Андре Бретон

француски писател и поет, основоположник на надреализмот

Андре Бретон (француски: André Breton, Теншебре, Орн, 19 февруари 1896 - Париз, 28 септември 1966) – француски писател, поет и антифашист, најпознат како основач на надреализмот. Тој е автор на „Манифестот на надреализмот“ (Manifeste du surréalisme) од 1924 година, во кое го дефинира надреализмот како „чист психички автоматизам“.[1]

Андре Бретон
André Breton
André Breton
Андре Бретон во 1924 година
Роден/а19 февруари 1896(1896-02-19)
Теншебре, Орн, Франција
Починат/а28 септември 1966(1966-09-28) (возр. 70)
Париз, Франција
Занимањеписател
Националностфранцуска
ПериодXX век
Жанрраскази, поезија, есеи
Книжевно движењенадреализам
Значајни делаМанифест на надреализмот
Сопруг/аСимон Кан (в. 1921; раз. 1931)
Жаклин Ламба (в. 1934; раз. 1943)
Елиза Бретон (в. 1945; неговата смрт 1966)
ДецаОб Бретон

Животопис

уреди

Бретон е роден во скромно семејство во Теншебре, Орн во Нормандија, во 1896 година, а во 1900 година неговото семејство се преселило во Париз, т.е. во предградието Пантен. Во 1913 година се запишал на подготвителен курс за студиите, по што студирал медицина и психијатрија. Во 1914 година се запознал со Пол Валери со кого отпочнал долготрајна кореспонденција. Во 1915 година бил мобилизиран во француската армија, најпрвин во артилеријата, а потоа во санитетската служба.[2] Тој работел на невролошко одделение во Нант, каде што го сретнал приврзаникот на Алфред Жари, Жак Ваше, чие антисоцијално однесување и презир кон етаблираната уметничка традиција значително влијаеле врз него.[3] Ваше се самоубил на возраст од 24 години и неговите писма од военото време, упатени до Бретон и до други лица, биле објавени во книгата насловена „Писма од војната“ (Lettres de guerre, 1919), за која Бретон напишал четири воведни есеи. Во 1916 година, Бретон се запознал со Гијом Аполинер и се воодушевил од психоанализата, а следната година ги запознал Пјер Реверди, Филип Супо и Луј Арагон. Во 1919 година, заедно со Супо, го основал списанието „Литература“, а истата година го запознал Пол Елијар и започнал преписка со Тристан Цара. Во 1921 година, Бретон го посетил Фројд во Виена.[2] На 15 септември 1921 година, Бретон се оженил со Симон Кан. Двојката се преселила на улицата „Фонтен“ бр. 42 на 1 јануари 1922 година. Апартманот на улицата „Фонтен“ (во квартот Пигал) станал дом на Бретоновата колекција од повеќе од 5.300 дела: модерни слики, цртежи, скулптури, фотографии, книги, уметнички каталози, весници, ракописи и дела од популарната и океанска уметност.

Во 1924 година, Бретон започнал да го издава списанието „Надреалистичка револуција“, а во 1930 година го основал списанието „Надреализмот во служба на револуцијата“.[4] Желен да ги комбинира темите од личната трансформација најдени во делата на Артур Рембо со политиката на Карл Маркс, Бретон ѝ се придружил на Француската комунистичка партија во 1927 година, од која бил исклучен во 1933 година. Во ова време, тој живеел најмногу од продажба на слики од својата уметничка галерија.

Во 1934 година, Бретон бил иницијатор за организирање протестен собир на интелектуалците по обидот за профашистички државен удар во Франција. Во 1935 година патувал во Брисел, во Прага и на Канарските Острови.[4] Во 1938 година, Бретон прифатил да биде член на комисијата за култура на француската влада и со неа го посетил Мексико. По конференцијата за надреализмот, одржана во Националниот автономен универзитет на Мексико, откога се загубил во Град Мексико (никој не го чекал на аеродромот) Бретон изјавил: „Не знам зошто дојдов тука. Мексико е најнадреалистичката земја на светот.“ Во Мексико, Бретон го посетил Лав Троцки во Мексико и со него го напишал манифестот „За независна револуционерна уметност“ (Pour un art révolutionnaire indépendent), но поради политички причини, наместо Троцки, манифестот го потпишал мексиканскиот сликар Диего Ривера.[4]

Во 1939 година, Бретон бил повторно мобилизиран, а следната година се засолнил во Марсеј, но во 1941 година, со помош на Варијан Фрај и Хари Бингхам, успеал да замине за Мартиник, а оттаму во САД, каде веќе заминале повеќемина негови пријатели-надреалисти. Таму работел како водител во француските емисии на американското радио. Во 1943 година ја запознал чилеанката Елиза, која била неговата животна сопатничка. Во 1945 година отпатувал на Хаити при што едно негово предавање пред студентите во Порт о Пренс предизвикало штрајк на студентите што се претворил во општ штрајк, а како последица на тоа паднала владата. Во 1946 година, Бретон се вратил во Париз.[5]

Кон крајот на Втората светска војна, Бретон решил експлицитно да го прифати анархизмот. Така, во 1952 година, тој напишал: „Во црното огледало на анархизмот, надреализмот се препозна себеси“.[6] Бретон бил доследен во поддршката на франкофонската Анархистичка федерација и продолжил да ја нуди својата солидарност откога платформистите ја трансформирале во Слободарска комунистичка федерација (СКФ). Тој бил еден од ретките интелектуалци кој продолжил да ѝ нуди поддршка на СКФ за време на Алжирската војна, кога СФК била репресирана и била принудена да оди во илегала. Притоа, Бретон одбил да заземе страна при поделбите во француското анархистичко движење.

Во 1956 година, Бретон го основал списанието „Надреализам, токму тој“, а во 1960 година бил еден од првите потписници на „Декларацијата за правото на непокорување“, застанувајќи во одбрана на луѓето кои одбиле да учествуваат во војната во Алжир. Подоцна, во 1961 година, тој започнал да го објавува списанието „Ла Бреш“. Бретон починал на 28 септември 1966 година, во Париз,[5] а бил погребан на гробиштата Батињол во Париз.

 
Бретон во шеесеттите години

Бретон како колекционер

уреди

Бретон бил страстен колекционер на уметнички, етнографски материјали како и невообичаени ситни орнаменти. Бил особено заинтересиран за материјали од северозападниот брег на Северна Америка. За време на финансиската криза што ја имал во 1931 година, најголемиот дел од неговата колекција (заедно со неговиот пријател Пол Елијар) била дадена на аукција. Подоцна тој повторно ја создал колекцијата во своето студио и дома. Колекцијата нараснала до 5.300 ставки: модерни слики, цртежи, скулптури, фотографии, книги, уметнички каталози, весници, ракописи и дела од популарната и океанска уметност.[7]

Прочуениот француски антрополог Клод Леви-Строс, во интервју во 1971 година, кажувал за вештината на Бретон да ја одреди автентичноста на предметите. Строс дури го опишал нивното пријателство додека двајцата живееле во Њујорк: „Додека живеевме во Њујорк од 1941 до 1945 година, бевме големи пријатели, заедно посетувавме музеи и антикварници. Многу му должам за познавањето на процена на предметите. Никогаш не видов Бретон да згреши во процената на егзотични и необични предмети. Кога велам згреши, мислам во однос на автентичноста, но исто така и квалитетот. Тој (Бретон) имаше осет, скоро пророкување.“

По смртта на Бретон на 28 септември 1966 година, неговата трета жена Елиза и неговата ќерка Об, им овозможиле пристап до архивата и колекцијата на Бретон на студентите и истражувачите. По триесет и шест години, кога обидите да се воспостави надреалистичка фондација за заштита на колекцијата пропаднале, колекцијата била дадена на аукција.[8]

Творештво

уреди

Своите први песни Бретон ги објавил во 1914 година, а во 1919 година ја објавил својата прва поетска збирка „Светиот рид“. Истата година, заедно со Супо, ја објавил збирката „Магнетните полиња“ (Les Champs Magnétiques) како прво надреалистичко дело во кое тој го вградил начелото на автоматско пишување. Во 1920 година, Бретон се вклучил во дадаистичкото движење и, заедно со Супо, играл во претставите „Ако сакате“ и „Вие ќе ме заборавите“ коишто биле прикажувани во рамките на дадаистичките манифестации. Во 1921 година учествувал во подготовките и изведбата на „Процесот на Морис Барес“ при што се појавиле првите разидувања меѓу дадаистите и надреалистите. Во 1923 година, Бретон ја објавил поетската збирка „Светлината на земјата“.[2]

Во 1924 година , Бретон учествувал во основањето на „Бирото за надреалистички истражувања“, а истата година ги објавил „Манифестот на надреализмот“, збирката автоматски прозни текстови „Растворлива риба“ и збирката есеи „изгубени чекори“, а го основал и списанието „Надреалистичка револуција[4] во кое објавувале: Филип Супо, Луј Арагон, Пол Елијар, Рене Кревел, Мишел Лерис, Бенжамен Пере, Антонен Арто и Робер Деснос. Во 1928 година, Бретон ги објавил романот „Надја“ и студијата „Надреализмот и сликарството“. Во 1930 година излегле „Вториот манифест на надреализмот“ и книгата „Безгрешно зачетие“ (со Пол Елијар), а Бретон започнал да го објавува списанието „Надреализмот во служба на револуцијата“. Во 1932 година ги објавил книгите „Споени садови“ и „Белокосиот револвер“, додека две години подоцна излегле поетската збирка „Воздухот на водата“ и збирката есеи „Мугра“.[4]

Во 1935 година, за време на „Конгресот на писателите за одбрана на културата“, Бретон се степал со Иљја Еренбург, кој ги навредувал надреалистите во својата книга „Видено со очите на еден советски писател“. Поради тоа, на Бретон му било одземено правото да го чита својто реферат, а наместо него, рефератот го прочитал Пол Елијар.[4] Имено, покрај другото, Еренбург рекол дека надреалистите се педерасти, по што Бретон неколкупати го удрил Еренбург на улица, што резултирало со исклучување на надреалистите од конгресот. Подоцна, Кревел, кој според Салвадор Дали, бил „единствениот сериозен комунист меѓу надреалистите“[9] бил изолиран од Бретон и од другите надреалисти, кои биле незадоволни поради неговата хомосексуалност.

Во 1937 година ја објавил книгата „Луда љубов“, а следната година „Краток речник на надреализмот“ (заедно со Пол Елијар). Во 1938 година, заедно со Лав Троцки, Бретон го објавил манифестот „За независна револуционерна уметност“. Во 1940 година, за време на престојот во „слободната зона“, државната цензура на владата на маршалот Петен не го дозволила печатењето на поемата „Фата Моргана“ (која ја илустрирал Вилфредо Лам)[10] и на „Антологија на црниот хумор“, оценувајќи ги како како „голема негација на националната револуција“.[4][11] Во 1942 година, Бретон го напишал делото „Прологомена за трет манифест на надреализмот или не“, а две години подоцна и книгата „Аркан 17“.[12] Книгата произлегла од неговото патување со Елиза на Полуостровот Гаспе во Квебек и ги изразува неговите стравови од Втората светска војна, ги опишува чудата на Роше Персе и на крајниот североисточен дел од Северна Америка и ја слави неговата романса со Елиза.

За време на својата посета на Хаити во 1945-1946 година, Бретон се обидел да ја поврзе надреалистичката политика и автоматските пракси со наследството со Хаиќанската револуција и ритуалните пракси на хаиќанското вуду. Последните случувања во хаиќанското сликарство биле во центарот на неговите напори, што може да се види од коментарот што Бретон го оставил во книгата на посетителите во Центарот на уметноста во Порт о Пренс: „Хаиќанското сликарство ќе ја испие крвта на фениксот. И со нарамениците на Жан-Жак Десалин, ќе го проветри светот:“ Бретон посебно упатувал на делото на сликарот и вуду-свештеник Ектор Иполит, кого го идентификувал како прв уметник кој прикажувал вуду-сцени и вуду-божества, како спротивност на нивно криење во хромолитографиите на католичките светци или повикувајќи ги преку непостојани веве (апстрактни форми на цртежи со прашок за време на ритуалите). Написите на Бретон за Иполит биле неоспорно централни за уметничкиот меѓународен статус од доцните 1940-ти, но Бретон признал дека разбирањето на уметноста на Иполит било спречено од недостатокот на заеднички јазик. Кога се вратил во Франција со бројни слики од Иполит, Бретон ја интегрирал својата уметничка работа во зголемениот надреалистички фокус во окултното, митското и магичното.

Во 1947 година, Бретон го напишал воведот на „Бележник од враќањето во родната земја“ (Cahier d'un retour au pays natal) на Еме Сезер. Истата година се појавила поемата „Ода на Шарл Фурие“, а една година подоцна биле објавени поетската збирка „Ламба во часовник“ и книгата „Мартиник, укторителка на змии“ (со Андре Масон), а во 1949 година бил објавен изборот од неговото поетско творештво, со наслов „Песни“. Во 1952 година излегла книгата со разговорите на Андре Парино со Бретон, а следната година Бретон ја објавил книгата со есеи „Клучот на полињата“. Во 1956 година, Бретон го основал списанието „Надреализам, токму тој“, а следната година ја објавил книгата „Магична уметност“ (заедно со Жерар Легран). Во 1959 година, по повод една серија гвашеви на Хуан Миро, Бретон ја објавил збирката песни во проза „Соѕвездија“, а истата година, во Париз ја организирал меѓународната изложба на надреализмот на тема „Ерос“. Во 1960 година бил објавен избор од неговото творештво, со наслов „Поезија и друго“, една година подоцна го основал списанието „Ла Бреш“, а во 1965 година ја организирал меѓународната изложба на надреализмот „Апсолутно одделување“.[12]

Осврт кон поезијата на Бретон

уреди

Бретон не е само водач и теоретичар на надреализмот, туку и автор на вобудливо поетско дело, иако тоа е во сенка на неговата улога на теоретичар. Притоа, често во неговите песни се бараат потврда и практична реализација на надреалистичките постулати, а се занемарува поединечната особеност на неговиот поетски сензибилитет.[13] Од сите надреалисти, Бретон е најдоследниот продолжувач на поетската линија на Гијом Аполинер, со тоа што нарацијата кај Бретон станува малку синкопирана и врзана во метафорични јазли, но го задржува основниот тон на соопштувањето. Всушност, Бретон цело време останал близок до поетскиот израз и сензибилитет на Аполинер, иако во подоцнежните години имал критички забелешки кон неговото дело. На пример, почетокот на Бретоновата песна „Една убава квечерина во 1934 година...“ несомнено потсетува на воведот на Аполинеровата песна „Облачно привидение“, а „Слободна врска“ со својата екскламативна и страстна анафора потсетува на Аполинеровата „Песни за Лу“. Но, не само сличноста на одделните песни на Бретон, туку и пошироко, неговата поетска техника и емотивната клима на стиховите се доближуваат до творештвото на Аполинер. најпосле, како Аполинер и како Лотреамон, Бретон е поет кој дел од своето зборовно богатство наоѓа во енциклопедиите, речниците и лексиконите. Фондот на сликите и зборовите на Бретон делумно води потекло од областа што го надминува личното искуство, т.е. од знаењето и искуството на епохата. Бретон го искористува симултанизмот на Аполинер и во неговите песни се среќаваат имиња на ретки животни, исчезнати машини и предмети од егзотичните краишта, со што тој прикажува склоност кон ученоста и желба да ја искористи магијата на бизарното и несекојдневното.[14]

Бајковитоста на светот, неговите чуда, загатки и тајни го следеле Бретон низ целата негова поетска патека како девиза од која тој никогаш нема да се откаже. Потрагата по чудесното постојано се повторува во поезијата на Бретон и за него фантазмите на далечните векови и фантазмите на детството секогаш се на дофат на раката. Бретон е патник низ пределите на сонот, неговите слики-ситуации постојано се осветлени од ониричното, а во нив анти-логиката на сонуваното создава игра чии правила не можат да се разберат целосно. Но, неговата цел не е да побегне од секојдневниот живот, туку сака на површината на јавето да ги изнесе скапоценостите на сонот и во здодевната реалност да ја донесе имагинацијата на власт. Оваа потрага по чудесното во поезијата на Бретон често се однесува на чудесната жена од соништата при што Бретон се потврдува како поет кој верува во силата на љубовта, а во жената гледа како на суштество кое може да го спаси човештвото. Во тој поглед, Бретон се разликува од „црниот надреализам“ и му припаѓа на т.н. „розов надреализам“. За Бретон, чудесното по кое трага е синоним на еден сон во кој човекот ја остварува својата среќа. Оттука, не е случајно тоа што во една негова песна се споменува Питер Ибетсон, јунакот од истоимениот роман на Џорџ ди Морие, кој поседува способност да живее вистински живот во сонот и така ја остварува својата среќа. Всушност, во целото дело на Бретон е присутна верата во можноста за среќа, како што покажува насловот на неговата песна „Рајот не е наполно загубен“. За таа цел, Бретон бара од читателот да ја сочува способноста да биде возбуден и зачуден, зашто само така човекот може активно да влијае врз својто живот.[15]

Иако бил творец на повеќето постапки во надреалистичката книжевност, самиот Бретон никогаш механички не ги применувал нив. така, автоматскиот текст кај Бретон не е бесмислена низа од зборови, туку потеклото на сликите во неговите автоматски текстови е многу подлабоко и оддалечено од надворешниот повод. Кај Бретон секогаш се провлекува емотивно-мисловна линија-водителка која го канализира поројот од асоцијациите. Иако неговите автоматски текстови потекнуваат од потсвеста, сепак тие поседуваат внатрешна емотивна кохеренција и стилско единство. Подоцна, со текот на времето, Бретон се оддалечува до автоматските текстови и неговите песни се откажуваат од слободната игра на слики. Тоа е присутно веќе во збирката „Воздухот на водата“ (1934), а особено во антологиската песна „На патот за Сан Романо“ (1948), една од последните негови објавени песни, во кои Бретон не бега од директното соопштување на пораката.[16]

Оттука, Бретон не е значаен само по припадноста на надреализмот, туку тој е поет чие дело е значајна етапа во развојот на една од најзначајните линии во модерната поезија, на линијата што почнува од Бодлер и продолжува со Рембо и Аполинер. На тој начин, Бретон се јавува како наследник и продолжувач на тенденциите во француската и светската поезија што воделе кон откривање нови области на поетичното и кон нови начини на доживување и изразување на светот. Колку повеќе надреализмот ќе станува дел од книжевната историја, толку поетското дело на Бретон ќе добива во вредност и значење.[17]

Дела

уреди
  • 1919: Заложилница (Mont de Piété)
  • 1920: Ве молам (S'il Vous Plaît)
  • 1920: Магнетни полиња (Les Champs magnétiques) (со Филип Супо
  • 1923: Земјина светлина (Clair de terre)
  • 1924: Изгубените чекори (Les Pas perdus)
  • 1924: Манифест на надреализмот (Manifeste du surréalisme)
  • 1924: Растворлива риба (Poisson soluble)
  • 1924: Леш (Un Cadavre)
  • 1926: Легитимна одбрана (Légitime défense)
  • 1928: Надреализмот и сликарството (Le Surréalisme et la peinture)
  • 1928: Наѓа (Nadja)
  • 1930: Да се успори работата (Ralentir travaux) (со Рене Шар и Пол Елијар)
  • 1930: Втор манифест на надреализмот (Deuxième Manifeste du surréalisme)
  • 1930: Безгрешното зачетие (L'Immaculée Conception) (со Пол Елијар)
  • 1931: Слободната унија (L'Union libre)
  • 1932: Мизеријата на поезијата (Misère de la poésie)
  • 1932: Белокосиот револвер (Le Revolver à cheveux blancs)
  • 1932: Споени садови (Les Vases communicants)
  • 1933: Автоматската порака (Le Message automatique)
  • 1934: Што е надреализмот? (Qu'est-ce que le Surréalisme?)
  • 1934: Зорнина (Point du Jour)
  • 1934: Воздухот од водата (L'Air de l'eau)
  • 1935: Политичката позиција на надреализмот (Position politique du surréalisme)
  • 1936: Во црната пералница (Au Lavoir noir)
  • 1936: Белешки за поезијата (Notes sur la poésie) (со Пол Елијар)
  • 1937: Ѕвездениот замок (Le Château étoilé)
  • 1937: Лудата љубов (L'Amour fou)
  • 1938: Траекторија на сонот (Trajectoire du rêve)
  • 1938: Скратен речник на надреализмот (Dictionnaire abrégé du surréalisme) (со Пол Елијар)
  • 1938: За независна револуционерна уметност (Pour un art révolutionnaire indépendant) (со Лав Троцки)
  • 1940: Антологија на црниот хумор (Anthologie de l'humour noir)
  • 1941: Фатаморгана ("Fata Morgana")
  • 1943: Полна маргина (Pleine Marge)
  • 1944: Аркан 17 (Arcane 17)
  • 1945: Надреализмот и сликарството (Le Surréalisme et la peinture)
  • 1945: Состојбата на надреализмот меѓу двете војни (Situation du surréalisme entre les deux guerres)
  • 1946: Ив Танги (Yves Tanguy)
  • 1946: Манифестите на надреализмот (Les Manifestes du surréalisme)
  • 1946: Млади цреши обезбедени од зајаци (Young Cherry Trees Secured against Hares – Jeunes cerisiers garantis contre les lièvres) (двојазично издание)
  • 1947: Ода на Шарл Фурје (Ode à Charles Fourier)
  • 1948: Мартиник, змија-шармерка (Martinique, charmeuse de serpents)
  • 1948: Светилка во часовникот (La Lampe dans l'horloge)
  • 1948: Песни 1919-1948 (Poèmes 1919–48)
  • 1949: Флагрантен деликт (Flagrant délit)
  • 1952 Разговори (Entretiens)
  • 1953: Клучот на полињата (La Clé des Champs)
  • 1954: Детелина со четири листа (Farouche à quatre feuilles) (со Лиза Деарм, Жилиен Грак, Жан Тардје)
  • 1955: Споени садови (Les Vases communicants) (проширено издание)
  • 1955: Манифестите на надреализмот (Les Manifestes du surréalisme) (проширено издание)
  • 1957: Магичната уметност (L'Art magique)
  • 1959: Соѕвездија (Constellations) (со Жоан Миро)
  • 1961: Ле ла (от та то) (Le la)
  • 1962: Манифестите на надреализмот (Les Manifestes du surréalisme) (проширено издание)
  • 1963: Наѓа Nadja (проширено издание)
  • 1965: Надреализмот и сликарството (Le Surréalisme et la peinture) (проширено издание)
  • 1966: Антологија на црниот хумор (Anthologie de l'humour noir) (проширено издание)
  • 1966: Земјина светлина (Clair de terre) – (Антологија на песни 1919-1936)
  • 1968: Растечки знак (Signe ascendant) – (Антологија на песни 1935-1961)
  • 1970: Јавачка перспектива (Perspective cavalière)
  • 1988: Бретон: Комплетни дела, том 1 (Breton : Oeuvres complètes, tome 1)
  • 1992: Бретон: Комплетни дела, том 2 (Breton : Oeuvres complètes, tome 2)
  • 1999: Бретон: Комплетни дела, том 3 (Breton : Oeuvres complètes, tome 3)

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. André Breton (1969). Manifestoes of Surrealism. University of Michigan Press. стр. 26.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 101.
  3. Henri Béhar, Catherine Dufour (2005). Dada, circuit total. L'AGE D'HOMME. стр. 552.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 „Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 102.
  5. 5,0 5,1 „Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 102-103.
  6. „1919–1950: The politics of Surrealism by Nick Heath“. Libcom.org. Посетено на 2009-12-26.
  7. André Breton, 42, rue Fontaine : tableaux modernes, sculptures, estampes, tableaux anciens. Paris : CalmelsCohen, 2003.
  8. "André Breton's 42 rue Fontaine Art Collection goes to Auction." Afterimage, March–April, 2003. findarticles.com
  9. Crevel, René. Le Clavecin de Diderot, Afterword. стр. 161.
  10. André Breton, Fata Morgana. Buenos Aires: Éditions des lettres françaises, Sur, 1942.
  11. Franklin Rosemont André Breton and the First Principles of Surrealism, 1978, ISBN 0-904383-89-X.
  12. 12,0 12,1 „Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 103.
  13. Влада Урошевиќ, „Андре Бретон - поет на потрага по чудесното“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 5.
  14. Влада Урошевиќ, „Андре Бретон - поет на потрага по чудесното“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 6-8.
  15. Влада Урошевиќ, „Андре Бретон - поет на потрага по чудесното“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 8-11.
  16. Влада Урошевиќ, „Андре Бретон - поет на потрага по чудесното“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 11-13.
  17. Влада Урошевиќ, „Андре Бретон - поет на потрага по чудесното“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 13.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
 
Викиизвор
Викиизворот на француски има изворна содржина поврзана со оваа статија: