Шапка од рибја кожа (роман)

„Шапка од рибја кожа“ (српски: Шешир од рибље коже: љубавна прича) - роман на српскиот писател Милорад Павиќ. Првобитно, романот е објавен во 1996 година, од издавачката куќа „Драганиќ“ од Белград.

Содржина уреди

Романот се состои од 10 глави. Аркадиј бил младо момче кое има страст кон читање и кон изработка на клучеви. Еден ден, по наговор на неговиот учител, тој се упатил на север, со намера да појде во царската ковачница на пари во Виминациум. Кога го преминал Дунав, Аркадиј разбрал дека го погрешил патот и повторно се вратил на спротивниот брег на реката. Притоа, тој сретнал една девојка, која го посоветувала, кога ќе појде на пазар, да ја купи првата работа што ќе му ја понудат. Утредента, Аркадиј купил дрвен клуч и тогаш повторно ја видел истата девојка, која носела празен кафез за птици. Девојката се викала Микаина и останала да живее со него. Таа умеела да ја гледа иднината и го научила како да ги краде туѓите сонови. Еднаш, додека таа спиела, Аркадиј ја бакнал во устата и го украл нејзиниот сон, а потоа го отворил кафезот и ги пуштил на слобода сите соништа што ги имала украдено таа.

Еден есенски ден, Аркадиј го продал дрвениот клуч, но кога се вратил дома, Микаина била исчезната. Во потрага по неа, тој стигнал во Виминациум, каде се вработил во ковачницата за пари. Во меѓувреме, тој се оженил и ја добил ќерката Флацила. Сепак, постојано се распрашувал за Микаина и, воден од разни гласови, го напуштил семејството во потрага по неа. Така, тој стигнал до еден храм, но се покажало дека Микаина не е таму. Повторно се вратил во Виминациум, но бидејќи ковачницата на пари повеќе не работела, Аркадиј се преселил со семејството во Стоби, а потоа повторно се вратил во Виминациум. Притоа, тој ковал монети со ликот на Микаина, надевајќи се дека така таа ќе дознае дека ја бара. Поминале многу години и Аркадиј наполнил 50 години, а еден ден, во неговиот дом пристигнал човек кој му донел едно клопче црвена волна. Со текот на времето, тој се помирил дека нема да ја најде Микаина, но една ноќ почувствувал необична сила и кога влегол во собата на ќерка си, ја видел неа со косата на Микаина. Притоа, Флацила во дланките држела седум монети со ликот на Микаина.[1]

Наводи уреди

  1. Милорад Павић, Шешир од рибље коже: љубавна прича. Београд: Издавачка кућа „Драганић“, 1996.