славиште

Пределот Славиште спаѓа во оние предели од големата етнографска шопска област, за кои досега недоволно се знае. Располжен е во горниот слив на Крива Река – лева притока на Пчиња. Со својот поголем дел тој е опкружен со планински венци; на југ со Осогово, на исток со Девебаир и на север со Герман, додека само на запад е отворен преку Средорек (Кумановско). Административно му припаѓа на кривопаланечкиот регион, чиј главен административен центар е Крива Паланка. [4]

Источниот дел на Славиште го сочинува група села расположени во горниот тек на Крива Река – непосредно до бугарската граница. Населението во него е чисто македонско, со носија многу слична на онаа во Ќустендилско во Бугарија. По својата форма, кројните елементи, начинот на украсувањето и колоритот, женската носија од овој крај претставува посебен вид, поинаков од носиите во другите делови на кривопаланечкиот регион. [4]

Во поглед на природно-географските одлики и управната поделба, во Славиште јасно се истакнуваат пределни целини на кои се дели целата област. Во тој поглед областа се состои од: алувијалната рамнина на Крива Река во средишниот дел на котлината со ридестиот терен лево и десно од течението и алувијалната рамнина и планинските падини. Овие пределни целини јасно се покажуваат по целиот профил на областа во правец од север кон југ, а на основа на нив се издвоиле и посебни климатски, хидрографски и почвени одлики кои нужно влијаат и на карактерот на стопанството, населените места и животот на населението со што дополнително се издвоени и по протегањето на самата котлина од исток кон запад[2]. Според одликите и производноста Славишката котлина може да се раздели на два дела: 1) планински кој ги опфаќа сите планински села и 2) полски кој ги опфаќа сите полски рамничарски села[3]. Сепак, по производноста планинскиот дел пак се дели на два дела: осоговски и оној којшто се наоѓа меѓу левиот брег на Киселичка Река и Крива Река[3]. Во однос на управно-административната поделба целата област Славиште е сочинета од Општина Крива Паланка во источниот и Општина Ранковце во западниот дел.

Име уреди

 
Глетка од селото Гиновци во средишниот дел на Славиште, со огранките на Осогово на југ, во позадината

Во минатото, областа официјално била позната и нарекувана со името Славиште. Под името Славиште, кривопаланечкиот крај се споменува во повеќе пишани историски документи уште од средниот век. Најстариот запис за областа под името Славиште се среќава уште во XI век во грамота на византискиот цар Василиј II, каде се споменува τὴν Σλαβίστην. Под ова име областа се споменува и во XIV век[2], во грамот на кралот Милутин каде меѓу запишаното стои и по Славиштоу. Во XVI век односно 1580 година, во рамки на турските пописни дефтери со името Славиште е именувана посебна управна единица - нахија во рамки на Ќустендилскиот санџак [5]. Еден век подоцна, на крајот на XVIII век кога оваа област била жариштето на познатото Карпошово востание, во дневиникот на Арсение Чарноевиќ од 1683 се среќава записот въ Славиштком полю. Според научните претпоставки името Славиште потекнува од личното име Слав (-мир, љуб итн.) со значење на област која припаѓа и е во владение на Слав. Во XVII век во оваа област е основан денешниот град Крива Паланка, според кој, од тогаш, и целиот крај околу неа започнал да се нарекува Паланечко[2] или поретко Кривопаланечко. Старото име Славиште меѓу народот е во доста ретка употреба[2], но под влијание на неговата зголемена употреба во науката и стопанството каде тоа се користи во бројни географски, историски текстови како и за име на претпријатија и фирми, тоа повторно се враќа во сè поширока употреба.

Население уреди

Во областа Славиште, во рамки на општините Крива Паланка и Ранковце, во пописот од 2002 година имало 24.964 жители, од кои 14.558 во градот Крива Паланка, а 10.406 во селата. Миграцијата во областа е присутна со децении наназад, така што бројот на население постојано се намалува, а во минатото овој регион се одликувал со многу големи села и исклучително висок природен прираст. Па така, според југословенскиот попис од 1931 година, во Кривопаланечкиот срез, чии граници речиси се поклопувале со денешните на двете славишки општини, живееле 40.532 жители. Потоа околу две децении подоцна, во пописот од 1953 година, бројот опаѓа на 33.844 жители, кој сè уште покажува демографска стабилност, за денес според некои статистики да изнесува нешто повеќе од 22.000 жители.

Во пописот од 1953 година, во областа Славиште имало вкупно 15 големи села (над 800 жит.) и се вбројувала како една од областите со најмногу големи населени места во Македонија. Но поради силниот миграциски бран по 1970-тите години, таа бројка постепено се намалува и во 2002 година во целата област имало само две големи села.

На табелата се прикажани демографските промени на поранешните големи села во Славиште:[6]

 
Женска носија од Славиште.
Населено место 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Герман 989 1.087 1.058 1.052 794 493 458 311 161
Градец 1.205 1.375 1.356 1.069 693 455 422 318 283
Жидилово 761 803 723 603 408 292 300 302 239
Конопница 1.462 1.652 1.569 1.637 1.965 2.363 2.450 1.398 1.288
Кркља 1.101 1.153 1.000 904 465 306 318 227 136
Луке 769 903 829 819 628 405 416 338 220
Нерав 814 875 710 697 366 236 204 175 121
Опила 1.160 1.309 1.193 1.020 631 379 288 269 205
Отошница 878 965 997 680 377 186 154 105 61
Петралица 1.146 1.365 1.350 1.232 923 677 672 669 526
Подржи Коњ 720 847 740 648 386 196 183 116 45
Псача 1.305 1.385 1.253 902 692 557 538 539 438
Радибуш 818 867 792 552 346 217 197 157 105
Ранковце 1.314 1.432 1.441 1.039 744 938 1.007 1.192 1.337
Трново 980 978 868 642 328 216 206 153 86
Вкупно 15.422 16.996 15.879 13.496 9.746 7.916 7.813 6.269 5.251

Населението во сите населени места на целата област Славиште, речиси во целост или исклучиво е составено од Македонци (96,36%). Населението на Славиште, претставува изразита етнографска група[2] со свои препознатливи говор, обичаи, носии и особини. Македонското население во Славиште припаѓа на поголемата македонска етнографска група — Шопите. Со името Шопи или Шопје населението на Славиште се нарекува од жителите на соседната Кумановска област и од други западни краеви во Македонија, при што наведеното името Шопи почесто означува дека се тоа сурови или запуштени луѓе кои се заостанати во развојот[2], односно жители на повисоки и зафрлени ридско-планински предели. Жителите од Славиште, најмногу се познати под името Паланчани[2].

Земјоделство и стопанство уреди

Во земјоделското производство во Славиште, преовладуваат планинските (стрни) жита: ’ржот, јачменот, овесот, а се одгледува и квалитетен компир.[1] Овие се одгледуваат на нивите на подножјата и планинските падини кои ја оградуваат котлината од север и југ, а на рамничарскиот дел на котлинското дно најмногу се одгледуваат пченката и пченица и во многу мал дел и градинарски култури. Славиште односно Кривопаланечко е надаелку прочуено и познато низ Македонија и блиските околни региони, токму по призводството на квалитетен компир на големи површини и во големи количества. Во плиоценските наслаги во атарите на селата Ранковце, Гиновци и др. се јавуваат дебели пластови на бетонитски глини, на чии богати наоѓалишта работи рудникот „Бентомак“.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Андоновски, Томе (2009). „Славишка Котлина“. Во Блаже Ристовски (уред.). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1377. ISBN 978-608-203-024-1 (2) Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).CS1-одржување: користи параметар editors (link)
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 Трифуноски, Јован (1976). Кривопаланачка област (српскохрватски). Загреб: ХАЗУ. стр. 298–301.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 150. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. 4,0 4,1 „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев (стр. 22 и 151)“.
  5. Соколоски, Методија (1983). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 185.
  6. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk Архивирано на 3 февруари 2020 г..

Координати: 42°11′49″N 22°14′20″E / 42.19694° СГШ; 22.23889° ИГД / 42.19694; 22.23889