Безвилични ‘рбетници

(Пренасочено од Безвилични риби)

Безвиличните ‘рбетници или Agnatha (грчки збор што значи "без вилици") сочинуваат класа или наткласа на безвилични риби во типот Chordata, поттип Vertebrata. Многу понови учебници и книги ја сметаат оваа група за парафилетска[1], но скорешни молекуларни истражувања, како од rRNA[2] така и од митохондриска DNA[3] силно ги поддржуваат денешните агнати како монофилетска група. Безвиличните ‘рбетници настанале во Камбриумот. Постојат две рецентни групи на безвилични риби (понекогаш нарекувани и круглоусти): змиулките и миксините, со околу 100 видови. Иако припаѓаат на поттипот Vertebrata, миксините практично немаат прешлени. Покрај отсуството на вилици, агнатите се одликуваат и со отсуство на парни перки; присуство на нотохорд кај ларвите и кај возрасните единки, како и седум или повеќе парни жабрени торбички. Постои и пинеално око кое е осетливо на светлина (хомологно на епифизата кај цицачите). Сите живи и изумрени агнати немаат издиференциран желудник, ниту пак какви било телесни додатоци. Оплодувањето и развитокот се надворешни. Не постои родителска грижа за младите. Агнатите се ектотермни, со ‘рскавичен скелет, а нивното срце содржи 2 комори.

Седумте жабрени отвори и кружната предусна празнина кај речната змиулка, Lampetra fluviatilis.
Змиулките не поседуваат вилици, туку само рожести запчиња распоредени кружно во предусниот и уснениот дел.

Иако некои научници ги сметаат агнатите за животни кои ги зачувале некои од одликите на древните ‘рбетници, сепак, денешните класификации јасно ги сместуваат миксините заедно со змиулките како многу поблиску поврзани меѓусебно, отколку со виличните риби.

Дишен систем

уреди

Агнатите имаат седум пара на жабрени торбички. Жабрените лакови кои даваат потпора на жабрените торбички лежат блиску до телесната површина.

Метаболизам

уреди

Агнатите се ектотермни или ладнокрвни. Според ова, метаболизмот на агнатите е бавен (а и тие немаат потреба од премногу храна). Не поседуваат одделен желудник, туку имаат долго црево кое е повеќе или помалку хомогено низ целата своја должина.

Телесна покривка

уреди

Телесната покривка е кожа. Не постојат лушпи како кај рибите. Меѓутоа, многу изумрени агнати имале дебели телесни плочки.

Телесни додатоци

уреди

Агнатите немаат парни додатоци, но поседуваат опашка и каудална перка.

Скелет

уреди

Внатрешниот скелет на агнатите не е коскени, туку ‘рскавичен (составен од густо сврзно ткиво). Исто така, агнатите имаат нотохорд во текот на целиот нивен живот, што е важна одлика за класата. Овој нотохорд е еволутивно првиот ‘рбетен столб.

Размножување

уреди

Оплодувањето е надворешно, исто како и развитокот.

Фосилни агнати

уреди
 
Haikouichthys.
 
Cephalaspis.

Иако сочинуваат мал дел од денешната морска фауна, агнатите биле чести за време на раниот Палеозоик. Познати се два типа на камбриски животни кои имале перки, вертебратна мускулатура и жабри: Haikouichthys и Myllokunmingia. Пронајдени се во Маотијаншан во Кина.

Групи

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Purnell, M. A. (2001). Derek E. G. Briggs and Peter R. Crowther (уред.). Palaeobiology II. Oxford: Blackwell Publishing. стр. 401. ISBN 0-632-05149-3.;
  2. Mallatt, J., and J. Sullivan. 1998. (1998). „28S and 18S ribosomal DNA sequences support the monophyly of lampreys and hagfishes“. Molecular Biology and Evolution. 15: 1706–1718.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. DeLarbre Christiane ; Gallut Cyril ; Barriel Veronique ; Janvier Philippe ; Gachelin Gabriel (2002). „Complete mitochondrial DNA of the hagfish, Eptatretus burgeri: The comparative analysis of mitochondrial DNA sequences strongly supports the cyclostome monophyly“. Molecular phylogenetics and evolution. 22 (2): 184–192.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)