ХЕ „Матка“
ХЕЦ „Матка“ ― мала хидроцентрала во долниот тек на реката Треска недалеку од скопското село Матка. Таа е дел од хидросистемот Скопско Поле.
Историјат
уредиВо 1930 година, градоначалникот на Скопје, Јосиф Михајловиќ, формирал комисија од истакнати стручни лица, со цел да се најде извор на евтина електрична енергија за Скопје. Комисијата предложила да се изгради брана на реката Треска, а следната година, банската управа ја прифатила иницијативата. Со изградбата на хидроцентралата раководел Аќим Поповиќ, истакнат инженер, школуван во Франција, Чешка и Украина. Хидроцентралата била наречена „Св. Андреа“ и била пуштена во употреба во 1938 година.[1]
Во текот на Втората светска војна, сојузничките сили ја разгледувале можноста за диверзија врз хидроцентралата. Во извештаите на британските воени мисии во Македонија, во периодот од 1942 до 1945 година, во повеќе наврати се посветувало внимание на хидроцентралата. Така, во извештајот од 9 март 1944 година се наведувало дека хидроцентралата „се наоѓа приближно два километра од Шишево, дека е широка 100 метри...ако хидроцентралата биде уништена, градот Скопје ќе биде поплавен во висина од два метри“. Исто така, во овој извештај било наведено дека хидроцентралата била силно обезбедена со мрежи и со бункери и дека во околните села имало воени гарнизони.[2]
Понатаму, во барањето на Главниот штаб на сојузничките воени мисии до одделот за Југославија од 17 март 1944 година бил испратен посебен извештај, со наслов „Саботажа на хидроцентралата Матка“, во кој се вели: „Командантот на Advance Force 133 наредува, вие во соработка со Мериленд, да изработите план за уништување на браната Матка“. Притоа, во овие планови било наведено дека целта била да се прекине снабдувањето со струја на рудниците „Алатини“ и на индустриските капацитети. Во деталниот опис на браната било наведено дека хидроцентралата се наоѓа на местото каде што реката Треска излегува од клисурата, дека браната е полукружна армирана компактна целина, изградена од десет независни хоризонтални области, секоја со висина од три метри. Во плановите за напад биле одбележани вратите на браната, самата брана, трансформаторите и цевните линии, а во заклучокот било наведено дека не е препорачлив напад со силен експлозив, бидејќи тоа би барало испланирана воена операција.[2]
Во радиограмата BRASENOSE на британската воена мисија во Македонија до FORCE 266, од 4 јуни 1944 година, повторно се разгледала можноста за истовремено бомбардирање на браната од воздух и од копно, како и напад на Тетово. Во радиограмата било заклучено дека „воздушните сили го разгледуваат целиот план, но оценуваат дека НЕ, повторувам, НЕ се во можност во сегашниов момент да преземат напад на „Матка“, ако воопшто се случи, повторувам, ако воопшто се случи. Воздушна помош за напад на градовите би била можна, но сè уште НЕ, повторувам, сè уште НЕ, поради други задолженија, особено поради непријателскиот напад на БОСНА“. Најпосле, во друга радиограма од одговорниот офицер на 37. воена мисија до одговорниот офицер на мисијата BETHSEDA, од 14 декември 1944 година, се зборува за голем број документи откриени на таванот од куќата во која живеел офицерот, но дека партизаните не знаеле за тие документи.[2]
Технички одлики
уредиХЕЦ Матка располага со три агрегата со френцис турбини, со инсталирана моќност од 9,6 мегавати.[3][4]
Наводи
уреди- ↑ „Војната донесе пруга, а железничарите населба“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 2-3.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Сојузниците сакале да ја уништат браната на Матка“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 3.
- ↑ Ј.П. Електростопанство на Македонија, 50 години македонско електростопанство, Скопје, 1995.
- ↑ esmak.com.mk Архивирано на 21 април 2008 г., Ј.П. Електростопанство на Македонија (пребарано на 28 август 2010)]