Мусинци
Мусинци — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола.
Мусинци | |
Панорама на селото | |
Координати 41°09′59″N 21°32′17″E / 41.16639° СГШ; 21.53806° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Могила |
Област | Пелагонија |
Население | 297 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7215 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02081 |
Надм. вис. | 630 м |
Слава | Мала Богородица |
Мусинци на општинската карта Атарот на Мусинци во рамките на општината | |
Мусинци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Пелагонија, во североисточниот дел на Битолското Поле, во источниот дел на територијата на Општина Могила.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 630 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 29 километри.[2]
Мусинци е вистинско полско село во североисточниот дел на Битолското Поле. Претставувало чисто турско село во минатото. Околни села се: Мојно, Подмол, Канатларци, Алинци и други.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Магури, Еленик, Сарајца, Завој, Садине, Корија, Даб, Дуриташ, Рудник и Пишеица.[3]
Селото има збиен тип. Куќите се групирани на три маала: Јокари, Орта и Аша Маало. Првото маало се наоѓа во горниот дел на селото и е најстаро.[3]
Селото се наоѓа во северниот дел на Битолското Поле, на границата на Пелагонија, пред почетокот на појасот на Мариовскиот регион, во подножјето на ридот Еленик, кој припаѓа на Селечка Планина.[4]
Историја
уредиСелото првпат е споменато во турските дефтери од 1468 година, кога имало само 5 жители, христијани.[4]
Помеѓу мештаните се верува дека селата Алинци и Мусинци настанале во втората половина на XVIII век. На местото кое било „пустелија“ дошле двајца браќа, Алија и Мусо. Поради ова, порано во топографските карти селата биле именувани како Али Оба и Муса Оба. Турците во селото споменуваат дека тие потекнуваат од Коња, Мала Азија.[3]
Во време кога е создадено Мусинци, тукашното поле било слабо населено. Просторот околу денешното големо полско село Добрушево бил обраснат и единствено постоело мало село на ридот Еленик, каде порано можеле да се забележат остатоци од куќи и големи земјени ќупови.[3]
По основачот на селото, Мусо, дошле уште седум турски семејства. Од нив потекнуваат сите турски родови во селото. По 1950-тите, овие родови нагло започнале да се иселуваат во Турција. На нивно место се населиле етнички Македонци.[3]
Во XIX век, Мусинци било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Во непосредна близина на местото викано Еленик се наоѓала рововска линија од времето на Првата светска војна, што е забележително и денес.[4]
До средината на педесеттите години селото било населено скоро 98% со турско население и броело околу 150 домаќинства. По мигрирањето на ова население претежно во Турција, во селото се доселиле Македонци, претежно од мариовските села (Бонче, Бешиште, Зовиќ и други), а еден дел и од селото Ботун, Охридско. Во денешно време има останато само 2-3 турски семејства.[4]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 11,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 943 хектари, на пасиштата отпаѓаат 132 хектари, а на шумите само 14 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]
Селото има идеални услови за одгледување жито.[3]
Населението се занимава претежно со земјоделско-сточарска дејност. Во изминативе десетина години регистрирани се неколку приватни фарми.
Во минатото (до 1990-тите години) имало околу 5.000 глави овци, а денес тој број е повеќе од преполовен. Во 2008 година имало околу триесетина сопственици на среден број на сточни грла; млечни крави (од 5 до 30 грла).
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Мусинци било село со 74 домаќинства и 325 жители.[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мусинци живееле 540 жители, од кои 450 Турци, 80 Македонци и 10 Роми.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Мусинци имало 80 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Мусинци се води како мешано македонско-турско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 83 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 750 Турци.[9]
Мусинци е средно село по големина, но има негативен тренд. Така, селото во 1961 година имало 575 жители, од кои 480 биле Македонци, 90 Турци и четири жители Албанци, а во 1994 година бројот се намалил на 309 жители, од кои 284 Македонци, 24 Турци и 1 Албанец.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Мусинци живееле 302 жители, од кои 284 Македонци, 16 Турци, 1 Албанец и 1 Србин.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 297 жители, од кои 260 Македонци, 5 Албанци, 27 Турци и 5 лица без податоци.[11]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Мусинци:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 1.042 |
1953 | 18 | 1 | 1.200 | 0 | 3 | — | 1.222 |
1961 | 480 | 4 | 90 | 1 | 0 | — | 575 |
1971 | 361 | 1 | 31 | 2 | 1 | — | 396 |
1981 | 353 | 0 | 21 | 1 | 13 | — | 388 |
1991 | 277 | 0 | 0 | 1 | 12 | — | 290 |
1994 | 284 | 1 | 24 | 0 | 0 | — | 309 |
2002 | 284 | 1 | 16 | 1 | 0 | — | 302 |
2021 | 260 | 5 | 27 | 0 | 0 | 5 | 297 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиМусинци е македонско-турско село.[3]
- Турски родови се: Маршали (9 к.), Домазетлер (9 к.), Оџалар (16 к.), Рустемлер (16 к.), Меметлер (10 к.) и Алчелер (6 к.), сите овие родови се доселени од Мала Азија во XVIII век.
- Македонски родови: Цветковци (1 к.) и Грујовци (1 к.), доселени се 1925 година, првите од Маково, Мариово, a вторите од Алинци (таму дошле од Добрушево). Во годините 1955-56 на имотите на иселените Турци се населиле Македонци од селата на Караорман- Дебрца (Ботун, Црвена Вода) (32 к.), Мариово (10 к.) и Железник (6 к.).
Општествени установи
уреди- Подрачно основно училиште „Браќа Миладиновци“
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Добрушево.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Будаково, во која селото Мусинци, се наоѓале и селата Алинци, Арматуш, Будаково, Горно Чарлија, Далбеговци, Дедебалци, Добрушево, Долна Чарлија, Ношпал, Путурус, Радобор, Трап и Црничани. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Добрушево, во која влегувале селата Горна Чарлија, Долна Чарлија, Добрушево, Мусинци и Ношпал.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0220 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 245 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 244 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[15]
- Ограѓе — населба од доцноантичко време; и
- Салија Чешма — населба од доцноантичко време.
- Цркви[16]
- Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — главна селска црква, изградена во 1992 година; и
- Црква „Св. Петка“ — манастирска црква.
- Манастири
- Мусинечки манастир — понов манастир, изграден надвор од селото
- Џамии
- Селото поседувало џамија изградена во 1924 година, која денес е во рушевина. Имало и постара џамија срушена во Првата светска војна.
Редовни настани
уреди- Мала Богородица (21 септември) — селска слава
Култура и спорт
уредиИселеништво
уредиОд селото се знае за следниве иселени македонски родови: Бешлаковци (5 к.), живеат во селото Подмол; Русевци (2 к.), живеат во селото Добрушево; Божиновци (3 к.), Тасевци (1 к.) и Мамалиговци (1 к.), живеат во селото Мојно. Во периодот 1954-1956 се иселиле околу стотина турски домаќинства. Потполно се иселиле родовите Крапчелер, Фејзолар, Алиалар и Рајколар. Иселувањето од селото продолжило и во останатите години.[3]
Од селото Мусинци се имаат иселено околу 300 православни жители, во најголем дел во Австралија и САД, во 1970-тите години.
Галерија
уреди-
Панорама на селото
-
Поглед на селото Мусинци
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 204. Посетено на 10 август 2019.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2018-11-25. Посетено на 2019-08-10.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 76-77.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 246.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 150-151.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 август 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 10 август 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-08-10. Посетено на 10 август 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.