Богословец (планина)
- За истоименото село видете Богословец (село).
Богословец — ниска планина во Македонија која се издига меѓу Овче Поле на север и долината на Брегалница на југ. Највисок врв е Свети Јовански Рид (755 м), а малку понизок е Тиски Врв (747 м).
Богословец | |
---|---|
Главниот срт на Богословец | |
Највисока точка | |
Надм. вис. | 755 м |
Матичен врв | Свети Јовански Рид |
Координати | 41°45′53″N 22°00′43″E / 41.76472° СГШ; 22.01194° ИГД |
Географија | |
Место | Македонија |
Географија
уредиБогословец се протега на околу 15 км западно од Штип и на 20 км источно од Велес. Од јужната страна, планината е ограничена со реката Брегалница, која во тој дел изградила карактеристични вклештени меандри.[1] На запад е ограничена со Светиниколска Река, а на исток со Богословски Поток и уште неколку помали повремени водотеци. Планината е полесно пристапна од северната страна, каде што на оддалеченост од околу 2 км поминува магистралниот пат којшто ги поврзува градот Велес со Штип, Кочани и Делчево. Јужната страна е послабо пристапна затоа што е стрмна и пресечене со долови.[2]
Планината зафаќа површина од 17,2 км2 и според својата висина претставува ридска до нископланинска морфоструктура којашто е сместена меѓу Овче Поле на север и долината на Брегалница на југ. Се протега во правец северозапад-југоисток во должина од 7 км, а ширината изнесува од 2-4 км. Но, и покрај ваквите географски одлики, Богословец претставува забележително и доминантно возвишение во просторот каде што се наоѓа и има доста стрмни и еродирани страни, особено на јужните падини кон долината на Брегалница.[2]
Богословец се издига од 200-755 м. Најголема површина зафаќа просторот на надморска височина од 300-400 м (30%), по што следуваат просторот од 400-500 м (27%), а значителна површина има и оној од 500-600 м (15,6%). Меѓутоа, висинската разлика од 550 м не влијаат значитечно на климатско-вегетациските и почвени одлики на подрачјето, а со тоа не влијаат ниту на геоморфолошките процеси. Најизразени наклони на планината се оние од 15-20° (26,5%), како и од 10-15° (21,1%). Тие се зафатени од ерозија од среден интензитет. Значително учество имаат и наклоните од 20-25° и 25-30° (заедно 28,5%). Тие се зафатени со длабока ерозија и појава на линиски облици. Наклоните над 30° зафаќаат 20,2% и се јавуваат под стрмните падини на врвот Свети Јовански Рид (755 м) и особено на Тиски Врв (747 м), на надморска височина од 500-700 м.[2]
Геологија
уредиТектоника
уредиБогословец припаѓа на Вардарската Зона, на границата меѓу Централната и Источната Подзона, којашто тектонски е доста лабилна.[3] Според својата геотектоника, планината претставува мал хорст во јужниот дел на Овче Поле, образуван од старопалеозојски карпи (метаморфизирани кварц-порфири, кварц-порфирски туфови и лискунски шкрилци), младопалеозојски карпи (серпентини), како и мезозојски габрови.[4] Овие карпести маси заедно со хорстот се во тектонски однос со околните горноеоценски седименти и со плиоценските седименти на североисточната страна. Палеозојскиот комплекс со раседи во правец северозапад-југоисток е ограничен од горноеоценските седименти, а тоа е особено видливо на југозападната падина, поточно кај Ѓаволскиот Ѕид.[2]
Геоморфологија
уредиБогословец има карактеристична конусеста форма со доста стрмни наклони кон сите страни, освен во мал дел кон источната страна, каде што се поврзува со ридот Побиен Камен (507 м). Раседот во правец североисток-југозапад и изворишното подрачје на Богословски у Грлишки Поток ја раздвојуваат планината на два дела. На север се наоѓа врвот Свети Јовански Рид , а 2 км југоисточно од него се издига Тиски Врв. Двата врва имааг конусест облик и главно се состојат од старопалеозојски шкрилци и кварц-порфири. Врвовите се поврзани со длабокото село Калиманец (548 м). Јужно од Тиски Врв, планината продолжува кон југоисток до Брегалница со гребен којшто е висок од 420-460 м. Од левата страна на Брегалница, како продолжение на гребенот се издига ридот Тиса (460 м), којшто е составен од исти старопалеозојски карпи. Во јужното подножје на Богословец, релјефот се одликува со јасно изразени речни тераси на Брегалница, особено од 50 м, 60-70 м и 100-100 м. Како последица на изменетиот геолошки состав, реката изградила повеќе меандри чии испакнати страни се поместуваат и всекуваат, а на вдлабнатите се натрупуваат наноси. Оваа појава не се јавува единствено на местата каде што се влеваат десните притоки, кои со својот нанос го поместуваат коритото во спротивна насока кон југ. Помали меандри се јавуваат и на Светиниколска Река пред нејзиниот влив во Брегалница. Останатите пократки притоки на Бреалница и Светиниколска Река коишто се спуштаат по планината се поројни и нивните долини повеќе наликуваат на ерозивни делови и долчиња со стрмни страни во облик на буквата „V“. Такви се Богословски Поток од исток, Горски Дол од север, Алабашки Дол од запад и Грлишки Поток од југ. Овие поројни водотеци создаваат интензивна ерозија, а во подножјето на планината собираат наноси, често во вид на помали или поголеми плавини. Таков пример е големата плавина на Алабашки Дол којашто има крупни, слабо обработени парчиња од габро.[2][5]
Ерозија
уредиПоради поволните природни фактори и човековото влијание, планината се одликува со интензивна ерозија. Според Картата на ерозија на Република Македонија, просечното производство на ерозивен нанос на Богословец изнесува 1040 м3/км2 годишно и со тоа спаѓа во подрачјата со умерена ерозија. Најголемо производство на ерозија од над 1.200 м3/км2 годишно се јавува на северната страна, помала на западната и најмала на источната страна.[6] Неодамнешните мерења покажуваат нешто повисоки вредности на нанос на западните и јужните страни, а просечната вредност на производство на ерозивен нанос изнесува 1.280 м3/км2 годишно. Најголем дел од овие наноси оди во Брегалница.[2]
Денудација
уредиПланината има доста изразен денудациски релјеф на југозападната и јужната страна. Тој настанал како резултат на механичка, хемиска и биогенска ерозија на еоценските песочници со различна отпорност. На ова подрачје се јавуваат помали остенци, облици во вид на чашки, стапалки и корита главно на хоризонтална карпеста површина, како и вдлабнатини, каверни и сл. на пострмните вертикални карпести страни. Влијание врз создавањето на овие облици имал и ветерот којшто е силен на просторот на планината. На југозападните планини на Богословец, на десната страна од долината на реката Брегалница, на надморска височина од околу 250 м, е забелажитална денудациска појава во облик на мегалитна карпеста образба, позната како Ѓаволски Ѕид. Ѕидот се протега во правец исток-запад-северозапад и е во должина од околу 300-400 м, просечна висина од 2-5 м и ширина од 1-2,5 м.[2]
Вегетација и руда
уредиБогословец е гола планина, без шумска растителност, со исклучок на осамени дрвенести стебла. Богата е со азбест којшто е познато дека се исцрпувал до средината на XX век. Во планината има и помали наоѓалишта на глина.[7]
Галерија
уреди-
Поглед на северната страна
-
Јужните падини
-
Свети Јовански Рид (755 м)
-
Тиски Врв (747 м)
-
Тиски Врв (747 м; напред) и Корија (721 м; позади)
-
Ѓаволскиот Ѕид
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Манаковиќ, Д. (1977). „Полиморфни слизнати-вклештени меандри на Тополка и Брегалница“. 23. Скопје: Годишен зборник на ИГ: 121–128. Наводот journal бара
|journal=
(help) - ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Милевски, И. (2009). „Геоморфолошки одлики на Богословец и локалитетот Ѓаволски Ѕид“. Географски разгледи. Скопје. 43: 27–39.
- ↑ Арсовски, М. (1997). Тектоника на Македонија. Штип: Рударско-геолошки факултет.
- ↑ Ракиќевиќ, Т.; Думурџанов, Н.; Петковски, П. (1976). Толкувач и карта за ОГК 1:100 000, лист Штип. СГЗ Белград. line feed character во
|title=
во положба 20 (help) - ↑ Prirodnjački muzej srpske zemlje (Belgrade, Serbia) (1948). Bulletin du Muséum d'histoire naturelle du pays serbe: Minéralogie, géologie, paléontologie (српскохрватски). Naučna knjiga.
- ↑ Ѓорѓевиќ, М.; Јелиќ, Д.; Трендафилов, А.; Ѓорѓиевски, С.; Поповски, А. (1993). Карта на ерозија на Р Македонија. Завод за водосопанство на Република Македонија.
- ↑ Godišen zbornik: Annuaire. Agriculture. Zemjodelstvo (21-23. изд.). Univerzitet vo Skopje. Zemjodelsko-šumarski fakultet. 1968. стр. 152.
Надворешни врски
уреди- Богословец (планина) на Ризницата ?