„Парфем: хронологија на едно злосторство“ (германски: Das Parfum) е роман на германскиот писател Патрик Зискинд (Patrick Süskind). Романот ја раскажува приказната за Жан-Батис Гренуј, еден помошник на произведувач на парфеми во XVIII век во Франција, самиот роден без никаков мирис, кој почнува да убива девојки, трагајќи по „совршениот мирис“. Романот претставува приказна за идентитетот, комуникацијата и моралноста на човечкиот дух.

Парфем: Хронологија на едно злосторство
Прво издание (на германски)
Прво издание (германски)
АвторПатрик Зискинд
Изработувач на
корицата
Антоан Вато
ЗемјаГерманија
ЈазикГермански јазик
ЖанрХорор, Мистерија, Апсурд, Магичен реализам
ИздавачДиоген (Германија)
Алфред А. Кнопф (САД)
Хејмиш Хамилтон (Обединетото Кралство)
Издадена
1985
Страници263 страници
OCLC14130766

За првпат, романот е објавен во 1985 година, додека македонскиот превод е објавен во 2005 година, од издавачката куќа “Темплум”. Преводот од германски јазик е направен од Слободанка Поповска. Џон Е. Вудс го превел романот на англиски јазик и во 1987 година ја добил ПЕН награда за превод. Некои изданија на Парфем, меѓу кои и првото, на својата корица ја имаат сликата Јупитер и Антиопа од Антоан Вато, на која е насликана една заспана жена.

Изданија на македонски јазик

уреди

Македонскиот превод на романот е објавен во 2005 година од издавачката куќа Темплум, како 20. книга на библиотеката „Магма“. Преводот од германски јазик го извршила Слободанка Поповска. Книгата е отпечатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 300 страници. Каталогизацијата е извршена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи ознаката ISBN 9989-902-48-8. Графичкото уредување и дизајнот на книгата е дело на фирмата „Точка“, а книгата е испечатена во печатницата „Винсент графика“. Објавувањето на романот било финансиски поддржано од Институтот „Гете“. На крајот на книгата се наоѓа белешка за авторот и делото, додека на задната корица се наоѓа кус осврт врз делото.[1]

Заплет

уреди

Гренуј (на француски значи „жаба“) е роден во Париз, на 17 јули 1738 година. Неговата мајка го раѓа, додека работи на тезгата со риби. Претходно, таа четири пати се породила додека работела, и сите деца биле мртвородени или полумртви, па затоа таа ја пресекува неговата папочна врвка и го остава да умре. Меѓутоа, Гренуј извикнува од внатрешноста на купот глави и утроби од риби, а неговата мајка ја фаќаат, ја судат и прогласуваат виновна за повеќекратно чедоморство, и ѝ ја отсекуваат главата. Како дете, тој менува неколку доилки, сè додека не е даден во еден манастир, кој го предава на доилката по име Жана Биси. По неколку месеци, таа се враќа во манастирот и вели дека детето е опседнато со ѓаволот, бидејќи ја исцицало до коски и нема мирис. Свештеникот не ѝ верува, велејќи дека не е возможно детето да е опседнато со ѓаволот. Тој ја испраќа доилката и го милува Гренуј некое време. Љубопитен, свештеникот, Терие, се наведнува да помириса. Очекува да почувствува барем малку мирис, но не мириса ништо. Тогаш Гренуј се буди и почнува да го душка воздухот, а Терие се чувствува како бебето да ја душка неговата душа и да ги гледа неговите најдлабоки тајни. Згрозен, и самиот почнува да верува дека бебето е ѓавол. Тој истрчува од манастирот и го дава детето во прифатилиштето во предградието на градот.

Гренуј има исклучителна моќ да разликува мириси. Тој се снаоѓа низ сиропиталиштето само со својот нос, а едвај го користи својот вид. Другите деца не го мразат, но некоку пати се обидуваат да го задушат, без да знаат точно зошто. Гренуј израснува во рамодушна и нечувствителна личност; не се плаши од ништо и лесно поднесува казна. Кога открива дека Гренуј може да најде скриени пари со помош на неговото сетило за мирис, сопственичката на сиропиталиштето се ослободува од него, давајќи го да работи кај еден штавар на кожи. Понатаму, сопственичката на сиропиталиштето ги губи сите пари и умира на срамниот начин од кој и се плашела.

За време на слободното време, Гренуј го истражува градот и ги запамтува сите мириси на Париз. Тој не е пристрасен ниту претпочита особени мириси, туку го бара секој мирис и секоја варијанта на мирис која може да ја пронајде. Тој сака да ги научи мирисите заради лична корист и единствена цел му е да ги собере сите само за да ја задоволи својата алчност за мириси. Еден ден, откако веќе ги има запамтено речиси сите мириси на градот, го изненадува еден мирис сосема различен од непријатните, кои му биле познати. Занесен, тргнува да го следи мирисот со својот нос и открива дека изворот на овој мирис е една млада девојка, штотуку влезена во пубертет. Срцето на Гренуј започнува да чука: со својот мирис, таа ја поттикнува страста во него, но Гренуј, кој претходно никогаш не почувствувал нешто слично на љубов или нежност, не знае што е тоа. Незабележано, се приближува до неа, за да може подобро да го почувствува нејзиниот мирис. Девојката чувствува дека нешто не е во ред, па се врти, го гледа Гренуј и се вкочанува од страв. Гренуј ја става раката врз нејзината уста. Исплашена, девојката не се обидува да се одбрани. Гренуј ја задавува со затворени очи притоа загрижен само да не го изгуби нејзиниот мирис. Откако таа умира, ја соблекува и положува на земјата и го мириса нејзиниот мирис сè додека тој не исчезнува од нејзиното тело поради смртта. Се обидува најдобро што може за да го запамти целосно нејзиниот мирис. Ова е првпат да почувствува дека некој мирис е „добар“. Треперејќи од среќа, Гренуј се враќа назад во продавницата на штаварот на кожи, каде што заспива. Тој одлучува дека мора да стане творец на мириси, најголемиот мајстор на парфеми на сите времиња, со цел да создава мириси како оној на девојката. Гренуј почнува да ги подредува милионите мириси кои ги има собрано во неговата ментална библиотека во илјадници категории, како на пример фини, груби, добри, лоши, смрдливи и амброзиски.

Во неговата потрага да зачувува мириси, тој станува помошник на некошниот голем произведувач на парфеми, Балдини, и се докажува како талентиран ученик. Неговата врвна моќ да разликува и анализира мириси е од голема помош за создавање чудесни парфеми и на тој начин Балдини станува најпопуларниот парфимер во Париз. Сепак, Гренуј не може да ги оствари своите амбиции со помош на технологијата: со аламбикот што го користеле, тој не може да го дестилира мирисот на неорганските материјали, како на пример стакло и железо. Шокиран, Гренуј се разболува од големи сипаници, односно најверојатно од психосоматска болест која се јавува како реакција на откажување на неговите органи, бидејќи мисли дека никогаш нема да може да ја заврши својата потрага. Но, Гренуј чудесно оздравува и решава да отпатува до градот Грас, дом на најдобрите мајстори на парфеми, со цел да ја продолжи својата потрага. По заминувањето на Гренуј, Балдини го снаоѓа голема несреќа и неговата продавница е уништена, а тој умира.

На патот до Грас, Гренуј патува во покраината и открива дека е згрозен од мирисот на човештвото. Како што патува, тој заобиколува повеќе градови, и потоа почнува да ги избегнува луѓето. Тој стигнува до Централниот Масив и наоѓа засолниште, каде е ослободен од мирисот на човештвото. Наредното утро, во период од неколку саати, тој пие вода во голема мера од еден мал поток и се храни со тоа што може да го најде, вклучувајќи и мов. По некое време, тој ползи до еден долг, длабок отвор во земјата, колку што може подалеку, каде е заштитен од секаков мирис, освен оној на нечистотија, камен, и вода. Таму се потпира врз еден камен и започнува со еден вид медитација, отпрвин замислувајќи се како создавач на својот свет — Големиот Гренуј — кој го „посејува“ светот со семиња на мирис. Подоцна, изморен од чинот на создавањето, се повлекува во својата пурпурна палата со огромна и грандиозна библиотека на мириси во неговиот ум, и е послужуван од невидливи и безмирисни слуги кои му носат „шишенца“ од неговите омилени мириси, додека тој чита книга за сите мириси кои ги собрал во својот живот.

Еден ден се буди од кошмар, во кој сонува дека бела магла го загушува. Тој знае дека белата магла е неговиот сопствен мирис, но не може да го помириса. Со цел да ја разјасни конфузијата, тој за првпат го истражува својот мирис. Одејќи слој по слој, од неговата околина, преку неговата (сега искината) облека, до нечистотијата и калта со кои е покриен, наскоро сфаќа дека воопшто нема мирис. При ова откритие, тој е смирен, и клекнува во нечистотијата, само кимајќи со главата. По некое време, ги облекува своите скинати алишта и ја напушта планината, по седум години поминати таму.

Гренуј патува до Монпелје каде кажува измислена приказна дека го грабнале, го држеле затворен во пештера, му давале храна со кошница, и го пуштиле по седум години, без да види жива душа за време на тој период. Него го забележува еден научник-аматер, маркизот де ла Тајад Еспинас, кој го искористува Гренуј за да ја тестира својата теза на таканаречен „fluidum letale” (убиствен флуид). Неговата основна теорија се состоела во тоа дека земјата и предметите од земјата испуштаат бавен отров кој предизвикува стареење и доколку си далеку од земјата и на големи надморски височини, тој отров би се неутрализирал. Маркизот комбинира лекување со дезинфекција и ревитализација за Гренуј, по што тој изгледа како чист господин. Подоцна, Гренуј со помош на трик, влегува во лабораторијата на еден парфимер. Таму создава мирис на тело од состојки, како што се: „измет од мачка“, „сирење“, и „оцет“, што го имитира човечкиот мирис. Претходно, никој не го забележувал Гренуј поради тоа што немал мирис, но неговата нова „маска“ ги наведува луѓето да мислат дека тоа е човечки мирис и на овој начин тој е прифатен од општеството. Преку овој настан, Гренуј сфаќа колку се глупави другите луѓе, со оглед на тоа што биле измамени од едноставен парфем кој го направил, и така неговата омраза кон нив се претвора во презир. Тој одлучува дека сака да стане Господ на светот, така што ќе го контролира светот со неговиот парфем, исто како во сонот на планината. Маркизот посакува да го задржи Гренуј за своите експерименти и предавања, но Гренуј бега од Монпелје. Маркизот подоцна исчезнува откако се искачува на висока планина без опрема и облека каде има снежна виулица, за да ја докаже својата теорија на fluidum letale (убиствен флуид).

Откако конечно се преселува во Грас, Гренуј уште еднаш е опиен од мирисот на една млада девојка која штотуку влегува во пубертет и станува жена: Лаура. Тој смета дека таа не е сосема зрела и има намера да чека уште две години, сè додека не го има во свои раце нејзиниот врвен мирис, односно кога таа ќе биде сексуално зрела и нејзиниот мирис ќе биде најчист. Од една вдовица на парфимер и калфа во Грас, Гренуј учи како да задржи мирис во масло, не само во вода и експериментира со животни. Така, открива дека треба да ги убие животните за да добие мирис кој не е загаден со страв и измет. Додека размислува за мирисот на Лаура, одеднаш му доаѓа на ум дека каков парфем и да направи, тој на крај ќе се потроши. Тресејќи се од страв, сфаќа дека мора да го помеша мирисот на Лаура со мирисите на другите за да го направи крајниот парфем; со него мирисот ќе стане уште поубав парфем со кој тој ќе биде обожуван како Господ. Тој почнува серија убиства и тивко убива 24 прекрасни девојки кои тукушто достигнале полова зрелост. Жртвите секогаш биле голи, избричени и со зачувана невиност, што предизвикало страв кај селаните.

Најпосле, откако поминуваат две години од убиствата, таткото на Лаура почнува да го составува моделот на убиства и сфаќа дека неговата ќерка, најубавата и најсаканата млада жена во градот, која е во пубертет, најверојатно ќе биде следната жртва. Тој бега со Лаура за да ја сокрие и заштити, но Гренуј ги гони, ја убива Лаура и со тоа го добива нејзиниот мирис.

Гренуј е уапсен и осуден на смрт брзо по завршувањето на неговиот парфем. На денот на неговото погубување, опојниот мирис на Лаура помешан со мирисите на останатите 24 девици кои ги убил, ги обзема сите присутни и наместо да го погубат, целиот град е обземен од една мешавина на побожно почитување и телесна страст, што прераснува во масивна оргија. Наместо тоа, обвинет и погубен е калфата за кој работел Гренуј. Гренуј е помилуван за неговите злосторства, благословен и почитуван, а таткото на Лаура дури сака и да го посвои. Гренуј се согласува, но нема желба да се придржува до неговиот договор. Тој целиот живот го поминал во самотија, и сметал дека е неподносливо. Но исто така, не може да живее меѓу луѓе. Единствена желба му е да оди во Париз за да умре.

Во Париз, Гренуј им пристапува на група луѓе од долните општествени слоеви — крадци, убијци, проститутки, итн. Тој нема ставено мирис, па затоа тие не го забележуваат. Дури откако Гренуј го посипува целиот парфем врз себе, луѓето го забележуваат. Обземени од ненадејна телесна страст и љубов, дури и повеќе отколку луѓето во Грас, тие скокнуваат врз него и сакаат да го задржат за нив. Додека се борат за Гренуј, тие вадат ножеви, го расекуваат на 30 парчиња и го јадат неговото тело. По избледнувањето на страста, луѓето погледнуваат околу себе и се чувствуваат малку одвратно и засрамено, бидејќи само што изедоа човечко суштество, но сепак имаат неизмерно внатрешно чувство на среќа.[1]

Ликови (по редослед на појавување)

уреди

• Мајката на Гренуј - Жан-Батис Гренуј бил нејзиното петто бебе. Таа тврдела дека нејзините први четири деца биле мртвородени или „полумртви“. Со своите дваесет и нешто години, со речиси сите заби, „по малку коса на главата“ и гихт, сифилис и сушица (туберколоза), таа сè уште била прилично убава.

Жан-Батис Гренуј - Главниот лик. Роден на 17 јули 1738 година.

• Жана Биси – Една од многуте доилки на Гренуј. Таа е првата личност која сфаќа дека тој нема мирис и тврди дека Гренуј го исцицува целиот живот од неа.

• Отец Терие – Тој е задолжен за управување со милосрдниот фонд на манастирот и распределбата на парична помош на сиромашните и на оние на кои им е потребно. Тој опрвин мисли дека Гренуј е слатко бебе, но штом Гренуј почнува да го душка, свештеникот е видно вознемирен и го испраќа бебето во прифатилиште.

• Мадам Гајар – Таа го изгубила сетилото за мирис, поради удар во лицето со маша кога била помлада, и затоа не чувствува дека Гренуј нема мирис. Таа раководи со прифатилиштето и нејзината цел во животот е да заштеди доволно пари за да има приватна смрт и погреб. Слабото чувство за мирис и тоа што не знаела за дарбата на Гренуј, како и неговото учество во наоѓање скриени пари со помош на своите мирисни способности, ја навело мадам Гајар да мисли дека тој има втора природа (дека е видовит). Таа верува дека луѓето со два лика носат несреќа и смрт. Од страв, мадам Гајар го продава Гренуј на штаварот на кожи, Гримал. Таа ги губи сите нејзини пари на стари години, умира на мизерен начин во Hôtel Dieu (Хотел Дје) и не е ни погребана по нејзината смрт, туку фрлена во масовна гробница.

• Децата во прифатилиштето – Тие го отфрлаат Гренуј и дури се обидуваат, залудно, да го задушат со партали и покривки додека Гренуј спие.

• Девојката со пиперки – Нејзиниот природен мирис се состои од морски ветер, водни лилјани и цветови од кајсија; тој е богат, совршено урамнотежен и магичен мирис. Таа има црвена коса и носи сив фустан без ракави. Девојката преполовува пиперки во моментот кога Гренуј ја убива како своја прва жртва.

•Гримал – Штавар на кожи кој живее во близина на реката, во улицата Мортелери. Гренуј работи за него од осум години до рана младост, кога Балдини плаќа за негово пуштање. Оваа огромна сума пари, тој ја троши одеднаш на алкохол, при што се опијанува до тој степен што паѓа во реката и умира.

• Џузепе Балдини – Стар произведувач на парфеми. Нема дарба за создавање парфеми, туку ја знае само вештината. Тој е сопственик на парфимерија со силна мешавина на мириси. Неговата продавница се наоѓа во средината на мостот Понт Шанж. Тој го зема Гренуј како помошник и се збогатува од парфемите кои Гренуј ги создава за него. На крајот, му дава калфинско писмо на Гренуј, кое ќе му помогне во идните патувања. Откако Гренуј го напушта, мостот паѓа и неговата куќа, работилница и дуќан се струполуваат долу во реката.

• Шение – помошникот на Балдини. Тој е малку помлад од Балдини. Иако знае дека Балдини нема талент, ги фали неговите вештини со надеж дека еден ден ќе ја наследи парфимеријата на Балдини.

• Пелисие – Всушност тој никогаш не се појавува во романот. За него само се зборува бидејќи тој се смета за најиноватиниот парфимер во Париз, и покрај тоа што не бил формално обучен.

• Тајад-Еспинас – Маркизот, сизерен на градот Пјерфор и член на парламентот, е научник-аматер кој развива смешни тези (fluidal theory), и наводно ги докажува преку Гренуј- со тоа што му дава храна, нова облека, и можност да создаде парфем. Брзо по „исчезнувањето“ на Гренуј, Маркизот умира додека ја испробува својата флуидална теорија, обидувајќи се да живее сам на една изолирана планина.

• Доминик Дрио – Калфата и љубовникот на мадам Арнифли. Тој е маж со џиновски раст и просечна интелигенција. Тој ја надгледува работата на Гренуј, кој е втор калфа. Подоцна е обесен за злосторствата на Гренуј.

• Антоан Риши – Втор конзул и најбогатиот човек во Грас, како и татко на Лаура.

• Лаура Риши – Прекрасна црвенокоса девојка, ќерка на Антоан Риши. Нејзиниот мирис е мирисот од соништата на Гренуј и е од клучно значење за неговите планови да создаде парфем со кој ќе ги натера луѓето да го сакаат.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Патрик Зискинд, Парфем, Темплум, Скопје, 2005.