Благоја Дрнков

македонски фотограф и снимател
(Пренасочено од Благој Дрнков)

Благоја Дрнков (Скопје, 1914 - Скопје, 31 јануари 2012) бил доајен на македонската документаристика и неприкосновен уметник во фотографското мајсторство. За својата работа, одликуван е со бројни награди и признанија, меѓу кои најзначајно е Медалот за заслуги за Македонија во 2008.

Благоја Дрнков
Роден 1914
Скопје, денешна Македонија Македонија
Починал 31 јануари 2012
Скопје
Националност Македонец
Познат по режијата на:
Католичка процесија
Фудбалски натпревар меѓу Левски и Македонија
Првомајска парада во Скопје
Занимање режисер
снимател
фотограф

Уште како ученик започнува да се занимава со фотографирање. По завршување на средното образование, се вработува во фотографскиот дуќан „Фотоаматер“, кога и ја купува својата прва филмска 9,5 мм камера и сопствен кинопроектор, а од 1940 година станува сопственик на „Фотоаматер“.

Како што се наведува во образложението за наградата Медал за заслуги за Македонија: „Во историјата на македонската култура на 20. век, Благоја Дрнков создаде неизмерен опус од повеќе од 40.000 фотографии со кои тој стана личност која е истовремено и институција. Неговата естетика зрачи со духот од моментите и ситуациите. Неговите фотографии се преполни со детална и возвишена живост, а тоа е априори заради неговата високо естетска мотивација.“ Починал на 98 годишна возраст на 31 јануари 2012 во Скопје.[1]

Хронологија на творештвото

уреди

Во 1935 г. го прави својот прв филм „Католичка процесија“, со својата 9,5 мм камера, во кој, покрај процесијата, се снимени и позначајните зданија на главната скопска улица.

Во 1939 направил два значајни филмски записа, снимени на 9,5 мм лента: „Едриличарски митинг“, еден од централните настани во тоа време, одржан на Зајчев Рид, во околината на Скопје и „Бомбардирана Битола“.

Во 1942 Благоја Дрнков снимил два филма: „Фудбалски натпревар меѓу Левски и Македонија“, што се одиграл во Скопје, на теренот на игралиштето на фудбалскиот клуб „Граѓански“ и „Воен коњички натпревар“.

Во 1945 Благоја Дрнков ги снима филмовите „Првомајска парада во Скопје 1945“, „Второто заседание на АСНОМ“, „Пречекот на Димитар Влахов во Куманово и Скопје“, „48-ма дивизија“ и „Свечено пуштање во употреба на железниот мост во Скопје“.

 
Велигден во с. Булачани, Скопско во 1954 г. Фотограф Благоја Дрнков

На 3 јуни 1945 година е именуван за прв директор на Филмската дирекција на Македонија ФИДИМА и прв дописник на Филмски новости од Македонија. Во овој период има снимено голем број филмски записи за животот на неговото семејство како и филмски записи значајни по својата општествено-историска вредност. Седум месеци во текот на 1947/48 година, Дрнков престојува во Чехословачка, каде што специјализира во студијата „Барандов“.

Во 1946 година, Комитетот за кинематографија при Владата на ФНРЈ го формира Централното претпријатие за производство на филмски журнали „Звезда филм“ во Белград. За дописници и филмски сниматели од Македонија се ангажирани најнапред Благоја Дрнков, а потоа и Трајче Попов. Тие, во текот на оваа година, реализирале 19 прилози за „Звезда филм“.

Во 1947 се снимени првите македонски документарни филмови во производство на „Филмско Скопје“: „Жито за народот“ (сценарио Јован Бошковски, режија Трајче Попов) и „Во избори за нови победи“ (сценарио Коле Чашуле, режија Благоја Дрнков). И двата филма претставуваат своевидни визуелни „агитки“ вообичаени за времето исполнето со динамична општествена и стопанска преобразба. Во нив, сепак, со еден респективен документаристички пристап е предаден карактеристичен пресек на животот на луѓето и на нивните активности во првите повоени години.

Во 1948 во производство на „Вардар филм“ ги снимил документарните филмови: „Идните чувари на народното здравје“ и „Пред октомвриските фестивали“ (Благоја Дрнков).

Во 1950 година го снимил документарниот филм „Радосно детство“.

Во 1951 го снимил документарниот филм: „Маврово се гради“.

Во 1952 го снимил документарниот филм „Со бродот „Македонија“ од Риека до Њујорк“.

Во 1953 го снимил документарниот филм „Нашински разговори“.

Во „Вардар филм“ работи до 1953 година, а потоа преминува во Етнолошкиот музеј како фотограф, снимател и режисер на етнолошки филмови. Од 1957 до 1960 година повторно работи во „Вардар филм“.

Во 1959 снимил два документарни филмови: „Препородени полиња“ и „Бели штркови“.

Во 1961 снимил два документарни филмови: „Изморениот патник“ и „Последни патувања“.

Од 1960 до 1964 година е фотограф и снимател во Извршниот совет, а од 1964 до пензионирањето во 1969 г. е режисер во Телевизија Скопје на документарни филмови и телевизиски серии.

Награди и признанија

уреди

На 30 септември 2008 година, Благоја Дрнков бил одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“, за врвните резултати во неговата долгогодишна професионална дејност во областа на уметничката и применета фотографија.

Во 1973, со указ на Претседателот на СФРЈ, за особени заслуги во кинематографијата, е одликуван со Орден на трудот со златен венец.

Во 1950 година Благоја Дрнков добил награда од Владата на НРМ за достигнувања во областа на културата и уметноста, како и Медал на трудот од Президиумот на Народното собрание на ФНРЈ. Добитник е и на републичката награда „11 Октомври“ за животно дело (1994)

Добитник е на повеќе други награди и признанија, меѓу кои: Специјално признание по повод 20-годишнината на „Филмски новости“ од Белград (1965); на Телевизискиот фестивал во Блед за телевизиските серии ПРСТИ /посветена на старите занаети/ и СВИЛЕНА БУБА.

Изложби

уреди

Во 1997 година во Културно -информативниот центар на Република Македонија во Софија отворена е изложба „Поглед на Македонија 1935 - 1992“ на фотографии на доајенот на македонската фотографија Благоја Дрнков (избор од колекцијата - донација на авторот на Музејот на Град Скопје).

Презентирани се триесетина фотографии, главно црно-бели, со различни димензии, настанати во периодот од 1935 до 1992 меѓу кои се и антологиските „Бишка“, „Македонец“, „Долап“, „По таткови траги“, „Деца со обрач“ итн.

Колекцијата која ја сочинуваат 182 фотографии, авторот му ја подарил на Музејот во 1994 година, при одбележувањето на осумдесет годинишнината од неговиот живот и шеесет години од обемното и вредно творештво. Понудениот избор од богатото творештво на Благоја Дрнков, тамошната публика ќе може да го погледне до 28 септември.

Наводи

уреди
  1. „Почина Благоја Дрнков, доајен на македонската фотографија и кинематографија“. Сител. 1 февруари 2012. Посетено на 2012-02-01.

Надворешни врски

уреди