Овче Поле

котлина и област во Македонија
(Пренасочено од Овчеполска Котлина)

Овче Поле или Овчеполиекотлина и област во Македонија, источно (од левата страна) од реката Вардар. Во најголем дел, Овчеполието влегува во состав на општините Свети Николе и Лозово.[1] Најголемо населено место во областа е градот Свети Николе. Населението во областа говори на овчеполскиот дијалект.

Овче Поле
Овчеполска Котлина, Овчеполие
Панорама на Овче Поле
Надм. висина300
Географија
МестоположбаРепублика Македонија,
Нас. местаСвети Николе
Овче Поле во рамките на Македонија
Овче Поле
Местоположба на Овче Поле во Македонија

Географија

уреди
 
Ридот Богословец на јужниот раб на Овче Поле

Теренот на котлината е главно рамничарски, со благи заридести делови во северниот и средишниот дел. Низ Овчеполието минува доста прометниот и важен експресен пат Велес - Штип. На северозапад Овче Поле е оградено со ниската Градиштанска Планина (861 м.), а на североисток со Манговица (741 м.). Помеѓу овие две ниски планини се наоѓа превојот Караула преку кој минува регионалниот пат Свети Николе-Куманово (40 км). На југ Овче Поле е заградено од ниските ридови Богословец (755 м) и Иланџа (664 м) кои го одделуваат Овчеполието од долината и долното течение на реката Брегалница наречено Сландол. Кон исток и запад Овче Поле е отворено кон Велешката и Штипската Котлина. Во овие граници Овчеполската Котлина зафаќа површина од 670 км2[2]. Најголемата должина изнесува 32 км, додека најголемата широчина по линија повлечена меѓу селата Врсаково на исток и Милино на запад изнесува 26 км[2]. Најниската точка се наоѓа во рамнината на котлинското дно кај селото Делисинци и изнесува 231 метар[2]. Гледано во целина, во Овче Поле се издвојуваат три засебни географски предели, „поле“ односно алувијалната рамина со просечна височина околу 260 м, ридестиот предел наречен „баири“ и рабовите по границите на котлината кој се нарекува „планина“[2].

Во описите на релјефот на Македонија, во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за Овче Поле запишал дека тоа има валчест облик и должина од запад кон исток од 8 часа, а широчина од север кон југ 4 часа[3]. Своето име го должи на богатите пасишта, по кои што пасат многу стада од овци. Тоа е широко, откриено поле со пустинообразен вид, пресечно со голи, грозни височини, кои што се протегаат по него во различна поставеност[3].

Овче Поле го исполнува пространството меѓу Вардар од југ, Брегалница до устието на Злетовица во неа на исток, реката Пчиња на запад и Плавица пл. со нејзиното продолжение до Пчиња во Кумановско од север[3]. Рамките кои што се испуштаат од Црн Врв (плавичкиот Црн Врв) го разделуваат Овче Поле на три делови: средиштен или само Овче Поле, Светиниколско и Злетовско Поле. Самото Овче Поле е главниот дел од таа голема рамнина[3]. Со округла форма тоа има дожина помеѓу Велес и Штип од 8 часа и широчина до Вардар на југ од 4 ½ часа[3]. Од запад и север тоа е заградено со голи и ниски рудини, кои што се среќаваат во неговиот северозападен крај. Северниот дел на самото Овче Поле претставува една округлеста рамнина, заградена со опишаните височини во чие најдлабоко место протекува Богословскиот Поток[3]. Јужниот дел му претставува гола ридеста месност, која што по на север има црвено глинеста почва, на која што виреат лозјата, а во јужниот крај има белоглинеста и белокаменеста почва, речиси сосема непогодна за обработување[3].

Централно и најголемо населено место во Овче Поле е градот Свети Николе.

Овчеполската Котлина се одликува со топли лета, со умерено ладни зими, со повремени екстремно ниски и високи температури, зголемено екстремно температурно колебање и со потопла есен од пролет.

Стопанство

уреди
 
Свети Николе

Овче Поле е земјоделски развиена котлина и е втора по големина житница во Македонија, веднаш по Пелагонија. Од житните култури покрај пченицата најмногу се одгледува и јачмен, ’рж, овес, просо и пченка (во помали количини). Голема е застапанеоста на индустриските култури како што се сончогледот (Овче Поле е еден од најголемите производители на сончоглед), луцерката, детелината и крмната пченка поради тоа што сточарството во Овчеполието е многу развиено. Порано во голема мера се одгледувале и памук, афион, коноп и лен. Покрај полјоделството, во Овче Поле многу развиено е и сточарството. Преку зимскиот период голем број на стада овци презимуваат во Овче Поле, а населението одгледува и крави, волови , бикови и друг вид на крупен добиток, кој во посиромашните села се користи и за обработка (орање) на земјиштето. Во Овче Поле исто така е застапено и живинарството.

Според истражувања вршени во педесеттите години на XX век, кои се актуелизирани и денес во средишниот дел на котлината се пронајдени извори на нафта и земен гас. Истражувањата треба да утврдат дали има доволна количина на залихи на нафта и природен гас, за да може тие да се експлоатираат.

Од индустријата во Овче Поле најразвиена е прехранбената. На територијата на Овче Поле постојат голем број на приватни рафинерии за масло за јадење (поради големите површини засеани со сончоглед), млекарници, месната индустрика МИК од Свети Николе, а работат и повеќе земјоделски стопанства кои денес се приватизирани од некогашните гиганти ЗИК „Овче Поле“ и „Џумајлија“.

Население

уреди

На територијата на Овче Поле живеат 21.355 жители, а нивната народносна структура е следнава:

Потекло на името

уреди

Името на Овче Поле, се претпоставува дека потекнува поради големиот број на стада со овци кои тука се одгледувани од населението и кои презимуваат во котлината во зимскиот период. Иако името е добиено далеку во минатото, тоа и денес не го загубило своето основно значење бидејќи во Овче Поле сѐ уште се одгледуваат и презимуваат голем број на стада овци.

Етнологија

уреди
 
Жени од Овче Поле во народни носии

Овче Поле е посебна етногеографска целина во Македонија. Познати се машката и женската носија од Овче Поле, а позната е и влашката носија од овчеполските села. Во Овчеполието се познати и посебната архитектура на куќите, изработката на ќилимите (познатите ткаени ќилими од с. Делисинци, кои ги има во Музејот на Македонија), а задржани се и многу обичаи кои се и екранизирани. Најпознати се обичаите за Бадник и Божик, при орање и сеење на жито итн. Од Овче Поле се собрани и голем број на народни приказни, песни, легенди и преданија.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Ecological Society Izgrev (2008-09-18). „Ecological Society Izgrev“. Ecological Society Izgrev. Архивирано од изворникот на 2008-08-28. Посетено на 2008-09-18.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Трифуноски, Ф. Јован. „Овчеполска Котлина“. Зборник, насеља и порекло становништва, 1961, стр. 586
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 144–148. ISBN 978-608-245-113-8.

Надворешни врски

уреди

41°51′54″N 21°56′34″E / 41.86500° СГШ; 21.94278° ИГД / 41.86500; 21.94278