Иван Љубичиќ (роден на 19 март 1979 г.) е поранешен професионален хрватски тенисеер. Негово највиско место на АТП листата било 3. место, кое го постигнал во мај 2006.[1]
Своите најдобри резултати тој ги остварувал на турнирите во сала на тепих или тврда подлога. Неговата игра главно се одвивала од основната линија со повремени излези на мрежа. Тој бил добар волеј играч и играл повремено во двојки. Со неговиот бекхенд, тој често знаел да одигра кратки топки.
Љубичиќ четири пати играл финале на АТП Мастерс турнирите, и успеал да освои една титула, на Мастерсот Индијан Велс 2010, победувајќи го Енди Родик во финалето. Тој вкупно во кариерата освоил 10 АТП титули. Негов најдобар резултат на Гренд слем турнирите бил полуфиналето на Отвореното првенство на Франција 2006, во кое загубил од Рафаел Надал. Во 2005 година, тој му помогнал на хрватскиот Дејвис куп тим да ја освои првата титула во Дејвис купот. Тој се повлекол од тенисот на 15 април 2012 година.
Љубичиќ е рооден во Бања Лука, во тогашна СР Босна и Херцеговина, како син на Марко кој бил босански хрват и работел како електричар, и Хазира која била босанка и била домаќика. Тој има еден постар брат, Владо. Тој започнал да игра тенис на 9-годишна возраст. Во мај 1992, поради војната во Босна и Херцеговина, тој, неговиот брат и неговата мајка се преселиле од Бања Лука во Опатија, Хрватска, додека пак неговиот татко не можел да замине. Во ноември 1992, тие се обединиле и заедно се преселиле во Ријека. Веднаш потоа, во април 1993, Љубичиќ заминал да трениера во тениски клуб во Монкалијери во близина на Торино, Италија. Во следните три години, Љубичиќ израснал во надежен талент. Тој одлучил да игра за Хрватска и во 1995 година тој победил на своето прво јуниорско првенство и станал хрватски шампион до 16 години. Истата година, тој ги освоил своите први АТП бодови и играл за Хрватска на европското првенство до 16 години. Во двојки, заедно со Жељко Крајан, тој го освоил престижното натпреварување за јуниори, Оринџ Бол.
Во 1996, неговото семејство се преселило во Загреб, додека пак тој продолжил со своите успеси. Тој се приклучил на тенискиот клуб Младост и играл на сè повеќе јуниорски турнири. Негов најголем успех во јуниорските денови било финалето на јуниорскиот Вимблдон, во кое бил поразен од белорусинот Владимир Волчков. Во 1997 година, тој стигнал до полуфиналето на јуниоррскиот турнир на Отвореното првенство на Австралија и се искачил на 2. место на јуниорската листа. На почетокот на 1997 година, тој започнал да тренисра со италијанскиот професионален тренер Рикардо Пјати.
Во 2004, Иван се оженил со својата сопруга Аида, со која има две деца, син Леонардо и ќерка Зара.[2][3]