Ново Село (Гостиварско)

село во Општина Маврово и Ростуше

Ново Село — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Ново Село

Воздушен поглед на селото Ново Село

Ново Село во рамките на Македонија
Ново Село
Местоположба на Ново Село во Македонија
Ново Село на карта

Карта

Координати 41°43′59″N 20°49′48″E / 41.73306° СГШ; 20.83000° ИГД / 41.73306; 20.83000
Регион  Полошки
Општина  Маврово и Ростуше
Област Горен Полог
Население 17 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1230
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07058
Надм. вис. 600 м
Ново Село на општинската карта

Атарот на Ново Село во рамките на општината
Ново Село на Ризницата

Потекло на името

уреди

Името на селото е најчесто сретнуваното во Македонија и неговото значење е едноставно: спојување на придавката „ново“ со именката „село“, што доаѓа од мало населено место.[2]

Во книгата „Полог“ за антрополошките истражувања вршени од Јован Трифуноски, селото е заведено и како Папрадно Ново Село.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Сретселото

Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, во јужниот дел на Горни Полог, сместено веднаш од десната страна на магистралниот автомобилски пат А2 помеѓу Скопје и Охрид.[4] Селото е ридско, сместено на надморска височина од околу 600 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 14 километри.[4]

Селото се наоѓа во горниот дел на долината на Сушичка Река, на планината Влаиница. Водата за пиење ја добивало од една чешма и од поток, додека околу селото се изворите Бурчеец, Марково Чешмиче, Пив, Лозници, Студена Вода, Танеа Лака, Расадишта и Бличини Чешми.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Свињци, Капишта, Попов Гроб, Влаиница, Стара Кула, Папрадишта, Глаороец, Ивајнци, Јачменишта, Никојца, Лазој, Јасиче, Опал, Војска Рамнина, Танеа Лака, Крѓеј Млаки, Кашкојци, Павлев Рид, Ралејци, Ораше, Стара Црква, Зад Камен, Грашишта, Куќишта, Зинзулица, Пив, Саат, Лојзе, Посредок, Нишалка, Крс, Средок, Дабје, Голема Нива, Вртишта, Бурчеец, Глигуреец, Овезиште, Гребишта, Кладенче, Сотка, Попоа Лака, Шадиица, Пред Пеш, Лозница, Палегуњица, Влаиница, Ралејци, Рамништа, Кузманој Нивје, Осој, Викала, Мазникоец, Попов Камен, Чука, Бунари, Присој и Стрмец.[3]

Ново Село е збиено село, и во минатото било поделено на Горно и Долно Маало. Во маалата куќите се групирани, а помеѓу маалата е црквата.[3] Денес, селото не е поделено на маала.

Историја

уреди
 
Споменикот за загинатите борци од Мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“

Порано селото било големо со околу 300 православни македонски домови и имало разбиен тип, бидејќи неговите маала биле прилично оддалечени едно од друго. Едното маало се наоѓало на месноста Куќишта, додека другото на Племњица, третото каде што денес се наоѓа селото.[3]

Во тоа време, во селото имало два храма. Еден бил посветен на Света Петка, сместен јужно од денешното село, каде се познаваат остатоци од стари гробови. Денешните мештани по заминувањето на Турците подигнале капела. Друг стар селски храм бил манастирски, сместен северно од денешното село, каде се наоѓаат денешните селски гробишта. Исто така, таму има бигорен крст, слаби остатоци од ѕидови и дабови. Овој манастир бил посветен на Свети Јован, а во негова непосредна близина се наоѓал патот за Дебар. Манастирот имал голем конак.[3]

Општото верување и традиција е дека ова село и храмовите пропаднале кон крајот на XVII век, за време на австро-отоманската војна. Тогаш, австриската војска и востаниците навлегле во Полог од североисток и ја ослободиле областа до подножјето на Влаиница на југозапад. Малобројната отоманска војска се повлекла на планината и се утврдила. За да го заплаши непријателот, турската војска по сртот на Влаиница обесила дрвени војни униформи и секој турски војник ноќе палел на десет места оган. Австриската војска, заедно со востаниците, мислела дека навистина се работи за многубројна војска и се повлекла од Полог. Потоа, турската војска и сејмените влегле во тогашното село и го срушиле заедно со храмовите. Останале живи само четири семејства кои се криеле, кои го обновиле денешното село.[3]

Раширено е верувањето кај жителите на Ново Село, дека многу стари македонски родови од поранешното село избегале во Србија и во Војводина. Еден тогашен иселеник Стојко Чукар се населил во близина на Белград, со што денешната населба Чукарица го носи неговото име. Иселениците кои се населиле во Ковин, во Сремски Карловци однеле икони од селскиот манастир „Св. Јован“. Иселеници од тоа време има и во околината на Видин, Бугарија.[3]

Исто така, се памети дека селото настрадало од чума, поради што жителите некое време живееле во колиби.[3]

Кон крајот на турската власт, некој Дали-бег собирал војска над селото на месноста Војска Рамнина, за да се бори против дебарските Албанци. На месноста и денес има остатоци од ровови.[3]

Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]

Историски настан по кој ќе биде запаметено ова село е неговото запалување и изгорување до темел од страна на балистите во Втората светска војна на 26 април 1943 година.[6] Тој ден во селото се наоѓале борците на Мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“. Балистите го опколиле селото и го разбиле партизанскиот одред, по што го запалиле селото. Во знак на сеќавање на загинатите партизани е подигнат споменик во непосредна близина на селото од левата страна на магистралниот пат Гостивар-Кичево. Споменикот е изработен од Томе Серафимовски во 1974 година.

Стопанство

уреди
 
Поглед на магистралниот пат А2 и исклучувањето за селото

Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 1,7 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 120 хектари, а на обработливото земјиште 42 хектари.[4]

Населението на Ново Село се занимава најмногу со земјоделство (кромид, лук, ’рж, овес) и сточарство (овци и кози, а во помала мера и крави и свињи), а застапено е и живинарството (кокошки и гуски) пред сè за домашни потреби. Своите производи селаните ги пласираат обично на пазарот во Гостивар, а не ретко и во Кичево. Поради непосредната близина до неколкуте каменоломи дел од населението е вработено и во каменоломите. Дел од населението се занимава и со сеча на дрва, бидејќи селото е опкружено со густи листопадни шуми (јасен, бука, костен, тополи, врби).

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948147—    
1953158+7.5%
1961135−14.6%
1971105−22.2%
198167−36.2%
ГодинаНас.±%
199129−56.7%
199436+24.1%
200233−8.3%
202117−48.5%

Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ново Село имало 72 Македонци под врховенството на егзархијата.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[8]

Селото е мало, коешто во 1961 година броело 135, а во 1994 година само 36 жители, македонско население.[4]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 33 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 17 жители, од кои 16 Македонци и 1 лице без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 72 147 158 135 105 67 29 36 33 17
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Ново Село е македонско село.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото биле:

  • Староседелци: Грнчаровци (1 к.), предците на овој род се занимавале со грнчарски занает; Пејовци (5 к.), се делат на Давидовци и Огњановци. Во средината на XIX век бил познат предокот Давид. Тој работел како претприемач на изградба на железнички пруги во Романија; Мијатовци (5 к.), презимето го добиле по предокот Мијат; Биљановци (5 к.), од овој род бил погоре споменатиот Стојко Чукар, по кого белградската населба Чукарица го добила името.
  • Доселеници: Николовци (2 к.), стари доселеници од Порече. Во овој род бил истакнат Пепо, предок од петто поколение (Леце, жив 38 години во 1947 година -Раде-Лефко-Трпе-Симун-Пепо). За Пепо се зборува дека бил силен и богат како тетовскиот паша; Дејановци (2 к.), по потекло од Порече. Дошле после родот Николовци; Зогевци (2 к.), доселени од Пожаране, таму биле старинци; Бадиовци (1 к.), по потекло од Ничпур во Горна Река. Основачот на родот дошол како домазет во селото, во родот Најдовци; Грујовци (2 к.), доселени од Бродец од Горна Река. Основачот на родот дошол во родот Најдовци; Ристевци (1 к.), по потекло од Долна Лешница кај Кичево. Дошол дедо Ристо како мутавџија. Тоа било пред околу 100 години (Илија, жив 60 години во 1947 година-Десо-Ристе).

Иселеништво

уреди

Изумрени родови се Најдовци (денес во нивните куќи живеат домазети) и Кузмановци, кои изумреле од чума, а по потекло биле од Лешница кај Кичево. Иселени родови се Даиловци (6 к.), кои живеат во Вруток. Потекнуваат од предокот кој таму дошол од Ново Село. Исто така, иселени се и Марко (1 к.), живее во Сретково. Потекнува од домазет кој отишол од Ново Село.[3]

Општествени установи

уреди
 
Поглед на помошниот објект зад црквата, каде некогаш било училиштето
  • Поранешно основно училиште, во непосредна близина на главната селска црква

Самоуправа и политика

уреди

Кон крајот на XIX век, Ново Село било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Маврови Анови, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Ростуша, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на истата општина се наоѓало и во периодот 1955-1957.

Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Вруток, во која покрај Ново Село се наоѓале Вруток, Дуф, Орќуше, Печково, Равен и Речане. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Речане во која влегувале селата Дуф, Ново Село, Орќуше и Речане.

Избирачко место

уреди

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0497 според Државната изборна комисија, сместено во простории на основното училиште.[15]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 21 гласач.[16]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Крст — доцносредновековна црква и некропола;
  • Св. Ѓорѓија — доцносредновековна црква; и
  • Св. Петка — доцносредновековна црква и некропола.
Цркви[18]
Споменици

Редовни настани

уреди
Слави
  • Ѓурѓовден — собир кај малата селска црква „Св. Ѓорѓи“

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Ново Село

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 120.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 219–221.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 118.
  5. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  6. Киро Кипроски „Џемо Хаса ја тероризираше западна Македонија“[мртва врска], „Утрински Весник“
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 март 2023.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 10 април 2023.
  16. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-04-10. Посетено на 10 април 2023.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 113. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди