Пафти (едн. пафта, обично се користи во множина) — украс од женската народна носија, тешки метални токи за запетлување на појасот.[1] Според Елица Манева „...пафтите во наведеното време (од XVIII до почетоците на XX век) на овие простори биле дел од женскиот, особено од невестинскиот накит, но и од машкиот, секојдневен, профан, свечен или свештенички додаток на облеката.[2]

Пафти во Музејот на Македонија

Потекло на поимот

уреди

Зборот е од персиско потекло, а на балканските простори дошол преку турскиот збор pafta.

Опис

уреди

Како декоративни елементи на појасите, пафтите биле со нагласени димензии и специфични облици. Се изработувале од метали како бронза, месинг, а полуксузните примероци биле посребрени или пак биле изработени од сребро и позлатени, биле украсувани со техника на филигран, седеф, боено стакло или со парчиња полускапоцени камења. Двете токи со централно поле кое го маскира местото на кое се спојуваат најчесто имаат листолик облик, но често се кружни, бадемасти или во облик на школка. Начините на украсување се разновидни, како и колоритните комбинации, аплицираните украси и изборите на мотиви – од фигурални претстави (светци, Богородица со Христос), до разиграни вегетабилни и геометриски мотиви.

Во сите варијанти, пафтите бил составен дел на носиите на цела територија на Балканот.

Пафтите во Македонија

уреди

Пафтите се интегрален дел на носиите во Македонија од XVIII до почетокот на XX век. Во овој период истите доживеале мноштво промени со широк спектар на симболични значења за носителите, почнувајќи од нивните облици, декорации и квалитетот на изработка. Има модели на едноделни, дводелни, рамни, конкавни пафти, со разнолико моделирање и распоред на мотивите и масите на лицевата страна.

Битолските кујунџии биле на добар глас по нивната изработка на пафти и нивните творби биле барани не само локално, туку и пошироко на Балканот.[2]

Денес пафтите се изработуваат како сувенири во рамки и се доста барани на пазарот.[3]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Велковска, Снежана; Конески, Кирил (2006). Толковен речник на македонскиот јазик. IV. Скопје: Институт за македонски јазик„Крсте Мисирков“. стр. 53. ISBN 978-9989-640-86-5.
  2. 2,0 2,1 „Елица Манева: ОД СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ПОЈАСНИ ГАРНИТУРИ ДО ПОДОЦНЕЖНИТЕ ПАФТИ“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-03-18. Посетено на 2016-12-11.
  3. „Ракотворби и сувенири“. Архивирано од изворникот на 2015-10-26. Посетено на 2016-12-11.

Надворешни врски

уреди