Славко Милосавлевски

(Пренасочено од Славко Милосавлески)

Славко Милосавлевски (28 јануари 1928 во Вратница, Тетовско14 октомври 2012 во Вратница, Тетовско)[1] — бил македонски социолог, дисидент од времето на комунизмот.

Образование и научна дејност

уреди

Основно училиште завршил во с. Вратница, a гимназија во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1957 година. По завршувањето на Правниот факултет, во периодот од 1958 до 1960 година заминал на постдипломски студии во Институтот за општествени науки, во Одделението за политички науки. Во учебната 1961/62 година студирал на Институтот за високи европски студии во Торино. Својата докторска дисертација на тема „Сојузот на комунистите на Југославија во системот на социјалистичката демократија во Југославија“ ја одбранил во 1965 година на Правниот факултет во Скопје. Од март 1961 година до јуни 1974 година предавал социологија на Правниот факултет во Скопје. Од јули 1967 до април 1969 година бил директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.[2]

Политичка активност

уреди

Славко Милосавлевски бил активен учесник во НОБ од 1941 година. За време на војната вршел разни политички должности, a крајот на војната го затекнал како член на бригаден комитет на КПЈ. Носител е на Партизанска споменица 1941.

Во периодот 1957-1958 година бил претседател на Општина Тетово. Во 1966 година, по падот на Александар Ранковиќ, станал член на Извршниот комитет на ЦК СКЈ. На таа функција бил до 1969 година, кога бил избран за секретар на Секретаријатот на ЦК СКМ.

Во екот на борбата на југословенското комунистичко раководство против либерализмот и национализмот, како близок соработник на Крсте Црвенковски, Милосавлевски во 1972 година се нашол под удар. На 27 октомври 1972 година по барање на тогашниот преседател на СКМ, Ангел Чемерски, Милосавлевски поднесол оставка на функцијата секретар на СКМ, а на 36-та седница на ЦК СКМ во јануари 1973 година, поднесол оставка и на членството во Централниот комитет. Следната година конзервативците во Партијата сакале сосема да го отстранат од Партијата и кон крајот на јуни 1974 година успеале да организираат изјаснување на Основната организација на СКМ на Правниот факултет. Основната организација гласала за исклучување на Милосавлевски од СКМ, при што му престанал и работниот однос на Факултетот.

Во ноември 1974 година Милосавлевски заминал за САД во надеж дека ќе најде работа на некој американски факултет. Сепак, неговите идеолошки врски со југословенскиот комунизам биле премногу силни и тој не сакал југословенската власт да го прогласи за дисидент. Поради тоа одбил да се согласи за издавање на неговата книга „Револуција и антиреволуција“ на англиски јазик и во јуни 1975 година, по добиените лажни најави дека ќе биде повторно разгледано неговото враќање на работа на Факултетот, се вратил во Македонија. Веднаш се покажало дека неговите надежи биле неосновани и Милосавлевски останал изолиран сè до воведувањето на политичкиот плурализам.

По воведувањето на политичкиот плурализам учествувал во формирањето на Социјалдемократската партија на Македонија и бил избран за нејзин прв претседател. На чело на партијата бил до септември 1991 година, кога ја напуштил партијата и се повлекол од активната политика.

По осамостојувањето на Република Македонија одреден период бил македонски амбасадор во СР Југославија.

Творештво

уреди
 
Корицата на првото издание на книгата Социологија на македонската национална свест (од 1992)

Славко Милосавлевски има објавено поголем број дела, од кои позначајни се следните:

  • „Сојузот на комунистите и самоуправувањето“ (1967)
  • „Револуција и демократија“ (1967)
  • „Изборниот систем и изборната демократија во практиката“ (1968)
  • „Одлики на развитокот на движењето на СКМ“ (1968)
  • „Социјализам и суверенитет“ (1971)
  • „Револуција и антиреволуција“ (1972)
  • „Вратница : Етно-социолошки приказ“ (1985)
  • „Контрадикциите на Јосип Броз“ (1990, на српски јазик)
  • „Страв од промени : кризата на политичкиот систем на Југославија во седумдесеттите години“ (1991)
  • Социологија на македонската национална свест“ (два тома, 1992 и 1997)
  • „Југословенските социјалисти-комунисти и македонското прашање (1918-1945)“ (1992)
  • „Источна Европа помеѓу егалитаризмот и демократијата“ (1993)
  • „'Разговор' со Добрица Ќосиќ“ (1994)
  • „Двете лица на собитијата“ (1996)
  • „Нашиот поглед за времето на Колишевски“ (1996, заедно со Крсте Црвенковски)
  • „Албанците во Република Македонија (1945 - 1995)“ (1997, на македонски и англиски јазик)
  • „Македонски контроверзи : (1990-2003)“ (2004)
  • „Амбасадорски записи“ (2006)

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди