Птичје гнездо — местото каде птицата ги несе и квачи јајцата и каде ги одгледува младенчињата. Иако терминот популарно се однесува на структури изградени од птиците, обично на дрво или на стреите од куќите, или како висечки формации, сепак, под птичје гнездо се подразбира секое место каде птиците ги несат своите јајца. Зашто, за некои видови гнездо е проста дупка во песокот, за други дупка во дрво, за трети огромен куп растителност на земјата итн. Најмали птичји гнезда се оние на колибрите, кои се како малечки шољички со димензии 2 см широки и 2-3 см длабоки.[1] Другиот екстрем е гнездото на птица од редот на кокошковидните Megapodius freycinet чие гнездо во пречник има 11 метри, а е високо 5 метри.[2] Во повеќето случаи гнездото го градат женките, а материјалот за градење го носат мажјаците.[3] Гнездото е понекогаш многу примитивна, а понекогаш многу сложена архитектонска творба, која следи однапред утврдени, но сè уште недоволно истражени законитости. Еден вид ластовичји гнезда од подрачјето на Азија е познат како многу скап специјалитет во Кина. Го градат ластовиците Aerodramus fuciphagus и Aerodramus maximus на тешко достапни, карпести терени.

Гнездо во облик на длабока чашка на Обичен трскар
Гнездо во облик на кошничка
Гнездо платформа на висока пенушка

Услови

уреди

Во текот на годината во животот на птиците се случуваат неколку важни настани: пронаоѓање партнер, парење, свивање гнездо, несење јајца. Свивањето гнездо е инстинктивна, наследна особина, тесно поврзана со климата. Во европските земји птиците гнездат и несат јајца на пролет. Гнездата се разликуваат по местото, обликот и материјалот употребен за нивната изградба. Спрема дефиницијата на Ј. Дорст, во неговата книга „Животот на птиците“, гнездото има неколку функции: не дозволува паѓање на јајцата и нивно кршење, ја чува топлината неопходна за јајцата во текот на квачењето и на пилињата додека не ги добијат пердувите и претставува сигурно засолниште за пилињата додека не се оспособат за летање. Секое гнездо точно одговара на потребите на определениот вид. Птиците обично несат јајца еднаш годишно, а оние од исто подрачје гнездат во исто време. Сезоната на парење е секогаш во зависност од климатските услови и е прилагодена кон најповолниот период, кога има најмногу храна. Птиците кои живеат на места каде има изобилство од храна понекогаш гнездат и двапати годишно, несејќи по 2-3 јајца. Истите птици кои живеат во места каде поволниот период е значително пократок, ќе гнездат само еднаш, но ќе несат 6-7 јајца. Кога ќе се приближи сезоната на парење, птиците ја избираат територијата за свивање гнездо. Почесто, тоа е работа на мажјакот. Кога ќе го избере местото, мажјакот со звучни ефекти ја привлекува женката. Избирање на гнездото може да биде и работа на женките, на пример кај некои патки и колибри. Изборот на местото за гнездо е директно условен од начинот на живот на видот птица и нејзината потреба за сигурност. Ова не треба да се сфаќа буквално, зашто птиците често се прилагодуваат кон локалните услови. Така на пример, чапјите подеднакво добро го прават своето гнездо и во трски и во грмушки, но и на високи дрва.

Видови гнезда

уреди

Многу орнитолози сметаат дека вештината на градење гнездо се развила под притисок на еколошките услови, и дека птиците во почетокот ги неселе јајцата на земја оставајќи ги целосно незаштитени. Забележано е дека кај оние видови птици чии младенчиња излегуваат од јајцето прекриени со пердуви, веднаш прогледуваат и брзо се способни за летање, гнездата се поедноставни. Спротивно на нив, видовите кои испилуваат речиси голи, слепи и немоќни пилиња, градат многу посложени и посигурни гнезда. Без разлика дали се на земја или на дрво, гнездата се добро камуфлирани. Има птици, како некои видови пингвини кои воопшто немаат никакви гнезда зашто јајцето кога ќе го снесат го чуваат меѓу нозете, постојано греејќи го со долниот дел од стомакот. Тие дури може да се движат додека ги квачат јајцата.[4] Други видови, пак, ги несат јајцата на земја без претходни подготовки. Ова е најпримитивниот начин на гнездење. Во овој случај гнездото е скриено благодарение на мимикријата, бидејќи јајцата имаат такви бои кои се прилагодени кон околината. Тие ги несат јајцата во пукнатини на карпи или во јаз меѓу две карпи, без доплнителни материјали, директно.[5][6] Некои, пак, градат примитивно гнездо на земја од камења и гранки. Определени видови воопшто не градат гнездо, туку бараат природни засолништа кои ги прилагодуваат на своите потреби. Тоа може да бидат разни шуплини на земја, во карпи или во дрвјата. Во ваквите шуплини птиците обично внесуваат неколку гранчиња, и гнездото е готово. Многу шумски птици користат природни шуплини за свои гнезда, но некои, како клукајдрвците, самите ја прават шуплината. Некои птици што се гнездат на овој начин го затвораат отворот со земја за поголема сигурност. Заштитата од грабливците ги принудува птиците да го камуфлираат гнездото или да го градат на непристапни места: високо или во шуплини. Некои видови птици живеат во заедница, како гусковидните и ги свиваат гнездата во колонии, така што сите членови ги штитат. На крај, има и такви видови, како некои врапчиња, кои свиваат гнездо крај други видови од кои бараат заштита. За да се заштитат од непријателите многу птици прават гнездо на вода. Притоа користат постоечка платформа од трска или пак ја градат самите. Сепак, најсигурни се гнездата изградени високо на дрвјата. Тие се и посовршени. Направени се од материјал кој може да се најде во близина. Некои дневни грабливки, како чапјите и штрковите прават платформи од гранки кои ги прекриваат со помали гранчиња. Некои птици од родот на врапчињата градат сосема затворени гнезда кои им пружаат топлотна заштита, но и заштита од незгоди и напаѓачи. Кај други, гнездата се изградени од најтенки гранчиња и се речиси проѕирни. И најпосле, има и такви кои се однесуваат како вистински ѕидари, а за градба користат земја и кал. Таков е случајот со ластовиците. Покрај поединечните постојат и колективни гнезда кои се многу економични и пружаат поголема сигурност. Не треба да ги заборавиме и птиците – паразити, како кукавиците, на пример, кои ги снесуваат своите јајца во туѓи гнезда и целата грижа за потомството ја препуштаат на друг. Во повеќето случаи птиците го користат гнездото само една година, но има и такви кои со мали поправки го користат истотo гнездо повеќе години.

Гребнатинка

уреди

Најпроста конструкција на гнездо е кога птицата ги несе јајцата во мала дупка во земјата или растителноста.[7] Овој тип гнездо, гребнатинкa - е мала дупка, доволно длабока за јајцата да не се стркалаат и понекогаш оградена со малку растителност, камења, парчиња од школки или пердуви.[8] Овие материјали помагаат да се камуфлираат јајцата, како и да се задржат на местото.[9] Вакви гнезда имаат ноевите, повеќето гусковидни, некои од соколовидните итн. Јајцата и младенчињата излегнати во овие гнезда се најизложени на опасност од временските услови, како и од грабливците. Јајцата во овие гнезда се мимикрично обоени, вклопени во позадината, што им помага да се камуфлираат.[10] [11] Возрасните кои ги лежат јајцата, исто така, имаат тенденција да бидат камуфлирани со боите на своите пердуви, и може да биде многу тешко да се избркаат од гнездото. Вообичаено, овие видови имаат многу развиен систем на заштита со заплашување кон потенцијалните грабливци.[12] Најчесто младенчињата испилени во вакви гнезда се способни веднаш да го напуштат гнездото и сами да се грижат за себеси.[13]

Могила

уреди

Гнездата во вид на могила претставуваат огромни купови земја, гранки, листови, во чија внатрешност се квачаат снесените јајца. Топлината во овие могили се создава од компостот и на тој начин се квачат јајцата.[1] Топлината во гнездото е резултат на дишењето на термофилните габи и другите микроорганизми. Кај видовите што прават вакви гнезда, обично мажјакот ја завршува целата градителска работа. Користејќи ги силните нозе, тој ја фрла земјата и другите органски материи правејќи конусен или ѕвоновиден куп. Овој процес може да трае 5-7 часа дневно во текот на еден месец и повеќе. Бидејќи могилите се користат повеќе од еднаш за гнездо, секоја година се додава нов материјал за да се постигне топлината. Женката ќе ги положи јајцата тогаш кога ќе се постигне оптималната температура во могилата.[14] Фламингото, пак, го користи својот клун за да го изгради гнездото.[15] Тоа има конусна форма со височина од 15 до 46 см, со мала дупка на врвот каде го ставаат своето единствено јајце.[16]

Јама

уреди

Почвата игра различна улога во гнездото во вид на јама; тука, јајцата и младенчињата, како и родителот кој квачи се заштитени под земјата. Повеќето птици самите ги копаат своите јами, но има и такви кои користат ископани дупки од прериски кучиња, верверици, јазовци или желки.[17] Повеќето видови птици кои користат јами како свое гнездо, прават хоризонтален ходник во вертикален земјен гребен, со комора на крајот каде ги положуваат јајцата.[18] Должината на тунелот и големината на комората зависи од видот на птицата. Ходникот го прават со клунот и нозете. Дупката ја започнуваат со силно удирање со клунот, а има случаи во кои птиците од силниот залет фатално завршиле на избраното место. Откако ја започнуваат дупката со клунот, потоа со нозете и телото ја исфрлаат земјата надвор. Има такви видови кои ја користат и својата опашка за тоа.

Шуплинa

уреди

Гнездата шуплини се дупки направени во живи или мртви дрва, понекогаш во палми или кактуси.[19][19][20] Релативно мал број видови птици можат сами да ги издупчат дупките во дрвјата за да си направат гнездо, а многу повеќе видови користат природни шуплини или пак такви кои ги направиле други птици. Тие понекогаш им ги узурпираат гнездата на домаќините. Птиците кои сами си прават дупки се примарни гнездачи во шуплини, а вторите се секундарни. И двата вида прифаќаат куќички за птици изградени од луѓето.[21] Клукајдрвците го користат својот клун да направат шуплина во дрвото за што им треба отприлика 2 недели.[20] Шуплината обично ја прават од долната страна на гранката за да го отежнат влезот на грабливците, како и да го спречат влегувањето на водата кога врне.[22] Типичното гнездо на клукајдрвецот има краток хоризонтален тунел кој води до вертикална комора на крајот. Големината и формата на комората зависи од видот на птицата, кои се доволно големи да може да влезе возрасна единка. Кога ќе се исчистат струготините, гнездото се постила и таму се несат јајцата.

Чашка

уреди

Гнездото чашка е фино обликувано, сферично внатре, со длабока дупка за сместување на јајцата. Овие гнезда се прават со еластични материјали: гранчиња, трева, ливчиња и се лепат со кал и плунка.[23] Најмногу вакви гнезда прават врапчевидните. Често, птиците ја користат пајажината како врзивно средство при изградбата на ваквите гнезда.[24][25] Сигурноста на гнездата во вид на чашка се поврзани со: тежината на гнездото, [26][27] дебелината на ѕидовите на гнездото,[27][28][29] длабочината на гнездото,[26][27] порозноста на плетивото,[26][28][30] надворешните ѕидови,[27] висината над земјата [26] и надморската височина.[30] Неодамна е заклучено дека сигурноста на ова гнездо зависи и од тежината на родителот кој квачи.[27]

Чинија

уреди

Гнездото во вид на чинија или тацна е многу слично на гнездото чашка, но е малку пошироко и поплитко.

Платформа

уреди

Гнездото платформа е голема структура, често повеќепати поголемо од птицата што го користи. Зависно од видот на птицата, ова гнездо може да биде поставено на земја или кренато на некоја височина.[31] Овие гнезда обично се користат повеќе години, додавајќи им нов материјал секоја нова сезона на парење. Во некои случаи гнездото ќе порасне толку многу што ќе го оштети дрвото.

Висулец

уреди

Гнездото висулец е долгнавеста структура исткаена од еластични материјали (гранчиња и тревки) и закачено и обесено да виси надолу.

Топка

уреди

Гнездото топка е округлеста или јајцевидна структура која е речиси целосно затворена, со мал отвор кој служи за влегување.

Колонии

уреди

Иако повеќето видови птици прават индивудуални гнезда, сепак има и такви кои гнездата ги прават во непосредна близина или сосема залепени едно до друго. Ваквото гнездење се вика колонија. Колониите се чести кај морските птици, пингвините, фламингата, шлуките, галебите, некои врапчиња и ластовици. Колонијалното гнездење ги заштитува птиците од грабливци. Тоа можеби им помага во полесно снабдување со храна следејќи ги единките кои се поспособни во потрагата по храна. .[32]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Campbell & Lack 1985, стр. 386
  2. Campbell & Lack 1985, стр. 345
  3. Campbell & Lack 1985, стр. 387
  4. del Hoyo 1992, стр. 148
  5. Ehrlich и др. 1994, стр. 252
  6. Ehrlich и др. 1994, стр. 260
  7. Campbell & Lack 1985, стр. 390
  8. Ehrlich и др. 1994, стр. xxii
  9. Ehrlich и др. 1994, стр. 441
  10. Campbell & Lack 1985, стр. 174
  11. Ehrlich и др. 1994, стр. 228–232
  12. Campbell & Lack 1985, стр. 145
  13. Williams, Ernest Herbert (2005), The Nature Handbook: A Guide to Observing the Great Outdoors, Oxford University Press, US, стр. 115, ISBN 0-19-517194-2
  14. Elliott 1994, стр. 288
  15. del Hoyo 1992, стр. 516
  16. Seng 2001, стр. 188
  17. Behrstock 2001, стр. 344
  18. Ehrlich и др. 1994, стр. xxiii
  19. 19,0 19,1 Collar 2001, стр. 94
  20. 20,0 20,1 Reed 2001, стр. 380–1
  21. Phillips, Tina (Winter 2005), „Nest Boxes: More than Just Birdhouses“, BirdScope, Cornell Laboratory of Ornithology, 19 (1)
  22. Conner 1975, стр. 373
  23. Hansell, Mike (2000), Bird Nests & Construction Behaviour, Cambridge: Cambridge University Press, стр. 280, ISBN 978-0-521-46038-5
  24. Ehrlich и др. 1994, стр. 445
  25. Erickson, Laura (Spring 2008), „The Wonders of Spider Silk“, BirdScope, 22 (2): 7
  26. 26,0 26,1 26,2 26,3 Kern, M (1984), „Racial differences in nests of white-crowned sparrows“, Condor, 86: 455–466, doi:10.2307/1366826
  27. 27,0 27,1 27,2 27,3 27,4 Heenan, Caragh; Seymour, R. (2011), „Structural support, not insulation, is the primary driver for avian cup-shaped nest design“, Proceedings of the Royal Society B - Biological Sciences, 278 (1720): 2924, doi:10.1098/rspb.2010.2798
  28. 28,0 28,1 Skowron, C; Kern, M (1980), „The insulation in nests of selected North-American songbirds“, Auk, 97: 816–824
  29. Whittow, F.N.; Berger, A.J. (1977), „Heat loss from the nest of the Hawaiian honeycreeper, 'Amakihi'“, Wilson Bulletin, 89: 480–483
  30. 30,0 30,1 Kern, M. D.; Van Riper, C. (1984), „Altitudinal variations in nests of the Hawaiian honeycreeper Hemignathus virens virens“, Condor, 86: 443–454, doi:10.2307/1366825
  31. Hyde, Kenneth (2004), Zoology: An Inside View of Animals, Dubuque, IA: Kendall Hunt, стр. 474, ISBN 0-7575-0997-5
  32. Ward & Zahavi 1973

Надворешни врски

уреди