Македонски народни носии
Народните носии во Македонија имаат многувековна традиција. Тие се дел од материјалната култура на македонскиот народ и претставуваат значајна гранка од народното уметничко творештво. Создавани како колективна придобивка на сиот македонски народ, тие во долга низа години се пренесувале од поколение на поколение и во својот развоен пат во себе вклопиле многу елементи од разните културни влијанија што се вкрстувале на овој дел од Балканот. На најстариот културен слој - старобалканскиот, како и на древната хеленистичка култура, се надоврзува културата на облекувањето на старите Словени, кои во силните налети од V до VII век го населуваат овој дел на Балканскиот Полуостров. Во понатамошните културни текови се надоврзува влијанието на византиската цивилизација, како и силниот уплив на турско-ориенталните елементи, па сè до најновите струења од Запад.
Во долготрајниот процес на оформување на народните носии во Македонија учествува сиот македонски народ-творец и создавач на народните носии. Во нивното оформување се одразени разните историски, општествени, економски и културни настани. Различните културни влијанија низ вековите, во различни историски епохи, се примани во народните носии, преработувани со творештвото на народното сознание, прилагодени на народниот бит и начин на живот, развиени и усовршени со народните естетски сфаќања. Така се создале народните носии во Македонија како израз на народните колективни, естетски и психички диспозиции.
Освен културно-историските прилики и творечкиот дух на народот, во оформувањето и обликувањето на народните носии во Македонија од значење се и географско-природните услови. Високите планински масиви, ритчестите падини и питомите котлини, со кои се одликува релјефот на Македонија, давале одредени услови за стопанисување, кое од своја страна нашло одраз во животот и културата на населението. Со посебни специфични форми, како во материјалната, така и во духовната култура, се издвојува културата на планинците, кои, главно, се занимаваат со сточарство, од културата на рамничарите, кои главно се ориентирани кон земјоделството. Во многу предели овие две култури се преплетуваат, создавајќи на тој начин поинакви форми на сложената култура на облекувањето, како и во целокупниот народен живот воопшто.
Сите овие чинители, кои учествувале во оформувањето на народните носии во Македонија и во создавањето на традиционалните форми на народното облекување, биле важни фактори за дефинитивното обликување на разновидните и типски различни форми на народните облеки и на народното облекување воопшто. Во оформувањето на нивните типски и декоративни обележја нашле одраз дамнешните епохи, како и времето во кое се создавани. Со сето свое богатство, изразено со бројноста и разновидноста на облеките, начинот на нивното украсување, во орнаменталните композиции и во колоритот, народните носии доаѓаат до нас преку сè уште зачуваните примероци употребувани во XIX и првите децении на XX век.
Носиите по етнографски области, целини и предели
уреди
|
Затворениот економски живот во минатото, слабите патни комуникации, како и повеќевековната национална зависност на македонскиот народ, придонесоа до неодамна многу носии да зачуваат многу архаични елементи како во однос на кројот, така и во начинот на нивното украсување. Не помала важност за таквата зачуваност имаа и селските заедници, кои континуирано опстојуваа до првите децении на минатиот век. Тие задржаа многу одлики од некогашниот здружен живот, посебно народните носии со нивната извонредно голема разновидност од облеки, облековни делови и украси, што варира не само од предел до предел, туку е забележлива и во рамките на определена пределска целина. За да се направи што поцелосен преглед на македонските народни носии, најпрво треба да се пристапи кон најчесто применуваниот метод – систематизација на носиите, заснован на културно–географскиот принцип, усогласен со територијално–етнографската поделба на Македонија на етнографски целини: горновардарска, дебарско-реканска, брсјачка, средновардарска – како подгрупа на етнографските целини што ја опкружуваат, шопско–македонска, струмо–местанска и јужномакедонска со бројните пределски целини. Според таа систематизација поголемиот дел носии во Македонија со оглед на нивните основни типски одлики во глобална смисла можат да се групираат во два основни типа:
- Западномакедонски тип
- Источномакедонски тип
Кон првиот тип, во најголема мера припаѓаат носиите од горновардарската, дебарско–реканската и брсјачката етнографска целина со следниве одлики:
- Горни бели клашнени облеки, со богата декорација од гајтански апликации (црни, црвени, срмени), украси со срмен терзиски вез, со апликација од чоја, со волнени рески и сл.
- Бели платнени кошули (од лен, коноп, памук) од типот на централнобалканските кошули, богато украсени (посебно женските) со специфична полихромна декорација во геометриски дух, поретко и со бел вез
- Разновидни појаси (машки и женски) и појасчиња (женски), најразлично украсени (ткаени, плетени)
- Скутини женски (ретко и машки) во разни димензии (големи и мали) со специфична геометриска орнаментална декорација, со дополнителни украсни елементи рески или без нив
- Специфични женски покривала за на глава (сокај, гајтан, корпа, дарпна, марама) со богато везена декорација дополнета со рески
- Богат и масивен женски накит со разни форми на китење и украсување.
Кај овој тип носии забележливи се постар вид на облековни елементи со испреплетени траги и влијанија од повеќе култури: старословенска, старобалканска, византиска и турско-ориентална. Отстапување од овој тип прават носиите во делови од горновардарската и дебарско-реканската етнографска целина. Станува збор само за женските носии од пределските целини Горни Полог, Горна Река и Мавровско Поле, Голо Брдо како и женските носии кај преселниците од Река (исламизираните Македонци) Бабуна – Велешко. Како такви се издвојуваат со следниве облековни делови:
- Застапеноста на две скутини (предна и задна) – опрегач преден и опрегач заден
- Женски кошули од кенарлија платно, чиј крој отстапува од вообичаениот централнобалкански тип, без везена декорација
- Горни облеки (женски и машки) мошне богато украсени со срмен терзиски вез
- Специфично обување на нозете со калци, чулци и тозулци кои заедно прават едни ноги
- Богат женски накит
Кај овој подвид забележливи се старословенски, старобалкански, но и евидентни се турско-ориентални елементи пренесени со посредство на печалбарите од Турција. Во орнаменталната декорација од поново време преку печалбарите од Војводина и Романија присутно е влијанието и оттаму. Кон источномакедонскиот тип припаѓаат носиите од средновардарската подгрупа, шопско–македонската, струмо–местанската и јужномакедонската етнографска целина, со следниве одлики:
- Горни облеки (машки и женски) во потемен колорит (од црн, темносин или во сура боја шајак), облеки од пругава лито ткаена волнена ткаенина алаџа и антерија. За разлика од западномакедонскиот тип украсувањето е во поскромен обем, главно со волнени гајтански апликации, индустриски ленти, ширити, и др.
- Горни женски платнени облеки саи, главно бели, како и сино бојосани
- Долни облеки (машки и женски) од коноп, лен, памук или од платно во пруги со кенари. Во декорацијата на женските кошули и саи важно место има вткаената орнаментална декорација ткаена во техника пребир – шар на разбој или вез на разбој; украсувањето со вез по карактер и везачки техники значително отстапува од геометрискиот дух карактеристичен за везената декорација кај облеките од западномакедонскиот тип; на места отсуството на везена декорација е заменето со украсување од рачно плетени полихромни тантели во турско–ориентален дух
- Женските скутини, за разлика од западномакедонскиот тип се со поскромна вткаена декорација; во некои пределски целини се застапени скутини со вткаени каро комбинации; застапеност на машките скутини (во делови од средновардарската подгрупа на носии)
- Во голем број случаи машките чорапи се одликуваат со вплетена орнаментална декорација со карактеристични геометриски мотиви
- Во китењето и украсувањето доминантно место има монистрениот накит; кај одделни носии тој е придружен и со маркантен накит како што се на пример пафтите.
Технолошко креативни постапки, категории и дисциплини
уредиПри обликувањето на народните носии главното место го имала жената селанка, бидејќи целокупната активност речиси ја имала самата таа, почнувајќи од предењето на суровините, бојосувањето на преѓата, изработката на ткаенините, конструкцијата на кројот, шиењето до украсувањето и китењето. Во оваа насока неспорно важна улога имала и појавата на специјализираните мајстори-терзии, кои главно ги изработувале и украсувале горните облеки, додека локалните занаетчии – кујунџиите го изработувале накитот. Волната, конопот, ленот, памукот, во помала мера и свилата, обработувани на стар традиционален начин, се основните суровини кои имале голема примена за изработка на носиите. Во најголем дел број случаи горните машките и женските облеки се изработувани од домашна четворно ткаена волнена ткаенина ’’клашна’’ или ’’шајак’’, во бела, црна или сура боја – природна боја на волна или од четворно ткаена ткаенина од црвено и темносина бојосана преѓа. Во повеќе делови на источна и југоисточна Македонија за изработка на горната облека голема примена имала лито ткаена ригеста волнена ткнаенина ’’алаџа’’ или ’’антерија’’. За разлика од горните облеки, долните машки и женски облеки: кошулите и гаќите, главно се изработувале од домашно ткаено бело конопно, ленено и памучно платно. Во одделни пределски целини овие облеки се изработувани од и од платно чија бела памучна основа е комбинирана со тесни појаси од свилена преѓа – во вид на риги – ’’кенари’’, по што и самото платно е познато како ’’кенарлија платно’’. Поретко, на пример во делови од Пиринска Македонија и Егејска Македонија некои од горните женски облеки – ’’саите’’ се кроеле од домашно ткаено платно во сина боја. Кројот речиси на сите облеки е доста едноставен, условен од ограниченоста на ткаенините ткаени (главно на тесен хоризонтален разбој), во широчина која варира од 38 до 42 см, во ретки случаи и до 48 см. Подреден на ткаенините со вакви димензии истиот е приспособен на анатомијата на човековото тело. Тој е истовремено извонредно рационален, зашто секој дел од ткаенината што се крои е максимално употреблив. Принципот на кроење се состои од подолги или покуси правоаголници или дијагонално кроени правоаголници – ’’реборници’’, ’’клинови’’ или ’’бочници’’ – за странично проширување на облеките. Во визуелна смисла, речиси сите горни машки и женски обеки без разлика дали се: без ракави, со куси или со долги ракави, или пак, по должина: долги до појасот, под колковите, до колената, до средината на листовите. Во ретки случаи долги до глуждовите, се одликуваат со нагласена страничност и архитектоника, со определена ритмика и динамика. Конструктивноста и архитектониката се одлика и кај кројот на машките и женските кошули, со таа разлика што машките се покуси - до колената. На пример, кројот на женските кошули се состои од: правоаголно парче платно со фиксирана должина, кое предиплено во вид на пончо (долго до глуждовите) го определува предниот дел – ’’предните поли’’ и задниот дел – ’’задните поли’’. Во горниот дел – околу вратот и предниот граден дел платното се откројува или ’’грли’’, за одгрлениот вратен дел се крои тесно правоаголно парче ’’корил јака’’, ракавите се секогаш едно цело и едно половина правоаголно парче платно – ’’подраче’’. Кај секојдневните кошули за проширување од обете бочни страни се кројат по најмалку два ребреника, за разлика од невестинските кои можат да имаат двојно повеќе. Со карактеристични кројни елементи посебно се издвојува облеката ‘‘фустан‘‘ – вид здолниште, од составот на машките носии, секогаш од бело памучно платно, скроена со голем број клинесто кроени парчиња.
Ткаеници
уредиИнтегритетот на технолошкото и креативното, основна одлика на ракотворната дејност, присутен во сите фази од процесот на обликување на народните носии, е посебно изразен кај орнаментираните ткаенини – скутините. Ткаенини во правоаголна форма, дел од нив обликувани од една дипла или обликувани од две хоризонтални или вертикално соединети дипли, најчесто орнаментирани со вткаена орнаментална декорација уште при самиот процес на ткаењето, сами по себе претставуваат посебни декоративни изработки со впечатлива убавина. Како елементарен и задолжителен дел од составот на женските носии,а кај помал дела кај машките носии со својата правоаголна форма и централното место што го имаат во однос на другите облековни делови, на визуелен план имаат важна улога во физиономијата на определена носија. Со евидентна практична и естетска функција, широката намена на разни возрасти и прилики, во составот на македонските народни носии, тие се застапени во бројни варијанти, со најразличен декоративно – орнаментален третман и ликовно–естетски ефект. Геометрискиот орнаментален третман условен од ограничените ткајачки техники е присутен кај сите скутини, од оние со најмали, до оние со најголеми димензии, каков што е случајот со рустичната прилично масивна скутина ’’чултар’’ од Прилепско–битолско Поле. Во зависност од локалната традиција на определена општествена средина, кај некои од овие толку карактеристични ракотворби покрај доминантна вткаена орнаментална декорација, своја улога, во прилог на декоративноста, имаат и други дополнителни украсни елементи:
- Гајтански апликации
- Метални украси
- Монистра
- Пулејки
- Рески, и сл.
На пример, во некои планиско–сточарски предели, во кои овчарството било главна стопанска гранка волната како материјал се покажала како многу податлив материјал за изработка на специјалните вешто усукани волнени рески, не само присутни во декорацијата на облековни делови, туку и во декорацијата на женските скутини. Преку примената на овие рустични украсни елементи како најкарактеристична се издвојува невестинската скутина ’’кивчена бовча’’ составен дел од женската мијачка носија. Покрај вткаената орнаментална декорација, волнените украсни рески и другите понапред спомнати дополнителни украсни елементи, кај одделни примероци на скутини, како на пример во Горна Река и Мавровско Поле, декоративноста е засилена и со везена декорација. Овој начин на украсување е најоригинално применет кај невестинската скутина ’’срмена утајка’’ во Скопска Црна Гора, целата извезена со сребрена и златна срма со релјефно изведени кружни мотиви ’’колца’’. Истиот, покажува посебен ликовен третман и вредност кој на свој начин укажува на неограничените можности во сферата на народното ликовно изразување. Во контекст на ткајачката вештина, од технолошко – естетски аспект, задолжително треба да се спомене и специфичниот начин на ткаење на таканаречените ткаени оранаментални делови – ’’берени’’ или ’’пребир’’ со кои се украсувани одделни текстилни изработки, но и делови од носиите, на пример некои женски кошули и ’’саи’’ од Југоисточна Македонија: Радовишко–струмичко Поле, Разлошко, Петричко, Светиврачко, Мелничко, Драмско, Серско, Неврокопско, Његушко и Воденско. Вешто вткаени уште при процесот на ткаење на самото платно, тие оставаат впечаток на везена декорација со посебна ликовно – естетска фактура и вредност. Не случајно ваквиот начин на ткаење е познат и како ’’шар на разбој’’ или ’’вез на разбој’’. Најрепрезентативен, компониран во поголеми орнаментирани површини, најзастапен е во декорацијата на долниот дел од женските кошули од Воденско. Истиот вид на ткаење е присутен кај невестинските покривала за на глава – ’’убрусите’’ во Прилепско–битолско Поле, во Мариово и кај невестинските марами во Охридско и Струшко Поле.
Плетила
уредиВо обликувањето на македонските народни носии, македонската селска жена, своето естетско чувство го вградила и во плетачката вештина. Во рамките на оваа ракотворна дејност основно е плетењето на чорапите неразделно сврзани во составот на секоја носија. Како облековен дел, специфични по форма, со јасно нагласена функција, плетени на пет, три или на една игла, главно со волнена, поретко со памучна преѓа, во некои случаи и во комбинација со срма, се покажале многу инспиративни и на ликовно – естетски план. Вос составот на машките носии вообичаени се чорапите долги до потколената, скоро секогаш богато орнаментирани од стапалото до горниот дел - ’’грлото’’. Истата форма ја следат и женските чорапи, но кај нив, поради должината на кошулата (која прилично ги покрива), орнаменталната декорација е најбогата од стапалото до над глуждовите – делот кој е најизложен на погледите. Паралелно со овие за составот на женската носија во одделни пределски целини (Преспа, Битолско Поле, Дебрца, Железник, и др.) карактеристични се и чорапите без стапала – ’’калци’’, ’’чулци’’ (Преспа, Горна Река, Мавровско Поле) и ’’шутарке’’ (села под планината Сува Гора), орнаментирани во орнаментални појаси преку целата должина, во духот на локалната традиција. Во однос на колоритот, основни бои се црвената, црната и белата, со помало или поголемо присуство на жолтата, сината, зелената, како и златната и сребрената срма, во некои случаи срмата како материјал е прилично доминантна (Горна Река, Горни Полог). Според складноста на колоритот и карактерот на орнаменталната декорација, во највисоко естетско рамниште се постариот вид чорапи познати како ’’алови’’ или ’’алски чорапи’’, со карактеристичните геометриски мотиви ’’колца’’, ’’кола’’ или ’’тркала’’, на црвена основа. Кај чорапите од поново време, покрај чисто геометриските мотиви се сретнуваат и чорапи орнаментирани со геометризирани вегетабилни, односно флорални мотиви. Во делот од Македонија, покрај чорапите плетачката вештина дошла до израз и преку плетењето на народните тантели, по карактер слични на турско–ориенталните декоративни изработки – ’’оји’’, вид плетени бордури за украсување на рабовите на женските кошули, марамите – ’’кавраци’’ и крпите ’’бришалки’’ – со практична, но и со евидентна естетска функција. Најкарактеристични меѓу нив се рачно плетените полихромни тантели ’’сорки’’ и ’’цуцки’’ (Овче Поле, Штипско Поле, Кочанско Поле и други). Иако претставуваат еден вид варијанта на сите, нивното огромно изобилство од разновидни форми, во овој регион, укажува на тоа дека со текот на времето придобиле свое специфично локално поединечно обележје. Поаѓајќи од карактерот, колоритот и техниките на изведба ’’прав зурав’’, ’’навракан зурав’’, ’’мотканки’’, ’’власнички’’ и др., тие слободно можат да се сметаат како дел од инвентарот на македонското текстилно народно творештво. Нивниот декоративен ефект е најсилно изразен врз ракавите од женските кошули, аплицирани во неколку хоризонтални компонирани кифчести појаси со впечатлива убавина.
Китење и накит
уредиМеѓу наједноставните форми на китење, тесно сврзано со телесниот изглед, а во тој контекст и на носиите претставува украсувањето со природни средства од најблиската околина, како на пример: со босилок, со џунџуле или со друг вид на цвеќе, што се носеле заденати зад увото, во косата, на појасот, в рака, и слично. Венец од бршлен или китки од цвеќе, носеле невестите на главата, китка цвеќе (зетовска китка) носел и младоженецот, како и сите учесници на свадбениот церемонијал. Невестинска капа – ’’венец’’ (Скопска Црна Гора ), украсена со најразлични украси на горниот дел се китела со полски и друг вид на цвеќиња. Сличен начин на украсување на главата со цвеќе се практикувал и во многу други средини. Ваквото китење некои го сметаат за остаток од античкиот венец со цвеќиња кој преку Византија бил прифатен во скоро сите европски земји, најпрво како украс од цвеќе, а потоа во таква форма почнал да се изработува од благородни метали. Во китењето со природни средства голема примена имале обоените пердуви од разни птици. Украси од обоени пердуви носеле девојките и невестите. Мариовските невести носеле ’’перјаници’’ една година по венчавањето. Особено биле омилени пауновите перја, со кои е поврзано и верувањето за заштита од лоши очи и уроци. Генетски гледано, китењето на косата и главата спаѓаат во најстарите форми на украсување. Потврда за тоа можат да бидат разните архаични украсни елементи од долги волнени рески кои се носеле прикачени за косата и плетенките во вид на ’’коцели’’ и веќе спомнатите невестински превези со мошне старо потекло (сокаите и убрусите), скоро секогаш украсени со везена декорација и дополнителни украсни елементи (школки, монистра и метални украси). Добар дел од нив, украсени со стари метални пари, може да се смета за појава сврзана со раното продирање на стоковно–паричната размена во македонското село. Ваквото украсување има длабок народен карактер од причина што многу украси од овој вид не се поврзани со занаетчиското производство. Метални монети користени како украс и накит, прикачени за плетенките од косата, или аплицирани на парче ткаенина, редени како рибини лушпи, во вид на масивни украси за градите:
- Гердан (Кумановско, Прилепско–битолско Поле)
- Леденик (Скопска Блатија)
- Панѕур (Горни Полог)
- Ржонде (Горна Река)
Истите се вбројуваат меѓу највпечатливите форми на украсување кај македонските женски народни носии. Не помалку привлечни се и примероците на метални пари аплицирани на сличен начин како претходните, како ’’пренизите’’ и ’’узуобрските’’ (Села под планината Сува Гора), невестинските ’’подбрадници’’ (Скопска Блатија, Горно Брдо, Солунско Поле и многу други). Со слична намена се користени и златни монети ’’алтани’’ - појава што најдиректно е поврзана со желбата за истакнување на економската моќ и општествената положба на носителите. Развојот на накитот, дело на специјализирани мајстори златари и кујунџии, може да се следи од периодот на средновековието и многу порано. Препознатлив каков таков тој егзистира најдоцна до крајот на осумнаесеттиот век, кога всушност доаѓа до забележителен прекин на уметничките занаети, онакви какви што до тој период опстојувале. Како резултат на ваквата состојба само одделни постари примероци се задржале до крајот на XIX век. Во текот на истиот век, како карактеристичен накит – составен дел од градските женски носии е ’’тепелакот’’, коцлест сребрен украс што се носел врз невестинска капа, украсен со дополнителни елементи од сребрени пари прикачен за сребрени синџирчиња. Преку градските центри тој се појавува и во селските средини со поизразена економска моќ. Најкарактеристичен женски накит од составот на македонските народни носии се ’’пафтите’’. По форма претежно округли, кубести или листовидни. Како најрепрезентативни, со впечатлива убавина се издвојуваат пафтите застапени во носиите од делово од Западна Македонија: Река – Мијаци, Битолско–прилепско Поле, Голо Брдо, Мариово како и во делови од Југоисточна Македонија: Светиврачко, Петричко, Драмско Поле и Серско Поле. Покрај споменатите пафти, во составот на мијачката носија, свое посебно место има карактеристичната сребрена ’’игла’’, за на глава и специфичниот накит ’’низалка’’, во форма на широка мрежа од сребрени жици, украсен со богат поткит од ситни лиени филигрански плочки и големи сребрени пари. За разлика од женскиот, машкиот накит е поскромен. Најкарактеристичен машки накит е сребрениот ’’ќостек’’ за саат, што се носел прикачен на градите. Овој вид накит, привилегија за граѓанскиот слој во селските средини го носеле главно поимотните селани. Накитот од занаетчиско производство се изведувал од разновиден материјал: злато, сребро, месинг и метални легури. Најзастапени техники се:
- Лиење
- Чукање
- Гравир
- Филигран
- Гранулација.
Произведуван главно од македонските занаетчии во напознатите кујунџиски центри: Струга, Охрид, Битола, Дебар, Крушево, Скопје, Прилеп, Кукуш, Воден, Солун, и други, во голема мера се одликува со голема разновидност и изобилство од украси, со богат поткит од апликации од скапоцени камчиња, емајл, обоено стакло и седеф во разни комбинации. Покрај доминантната застапеност на металниот накит, во украсувањето на облеката и комплетниот телесен изглед свое место има и монистрениот. Истиот, со голема инвентивност и вештина го обликувале жените од ситни или покрупни монистра, понекогаш во комбинација на пулејки исплетени или извезени во вид на разновидни колани, ѓердани, нараквици, подбрадници, кустеци и др. Како највпечатливи се издвојуваат ’’ќостеците’’ кои подеднакво ги носеле мажите и жените.
Галерија
уреди-
Битолчанка облечена во староградска носија, снимена во ателјето на браќата Манаки во Битола, 1904 година
-
Брачна двојка од Демир Хисар, облечени во носија, снимени во ателјето на браќата Манаки, во Битола, 1916 година
-
Семејство во народна носија од село Скочивир, фотографирано околу 1916 година
-
Народна носија од Драчево, Скопје, од 1930-те година
Користена литература
уреди- Ѓорѓи Здравев, Македонски народни носии I, Матица, Скопје, 1996 година.
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- фотографии од македонски носии Архивирано на 23 мај 2016 г.
- фотографии и видеа од македонски народни носии и ора Архивирано на 26 октомври 2020 г.
„Македонски народни носии“ на Ризницата ? |