Васил Атанасков Ивaновски (Ловраде, Костурско, 18 октомври 1906 - Софија, 1991) — македонски културно-национален и комунистички деец, публицист и историограф.

Васил Ивановски
Роден 18 октомври 1906
Ловраде, Солунски вилает, Османлиска Империја
Починал 1991
Софија, Бугарија

Животопис

уреди

Заедно со семејството Ивановски емигрира во Бугарија. Прогимназијалното училиште го завршува во Пловдив. Бил тутунски работник, синдикално и политички активен, а од 1923 г. член на БРП (комунисти) и претседател на Прогресивната македонска младинска организација.[1] Учествува во Септемвриското востание.

Во 1926 г. емигрирал во СССР (Одеса и Тбилиси). Во септември 1927 г. бил испратен на студии на Комунистичкиот универзитет за националните малцинства на Западот во Москва, кои ги завршил во 1929 година.

 
Статијата „Зошто ние Македонците сме одделна нација(кликнете на сликата за да ја отворите и читате во целост)

Во Бугарија се враќа во 1933, кога станува член на ВМРО (об.). Соработува со весниците „Македонско знаме“, „Македонска револуција“, „Македонско единство“, „Обединист“, како и во списанието „Македонски вести“. Во „Македонско знаме“ ја објавува брошурата „Идеите и задачите на македонското движење во Бугарија“, како најава на студијата „Зошто ние Македонците сме одделна нација“, потпишан како Бистришки. На судскиот процес во Софија против членови на ВМРО (Об.) во 1936 година бил осуден во отсуство на 5 години затвор.

Во 1941 г. преминал во нелегалност. Во 1942 бил уапсен и осуден на 15 години затвор. Од 1943 г. казната ја издржувал во Идризово, Скопско. На 20 јуни 1944 година, заедно со Перо Ивановски, Димитрија Алексовски - Пекар и Никола Димитровски - Грчето, успева да избега од затворот „Идризово“[2] и се вклучува во НОВ на Македонија. Учествува на Првото заседание на АСНОМ. Работи во весникот „Илинденски пат“, а при основањето на весникот „Нова Македонија“ е избран за негов прв главен уредник. Бил и заменик-министер за социјални грижи.

Во 1944-1945 година се спротивставува на просрпската и антибугарска политика на Лазар Колишевски при создавањето на македонскиот литературен јазик и азбука.[3]

 
Книгата „Македонското прашање - во минатото и сега“ (1943)(Стиснете на сликата за да ја читате во целост)

На почетокот на ноември 1945 година се враќа во Бугарија и работи во Пиринска Македонија. Во 1948 г., како претседател на Македонското братство во Софија, заедно со Спиро Василев - Загоричанинот прави обиди да го издаде дневникот на македонскиот револуционер Васил Чакаларов, но не успева во тоа, бидејќи при апсењето во процесот против Трајчо Костов дневникот на Чакаларов е запленет од полицијата (патем, бил издаден 52 години подоцна, во Софија, Бугарија)[4]. Во 1949 година е уапсен во процесот против Трајчо Костов. Осуден е на 12 години строг затвор и губење на граѓанските права за 15 години.[5] По седум години одлежани во затвор, во 1956 година бил рехабилитиран и ослободен. Умира во Софија во 1991 година.

Наводи

уреди
  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, том I, стр. 586-587.
  2. Стојан Илиќ - Каталенац „Никола Димитровски - Грчето“, Скопје, 1997, 87 стр.
  3. „БКП, Коминтернът и Македонският въпрос (1917-1946)“. Документи, т. ІІ, издава Главно управление на архивите, София, 1999, с. 1245-1248
  4. Васил Чекаларов: ДНЕВНИК 1901-1903 г., стр. 5 (Предговор), съставителство Ива Бурилкова, Цочо Билярски (ИК „Синева” София, 2001)
  5. Александар Литовски „Јубилеен календар за Егејскиот дел на Македонија во 2009 година“, Организација на Македонците-потомци од Егејскиот дел на Македонија, Битола, 2009.

Литература

уреди
  • Иван Катарџиев, „Васил Ивановски, борец за идеалот за слободна и обединета Македонија на Балканот“, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2014.