Методија Шаторов-Шарло

македонски деец
(Пренасочено од Методија Шаторов)

Методија Шаторов-Шарло (10 јануари 1897 во Прилеп4 септември 1944 во Пазарџик) — македонски комунист и национален деец. Како долгогодишен активист во комунистичкото движење, Шарло непосредно пред Втората светска војна доаѓа на чело на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија и на почетокот од бугарската окупација на Вардарска Македонија ја приклучува македонската комунистичка организација кон Бугарската работничка партија. Овој потег е осуден од страна на југословенското комунистичко раководство — тој е исклучен од КПЈ — а по ослободувањето поради него официјалната македонска комунистичка историографија ќе го третира Шарло исклучително негативно. Во Бугарија се смета за бугарски партизан.

Методија Шаторов-Шарло
Роден 10 јануари 1897
Прилеп, Отоманско Царство
Починал 4 септември 1944(1944-09-04) (возр. 47)
Пазарџик,  Бугарија
Националност Македонец
Познат македонски комунист и национален деец

Рани години

уреди

Основно образование завршил во Прилеп, а педагошка школа во Битола и во 1914/1915 година ја завршил Учителската школа во Скопје. При крајот на 1918 година емигрира во Бугарија. Во 1920 година станува член на Бугарската комунистичка партија, а во 1923 година зема учество во Септемвриското востание. Во 1925 година станува член на Окружниот комитет за Софија и на ВМРО (Обединета). Во декември 1927 година учествува на Втората конференција на БКП во Берлин, при што е избран за член на ЦК на БКП.

Кон крајот на 1928 година Шарло е уапсен и останува во затвор до јули 1929 година, кога е ослободен. По излегувањето од затвор емигрира во СССР, каде што работи како функционер во Коминтерната. Во Бугарија илегално се враќа во 1934 година и се вклучува во активностите на ВМРО (Обединета). Во 1935 година повторно е суден во Софија како член на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) заедно со Димитар Влахов, Васил Ивановски и други. По ослободувањето од затвор повторно заминува во СССР, а оттаму, во февруари 1937 година оди во Париз каде е раководител на Техничкиот пункт на ЦК на БРП(к) за учесниците на Шпанската граѓанска војна. Во Париз останува до ноември 1939 година, кога се враќа во Прилеп.

На чело на комунистичкото движење во Вардарска Македонија

уреди
 
Методија Шаторов-Шарло

Шарло се враќа во Македонија во време кога поради честите провали во редовите на Комунистичката партија во Македонија, партиската организација во Македонија е значително ослабната. Поради тоа врз основа на договор помеѓу КПЈ и Коминтерната, во пролетта 1940 година Шарло преминува во членство на КПЈ и на Првата партиска конференција за Македонија одржана на 8 септември е избран за политички секретар на ПК КПЈ за Македонија. Учесник е на Петтата земска конференција на КПЈ во октомври 1940 година во Загреб, на која е избран за член на ЦК КПЈ. На оваа конференција Шарло остава забележителен впечаток со својата дискусија против Српската колонизација на Македонија.

Неполн месец по окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во април 1941 година, Шарло го упатува своето „Писмо до Стојана“ во кое го истакнува ставот дека Македонија не е ослободена од страна на бугарските војски, туку дека една туѓа власт е заменета со друга туѓа власт и дека народот всушност не ја добил својата слобода. Набрзо потоа, согласно тогашната политика на СССР и Коминтерната,[1][2] ја приклучува Комунистичката партија во Македонија кон Бугарската комунистичка партија, но се противи на нејзината организациска поделба на два обласни комитети (Скопски и Битолски), аналогно на окупаторската административна поделба, и бара од БКП партиската организација во Пиринска Македонија да ја припои кон партиската организација во Вардарска Македонија.[3]

По формирањето на Покраинската воена комисија во јуни 1941 година, Шарло застанува на нејзино чело. Под негово раководство Воената комисија одржала три состаноци. На првите два е донесена одлука за формирање диверзански групи и за акциите што треба да се организираат, а на третиот (во втората половина на август) е донесена одлука за формирање партизански одреди.[4]

Во други извори се наведува дека тој го уништил прогласот за започнување на борба против окупаторите[2][5] Во истите извори се вели дека Шаторов е одговорен за наинформирање на македонските комунисти за заклучоците од мајското советување на ЦК КПЈ за организирање на вооружена борба, а подоцна и за неинформирање во однос на историскиот проглас од 22 јуни во кој се повикува на вооружена борба против окупаторот.[5] Наместо тој го уништува прогласот[2] и застанува на линијата на ЦК БКП кој објавил проглас во кој се вели „Македонци внимавајте“ во кој се инсистира на пасивност и исчекување од страна на Македонците.[5]

На 24 јули 1941 година ЦК на КПЈ упатува писмо со критики кон Методија Шаторов во кое тој се критикува за прекинување на односите со КПЈ, за „заземањето на непријателски ставови против другарите Срби и заземал став кој во ништо не се разликува од ставовите на радикалната буржоазија.“ Во критиките се наведува дека со овие постапки не се помага СССР во борбата против окупаторите. Поради овие постапки, во писмото се наведува, дека тој е изклучен од КПЈ.[2]

Во август 1941 година Коминтерната им препорачува „Бугарија треба да им препорача на бугарските комунисти кои се наоѓаат на територија на Југославија да ѝ укажат целосна помош на Југославија и двете партии да заземат став за самоопределување на македонскиот народ.“[2]

На 17 август, Шарло свикува и одржува партиско советување во Скопје, на кое присуствуваа секретари на месните комитети во Македонија под бугарската управа. На советувањето, по покана од Шарло, присуствува и Петар Богданов, член на ЦК на Бугарската работничка партија (комунисти), а не е поканет Драган Павловиќ, делегат на ЦК на КПЈ, кој на 17 август бил присутен во Скопје со цел да присуствува на ова советување.[6] Бане Андреев, учесник на советувањето, го соопштува следното: „Шарло го отвори советувањето и констатира дека од цела Македонија присуствуваат делегати, освен од партиските организации под италијанска окупација. Сите го потврдија ставот на Шарло и на Бугарската работничка партија, се изјаснија против ставот на Комунистичката партија на Југославија и осудата (од ЦК на КПЈ з.м.) против Шарло.[7]

По завршената дискусија и завршниот збор, била поднесена резолуција од страна на Шарло со која му се дава доверба, се одобрува неговата досегашна политика и работа, се одобрува политиката на Покраинскиот комитет под неговото раководство, како и приклучување на македонската партиска организација на Бугарската работничка партија (комунисти). Сите присутни делегати гласале за Шарловата политика со што ја одобриле неговата политика, со исклучок на Перо Георгиевски-Чичo.

Во врска со одлуката да не се собира оружјето од војската на Кралството Југославија, Вера Ацева тврди: „Директивата да не се собира оружје на Месниот комитет на Прилеп ја пренесе Киро Петрески-Димуш. Наместо да се собира оружјето што беше расфрлено на сите страни од старата југословенска војска, оружјето му се препушти на окупаторот.[8] Дека Шарло дал усна директива да не се собира оружје, покрај Вера Ацева, го тврди и ЦК на БРП(к) во писмото до ЦК на КПЈ, испратено кон крајот на август 1941 година. Во ова писмо, меѓу другото, се наведува следното: „Согласни сме дека другарот Стари (Шарло, з.м.) направи груби политички и организациони грешки (предавање на оружје, советска Македонија, непартиско однесување спрема Југославија), за кое го осудуваме и за кое заслужува казна.[9]

Незадоволство предизвикува и истакнувањето на паролата за „Советска Македонија“ од страна на Шарло, која била спротивна на тогашната ориентација кон народни фронтови на комунистичките партии и која се сметала за секташки ориентирана.

Припојувањето на организацијата за Вардарска Македонија кон БКП наидува на осуда кај раководството на КПЈ, кое реагира во врска со тоа кај Коминтерната и го исклучува Шарло од членство на КПЈ.[2] Во втората половина на август 1941 година Коминтерната зазема став во прилог на КПЈ, по што Комунистичката партија во Македонија е вратена во составот на КПЈ,[2] а Шарло дава оставка на функцијата политички секретар на Покраинскиот комитет и пишува писмо до Централниот комитет на КПЈ во кое моли да оди во Скопскиот партизански одред.[10]

Во однос на пасивоноста на Шаторов на 6 септември 1941 година ЦК КПЈ упатува отворено писмо до членовите на партијата во Македонија кое се однесува на како што се наведува „антипартиската работа на дотогашниот Покраински комитет на КПЈ за Македонија“ кое е суспендирано. Во писмото, покрај другото, се наведува дека „Главниот човек од Македонија стариот Шарло го уништил прогласот на КПЈ во кој се повикува членоството на борба и акции.[2][11]

На почетокот на септември 1941 година формиран е нов Покраински комитет на КПЈ за Македонија (во состав: Лазар Колишевски, Борка Талевски, Мара Нацева, Бане Андреев и Благоја Јанков).[5][12] Со изборот на нивиот ПК на ЈПК за Македонија започнуваат подготовките за започнувањето на вооружената борба против окупаторот. Следниот месец, на 11 октомври започнува вооружената борба против окупаторот во Македонија.

Од ЦК КПЈ не добива позитивен одговор во однос на неговото заминување во партизани по што на 11 септември[13] Шарло го напушта Скопје и оди во Софиjа, каде што се става на располагање на ЦК БКП.

Враќање во Бугарија и загинување

уреди
 
Споменик на Методија Шаторов во Пазарџик, Бугарија

Во Бугарија, во јануари 1942 година Шарло станува секретар на Софискиот окружен комитет на ЦК БКП. До 1944 година извршува разни задачи во рамките на бугарското антифашистичко движење, при што меѓу другото е политички комесар на Третата оперативна зона со средиште во Пазарџик.

На 4 септември 1944 година, само неколку дена пред ослободувањето на Бугарија од страна на Црвената Армија, при една акција на бугарската војска против партизаните, во фазата на повлекување пред непријателот, Шарло загинува под неразјаснети околности во месноста Милеви Скали кај Пазарџик. Според официјалната верзија, Шарло е убиен од непријателски оган, но подоцнежните истраги посочуваат на моменти кои се во спротивност со првобитната верзија.[се бара извор] Имено, се знае дека Шарло бил во судир со Љубен Гумнаров и можно е неговото убиство да било испланирано од негова страна, па дури и со знаење на раководството на БКП. Меѓу верзиите што кружат е и таа дека Шарло е убиен со цел да се одоброволи југословенското комунистичко раководство на чело со Јосип Броз-Тито.

Шаторов е погребан во Пазарџик, каде што му е подигнат споменик и каде што и денес се наоѓа неговиот гроб.

Значењето на Шарло

уреди

Како една од водечките личности на ВМРО (Обединета), а потоа и како водач на комунистичкото движење во Македонија, Шарло се залагал за самостојна и обединета држава на македонскиот народ. Покрај тоа, во архивите на некогашната Коминтерна се откриени документи според кои Методија Шаторов постојано се изјаснувал како Македонец. Тој се смета уште за еден од најзаслужните за тоа што Коминтерната и Бугарската комунистичка партија го признале постоењето на македонскиот народ.[се бара извор]

Постојат и други ставови. Вера Ацева, на линија на официјалната историографија во времето на комунизмот, во 1973 година го тврди следното: „Прво, другари, ако се чита писмото на Методија Шаторов-Шарло, напишано по распуштањето на Покраинскиот комитет и неговото сменување од секретар на ПК на КПЈ на Македонија ќе се види дека тој во душата е Бугарин. Целото негово дејствување преку летото 1941 година, како секретар на ПК, беше подредено на тоа Македонија да биде составен дел на Бугарија. Јас лично го познавам, сум работела со него, сум била член на ПК, па според тоа, можам повеќе и да судам.“[14]

Поради неговите автономистички и македонски заложби кои беа во спротивност со југословенската идеја, застапувана од македонското политичко раководство, Шарло за време на комунистичкиот режим беше оцрнуван како предавник на македонскиот народ и саботер на неговата борба за ослободување.

Рехабилитацијата на Шарло започнува по падот на комунизмот, а значителен придонес во таа насока дава научниот собир посветен на Шарло, а организиран од МАНУ во ноември 2005 година.

Наводи

уреди
  1. Anton Kolendić “Bijele mrlje makedonske povijesti”, “Start magazine”, Zagreb, No. 537, 19.8.1989, 52-53 str.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Зборник докумената и података о народноослободилачком рату Југословенских народа - Борбе у Македонији, уредници: Крсте Црвенковдки, Лазо Мојсов, Иван Мазов, Стево Маодуш, Јован Вујошеви, Лазо Богески, том VII, книга 1, Издавач: Војноисториски институт Југословенске Народне Армије, година: 1952.
  3. Крсте Црвенковски, Славко Милосавлевски „Нашиот поглед за времето на Колишевски“, „Мисла“, Скопје, 1996, 64 стр.
  4. Александар Спасовски „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“, Архив на Скопје, Скопје, 1984, 27-28 стр.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Дане Петковски, Владо Стрезовки, Борбена дејства у западној Македонији: 1941-1944, Војноиздавачки завод, Београд, 1983
  6. „Историјски архив КПЈ“, Том 7, Београд 1951, стр. 42, 43.
  7. „Јордан Цеков - Дане „За тебе говори приказната". Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2013-01-12.
  8. Види „Прилеп и Прилепско во НОВ 1941“, Скопје, 1976, стр. 32, 33.
  9. Види „Историјски архив КПЈ“, том 7, Белград, 1951, док. бр. 21, стр. 51.
  10. Anton Kolendić “Bijele mrlje makedonske povijesti”, “Start magazine”, Zagreb, No. 537, 19.8.1989, 54 str.
  11. Лазар Колишевски, „Политички извештај на ЦК КПМ, Реферат на Првиот конгрес на КПМ, Скопје, 1949 година, стр. 54.
  12. Владо Ивановски, „Исклучувањето на Методија Шаторов“, Разгледи, година XIII, бр. 5, Издаваштво „Скопје“, мај 1971
  13. Александар Спасовски „Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941-1945“, Архив на Скопје, Скопје, 1984, 43 стр.
  14. "Дискусија на Вера Ацева, Скопје во НОВ, 1941", Скопје, 1973, стр. 379“. Архивирано од изворникот на 2014-03-16. Посетено на 2007-05-11.

Надворешни врски

уреди