Батање

село во Општина Карбинци
(Пренасочено од Нова Батања)

Батање — мало село во Општина Карбинци, сместено во околината на градот Штип.

Батање

Поглед кон Батање

Батање во рамките на Македонија
Батање
Местоположба на Батање во Македонија
Батање на карта

Карта

Координати 41°49′20″N 22°10′37″E / 41.82222° СГШ; 22.17694° ИГД / 41.82222; 22.17694
Регион  Источен
Општина  Карбинци
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2000
Повик. бр. 032
Шифра на КО 30003
Надм. вис. 330 м
Батање на општинската карта

Атарот на Батање во рамките на општината
Батање на Ризницата

Потекло на името

уреди

Името на селото доаѓа од личното име Братослав или Бранимир, или пак да потекнува од зборот бате од именката „брат“. Исто така, може да е и збирна множина од батан што на турски означува „валавица за чоја“.[2]

Селото е основано како српска колонистичка населба Нова Батања во 1924 година, а наречено по гратчето Батања (Батоња) во округот Бекеш, Унгарија.[3]

Географија и местоположба

уреди

Ова мало село се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општина Карбинци, во средното сливното подрачје на реката Брегалница.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 330 метри. Од регионалниот пат Штип-Кочани селото е оддалечено 2,2 километри, додека од градот Штип е оддалечено 13 километри.[4]

Населбата се наоѓа помеѓу Овче Поле на северозапад и Ежово Поле на југозапад. Земјиштето на кое се наоѓа самото село било прогласено за неквалитетно за каква било култура, дури и во услови тоа да се наводнува.[3]

Кога била подигната населбата имала изглед на панонско-војводинските села со плански карактер. Куќите биле во облик на правоаголник како што се војводинските и имале по две соби и кујна.[3]

Историја

уреди

Населбата била подигната во 1924 година под името Нова Батања, како карактеристична колонистичка населба во Брегалничката област. Издигнувањето на населбата било дел од српската колонизација на Вардарска Македонија во времето на Кралството Југославија. Населбата била предвидена да стане центар на Овче Поле и тоа во првите години успеало. Околината во која била создадена населбата била доста сува, без шуми и без водотеци. Во летниот период деновите биле многу топли, дури и ноќе немало никаква свежина. Со врнежи од само 400-500 мм годишно, околината била една од најсушните области на Балканот. Нова Батања била издигната од утрините на околните села Долно Трогерци, Горни Балван и Долни Балван.[3]

Изградбата на населбата во 1924 година чинела 5 милиони динари.[3]

Првата поголема група колонисти пристигнала во Нова Батања во текот на летото 1924 година, додека други групи пристигнале кон крајот на летото и есента. До почетокот на 1925 година, во населбата живееле 163 колонистички домаќинства и имала околу 800 жители. Најголемиот дел доселеници биле Срби од околината на Сегед, Унгарија, а помал број колонисти биле од околината на Сомбор и Кикинда. Секој од доселените добиле земјиште во просек од 10 до 12 хектари, но поради неплодноста на земјиштето, тие добиле земја и во атарите на селата Мустафино, Сарчиево, Уларци, Крупиште и други.[3]

Најголем проблем на населбата била водата, до која не можело да се дојде и покрај бушењето на бунари, поради што колонистите морале вода да полнат од околните села. Поради немањето вода и земјоделски алати, голем дел од земјата колонистите ја давале под закуп на македонските селани. Покрај полјоделството, колонистите се занимавале во помал обем и со сточарство, одгледувајќи коњи, свињи и гуски.[3]

Со цел да ги надоместат загубите од земјоделството, жителите на Нова Батања со поддршка на локалните власти отвориле 6 кафеани во населбата, како и трговски и занаетчиски работилници, а во нејзе се наоѓало училиште, а самата населба станала општинско седиште.[3]

Лошиот квалитет на водата за пиење, зимските студови, летните горештини, слабата исхрана, како и други фактори, придонеле колонистите масовно да заболуваат од заразни болести. Поради тоа, во текот на 1926 година почнале поединечни раселувања во Војводина и во Србија. Во 1928 година останале само 18 колонистички семејства.[3]

Во 1931 година започнала нова фаза во колонизирањето на Нова Батања.[3] Сепак и овој втор бран не успеал, а голем удел имале и зачестените напади на ВМРО кон колонистите.[5]

По Втората светска војна, останатите колонисти се иселуваат и на нивно место се населуваат луѓе од Кратовско, Злетовско и други места, сочинувајќи го денешното село Батање, кое е изведенка од Батања.

Стопанство

уреди

Атарот е мал и зафаќа простор од само 4,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 307,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 130,8 хектари, додека шуми нема.[4]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[4]

Колонистите во минатото се занимавале со земјоделство и делумно со сточарство.[3]

Население

уреди
 
Преостаната куќа во селото

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.[6]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948129—    
1953165+27.9%
1961110−33.3%
197177−30.0%
198130−61.0%
ГодинаНас.±%
19912−93.3%
19942+0.0%
20022+0.0%
20210−100.0%

Во 1961 година селото броело 110 жители, а во 1994 година само двајца жители и тоа е во фаза на наполно раселување.[4]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Барање живееле 2 жители, од кои 1 Македонец и 1 Србин.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 129 165 110 77 30 2 2 2 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]


Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Карбинци, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Карбинци.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Штип. Селото припаѓало на некогашната општина Штип во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Три Чешми, во која покрај селото Батање, се наоѓале и селата Врсаково, Доброшани, Долно Трогерци, Криви Дол, Сарчиево, Судик, Сушево, Тестемелци, Три Чешми и Чардаклија. Селото припаѓало на Општина Долни Балван во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Батање, Горни Балван, Горно Трогерци, Долни Балван, Долно Трогерци и Чардаклија.

Избирачко место

уреди

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 2317 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Долни Балван. Во избирачкото место се опфатени селата Батање, Долни Балван и Долно Трогерци.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 283 гласачи.[13]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 295 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[15]
  • Герен — гроб од римско време

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 39.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 „МАКЕДОНЦИТЕ ПОД СPПСКА ОКУПАЦИЈА 1912 - 1941“. www.makedonijaese.com. Посетено на 2021-01-23.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 20. Посетено на 23 јануари 2021.
  5. Палешутски, Костадин (1983). Македонският въпрос в буржоазна Югославия 1918 - 1941. София: Издателство на Българската академия на науките. стр. 26. Посетено на 30 јануари 2014.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 јануари 2021.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 23 јануари 2021.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 23 јануари 2021.
  15. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 428. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди