Бонче
Бонче — село во Општина Прилеп, во околината на градот Прилеп, сместено во преминот кој ги дели Селечка Планина и Дрен.
Бонче | |
Поглед на Бонче | |
Координати 41°14′0″N 21°36′59.77″E / 41.23333° СГШ; 21.6166028° ИГД | |
Општина | Прилеп |
Население | 22 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 20007 |
Надм. вис. | 620 м |
Бонче на општинската карта Атарот на Бонче во рамките на општината | |
Бонче на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Бонче се наоѓа во крајниот југоисточен дел на Прилепското Поле[2] во подножјето на Селечка Планина. Сместено е во долот во горниот тек на Писокалската речица која како поток тече низ самото село, при што над селото од исток се издигнува падината Грнчарица на планинскиот масив на Селечка под пасишта и ретка шума, а на запад и југозапад во котлинската рамнина се од запад и југозапад[3]. Бонче е рамничарско село расположено на надморска височина од 620 метри.[2]. Од градот Прилеп е оддалечено дури 29 километри[2], и иако географски е сместено во Пелагониската Котлина, до него се стигнува по асфалтен пат кој се одвојува од регионалниот пат за Мариово после превојот Слива кај манастирот Писокал. Поради ваквата поставеност, местоположба и сообраќајна поврзаност, доста е раширено погрешното мислење дека Бонче припаѓа на областа Мариово. Бидејќи селото Бонче се наоѓа на допирот на подножјето на западната падина на Селечка Планина со котлинското дно на Прилепското Поле тоа географски припаѓа во котлината Пелагонија. Соседни села во Пелагониската Котлина се Подмол кон запад и Лопатица кон југ - југозапад, а на исток преку падината на Селечка Планина е селото Крушевица во Мариово. Атарот на Бонче е голем и зафаќа површина од 20,7 км2, на кои преовладуваат пасиштаата на површина од 1262 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 743,8 хектари, ана шумите само 0,5 хектари[2]. Бонче е село од збиен тип и се дели на 3 маала: Топчиовско, Средно и Стојковско[3]. До 2004 година Бонче се наоѓало во источниот дел на општината Тополчани, а денес се наоѓа во средишниот дел на Општина Прилеп.
Историја
уредиСелото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) и имало 13 семејства, 1 неженет и 1 вдовица, сите христијани.[4]
Бројните археолошки пронајдоци, особено од времето на античка Македонија, во Бонче и неговата непосредна близина укажуваат дека тука во минатото постоел голем и значаен македонски град. На основа на пронајдените остатоци уште кон крајот на 30-тите години на XX век истражувачите заклучиле дека тука се наоѓала значајна античка населба[3]. Од археолошките пронајдоци и старини посебно се занимливи: старата гробница од IV - III век пред нашата ера, која покрај тоа што временски соодветствува со кралскиот македонски период, заедно со пронајдените македонски борбени штитови со сонца, монети од Александар Македонски и ископините од градот Пелагонија на врвот Висока во непосредната близина, дефинитивно потврдуваат дека овде се наоѓал важен град на античка Македонија. Меѓу населението постои предание дека „старото каурско Бонче“ се наоѓало на 2 километри јужно од денешното село во суводолицата[3]. Тоа место и денес се вика Старо Бонче. Селаните велат дека еднаш „таму тепала чумата и народот избегал“, при што дел од жителите од старо Бонче дошле да живеат во денешното село. На тоа селиште и денес се познаваат грамади од куќи, мраморен (мермерен) камен од црква на местото Миреч Ливада, гробови[3], а на зарамнетото подножје во овој дел е и познатата античка македонска гробница. Најстариот запис на името на селото Бонче потекнува од 1568/69 година каде тоа е запишано во турските пописни дефтери[5]. Со истото име запишано како Бонѕче се среќава и во црковни книги во XVI век, а во црковни и манастирски книги од XVII и XVIII век тоа се среќава запишано како Бонγе[5]. Во Бонче постои доста стара црква посветена на Свети Јован, која што била изградена пред околу 160 години. Пред крајот на турското владеење во Бонче на сопствена земја слободно живееле, односно биле „рајати“ само родовите: Славковци, Божиновци, Топчиовци и Јаневци, што укажува на тоа дека тие можеби се старински родови. Останатите жители биле „ортаци“ на чифлиците од кои два биле на Турци од Битола, а еден на Влав од селото Нивици во пределот Горна Преспа (денес под Грција) населен исто така во Битола[3]. Во селото имало 5 чифликсајбиски кули, а неговите жители земјата од чифлизите на Турците ја откупиле до 1912 година, додека земјата од чифликот на влавот Ќир-Анаќија на селаните им ја доделила државната власт[3].
- Археолошки наоѓалишта
Во непосредната близина на Бонче се наоѓаат голем број на археолошки наоѓалишта познати како:
- Старо Бонче — некропола од старомакедонско (т.н. „хеленистичко“) и римско време, сместен јужно од селото Бонче, Прилепско. На месноста се откриени гробови во кои се најдени монети од времето на Александар Македонски и други македонски владетели, како и римски бронзени монети[6]. Во 2004 тука биле откриени борбените штитови со македонските сонца (Ѕвездата од Кутлеш).
- Спаница — осамени наоди од македонско (хеленистичко) и доцноантичко време. Во близина на селото се најдени монети од Александар Македонски и Јован II Комнин кои се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп[6].
- Црквиште — населба од македонското (хеленистичкото) и римското време. Во непосредна близина на селото се најдени мермерна ара со хеленски натпис, антички монети и помали бронзени статуетки, додека на површината има остатоци од темели на објекти и многу градежен материјал[6].
- Висока (Цуцулот, Каве) — 2 км југоисточно од селото припаѓаат во атарот на соседното мариовско село Крушевица, на кота од 1.472 метри, остатоци од раноантичкиот град Пелагонија - акропола од класично, хеленистичко, римско време и доцноантички/рановизантиски кастел VI век (истражувач професор д-р Виктор Лилчиќ од Филозофскиот факултет - Скопје)
- Градиште Цветково — 1 км југоисточно над селото, остатоци од раноантичка тврдина IV век п.н.е., заштита, предстража на градот Пелагонија на Висока.
- Вигната — остатоци од ранохристијанска базилика
- Миреч Ливада — наоѓалиште од неопределен тип и непознат период
Потекло и значење на името
уредиНајстариот запис на името на селото Бонче потекнува од 1568/69 година односно од XVI век[5]. Научните истражувачи претпоставуваат дека името на селото потекнува од посесивна придавка од прекар Боне, Боно, Бончо изведен од личното име Богдан или Бојан[5]. Името потекнува од македонскиот јазик изведено со деминутивната наставка -че[5]. Меѓу населението на Бонче и околината не постои посебно толкување или предание за настанокот на името на селото.
Стопанство
уредиСпоред составот на атарот селото Бонче има поледелско-сточарска функција. Во него преостантото население како и луѓе кои имаат потекло и имоти, најмногу се занимаваат со сточарство. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци, при што во селото се одгледуваат неколку стада кои и преку летниот и зимскиот период се напасуваат на ридовите јужно и источно од селото[7]. Во помал обем се чуваат и одгледуваат и кози кои се напасуваат на ретката нискостеблеста и грмушеста шума на падината на Селечка Планина источно од селото. Покрај овчото млеко во Бонче се произведува и познатото биено сирење, како и овчо месо за пастрма. Од поледелството најзастапено е одгледувањето на тутун, како и жито претежно пченица и 'рж на повеќе ниви веднаш западно од селото. За сопствени потреби во дворовите на куќите и бавчите крај потокот се одгледуваат и градинарски култури како црвени и зелени тенки пиперки, кромид, лук, патлиџан (домат), марула, зелка, тикви. Неколку куќи се занимаваат и со пчеларство и производство на мед од десетината пчелни сандаци, а постојат и неколку мали насади на лозници и овошни дрвја како круши, јаболка, цреши, сливи. Жители на селото и градот Прилеп се занимаваат и со лов на дивеч во околината на селото.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бонче живееле 350 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бонче имало 240 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бонче се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[11]
Од Бонче се иселил значителен дел од населението[2], а и денес продолжува постојаното опаѓање на бројот на жителите. Така во 1961 година селото броело 580 жители, а во 1994 бројот се намалил на 86 жители, сите Македонци[2].
Според пописот од 2002 година, селото Бонче има 45 жители, сите Македонци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 22 жители, од кои 18 Македонци, 1 Албанец и 3 лица без податоци.[13]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 350 | 240 | 566 | 634 | 580 | 475 | 243 | 95 | 86 | 45 | 22 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]
Родови
уредиБонче е македонско село.
Според истражувањата од 1950-тите, родови во селото се:
- Староседелци или доселеници со непознато потекло: Мојановци (7 к.), Божиновци (4 к.), Шапковци (3 к.), Ашковци (2 к.), Стојковци (8 к.), Дојчиновци (6 к.), Јаневци (4 к.) и Колевци (4 к.)
- Доселеници: Топчиовци (5 к.) и Сејменовци (5 к.) порано биле еден род, доселени се од мариовското село Дуње. Доселени се на почетокот од XIX век; Славковци (3 к.) и Пецовци (4 к.) порано биле еден род, доселени се, но не знаат од каде; Мајсторовци или Бабјаковци (6 к.) доселени се од некое место во Мариово; Тантушевци (8 к.) доселени се од раселеното село Писколал кое се наоѓало на патот Прилеп-Мариово; Гулевци (2 к.) доселени се од некое околно прилепско село; Чулевци (3 к.) доселени се однекаде.[3]
Општествени установи
уреди- Цркви
- Црква „Свети Јован“ — селска црква на ридот веднаш јужно над селото. Патрониот празник Св. Јован (6 мај по стар стил) го слави целото село.
- Образовни
- Подрачна единица на ОУ "Кирил и Методиј" - Канатларци до IV одделение - на влезот на селото од 2012[18] е обновена училишната зграда во која настава посетуваат 4 ученици.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1507 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 42 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
уреди- Ископините од остатоците на старомакедонската гробница на археолошкото наоѓалиште на помалку од 2 км јужно од селото.
Редовни настани
уреди- Свети Јов (во мај) — селска слава
- „Тура преку Слива“ - велосипедска тура на почетокот на октомври
Култура и спорт
уреди- „Тура преку Слива“ - велосипедска тура која започнува од градот Прилеп и преку превојот Слива минува низ Бонче посетувајќи ја древната гробница.
Иселеништво
уредиОд Бонче има значаен број на иселеници и тоа: Дамјановци, Зуберовци и Чунтевци во Подмол, Бончевци во Добрушево, од родот Бабјаковци иселеници има во Марул и Добрушево, Брајановци во Гнеотино, Димоски во Мојно, Бончани во Долна Чарлија и Секуловци во Алинци (Прилепско). Голем број иселеници има и во градовите Прилеп, а помал број и во Битола и Скопје[3].
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 34.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Ф. Јован (1998). Битолско-Прилепската Котлина (српски). 45. Белград: САНУ.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 68
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Инситут за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 65.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 282.
- ↑ Според кажување на Цане Тошески, жител на Бонче. Забележал Марио Шаревски на 31 октомври 2015
- ↑ Васил Кънчов, Македония.Етнография и статистика, 1900, София
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ М., Ка. (5 септември 2012). „Заѕвони ѕвонче во селото Бонче“. Скопје: Нова Македонија. Посетено на 2 ноември 2015.[мртва врска]
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.