Рене Шар
Рене Шар (француски: René Char), (Л’Ил сир ла Сорг , 14 јуни 1907 - Париз, 19 февруари 1988) – француски поет и член на Францускиот отпор.
Рене Шар René Char | |
---|---|
Роден/а | 14 јуни 1907 Л’Ил сир ла Сорг, Франција |
Починат/а | 19 февруари 1988 Париз, Франција | (возр. 80)
Занимање | поет |
Националност | француска |
Период | 1920–1940 |
Жанр | поезија |
Животопис
уредиШар е роден во Л’Ил сир ла Сорг во департманот Воклиз во Франција, како најмал од четирите деца на Емил Шар и Мари-Терез Руже. Татко му бил градоначалник и директор на гипсарницата во Воклиз. Детството го поминал во Невон, богат семеен дом кој бил завршен пред неговото раѓање, потоа учел во Авињон каде бил сместен во интернат, а од 1925 година студент е на Трговското училиште во Марсеј каде ги чита Плутарх, Франсоа Вијон, Жан Расин, германските романтичари, Алфред де Вињи, Жерар де Нервал и Шарл Бодлер. Бил висок 1,92 м и бил активен играч на рагби. Откога кратко работел во Кавајон, во 1927 година бил на отслужување на воениот рок во артилеријата во Ним.
Првата книга на Шар, „Ѕвончиња на срцето“ била издадена во 1928 година како компилација на песни пишувани меѓу 1922 и 1926 година. На почетокот на 1929 година, заедно со Андре Кајат го основал весникот „Меридјен“ и издал три броја. Во август, на Пол Елијар, кој есента дошол да го посети во Л’Ил сир ла Сорг, му испратил дваесет и шест примероци од неговата книга „Арсенал“ издадена во Ним. Кон крајот на ноември, Шар се преселил во Париз каде ги сретнал Луј Арагон, Андре Бретон и Рене Кревел и им се приклучил на надреалистите. Неговото „Вероисповедување на субјектот“ (Profession de foi du sujet) било издадено во декември во дванаесеттиот број од „Надреалистичка револуција“. Тој останал активен во надреалистичкото движење во раните 1930-ти години, но постепено се дистанцирал од средината на триесеттите години. Во кариерата, делата на Шар излегувале во различни едиции, често со уметнички работи од значајни творци како Василиј Кандински, Пабло Пикасо, Брак, Жоан Миро, Анри Матис и Виера да Силва.
Шар му се приклучил на Француското движење на отпорот во 1940 година под името капетан Александар, и командувал со падобранската зона Диранс. Одбил да издава што било за време на окупацијата, но во 1943-1944 ги напишал „Страници на Хипнос“ ("Feuillets d'Hypnos"), песни во проза кои се однесувале на отпорот. Во текот на педесеттите и шеесеттите години и покрај кратките и несреќни експерименти во театарот и филмот, Шар ја достигнал својата полна зрелост како поет. Во шеесеттите се приклучил на борбата против стационирање атомско оружје во Прованса. Умрел од срцев удар во 1988 година во Париз. Во хотелот Кампредон (познат и како Дом Рене Шар) во Л’Ил сир ла Сорг е сместена јавна колекција од неговите ракописи, цртежи, слики и уметнички предмети.
Шар им бил пријател и близок соработник на Албер Ками,[1] Жорж Батај и Морис Бланшо кај писателите, Пабло Пикасо, Жоан Миро и Виктор Браунер кај сликарите. Тој требало да биде во колата која имала сообраќајна несреќа во која загинале Ками и Мишел Галимар, но немало место и истиот ден тој се вратил во Париз со воз.
Композиторот Пјер Булез напишал три поставки на поезијата на Шар, „Сонцето на водите“ (Le Soleil des eaux), „Свадбеното лице“ (Le visage nuptial) и „Чеканот без господар“ (Le marteau sans maître). Доцно пријателство се развива меѓу Шар и Мартин Хајдегер, кој поезијата на Шар ја опишал како „ремек-дело во неискажливото“ и редовно бил негов гостин во Ла Тор во Воклиз.[2]
Попознати дела
уреди- Арсенал (Arsenal, 1929).
- Да се успори работата (Ralentir Travaux, 1930 – во соработка со Андре Бретон и Пол Елијар)
- Артин (Artine, 1930)
- Акцијата на правдата е угасена (L'action de la justice est éteinte, 1931)
- Чеканот без господар (Le marteau sans maître, 1934)
- Прва мелница (Moulin Premier, 1936)
- Плакар за ученички пат (Placard pour un chemin des écoliers, 1937)
- Надвор ноќта е контролирана (Dehors la nuit est gouvernée, 1938)
- Сами остануваат (Seuls demeurent, 1945)
- Страници на Хипнос (Feuillets d'Hypnos, 1946)
- Здробената песна ("Le poème pulvérisé", 1947)
- Бес и тајна (Fureur et mystère, 1948)
- Ранобудниците (Les Matinaux, 1950)
- На еден напнат спокој (A une sérénité crispée, 1951)
- Истражување на основата и врвот (Recherche de la base et du sommet, 1955).
- Зборот во архипелаг (La Parole en archipel, 1962)
- На игривиот дожд (Dans la pluie giboyeuse, 1968)
- Изгубениот гол (Le Nu perdu, 1971)
- Зачини ловци (Aromates chasseurs, 1976).
- Песни на Баландран (Chants de la Balandrane, 1977)
- Заспани прозорци и врата на покривот (Fenêtres dormantes et porte sur le toit, 1979)
- Соседствата на Ван Гог (Les voisinages de Van Gogh, 1985)
- Пофалба од една осомничена (Éloge d'une soupçonnée, 1988)
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Билтен цитирани книги“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-07-04. Посетено на 2017-01-02.
- ↑ Rüdiger Safranski, Ein Meister aus Deutschland. Heidegger und seine Zeit, 1994. Ch. 23.
Надворешни врски
уреди- New Translations of Rene Char Архивирано на 4 јули 2010 г., by Nancy Naomi Carlson in Guernica magazine
- Translation of Congé au Vent