Институт за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ)

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (скратено ИСППИ) е високообразовна институција во состав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Освен научно-истражувачка, во Институтот се практикува и образовна и издавачка дејност сè со цел да се продолжи традицијата на квалитетно и прогресивно образование.

Краток историјат

уреди

Пред 45 години, со Одлука на Универзитетскиот совет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје е формиран Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања со задача:

  • научно да ги проучува социолошките и политичко-правните појави во земјата, да го поттикнува и организира проучувањето на прашањата од социолошките и политичко-правните науки и од развитокот на општеството;
  • да ги разработува и усовршува истражувачките методи во општествените науки;
  • да работи на усовршување на научните кадри и да подготвува научен подмладок од областа на социолошките и политичко-правните науки;
  • да обезбедува материјални и други услови за студиска и истражувачка работа;
  • да организира разни форми на работа со стручни кадри, заради нивно оспособување за самостојна научна работа;
  • да организира собирање на документација за изведување на практична настава и вежби на наставата на факултетите и општествените науки на Универзитетот во Скопје;
  • да обезбедува настава од сите степени по општествени науки за сите факултети на Универзитетот во Скопје;
  • да организира претставување на проблемите од областа на социиолошките и политичко-правните науки по пат на советувања, дискусии и други погодни форми;
  • да ги обезбедува и непосредно соопштува резултатите од својата научноистражувачка работа;
  • да издава публикации;
  • да развива сестрана научна соработка со соодветните установи, организации и поединци што се занимаваат со проучување на социолошките и политичко-правните науки во земјата и странство (од Одлуката).

Оваа Одлука на Универзитетскиот совет, според тогашната процедура, ја потврди Извршниот совет на Собранието на СРМ на 5.2.1965 г., а Институтот започна со работа на 18 октомври истата година.

Профил

уреди

Визија

уреди

- Во доменот на научно-истражувачката и наставно-научната дејност, Институтот акцентот ќе го става на применетите дисциплини, настојувајќи да ги спои теориските сознанија со нивната непосредна употребливост, како и да држи чекор со достигнувањата во науките што се во доменот на неговиот интерес и со потребите на корисниците;

- Од аспект на критериумите и стандардите според кои се цени академскиот и експертскиот квалитет на куќата во целина и нејзините оргенизациски единици и кадри, Институтот ќе настојува и во нашата средина да бидат имплементирани истите критериуми што важат во глобалната академска заедница, разбирливо, уважувајќи ја потребата од разумен временски период за заживување на планираното;

- Од аспект на организацијата и логистиката на активностите на куќата, Институтот го гледаме како проектно заснована органиација со софистициран менаџмент и силна информатичка поддршка на оперативните работи, организациските процеси и одлучувањето.

Инфраструктура

уреди

Иако сместен во релативно мал простор, Институтот има солидни работни услови, простории и опрема што во моментот ги задоволуваат потребите, како на вработените, надворешните соработници, така и на студентите.

Раководство

уреди

Активностите на куќата се централно административно и сметководствено поддржани и се предмет на стандардизирана постапка на евидентирање, архивирање и правна и финансиска обработка. Со потполната информатизација на сите работни процеси (што е во тек на инсталација) и строгото работење согласно утврдените буџетски позиции за планираните активности, ќе се постигне целосна транспарентност на работењето на куќата, за што финансиска потпора делумно обезбедува државата, а не помал дел е предмет на самофинансирање. Покрај централната архива, Институтот има и две специјализирани архиви (проектна и наставна) и централен регистер на остварени контакти и соработка со институции и поединци од земјата и странство. Во врска со последното, за координација на контактите и соработката што Институтот ја остварува во земјата и странство, воспоставена е служба за врски. Сите информации за Институтот во целина, за неговите соработници, за организациските единици и активности,.како и сите релевантни информации за целокупните резултати во научноистражувачката дејност можат да се погледаат на мрежната страница на http://www.isppi.ukim.edu.mk[мртва врска].

Соработка во земјата

уреди

Меѓународна соработка

уреди

Во својата вкупна дејност, Институтот остварува соработка со повеќе академски, владини и невладини институции и асоцијации од странство. Во таа смисла, Институтот се јавува како реализатор на редица проекти чии нарачатели се Светската банка, UNDP, потоа UNHCR, UNESCO, UNICEF, EU и други.

Покрај проектната соработка со спомнатите институции, Институтот има заеднички проекти со над 30 академски институции со сродна научноистражувачка ориентација и во тие рамки, соработува со бројни универзитети од целиот свет, вклучувајќи и соработка во доменот на реализацијата на постдипломските студии: да споменам само некои од нив: Универзитетот во Питсбург, САД, Универзитетот во Екситер-Велика Британија, Универзитетот Македонија во Солун-Грција, Холандскиот интернационален институт за менаџмент-Мастрихт, Универзитетот во Амстердам и други.

Сликата за меѓународната соработка на куќата секако ќе остане некомплетна ако не се спомене соработката со редица странски фондации и владини агенции на странски држави кои ја овозможуваат проектната активност и студиските престои на кадрите на Институтот - да спменам само некои од нив: Сорос, Инфрмативната агенција на Соединетите држави (USK), Канадската агенција за меѓународен развој, (CIDA) Фондацијата "Фридрих Еберт" и многу други.

Научно-истражувачка дејност

уреди

Обуки и курсеви

уреди

Летни школи

уреди

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, со години наназад ја проширува својата образовна дејност, поточно ја зајакнува меѓународната соработка помеѓу учените од Источна и Западна Европа, и за таа цел организира летни школи. Наставната програма на овие школи, наменети за студенти на последипломски студии и млади научни кадри од општествените дисциплини, постојано актуелизира различни општествени аспекти од непосредно значење за Балканскиот регион и земјите во транзиција воопшто.

Летните школи на Институтот традиционално се одржуваат на бреговите на прекрасното Охридско Езеро каде што се наоѓаат и вековните извори на словенската книжевност. Во 2000 година воспоставен е Охридскиот летен универзитет, кој обединува повеќе летни школи во чија организација се јавуваат различни носители.Во оживотворување на идејата за Охридски летен универзитет соработуваат еминентни институции од земјата и странство а во таа смисла посебно би ја истакнале блиската соработка со Институтот „Евро Балкан“, кој е иницијатор на овие активности.

Кусиот осврт на темите на летните школи во чија организација Институтот учествувал или се јавува како непосреден организатор ги бележат следните:

   1998 - Балканот помеѓу Исток и Запад

Во рамките на оваа летна школа, вниманието на учесниците беше насочено кон проблемот на претставата што е всушност Балкан, Нациите и национализмот на Балканот; Митологијата и политиката; Рурално општество; Жената во балканското општество;како и проблемите врзани со истражувањето на "Балканот".

   1999 - Светлата Страна на Балканот

За разлика од претходната година каде што акцентот беше ставен на приодите во доживување на балканското минато и сегашност, во оваа летна школа акцентот беше ставен на балканската иднина. Обработените теми беа следниве: Корените на заедничкиот балкански идентитет; Основите на сличноста; Регионални проблеми: реални или вештачки?; Рамка за регионална балканска агенда на 21 век.

   2000 - Масовните раздвижувања на луѓето

Летната школа во состав на новопромовираниот Летен охридски Универзитет, тематски осмислена од страна на Центарот за бегалци и присилна миграција при Институтот, ова летно школо ги актуализираше проблемите врзани за феноменот на: национализмот и етницитетот во објаснувањето на раселувањето на луѓето на Балканот, како и проблемот на присилното раздвижување луѓе како предизвик за националната безбедност на балканските држави

   2001 - Управувајки со јавната администрација во транзиција.

Оваа летна школа ги сумира теоретските сознанија од значење за градење на високо професионална, делотворна и ефикасна јавна администрација и воедно ги става во контекст на проблемите со кои се соочуваат земјите во транзиција во доменот на реформата на јавните служби. Поаѓајќи од тоа, нагласено внимание е посветено на приодите на јавната администрација во професионалната поддршка присоздавањето и спроведувањето на конкретната политика, потоа на претпоставките за градење и унапредување на квалитетот и одговорноста во вршење на власта и, секако, кон проблемите при задоволувањето на потребите и барањата на обичниот граѓанин.

Експертски услуги

уреди

Потпирајќи се на професионалниот капацитет на Институтот, како и на неговиот рејтинг во земјата и на меѓународната сцена, до него или до неговите експерти се обраќаат и го ангажираат за вршење експертски услуги владини институции и граѓански и меѓународни организации. Дел од корисниците на овие услуги се Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за државни службеници, Агенцијата за приватизација, Агенцијата за информации, Советот за радиодифузија, Европската Унија,Светската банка, агенциите на Обединетите нации и др.

Научни и стручни собири

уреди

Институтот организира мноштво научни и стручни собири, академски дебати и тркалезни маси на кои учествуваат еминентни експерти од земјата и странство. Само како илустрација, притоа не доведувајки ја во прашање академската вредност на оние што овде нема да бидат спомнати поименично, ги издвојуваме:

  • Првиот и вториот македонски - американски менаџмент форум (1991/92), во соорганизација со Универзитетот од Небраска, САД и Стопанската комора на Македонија;
  • Меѓународната конференција „Егзодус во рамките на границите: глобална криза на внатрешната раселеност“ (2001), во соорганизација со The Brookings Institution од Вашингтон, Д.К., САД, а со финансиска поддршка од УНЦХР.

Истражувања и проекти

уреди

Со оглед на фактот дека Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања е институција чие работење е тесно поврзано и со интересите и потребите на пошироката општествено-политичка јавност во Република Македонија, Институтот спроведува научноистражувачки проекти преку кои и ги реализира своите планови и програми за работа. Најголемиот дел од научноистражувачките резултати се објавени во посебни монографски публикации, зборници и во Годишникот на Институтот. Преглед на дел од проектите од 1987 г. досега може да се најде на http://www.isppi.ukim.edu.mk/dejnost.html [https://web.archive.org/web/20120620140359/http://www.isppi.ukim.edu.mk/dejnost.html Архивирано] на 20 јуни 2012 г..

Едукација

уреди

Образовната дејност во Институтот е присутна уште од 1967 година. Денес во Институтот се изведуваат специјалистички, постдипломски и докторски студии во доменот на: Политички науки; Социологија/менаџмент на општествени промени; Менаџмент/менаџмент на човекови ресурси; и Комуникации.Прегледот на магистерските, специјалистичките и докторските трудови може да се најде на мрежната страница на Институтот.

Постдипломски студии

уреди

Покрај својата основна дејност - научноистражувачка работа Институтот повеќе од три децении организира и постдипломски студии од повеќе научни дисциплини. Денес Институтот организира постдипломски студии од следниве научни дисциплини:

  • Политички науки
  • Социологија
  • Менаџмент на човекови ресурси
  • Комуникации

Наставата на постдипломските студии ја изведуваат искусни и реномирани научни работници и наставници од Македонија и од странство. Постипломските студии се организирани според најновите нучни достигнувања и се настојува постојано да се биде во чекор со светските научни трендови. Студентите кои успешно ќе ги завршат постдипломските студии се стекнуваат со научно звање магистер и се оспособени за самостојна научноистражувачка работа.

Специјалистички трудови

уреди

Во рамки на специјалистичките студии на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања се одбранети над 80 специјалистички трудови. Во продолжение е понуден списокот на трудови:Политички науки; Социолошки науки; Менаџмент; и Комуникации.

Магистерски трудови

уреди

Досега во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања се одбранети над 110 магистерски трудови.

Докторски трудови

уреди

Досега во Институтотот за социолошки и политчко правни истражувања се одбранети околу 80 докторски дисертации.

Организациска структура

уреди

Статус и основна дејност

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања е научна установа во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања врши, научно-истражувачка дејност во социолошки, политички, правни, организациони, комуникациски и други научноистражувачки подрачја и врши образовна дејност на социолошки, политички, организациони и комуникациски наставно-научни области од втор и трет циклус на студии.

Библиотека

Библиотеката на Институтот учествува и дава свој придонес во создавањето на политиката на библиотечното работење во рамките на интегрираниот библиотечен систем на Универзитетот. Библиотеката на Институтот ја собира, ја уредува и ја распоредува научната, студиската и стручната литература и на наставно-научните кадри, на соработниците и на студентите им ги дава информациите и знаењата за студиите и за научната работа, ги образува од гледна точка на употребата на библиотечниот фонд и од гледна точка на барањето информации и изработува библиографија за високообразовните наставници и научни работници.

ОРГАНИ НА ИНСТИТУТОТ

Органи на Институтот се: Научен совет, Директор и Институтска управа.

Кадар

уреди

Кадровската структура на Институтот ја сочинуваат близу 30 вработени, од кои две третини се научно-истражувачки кадри. Освен спомнатите, Институтот има и широка мрежа надворешни соработници вклучени во истражувачката и наставно-научната дејнсот. Ова е резултат на активната кадровска политика што Институтот ја спроведува, со постојан прием на млад научен кадар и, усовршување и стекнување со повисок степен на образование и повисоки научно-наставни звања на вработените. Воедно во Институтот на подолг или пократок рок, редовно престојуваат експерти или млади научни кадри што од странство на студиски престој доаѓаат кај нас.

Посебно би напоменале дека академските кадри на Институтот, вработени во него или неговите постојани надворешни соработници, речиси по правило, имаат богато меѓународно искуство стекнато преку образование или студиски престои на странски универзитети или пак во контекстот на реализација заеднички проекти со странски партнери, учество на меѓународни собири, симпозиуми и конгреси и објавување трудови во странство. Разбирливо, академскиот квалитет, професионалноста во приодот, познавањето странски јазици и умешноста во користењето најсовремена компјутерска техника, во контекстот на интензивната меѓународна сорабортка што Институтот ја има, е своевиден предуслов да се биде дел од него.

Во овој контекст, би сакале да нагласиме дека Институтот создава квалитетен научен кадар не само за своите потреби, туку и за пошироката заедница. Имено, од основањето до денес, од Институтот, за наставници во речиси сите наставни звања, на Правниот, Филозофскиот и на некои други факултети заминаа 27 научни работници. Исто така, значаен број соработници на Институтот извршуваа и извршуваат значајни државни и други функции.

Издаваштво

уреди

Од своето формирање до денес Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје го носи атрибутот на единствена научноистражувачка институција во земјата, чија дејност е вградена во фундаментот на македонската општествена наука, но исто така претставува и релевантен фактор во развојот на македонското општество. Во прилог на оваа констатација ќе направиме само мал пресек од она што претставува негова структурно-програмска поставеност врз која се темелат сите досегашни, сегашни и идни научноистражувачки активности. Имено, во областа на социолошката наука Институтот се занимава со следното:

- ги проучува основните општествени групи кои ја сочинуваат таа структура, критериумите за нивните разлики, социјалната стратификација, структурата и функцијата на религијата, социјалната подвижност, основните промени во економската и просторната структура (деаграризација, индустријализација, урбанизација, демографски промени) и фрагментирањето и сегментирањето во општеството;

- во областа на политикологијата, доменот на научниот интерес опфаќа систематско следење на политиколошката мисла и проучувања на политичкиот систем, политичките институции политичките процеси и односи, а посебно прашањата за институциите на демократијата, како и развивањето на методологијата на политиколошките истражувања;

- во последните 10 години, во фокусот на научниот интерес на Институтот се и етничките односи и политичката култура, етничката дистанца, религиозните и конфесионалните разлики како фактор на зголемување на етничката дистанца и предрасуди, национализмот итн.;

- некаде од 1991 година наваму Институтот се занимава со научноистражувачка дејност во доменот на менаџерското образование како стратегија за премин во пазарна економија;

- истражувањата од областа на криминологијата и социјаланта патологија се фокусирани на: феноменологијата и криминологијата на криминалитетот воопшто и на одделните видови на криминалитет во Македонија, како и на социопатолошките појави од аспект на вредвидување на околностите од општествена, економска, политичка и кутлурна природа што доведуваат до нив. Предметно блиски и комплементарни со овие истражувања се истражувањата од областа на криминалната политика, кои се фокусирани врз комплексот прашања од доменот на создавањето и спроведувањето на политиката насочена кон превентивното и репресивното сузбивање на криминалитетот од сите облици, како и на истражувања од областа на ефикасноста на постоечкиот систем на мерки во тој домен;

- од 1995 г. Институтот реализира истражувања од областа на комуникациите, медиумите и културата - научноистражувачка дејност која опфаќа истражувања на најактуелните прашања кои го опфаќаат односот помеѓу комуникациско-информативната технологија и нејзиното влијание врз промените во културата, како и улогата на медиумите во тој процес.

Голем број од резултатите на научноистражувачките проекти што ги реализираше Институтот во изминатите триипол децении беа вградени во многу практични законски решенија. Најголемиот дел од научноистражувачките резултати беа презентирани на македонската научна и општествена јавност најчесто преку објавување на завршните студии од научноистражувачките проекти, па така денес бројката на објавени монографски публикации или зборници се заокружува на над 170, од кои најголемиот дел го побудија и го побудуваат интересот на јавноста во земјата и надвор од неа. Определбата да ги презентираме само изданијата објавени во периодот од последните 10 години 1991-2000 година произлезе од неколку сознанија и факти, од кои ги издвојуваме:

1. Брзите и радикални промени низ кои минуваше македонското општество во изминатите 10 години, неминовно се рефлектираа и најдоа свој одраз и во работата на Институтот не само во финансиска, туку и во функционална смисла. Но, Институтот не само што успеа да го сочува континуитетот на своето работење, туку успеа и да го следи чекорот и достигнувањата на европската и на светската научна мисла.

2. Во изминатите 10 години, и покрај сите објективни потешкотии и пречки во функционирањето, пред сè од финансиска природа, Институтот ја прошири и збогати својата дејност со уште две научни области: комуникации, медиуми и култура, и менаџмент во кои се направени првите (пионерски) чекори кои ќе претставуваат фундамент за идни истражувања во овие области.

3. Без претензија да ги обезвреднуваме научноистражувачките резултати на Институтот до 1991 година, сепак мораме да нагласиме дека резултатите објавени во монографските публикации на Институтот во последните 10 години тесно и суштествено кореспондираат со тековите на европската и светската наука, како и со општествените случувања во Македонија.

Во Годишникот се објавуваат научни трудови и прилози на теми и содржини од областа на општествените науки, меѓу кои сепак доминираат прилози од веќе спомнатите области: социологија, политикологија и право, чии автори заокружуваат бројка од над 170, од кои добар дел се еминентни научници и редовни соработници на списанието. Важно е да се каже дека во Годишникот редовно се застапени и имиња на млади автори кои ги прават своите први чекори во науката, но кои со своите идеи и научнички ентузијазам придонесуваат за збогатувањето и ширењето на научниот простор во Македонија. Освен научни и стручни трудови во списанието се објавуваат и рецензии за новообјавени книги, осврти и библиографии. Инаку, сите прилози во Годишникот се со резимеа на еден од светските јазици, со што се овозможува комуникација и продор на македонската научна мисла во светот, комуникација која, според одгласот и приемот на нашето списание на странските простори, функционира мошне успешно. Годишникот редовно се дистрибуира до сите поголеми библиотеки во земјата, до библиотеките на сите сродни институции во земјата и во странство и до сите субјекти кои од било која причина покажаа интерес за нашето списание во изминатите 25 години.