Химери
Период: девон–денес
Chimaera monstrosa
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: ‘Рскавични риби
Поткласа: Целоглави риби
Ред: Chimaeriformes
Фамилии

Видете во текстот.

Химери (ред Chimaerae, класа Bradyodonti) — многу невообичаена група на риби кои живеат на морското дно, на длабочини од 300 до 500 m. Колективно овие видови формираат мала, кохезивна група од околу 25 видови. Тие се сите исклучиво морски организми. Роднини се со ајкулите и раите; од ова се заклучува дека химерите се одликуваат со ‘рскавичен скелет. Една особина која ги разликува од раите е фактот што горната вилица е цврсто прикачена за черепот. Тие исто така поседуваат зарамнети заби (два на горната вилица и еден на долната) кои се изменети за здробување и мелење на нивната храна. Постои еден жабрен отвор на секоја страна од главата и секој од нив е прекриен со месеста покривка.

Физички опис

уреди

Химерите генерално имаат големи глави, заострено тело и долга (слична на стаорец) опашка. Тие се релативно крупни риби. Долги се околу 0,61 до 2 метри. За разлика од поголемите роднини - ајкулите на пример, химерите се слаби пливачи. Перките се високо изменети: една забележителна одлика е присуството на силна и остра боцка на почетокот на првата грбна перка. Кај некои видови последнава може да е отровна. Кога перката е опуштена, боцката се прибира во посебна комора во грбот на животното, но може брзо да се извади. Химерите поседуваат многу редуцирана и издолжена опашна перка. Големите пекторални перки, за разлика од тие на ајкулите, играат главна улога при пливањето.

Химерите имаат мазна кожа и еден жабрен отвор на секоја страна - морфолошка промена која лежи помеѓу онаа на ајкула и коскена риба. Серии на мукусно-секретирачки канали постојат на главата. Машките единки од некои видови како Callorhinchus имаат подвижен, палковиден израсток, чија функција не е позната.

Екологија

уреди

Малку е познато за екологијата на химерите. За повеќето се мисли дека се хранат со најразлична храна: алги, црви, краби, ракчиња, морски ѕвезди, мекотели и мали риби. Многу видови се ноктурни - едно можно објаснение за особено големите очи. Машките химери имаат мали додатоци познати како класпери, со кои ги придржуваат женките за време на копулацијата; особина која ја има и кај ајкулите и раите. За разлика од оплодените јајце-клетки на коскените риби, тие на химерите се затворени во жилави капсули, кои веројатно спречуваат јајце-клетката да оди предалеку.

Таксономија

уреди