Јосифово

село во Општина Валандово


Јосифово (порано: Калучково) — село во Општина Валандово, во областа Бојмија, во околината на градот Валандово.

Јосифово

Главната селска црква во Јосифово

Јосифово во рамките на Македонија
Јосифово
Местоположба на Јосифово во Македонија
Јосифово на карта

Карта

Координати 41°19′54″N 22°28′31″E / 41.33167° СГШ; 22.47528° ИГД / 41.33167; 22.47528Координати: 41°19′54″N 22°28′31″E / 41.33167° СГШ; 22.47528° ИГД / 41.33167; 22.47528
Регион  Вардарски
Општина  Валандово
Област Бојмија
Население 1.651 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2462
Повик. бр. 034
Шифра на КО 04011
Надм. вис. 68 м
Јосифово на општинската карта

Атарот на Јосифово во рамките на општината
Јосифово на Ризницата

Географија и местоположба уреди

Ова големо село се наоѓа во областа Бојмија, во западниот дел на територијата на Општина Валандово, на патот Валандово-Удово, чиј атар на тесен дел со допира со Гевгелиското Поле. Од градот Валандово селото е оддалечено 9 километри.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 68 метри.[2]

Атарот зафаќа површина од 19 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 809 хектари, на пасиштата отпаѓаат 476 хектари, а на шумите 390 хектари.[2]

Селото се наоѓа во близина на течението на реката Вардар. Јосифово е ново и современо населено место. Селото традиционално било поделено на две маала, Горно и Долно Маало, кои се меѓусебно раздалечени. Поголемо по површина и побројно по население е Долното Маало. Во 2014 г. Горна Маала е одвоена и прогласена за самостојно село.[3]

Со белези на руралност, сепак може да се истакне дека селото е урбанизирано, со изградена канализација, две медицински установи (амбуланти), основно училиште, пошта, бензинска пумпа, културен дом, голем и мал спортски терен, маркети, земјоделски аптеки, медицинска аптека како и други погодности кои треба да ги ужива денешниот човек, особено во селска средина. На ова село е надоврзано селото Калково, кое се наоѓа на северната страна од Јосифово и е населено со Турци.

Историја уреди

 
Дел од селото во 1931 година

Во XIX век, ова било турско село во рамките на Дојранска каза на Отоманското Царство.

Во селото преовладува македонско население, а во него живеат и значителен број Срби. Првично, потесната област во која се наоѓа Јосифово, може да се сретне и под името Калучково. Инаку, историјата сведочи дека селото најпрво било колонизирано со српско население, во време на српската окупација, кога областа влегува во склоп на Србија, по Втората балканска војна. Во тоа време, на Србите им биле поделени најплодните земјоделски површини, а селото се викало Караѓорѓевац, во чест на српската кралска династија Караѓорѓевиќ. Токму во времето на српската окупација, поточно во 1931 година, Јосифово (тогашен Караѓорѓевац) го зафатил силен земјотрес, кога селото целосно било срамнето со земја.[4] Тогаш, во посета на околината, па и на самото Јосифово пристигнал кралот на стара Југославија, Александар Караѓорѓевиќ.

Во 1941 година, селото влегува во состав на Бугарија и името му е променето во Крумово, по бугарскиот хан Крум. По Втората светска војна, селото го добива сегашното име по познатиот комунистички народен херој од Гевгелија Јосиф Јосифовски - Свештарот. Во дворот на селската амбуланта на Јосифово има поставено спомен обележје во сеќавање на херојот кој е патрон на селото.

Стопанство уреди

Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]

Земјоделските култури отсекогаш биле извор на издршка за поголемиот дел од граѓаните на Јосифово. Интересен е фактот дека почвата во јосифовскиот атар е една од трите најплодни почви во Македонија.

Во минатото, но и денес, полето околу селото изобилува со плодни услови за најразлични земјоделски култури. За време на поранешната СФРЈ, пласманот на земјоделските производи се обезбедувал полесно преку земјоделската задруга „Црвена Ѕвезда-Јосифово“.

Во поново време, традиција стана одгледувањето на зелка. Освен тоа, во Јосифово се огледува винова лоза, бостан, компир, домати, краставици, пиперки и други култури на помали површини. Доста застапени се и овошните насади. Особено карактеристичен белег за Валандовската општина, па и за Јосифово се јапонските јаболки, кои можат да се сретнат на значителни површини. Кивите исто така успеваат на ова поднебје. Освен тоа, во Јосифово се среќаваат и насади на маслинки.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948865—    
1953905+4.6%
1961951+5.1%
19711.199+26.1%
19811.552+29.4%
ГодинаНас.±%
19911.733+11.7%
19941.721−0.7%
20021.730+0.5%
20211.651−4.6%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Јосифово имало 800 жители, сите Турци.[5]

Јосифово е големо село, коешто во 1961 година броело 951 жител, од кои 628 биле Македонци, 248 Срби, 46 Црногорци, 22 Турци и 7 Хрвати, а во 1994 година, двојно повеќе, односно 1.721 жител, од кои 1.276 биле Македонци, 241 Турчин и 185 Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Јосифово имало 1.730 жители, од кои 1.266 Македонци, 274 Турци, 174 Срби и 16 останати.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1.651 жител, од кои 1.116 Македонци, 2 Албанци, 376 Турци, 3 Роми, 97 Срби, 9 останати и 48 лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 800 865 905 951 1.199 1.552 1.733 1.721 1.730 1.651
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Општествени установи уреди

 
Пошта во Јосифово

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Валандово, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Валандово.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Јосифово, во која влегувале селата Ајранли, Вејсели, Јосифово, Плавуш и Терзели.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Удово, во која покрај селото Јосифово се наоѓале селата Ајранли, Дразни, Баракли, Башали, Вејсели, Градец, Ѓулели, Плавуш, Терзели и Удово.

Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Валандово.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Валандово.

Избирачко место уреди

Во селото постојат избирачките места бр. 287, 288 и 289 според Државната изборна комисија, сместени во основното училиште, амбуланта и продавница.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.207 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости уреди

Цркви[14]

Култура и спорт уреди

КУД „Младост“ од Јосифово е едно од најмладите културно-уметнички друштва во Валандовската општина. Создадено е зимата 1989-1990 година од група активисти, граѓани на Јосифово. Во негов состав работат фолклорната, пејачката, драмскатата и ликовната секција, како и секција за плетење, везење и ткаење. Опфаќа голем број на деца и млади. За кратко време од своето постоење стана главен носител на културно-забавниот живот во Јосифово и пошироко. Во изминативе години ова друштво има учествувано на фолклорни фестивали во земјата и странство.

Традиција за Јосифово е турнирот во мал фудбал „Јосифовско лето“, кој се одигрува на малиот фудбалски терен во дворот на училиштето. На него земаат учество фудбалски екипи од цела Македонија. Турнирот се одржува во текот на август.

Младите го препознаваат Јосифово и по меморијалниот рок хепенинг „Цале“, кој се одржува секоја година кон крајот на месец август. Учество на овој настан земаат голем број музички рок состави од цела Македонија и пошироко.

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 141. Посетено на 4 август 2017.
  3. „Закон за изменување и дополнување на законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија“ (PDF). Службен весник на Република Македонија (149): 1. 2014. Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-10-28.
  4. Порта3 (2017-12-21). „Разурнувачкиот земјотрес во Валандово од 1931 година“. Порта3 - градежништво, архитектура и екологија. Посетено на 2021-10-08.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 151.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 август 2017.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Посетено на 21 декември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-13. Посетено на 21 декември 2019.
  14. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски уреди