Карајотица

село во Ениџевардарско, Егејска Македонија
(Пренасочено од Нова Карајотица)

Карајотица или Кариотица (грчки: Καρυώτισσα, Кариотиса) — село во Ениџевардарско, Егејска Македонија, денес во општината Постол на истоимениот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 1.779 жители (2011). Сè до 1924 г. било сочинето од македонско мнозинство и ромско малцинство.[2]

Карајотица
Карајотица is located in Грција
Карајотица
Карајотица
Местоположба во областа
Карајотица во рамките на Постол (општина)
Карајотица
Местоположба на Карајотица во општината Постол и областа Централна Македонија
Координати: 40°46.9′N 22°18.48′E / 40.7817° СГШ; 22.30800° ИГД / 40.7817; 22.30800
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругПостолски
ОпштинаПостол
Општ. единицаАлександар Велики
Надм. вис.&1000000000000001000000010 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно1.779
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Географија

уреди

Селото е сместено во Солунското Поле, 5 км североисточно од Кадиново и 7 км западно од градот Пазар (Ениџе Вардар). Ова е местоположбата на новото село (Нова Карајотица); изворната Карајотица (подоцна Стара Карајотица) — на 5 км од сегашното место, на брегот на денес пресушеното Ениџевардарско Езеро. Стара Карајотица денес се смета за дел од селото Карајотица.

Историја

уреди

Во Отоманското Царство

уреди

Во 1527-1532 г. Карајотиса е забележана како вакуф на потомци на Евренос-бег во Ениџевардарската каза, и броела 111 даночни домаќинства и 13 неженети.[3]

На почетокот на XX век Карајотица била етнички мешано село во Ениџевардарската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“), во 1900 г. Карајотица (Врастија) броела 120 Македонци и 30 Роми.[4][5]

По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 г. во Карајотица (Karayotitza) имало 176 Македонци Цариградската патријаршија (грчката црква).[4][6] Во селото работела црквата „Св. Лука“ или „Св. Богородица“, која денес е вон самото село[7].

На 22 ноември 1909 г. гркоманскиот андартски капетан Гоно Јотов дал отчет за свршената работа како деец на вооружена грчка пропаганда во Ениџевардарско:

На 20.05 со цел само да задржам некои, за да им дадам напатствија да му се вратат на православието [мислејќи на Цариградската патријаршија], тргнав за селото Јанчишта. Но не успеав да задржам никого, и убив еден од оние што сакаа да избегаат. Потоа отидов во Призна и се занимавав повеќе со тоа да ги заплашам луѓето, и со тоа да ги убедам дека селата од Сланица треба да ѝ се вратат на православната вера [Патријаршијата]. Имав добар резултат со селата Балџа, Кариотица, Призна, Вреж, Плугар, Пласна, Голо Село и Власи. На 14.02 го нападнав селото Власи... На 18 јануари 1907 г. задржав јатак на Македонците во шумата на Кариотица, бидејќи однапред знаев дека ќе помине од таму.[8][9]

Во првите години на XX век во селото работеле двете пропаганди меѓу македонското население — Карајотица имала грчки и бугарски цркви и училишта. Училишниот инспектор Никола Хрлев во 1909 г напишал за селото:

Кариотица (Карич), 2/III, 3½ ч. од Аларја. Вкупно 43 куќи: 14 македонски егзархиски, 8 български патријаршиски, 12 турски и 9 ромски — сите чифлик. Се занимаваат со земјоделство и малку пчеларство и рогозинарство. Црквата и вакуфското училиште — во рацете на гркоманите. Оваа година првпат се отвора бугарско училиште. За таа цел служи една стаица земјанка без таван, со огниште, голема 3×3×2 метри, со две малки прозорчиња без стакла. Во неа живее и учителот.[4][10]

Според српскиот географ Боривое Милоевиќ, во периодот пред Балканските војни селото се состоело од 25 куќи на Македонци христијани и 15 куќи на Роми муслимани.[2]

Во Грција

уреди
 
Нова Крајотица (горе) и Стара Карајотица (долу) на карта.

По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Истата 1913 г. селото броело 297 жители, а во 1920 г. имало 293 лица.[2] Во 1924 г. ромското население како муслиманско е иселено во Турција согласно Лозанскиот договор, а 71 Македонец е протеран во Бугарија.[2] На местото на иселените грчките власти довеле грчки колонисти од с. Неохори во Деркос, Источна Тракија.[11]

За дојденците во 1924 г. е подигната нова населба, неколку километри од старата. Оваа населба го презела името Карајотица (позната и како Нова Карајотица) како главна населба, и почнувајќи од овој период двете населби престанале да се бројат одделно. Во 1928 г. селото имало 823 лица дојдени од 244 семејства,[12] иако Тодор Симовски дава 1.009 лица,[2] веројатно приклучувајќи ги изоставените преостанати Македонци. Селото заживеало по пресушувањето на Ениџевардарското Езеро во средината 1930-тите.

Во 1940 г. Карајотица (како споена целина) броела 1.531 жител. Иако сметана за едно со новата, според податоци на НОФ од 1947 г. Стара Карајотица неофицијално останала мала населба со 50 Македонци и 120 дојденци.[2] додека пак Нова Карајотица била чисто додјенска.[2] Поради новосоздаденото плодно земјиште, наводнувањето и поволната сообраќајна положба, по војните селото почнало да напредува.

Население

уреди

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 1.531 1.658 1.796 2.002 2.122 2.087 1.999 1.779
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Стопанство

уреди

Карајотица има мошне плодна почва која добро се наводнува, па затоа дава високи приноси на жито, памук и овошје. Особено е застапено одгледувањето на млечни крави.

Личности

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 70 и 75-76.
  3. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 130-131.
  4. 4,0 4,1 4,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  5. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 147. ISBN 954430424X.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 102-103.
  7. Бабев, Иван, „Македонска голгота – Спомени и изповеди от Ениджевардарско“, ТАНГРА ТанНакРа ИК, София 2009 г., стр.493.
  8. нарекувајќи ги „бугарски“
  9. Παπαλαζάρου, Ιωάννη (2007). Ο Μακεδονικός Αγώνας στην περιοχή των Γιαννιτσών. стр. 92–93.
  10. Хърлев, Никола (1998). Рапорт по ревизията на селските български училища в Ениджевардарската кааза през м. март 1909 г. – Во: Извори за българската етнография, том 3: Етнография на Македония. Материали из архивното наследство. София: Македонски научен институт, Етнографски институт с музей, Академично издателство „Проф. Марин Дринов“. стр. 83.
  11. Кариотица на порталот на поранешната општина Александар Велики[мртва врска] (грчки)
  12. „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  13. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 143.
  14. Νέα Δημοκρατία
  15. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 172.