Белушино

село во Општина Крушево, Македонија

Белушино — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.

Белушино

Поглед на селото

Белушино во рамките на Македонија
Белушино
Местоположба на Белушино во Македонија
Белушино на карта

Карта

Координати 41°22′5″N 21°17′47″E / 41.36806° СГШ; 21.29639° ИГД / 41.36806; 21.29639
Регион  Пелагониски
Општина  Крушево
Население 92 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7507
Повик. бр. 048
Шифра на КО 16003
Надм. вис. 880 м
Белушино на општинската карта

Атарот на Белушино во рамките на општината
Белушино на Ризницата

Потекло и значење на името уреди

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Белоушина во XIV век (1371-94 г.). Се претпоставува дека доаѓа од личното име Белуша, што е изведено од коренот „бел“ + „уш“.[2]

Географија и местоположба уреди

Селото се наоѓа во крајниот северен дел на Општина Крушево, сместено на источните падини на Бушева Планина, а чиј атар се допира со просторот на Општината Македонски Брод.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 880 метри. Од градот Крушево е оддалечено 13,5 километри.[3]

Селото се наоѓа на границата на стрмната Бушева Планина на запад и езерската рамнина на исток. На планината се наоѓа дабова и букова шума, додека на рамнината се наоѓаат ниви и ливади. Во самото село извираат извори соѕидани во чешми, по една во двете маала во селото.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кале, Пазариште, Солиште, Четири Воденици, Валајца, Езериште, Бучало, Мусица, Плочарница, Межник, Црно Камење, Иљоа Чешма, Рамно, Длага Вода, Блага Вода, Стари Лозја, Дрма, Присој, Садои, Димне и Фуша (Поле).[4]

Селото има разреден тип, поделено на три маала: малото Христијанско Маало и поголемите Горно и Долно Маало. Првото маало се наоѓа десно, додека другите две маала се наоѓаат лево од селскиот дол.[4]

Историја уреди

Над селото се наоѓа возвишението Кале (или Калебушка, 1.250 м.), каде некогаш имало тврдина од која се наоѓаат остатоци од заштитниот бедем обраснати од шума. Под него се наоѓа месноста Пазариште, како и чешмата Шопур.[4]

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) и имало 19 семејства и 2 неженети, сите христијани.[5]

Крај Долно Маало, во кое живеат муслимани, се наоѓа малата црква „Св. Никола“. Нејзините ѕидови се од камен, а покривот од плочи. Црквата е долга 7, а широка 3 метри. Во нејзе има зачувани фрески, иако дел од нив се уништени. Надворешните ѕидови биле малтерисани. Селаните говорат дека црквата била најстара во Прилепско и Крушевско.[4]

Белушино е старо село, во кое најпрвин живеело само христијанско словенско население. Кон крајот на XVIII век тука се доселиле Албанци муслимани. Оттогаш христијанското население започнало да се иселува. Во 1952 година, во селото имало останато само три христијански семејства. Албанците во селото се намножиле од двајца браќа и нивниот зет, по потекло од областа Мат, Северна Албанија. Од браќата потекнуваат Асановци и Ризмановци, а зетот потекнува родот Куртишовци. Подоцна се населиле уште четири албански семејства, кои се населиле и во Христијанското Маало на местото на иселените Македонци.[4]

На границата на атарот со соседното Селце е месноста Гробишта, каде има христијански гробови и едно црквиште.[4]

Стопанство уреди

Атарот зафаќа простор од 8,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 579,9 хектари, на пасиштата отпаѓаат 179,5 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 112,5 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948251—    
1953275+9.6%
1961193−29.8%
1971135−30.1%
1981127−5.9%
ГодинаНас.±%
199181−36.2%
199472−11.1%
200264−11.1%
202192+43.8%

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, селото Белушино имало 300 жители, сите Албанци.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Албанци.[7]

Селото е мало по големина, со намалување на бројот на населението. Во 1961 година броело 193 жители, од кои 162 биле Турци, а 74 Албанци, додека во 1994 година бројот се намалил на 72 жители, од кои 63 биле Албанци, а 9 жители Турци.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Белушино живееле 64 жители, од кои 62 Албанци и 2 Турци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 92 жители, од кои 91 Албанец и 1 лице без податоци.[9]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Белушино:

Година Македонци Албанци Турци Ост. б.п. Вкупно
1948 251
1953 16 26 233 0 275
1961 31 0 162 0 193
1971 7 8 118 2 135
1981 0 2 125 0 127
1991 0 66 15 0 81
1994 0 63 9 0 72
2002 0 62 2 0 64
2021 0 91 0 0 1 92

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови уреди

Белушино денес е албанско село, додека во минатото во селото имало и Македонци.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1951-1957 година родови во селото се:

  • Македонски: Димовци (1 к.), Коцевци (1 к.) и Калевци (1 к.), тие биле староседелци. Биле многу сиромашни, зашто сета плодна земја ја зеле Албанците.
  • Албански: Асановци (10 к.), Ајровци (9 к.), Ризмановци (5 к.) и Куртишовци (9 к.). Првите три рода потекнуваат од ист предок. Сите наведени родови се доселени од областа Матија во северна Албанија; Фетаовци (1 к.), доселени се во 1913 година од раселеното село С’лп, кое постоело кај Цер и Црско, подалечно потекло од северна Албанија; Тафо (1 к.), доселени се од селото Дреново, Порече; Еминовци (1 к.), доселени се од селото Десово; Синановци (1 к.), доселени се од некое околно село, подалечно потекло од северна Албанија.

Иселеништво уреди

Од Македонците има многу иселеници. Се знае за Белушани (11 к.), иселени во селото Леништа и Белуфци (1 к.), кои живеат во Подвис. Од Коцевци иселеници има во Арилево, Прилеп и во Софија. Од Димовци во Прилеп, Леништа и во Пуста Река. Од Калевци во Крушево и во Прилеп.[4]

Од Албанците иселеници има во: Прилеп, Битола и во Турција.[4]

Општествени установи уреди

 
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика уреди

Во XIX век, Белушино било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Норово, во која покрај селото Белушино, се наоѓале и селата Алданци, Житоше, Борово и Селце. Општината Норово постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Алданци, Белушино, Борово, Житоше и Норово.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1208 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[10]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 92 гласачи.[11] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 97 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Главната џамија
Цркви[13]
Џамии[13]
  • Џамија — главна селска џамија, сместена во Горно Маало, долго време постоела без минаре.

Личности уреди

Родени во или по потекло од Белушино

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 47. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 25. Посетено на 2 ноември 2021.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  5. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје, 1971, стр. 56
  6. Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 247.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 декември 2021.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  11. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 11 декември 2021.
  13. 13,0 13,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  14. Мозаиците од штоф на Велко Николов, Музеј на Македонија, Скопје, 2014.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди