Џејмс Блејк (тенисер)

Џејмс Рајли Блејк[2] (роден на 28 декември 1979 година) е американски поранешен професионален тенисер.

Џејмс Блејк
Земја САД
Место на живеењеВестпорт, САД
Роден на28 декември 1979(1979-12-28)(44 г.)
Роден воЈонкерс, САД
Спорт Тенис
Висина&100000000000001850000001,85 м
Професионалец1999
Пензинониран(а)29 август 2013
Игра со• десна рака
• еднорачен бекхенд
Тренер(и)САД Брајан Баркер (1995-2009)
САД Кели Џонс (2009-2011)
Заработка$17,981,882[1]
Поединечно
Победи-порази366–256
Титули10
Највисок пласманБр. 4 (20 ноември 2006)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан ОпенЧФ (2008)
Ролан Гарос3К (2006)
Вимблдон3К (2006, 2007)
УС ОпенЧФ (2005, 2006)
Други турнири
Мастерс купФ (2006)
Олимписки игриПФ – 4. место (2008)
Во двојки
Победи-порази132-121
Титули7
Највисок пласманБр. 31 (31 март 2003)
Сегашен пласманБр. 2081 (26 јуни 2023)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан ОпенЧФ (2005)
Ролан Гарос2К (2002)
ВимблдонПФ (2009)
УС Опен2К (2000, 2001)
Ажурирано на: 10 јули 2023.

Во својата кариера во поединечна конкуренција, тој освоил 10 титули на АТП турнејата (од 24 одиграни финалиња), и го достигнал 4-тото место на АТП листата како негово највисоко рангирање во кариерата во октомври 2006 година. Најдобрите моменти во неговата кариера вклучуваат достигнување до финалето на Тенис Мастерс куп 2006, полуфинале на Олимписките игри во Пекинг 2008 (победувајќи го светскиот бр. 1 Роџер Федерер на патот до таму), четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија 2008 и Отвореното првенство на САД 2005 и 2006, две титули на Хопман купот (во 2003 и 2004) и станувајќи американски број 1 во машка поединечна конкуренција. Тој, исто така, бил клучен играч во победничкиот состав на САД во Дејвис купот 2007, победувајќи ги двата негови натпревари во сингл во финалето на натпреваувањето против Русија.

Во 2004 година, Блејк скршил пршлен во несреќа додека тренирал. Тој целосно се опоравил, а во 2005 година му била врачена наградата Повратник на годината за неговото враќање на турнејата. Во 2008 година, тој бил прогласен за хуманитарец на годината. Во јули 2007 година, излегла во печат автобиографијата на Блејк, позната под името „Breaking Back: How I Lost Everything and Won Back My Life“, напишана заедно со Ендрју Фридман, зборува за неговото враќање по неговата сезона во 2004 година.

Блејк се повлекол од професионалниот тенис по Отвореното првенство на САД 2013, на кое загубил во пет сета од Иво Карловиќ во поединечна конкуренција и во три сета во машки двојки.[3]

Ран живот и образование

уреди

Блејк е роден во Јонкерс, од татко Афроамериканец Томас Рејнолдс Блејк и мајка Британка, Бети.[4] Неговиот брат Томас, исто така, бил професионален тенисер, а покрај него има и тројца постари полубраќа: Џејсон, Кристофер и Хауард, и полусестра Мишел.

Блејк почнал да игра тенис на петгодишна возраст покрај неговиот постар брат Томас. Кога имал 13 години, му била дијагностицирана тешка сколиоза и пет години како тинејџер бил принуден да носи целосна протеза за грб 18 часа дневно, иако не додека играл тенис.

Семејството Блејк се преселило во Ферфилд, Конектикат кога работата на таткото на Блејк со продажба на хируршки материјали го однела од Њујорк во Хартфорд, Конектикат.[5] Блејк посетувал настава во Гимназијата во Ферфилд, каде што школски другар и пријател од детството му бил идниот музичар Џон Мајер. Блејк бил инспириран да се занимава со тенис откако го слушнал неговиот идол Артур Еш како зборува за јуниорската тениска програма Харлем. Брајан Баркер бил неговиот прв (и долгогодишен) тренер. Блејк го напуштил Унивзерзитето Харвард, каде што бил член на А.Д. Клуб, по неговата втора година да продолжи кариера во професионалниот тенис.[6][7] Во 2018 година, тој бил избран во Колеџ куќата на славните на ИТА.

Кариера

уреди

Рана кариера

уреди

На 21-годишна возраст, Блејк го имал својот прв настап во Дејвис купот во 2001 година против Индија и станал трета личност од Афроамериканско потекло што играл за Дејвис куп репрезентацијата на САД (по Артур Еш и МалиВај Вашингтон). Рангиран како бр. 120 во светот, Блејк прифатил вајлд-карта за настап на АТП Мастерсот во Синсинати. Тој победил квалификант и Арно Клеман за да стигне до осминафиналето, каде што се сретнал со Патрик Рафтер. Блејк бил блиску до освојување на првиот сет (паднал во тај-брејк), а откако го испуштил вториот сет, Рафтер, според автобиографијата на Блејк, му дал комплимент на мрежата и неизмерно ја зголемил неговата самодоверба велејќи: „Сега веруваш ли дека можеш да победиш некој како мене, па дури и мене?". Името на Блејк станало попрепознатливо ширум светот меѓу тениските фанови откако тој играл натпревар во пет сета со подоцнежниот шампион на Отвореното првенство на САД, Лејтон Хјуит.

Во јануари 2002 година, Блејк победил на УСТА Ваиколоа Челенџерот на Хаваи. Еден месец подоцна во Мемфис ја забележал својата прва победа над топ-10 противник, совладувајќи го Томи Хас, кој тогаш бил рангиран како бр. 5, и стигнал до финалето, каде загубил од Енди Родик. Тој стигнал до четвртфиналето на турнирот од АТП Мастерс серијата во Рим во мај и до финалето во Њупорт во јули. Во август, во Синсинати, тој ја освоил својата прва титула на АТП турнејата во кариерата и првата титула на некој од турнирите од АТП Мастерс серијата: таа дошла во двојки со Тод Мартин, со што Блејк станал првиот афроамериканец кој освои титула од секаков вид во 101-годишната историја на Синсинати. Тој, исто така, бил првиот Афроамериканец кој стигнал до финале во Синсинати од 1969 година, кога Артур Еш стигнал до финалето во двојки со Чарли Пасарел. Следната недела во Вашингтон, тој ја освоил својата прва титула на АТП турнејата во сингл, победувајќи го Андре Агаси во полуфиналето и Парадорн Сричафан во финалето. На Отвореното првенство на САД, тој стигнал до третото коло, каде повторно се соочил со првиот носител и светски рекет број еден Лејтон Хјуит, во реприза од претходната година Блејк повторно бил поразен во пет сета.

Во 2003 година, неговите најдобри резултати биле настапот во четвртфиналето на Индијан Велс; осминафинале на Австралијан Опен, Синсинати и Мајами. Покрај тоа, стигнал до полуфиналето во Сан Хосе и финалето во Лонг Ајленд, каде загубил од Сричафан. На Отвореното првенство на САД, Блејк бил елиминиран во 3. коло од Роџер Федерер.

Следната 2004, била тешка година за Блејк. Во мај, додека тренирал со Роби Џинепри за Мастерсот во Рим, тој го скршил вратот откако се лизнал на земјата и се судрил со стативата од мрежата. Блејк го скршил седмиот пршлен, но не претрпел никакво оштетување на нервите и на крајот можел целосно да се опорави од повредата. Во јули, неговиот татко починал од рак на желудникот. Во исто време, Блејк развил зостер, што привремено го парализирало половина од неговото лице и му го заматило видот.[5]

Најдобрите години во кариерата (2005-2008)

уреди

Повредите и личните проблеми на Блејк предизвикале тој да има релативно лоши резултати во првата половина од 2005 година. До април неговиот ренкинг бил 210-то место. Тој одлучил да игра на турнирите од Челинџер турнејата, турнир од „понизок ранг“ во тенисот, со цел да ја врати самодовербата и да добие повеќе натпревари. Во мај, тој настапил на турнирите во Туника (Мисисипи) и Форест Хилс (Њујорк), и ги освоил двете. Тој повторно се приклучил на АТП турнејата и во август стигнал до финалето на турнирот од International серијата во Вашингтон, каде што загубил од Родик. Тој добил вајлд-карта за Синсинати, но немал среќа со ждрепката извлекувајќи го Федерер во првото коло. Потоа, тој го освоил турнирот во Њу Хејвен, Конектикат, победувајќи го Фелисијано Лопес во финалето, со што стигнал до својата втора АТП титула во кариерата, после повеќе од три години откако ја освоил својта прва во Вашингтон. По Њу Хејвен, тој бил рангиран на 49-тото место на АТП листата.

Блејк добил вајлд карта за учество на Отвореното првенство на САД. Откако го победил светскиот рекет бр. 2 Рафаел Надал во осминафиналето, Блејк го победил Томи Робредо во четири сета и стигнал до четвртфиналето каде што се соочил со сонародникот Андре Агаси. Натпреварот во доцните вечерни часови се смета за еден од најголемите класици во историјата на турнирот. Блејк имал два сета и брејк предност во третиот, кога Агаси го започнал своето враќање и на крајот победил во тај-брејк во петтиот сет. По мечот Агаси рекол: „Не бев јас победник, тенисот беше“.[8] Подоцна, во завршницата на сезоната во октомври, Блејк ја освоил својата трета титула на АТП турнејата во Стокхолм, победувајќи го Сричафан во финалето. Блејк ја завршил 2005 година на 22. место во светот.

На почетокот на 2006 година, Блејк ја освоил титулата во Сиднеј, освојувајќи ја својата четврта АТП титула, победувајќи го Русинот Игор Андреев во финалето. На Австралијан Опен тој бил 20-ти носител, и покрај поразот во третото коло од шпанецот Томи Робредо, тој се пробил во топ 20 за прв пат во неговата кариера. Во март, тој дошол до неговата петта АТП титула во кариерата и втора во 2006 година, победувајќи го Лејтон Хјуит во финалето на турнирот во Лас Вегас. На првиот турнир од АТП Мастерс серијата за оваа година, Мастерсот во Индијан Велс, Блејк му се реванширал на Робредо совладувајќи го во третото коло, а потоа го добил и светскиот рекет број 2, Рафаел Надал во полуфиналето, стигнувајќи до своето прво финале во кариерата на некој од турнирите од АТП Мастерс серијата; сепак, во финалето бил убедливо поразен од светскиот рекет број 1, Федерер со 3-0 во сетови (последниот сет дури го загубил со 0). Со пласманот во финалето, Блејк станал првиот Афроамериканец по Артур Еш што стигнал до најдобрите 10 во светот.

На Ролан Гарос го победил шпанецот Николас Алмагро во четири сета во второто коло, со што станал последниот преостанат Американец во жребот, а потоа бил елиминиран од французинот Гаел Монфис во пет сета. Сезоната на трева ја започнал во Квинс, каде го победил Енди Родик во полуфиналето, а потоа загубил во финалето од Хјуит. На Вимблдон, како осми носител тој изненадувачки бил елиминиран во третото коло од Макс Мирни од Белорусија во пет сета, и покрај водството од 2-1 во сетови. Во месец јули, тој го освоил турнирот од УС Опен серијата во Индијанаполис, совладувајќи го Родик во финалето со 4–6, 6–4, 7–6(7–5), со што се пробил на петтото место на АТП листата од следниот ден. Откако разочарал на двата Мастерси во пресрет на Отвореното првенство на САД, губејќи во второто коло и во Торонто и во Синсинати, Блејк пристигнал во Њујорк со цел да го подобри одличниот резултат од претходната година. Откако со одлична игра, резултатски убедливо, ги добил првите четири натпревари губејќи притоа само еден сет (во третата рунда од Карлос Моја), тој се пласирал во четвртфиналето, во кое повторно, по трет пат во годината, бил поразен од Федерер. Сепак, за разлика од претходните нивни дуели, овојпат Блејк понудил поголема борба и успеал да го освои својот прв сет во дуелите со швајцарецот, откако триумфирал во тајбрејкот од третиот сет со 11-9.

Во својот дебитантски настап на Отвореното првенство на Тајланд во Бангкок, Блејк ја освоил својата седма титула во сингл во кариерата, победувајќи ги Јарко Ниеминен во четвртфиналето, Марат Сафин во полуфиналето, и Иван Љубичиќ (за прв пат во кариерата) во финалето. Две недели подоцна, Блејк стигнува и до петтата титула во 2006 година, успевајќи да го одбрани насловот од претходната година во Стокхолм со победа над Јарко Ниеминен во финалето. Одличната година му носи квалификација на тенискиот Мастерс куп во Шангај, за прв пат во неговата кариера. Тој забележа скор од 2–1 во златната група, победувајќи ги Надал и Николај Давиденко, додека загубил само од Томи Робредо, што му било доволно да се квалификува во полуфиналето. Таму, тој го совладал Давид Налбандијан, пред да загуби уште еднаш од Федерер во финалето.

Годината 2006, била најдобрата за Блејк во кариерата, завршувајќи ја со скор од 59 победи и 25 порази. Тој освоил пет титули (изедначен со Надал и Давиденко) во годината, што бил втор најдобар резултат, единствено, светскиот рекет број 1 Федерер, со 12 титули ја завршил годината со повеќе од него. Исто така, тој ја завршил годината на четвртото место на АТП листата, што воедно било и неговиот најдобар пласман во кариерата.

Во 2007 година, Блејк победил на турнирот во Сиднеј втора година по ред. Сепак, потоа тој претрпел разочарувачки пораз во осминафиналето на Отвореното првенство на Австралија, губејќи од десеттиот носител и подоцнежен финалист Фернандо Гонсалес. Во февруари, Блејк стигнал до финалето на турнирот во Делреј Бич, но го загубил тоа финале од Белгиецот Ксавиер Малис во три тесни сета.

На Tennis Channel Open 2007 во Лас Вегас, како бранител на титулата, тој бил вклучен во длабока контроверзија. Тоа бил еден од неколкуте турнири на кои АТП експериментирале со новиот формат на играње по Бергеров систем.[9] Блејк го загубил својот прв натпревар во групата од Евгениј Королев. Королев потоа го загубил неговиот втор натпревар од Хуан Мартин дел Потро, па за да се пласира во четвртфиналето, Блејк морал да го победи Дел Потро во два сета во кој би загубил само пет гема или помалку. Тоа би резултирало со изедначен број на победи и порази помеѓу тројцата играчи, при што Блејк би имал најмалку загубени гемови и би се пласирал во четвртфиналето. Иако се одело одлично за Блејк и тој бил на пат да го оствари потребниот резултат водејќи со 6-1 и 3-1, работите се закомплицирале кога Дел Потро одлучил да го предаде мечот; со тоа Дел Потро останал надвор од игра, бидејќи не успеал да заврши еден од своите натпревари. Како резултат на тоа што резултатите на Дел Потро не бил земени в предвид, Королев бил играчот кој се пласирал во следната рунда, бидејќи го победил Блејк во нивниот директен дуел. Набргу потоа, организаторите ги отфрлиле упатствата на турнирот, давајќи му на Блејк место во четвртфиналето. Следното утро, сепак, тие уште еднаш ја промениле одлуката и како резултат на тоа, Королев повторно се пласирал во четвртфиналето, додека Блејк бил елиминиран. Набргу по овој инцидент, АТП одлучил да го откаже форматот со Бергеров систем, враќајќи ги сите турнири планирани да се играат на таков начин во стандардната единечна елиминација.[10]

За време на летната сезона на турнири на тврда подлога, тој се пласирал во своето второ финале во кариерата на турнирите од АТП Мастерс серијата. Тоа се случило на Мастерсот во Синсинати, каде тој ги победил Алехандро Фаља, Николас Кифер, Хуан Карлос Фереро, Сем Квери и Николај Давиденко на патот до финалето пред да падне по седми пат во кариерата од Роџер Федерер. Покрај тоа, тој ја освоил титулата во Њу Хејвен и стигнал до финалето во Лос Анџелес, каде загубил од Радек Штепанек во три сета откако имал три сет-топки во првиот сет. Во второто коло на УС Опен 2007, тој го добил својот прв меч во кариерата во пет сета против Фабрис Санторо. Блејк стигнал до четвртото коло, каде што загубил од светскиот бр. 10 Томи Хас во пет сета, и покрај тоа што имал меч топки во петтиот сет. Во септември Блејк и остатокот од тимот на САД ја поразиле Шведска за да стигнат до финалето на Дејвис купот против Русија.

Во завршницата од сезоната, Блејк загубил во третото коло на Мастерсот во Париз од Ришар Гаске и на тој начин завршил надвор од најдобрите осум играчи на годишната АТП листа, губејќи ја својата шанса да ги одбрани бодовите што ги стекнал како финалист на Мастерс купот 2006, што пак резултирало со негово испаѓање од топ 10 на главната АТП листа, завршувајќи ја годината како светски рекет бр. 13. Во финалето на Дејвис купот 2007 Блејк го добил својот прв натпревар против Михаил Јужни, што се случило откако Енди Родик го победил Дмитриј Турсунов во првиот сингл натпревар. Следниот ден Боб и Мајк Брајан победиле во двојки против Игор Андреев и Николај Давиденко, запечатувајќи ја победата на САД во Дејвис купот.[11][12] Блејк, исто така, го победил Турсунов во последниот натпревар од финалето и му донел победа на тимот на САД со 4–1.

На Австралијан Опен, Блејк го победил својот противник во првото коло, чилеанецот Николас Масу со 6-3, 6-2, 6-2. Со истиот резултат тој бил подобар и од сонардоникот Мајкл Расел во втората рунда, а во третата морал да се опорави од два сета негатива за да го победи за првпат во кариерата францускиот ветеран Себастиен Грожан, по трите порази во исто толку одиграни претходни средби со него. Во четвртото коло, Блејк го победил Марин Чилиќ во три сета за да се пласира во четвртфиналето. Во четвртфиналето, Блејк се соочил повторно со светскиот рекет број 1, Роџер Федерер, и загубил со 3-0 во сетови 7-5, 7-6(7–5), 6-4. И покрај елиминацијата од Австралијан опен, Блејк повторно скокнал во топ 10 до местото бр. 9 на АТП рангирањето по неговиот најдобар настап на првиот грендслем дотогаш во кариерата.

Во Делреј Бич, Блејк стигнал до финалето втора последователна година, но таму неочекувано загубил од 244-то рангираниот Кеи Нишикори од Јапонија во три сета 6-3, 1-6, 4-6. На Мастерсите во Индијан Велс и Мајами тој стигнал до четвртфиналето каде и во двата случаи загубил од Рафаел Надал во три сета. Потоа, Блејк ја започнал сезоната на земјени терени на турнирот во Хјустон, Тексас. Во неговото второ финале на АТП турнирите за оваа година и неговото прво финале во кариерата на земјена подлога, Блејк паднал во рацете на шпанецот Марсел Гранолерс, кој славел во три сета.

Во август 2008 година, Блејк го претставувал САД како еден од нивните тројца машки тенисери во поединечна конкуренција на Олимписките игри во Пекинг. Во четвртфиналето, тој остварил една од најголемите победи во неговата кариерата совладувајќи го за првпат во кариерата Роџер Федерер со 6–4, 7–6. Со оглед на фактот дека Федерер бил светски рекет бр. 1, со самото тоа Блејк стигнал и до првата и единствена во кариерата победа над играч рангиран на првото место на АТП листата.[13] Во полуфиналето тој играл против Фернандо Гонсалес, бронзен медалист од Олимписките игри 2004 во Атина. Блејк имал три врзани меч топки во последниот сет, но на крајот загубил со 11–9. Потоа, тој го загубил и мечот за бронзениот медал од србинот Новак Ѓоковиќ.

На Отвореното првенство на САД, Блејк морал да мине низ трилер од 5 сета против американскиот тинејџер Доналд Јанг во првото коло. Потоа лесно го добил својот меч од второто коло откако Стив Дарсис се повлекол, а потоа загубил од својот добар пријател и сонародник Марди Фиш во третото коло со 3-0 во сетови. Годината ја завршил рангиран во топ 10, на последното 10 место.

Подоцнежна кариера

уреди

Блејк го победил Франк Данчевиќ во првото коло на Австралијан Опен. Неговите успеси продолжиле и во второто коло откако тој го совладал французинот Себастиен де Шонак во меч преполн со бучава од трибните и лоши судиски одлуки.[14] Во продолжение тој се соочил со 18-тиот носител, Игор Андреев од Русија, во третото коло и остварил уште една победа иако го загубил првиот сет на турнирот, славејќи со 6-3, 6-2, 3-6, 6-1. Неговиот пат на австралискиот грендслем завршил во четвртото коло, кога со 3-0 во сетови загубил од вицешампионот од 2008 година, Жо-Вилфред Цонга.

На АТП Ешторил 2009 Блејк се пласирал во своето прво финале на земјена подлога на европско тло, откако го победи вториот носител и поранешен шампион во Ешторил, Николај Давиденко, во полуфиналето кое било прекинато поради дожд, а потоа било префрлено за следниот ден поради слаба светлина. Така, од како го завршил полуфиналето со Давиденко, подоцна истиот ден Блејк морал да излезе повторно на терен за да го одигра финалето во кое бил поразен од шпанецот Алберт Монтањес, во кое 28-годишниот Монтањес спасил две меч топки при резултат 4-5 во вториот сет и успеал да направи пресврт за да го победи четвртиот носител Блејк за два часа и 14 минути.

Во Квинс, Блејк ги победил Иван Љубичиќ, Сем Квери и Михаил Јужни и се пласирал во полуфиналето. Потоа, стигнал и до финалето откако Енди Родик го предал мечот поради повреда на зглобот при резултат 4-4 во првиот сет. Во финалето тој загубил од Енди Мари во два сета 7-5, 6-4. Откако бил елиминиран во првото коло во поединечна конкуренција, Блејк му бил партнер на сонародникот Марди Фиш во конкуренција на машки двојки на Вимблдон. Американската двојка се пласирала во полуфиналето, каде што загубиле од бранителите на титулата Даниел Нестор и Ненад Зимоњиќ и покрај тоа што ги освоиле првите два сета.

По поразот во 3. коло на УС Опен 2009 од шпанскиот тенисер Томи Робредо, Блејк се разделил со долгогодишниот тренер Брајан Баркер. Тој бил заменет од Кели Џонс.

На Австралијан Опен 2010, Блејк загубил од четвртиот носител и шампион на УС Опен, Хуан Мартин дел Потро во второто коло во пет сета (со 8–10 во одлучувачкиот сет). Потоа тој ја пропуштил сезоната на земјени терени поради повреда на коленото, враќајќи се во акција на Вимблдон, каде што загубил во првото коло од Робин Хасе. Блејк го обвинил коментаторот на ESPN и поранешна тенисерка Пам Шрајвер дека ја попречувала играта поради нејзиниот премногу гласен коментар од боксот каде што се наоѓала над теренот зад него, што довело до вербална расправа меѓу нив двајцата за време на натпреварот. По натпреварот, Блејк изјавил дека доколку не му се смират проблемите со коленото, ќе размислува за пензија.[15] Блејк одбил да земе какви било антиинфламаторни лекови за коленото, па го нарекол неговиот настап „срамен“ и додал „Не можам да ги победам овие момци со 80 проценти“. И покрај овие коментари, Блејк ја одиграл сезоната на тврда подлога во САД и стигнал до третото коло на УС Опен 2010, каде што загубил од финалистот Новак Ѓоковиќ. Блејк ја завршил годината рангиран надвор од Топ 100 за првпат уште од 2000 година.

2011-2013; последните години и пензија

уреди

Помеѓу почетокот на 2011-2013 година, Блејк останал рангиран надвор од најдобрите 50 тенисери во светот, поради повторливи повреди и падови во формата. Во текот на трите сезони, тој стигнал до едно полуфинале на АТП турнејата, во Стокхолм 2011. Во 2013 година, Блејк објавил дека ќе се пензионира, после УС Опен. На последниот турнир во неговата кариера, Блејк изгубил уште во првото коло од хрватот Иво Карловиќ и покрај тоа што водел со 2-0 во сетови (7-6, 6-3, 4-6, 6-7, 6-7).

Во 2019 година, тој бил избран во Колеџ куќата на славните.

АТП финалиња во кариерата

уреди

Поединечно: 24 (10 титули, 14 финалист)

уреди
Легенда
Гренд слем турнири (0–0)
АТП финале (0–1)
АТП Мастерс 1000 (0–2)
АТП серија 500 (1–1)
АТП серија 250 (9–10)
Финалиња по подлога
Тврда (10–9)
Земја (0–2)
Трева (0–3)
Тепих (0–3)
Резултат П/И Турнир Година Подлога Противник Резултат
пораз 0-1 АТП Мемфис, Мемфис, САД 2002 тврда (с)   Енди Родик 4–6, 6–3, 5–7
пораз 0-2 АТП Њупорт, Њупорт, САД 2002 трева   Тејлор Дент 1–6, 6–4, 4–6
победа 1-2 АТП Вашингтон, Вашингтон, САД 2002 тврда   Парадорн Сричафан 1–6, 7–6(7–5), 6–4
пораз 1-3 АТП Лонг Ајленд, Лонг Ајленд, САД 2003 тврда   Парадорн Сричафан 2–6, 4–6
пораз 1-4 АТП Вашингтон, Вашингтон, САД 2005 тврда   Енди Родик 5–7, 3–6
победа 2-4 АТП Њу Хејвен, Њу Хејвен, САД 2005 тврда   Фелисијано Лопес 3–6, 7–5, 6–1
победа 3-4 АТП Стокхолм, Стокхолм, Шведска 2005 тврда (с)   Парадорн Сричафан 6–1, 7–6(8–6)
победа 4-4 АТП Сиднеј, Сиднеј, Австралија 2006 тврда   Игор Андреев 6–2, 3–6, 7–6(7–3)
победа 5-4 АТП Лас Вегас, Лас Вегас, САД 2006 тврда   Лејтон Хјуит 7–5, 2–6, 6–3
пораз 5-5 Мастерс Индијан Велс, Индијан Велс, САД 2006 тврда   Роџер Федерер 5–7, 3–6, 0–6
пораз 5-6 АТП Квинс, Лондон, Велика Британија 2006 трева   Лејтон Хјуит 4–6, 4–6
победа 6-6 АТП Индијанаполис, Индијанаполис, САД 2006 тврда   Енди Родик 4–6, 6–4, 7–6(7–5)
победа 7-6 АТП Бангкок, Бангкок, Тајланд 2006 тврда (с)   Иван Љубичиќ 6–3, 6–1
победа 8-6 АТП Стокхолм, Стокхолм, Шведска (2) 2006 тврда (с)   Јарко Ниеминен 6–4, 6–2
пораз 8-7 Мастерс куп, Шангај, Кина 2006 тврда (с)   Роџер Федерер 0–6, 3–6, 4–6
победа 9-7 АТП Сиднеј, Сиднеј, Австралија (2) 2007 тврда   Карлос Моја 6–3, 5–7, 6–1
пораз 9-8 АТП Делреј Бич, Делреј Бич, САД 2007 тврда   Ксавиер Малис 7–5, 4–6, 4–6
пораз 9-9 АТП Лос Анџелес, Лос Анџелес, САД 2007 тврда   Радек Штепанек 6–7(7–9), 7–5, 2–6
пораз 9-10 Мастерс Синсинати, Синсинати, САД 2007 тврда   Роџер Федерер 1–6, 4–6
победа 10-10 АТП Њу Хејвен, Њу Хејвен, САД (2) 2007 тврда   Марди Фиш 7–5, 6–4
пораз 10-11 АТП Делреј Бич, Делреј Бич, САД 2008 тврда   Кеи Нишикори 6–3, 1–6, 4–6
пораз 10-12 АТП Хјустон, Хјустон, САД 2008 земја   Марсел Гранољерс 4–6, 6–1, 5–7
пораз 10-13 АТП Ешторил, Ешторил, Португалија 2009 земја   Алберт Монтањес 7–5, 6–7(6–8), 0–6
пораз 10-14 АТП Квинс, Лондон, Велика Британија (2) 2009 Трева   Енди Мари 5–7, 4–6

Двојки: 10 (7 титули, 3 финалист)

уреди
Легенда
Гренд слем турнири (0–0)
АТП финале (0–0)
АТП Мастерс 1000 (1–0)
АТП серија 500 (0–2)
АТП серија 250 (6–1)
Финалиња по подлога
Тврда (4–2)
Земја (3–0)
Трева (0–0)
Тепих (0–1)
Резултат Бр. Турнир Година Подлога Партнер Противници Резултат
победа 1-0 Мастерс Синсинати, Синсинати, САД 2002 тврда   Тод Мартин   Махеш Бупати
  Макс Мирни
7–5, 6–3
победа 2-0 АТП Скотсдејл, Скотсдејл, САД 2003 тврда   Марк Мерклајн   Марк Филипусис
  Лејтон Хјуит
6–4, 6–7(2–7), 7–6(7–5)
победа 3-0 АТП Сан Хозе, Сан Хозе, САД 2004 тврда (с)   Марди Фиш   Рик Лич
  Брајан МекФи
6–2, 7–5
победа 4-0 АТП Хјустон, Хјустон, САД 2004 земја   Марди Фиш   Рик Лич
  Брајан МекФи
6–3, 6–4
победа 5-0 АТП Минхен, Минхен, Германија 2004 земја   Марк Мерклајн   Јулијан Ноул
  Ненад Зимоњиќ
6–2, 6–4
пораз 5-1 АТП Мемфис, Мемфис, САД 2006 тврда (с)   Марди Фиш   Крис Хагард
  Иво Карловиќ
6–0, 5–7, [5–10]
пораз 5-2 АТП Базел, Базел, Швајцарија 2007 тепих   Марк Ноулс   Боб Брајан
  Мајк Брајан
1–6, 1–6
победа 6-2 АТП Хјустон, Хјустон, САД 2012 земја   Сем Квери   Трет Конрад Хјуи
  Доминик Инглот
7–6(16–14), 6–4
пораз 6-3 АТП Мемфис, Мемфис, САД 2013 тврда (с)   Џек Сок   Боб Брајан
  Мајк Брајан
1–6, 2–6
победа 7-3 АТП Делреј Бич, Делреј Бич, САД 2013 тврда   Џек Сок   Макс Мирни
  Орија Текау
6–4, 6–4

Наводи

уреди
  1. „Career prize money“ (PDF). Архивирано (PDF) од изворникот 2 May 2019. Посетено на 12 September 2022.
  2. „James Blake stats at Tennis Warehouse“. Tennis-Warehouse.com. Архивирано од изворникот на November 12, 2006. Посетено на November 19, 2006.
  3. Dodds, Eric (August 29, 2013). „A Fitting Farewell for James Blake in Flushing“. Time. Посетено на September 8, 2014.
  4. „Blake's parents prevented race from jading him“. USA Today. September 8, 2005. Посетено на August 30, 2015.
  5. 5,0 5,1 Karazin Owens, Deb; Zeitchick, Norman (May 1, 2006). „James Blake: Fairfield's Hometown Hero“. Wilton Online. Посетено на September 8, 2014.
  6. „Crimson Tennis Star Blake Becomes Pro - News - The Harvard Crimson“. www.thecrimson.com.
  7. „Blake Talks Harvard Before Aussie Open - Sports - The Harvard Crimson“. www.thecrimson.com.
  8. „Agassi outlasts Blake in five sets“. ESPN. September 8, 2005. Посетено на 8 September 2005.
  9. „Round Robin 1“. Архивирано од изворникот на март 21, 2007.
  10. „Round Robin“. Архивирано од изворникот на март 28, 2007.
  11. Association of Tennis Professionals (November 30, 2007). „Roddick, Blake Place USA in Reach of Davis Cup Title“. Association of Tennis Professionals. Архивирано од изворникот на December 6, 2007. Посетено на December 1, 2007.
  12. International Tennis Federation (December 2, 2007). „Davis Cup – World Group 2007 Final Results“. International Tennis Federation. Посетено на December 5, 2007.
  13. „Blake eliminates Federer from Olympic Tennis“. Архивирано од изворникот на август 15, 2008.
  14. „Blake into third round after noisy encounter“. Reuters. January 22, 2009. Архивирано од изворникот на 2020-07-09. Посетено на 2023-08-31.
  15. „James Blake Contemplating Retirement“. Pro Tennis Fan. June 23, 2010. Посетено на February 18, 2013.

Надворешни врски

уреди