Втора кинеско-јапонска војна

Втората кинеско-јапонска војна (1937-1945) бил воен конфликт кој претежно се водел меѓу Република Кина и Царството Јапонија. Војната го опфаќа кинеското боиште како дел од поширокото тихоокеанско боиште во Втората светска војна . За почеток на војната се смета инцидентот на мостот Марко Поло на 7 јули 1937 година, по што спорот меѓу јапонските и кинеските трупи во Пекинг ескалирал во целосна инвазија. Оваа војна меѓу Кина и Јапонија честопати се смета за почеток на Втората светска војна во Азија.

Кина со помош на Советскиот Сојуз, Обединетото Кралство и САД се борела против Јапонија. По јапонските напади на Малаја и Перл Харбор во 1941 година, војната се споила со други конфликти кои главно се категоризираат како конфликти од Втората светска војна. Втората кинеско-јапонска војна била најголемата војна во Азија во 20 век.[1] Оваа војна имала најмногу цивилни и воени жртви во Војната на Тихиот Океан при што загинале од 10 до 25 милиони кинески цивили а исчезнале или загинале преку 4 милиони кинески и јапонски војници или воен персонал. Војната се нарекува и „азиски холокауст“. [2] [3][4]

Војната била резултат на повеќедецениската јапонска империјалистичка политика за проширување на своето политичко и воено влијание во Кина за да си обезбеди пристап до суровини, храна и работна сила. По Првата светска војна, јапонската политика била погодена од силни потреси. Левичарите барале универзално право на глас и поголеми права за работниците.  Зголеменото текстилно производство во кинеските фабрики негативно влијаело на јапонското производство, а со Големата депресија се забавувил извозот. Сето ова го поттикнало милитантниот национализам, кој кулминирал откако на власт дошла милитаристичка фракција. На чело на оваа фракција, со указ на императорот Хирохито, бил Хидеки Тојо од Здружението за помош на царското владеење. Во 1931 година, Мукденскиот инцидентот бил повод за јапонската инвазија на Манџурија. Кинезите биле поразени, а Јапонија создала нова марионетска држава, Манџукуо; многу историчари како почеток на војната ја наведуваат 1931 година.[5][6] Од 1931 до 1937 година, Кина и Јапонија продолжиле да се препукуваат во мали, локализирани судири, таканаречени „инциденти“.

По инцидентот на мостот Марко Поло, Јапонците извојувале големи победи, и во 1937 година ги освоиле Пекинг, Шангај и кинескиот главен град Нанџинг, по што следел и масакрот во Нанџинг. Откако не успеала да го спречи продорот на Јапонците во битката кај Вухан, кинеската централна влада била преместена во Чонгкинг (Чунгкинг) во внатрешноста на Кина. По кинеско-советскиот договор од 1937 година, добиената голема материјална поддршка ѝ помогнала на Националистичката армија на Кина и на кинеското воздухопловство да продолжат да даваат силен отпор против јапонската офанзива. Во 1939 година, по кинеските победи во Чангша и Гуангкси војната била во пат состојба. И Јапонците исто така не можеле да ги поразат кинеските комунистички сили во Шанкси, кои воделе тактика на саботажа и герилска војна против напаѓачите. Иако Јапонија владеела со големите градови, немала доволно човечки ресурси за да ги контролира огромните села на Кина. Во ноември 1939 година, кинеските националистички сили започнале голема зимска офанзива, а во август 1940 година, кинеските комунистички сили започнале контраофанзива во централна Кина. САД ја поддржале Кина преку серија санкции против Јапонија, што кулминирало со прекин на извозот на челик и бензин за Јапонија во јуни 1941 година. Исто така, со американски платеници како што се Летечките тигри ѝ дале директна дополнителна поддршка на Кина.

Во декември 1941 година, Јапонија ненадејно го нападнала Перл Харбор и ѝ објавила војна на САД. Соединетите Американски Држави за возврат ѝ објавиле војна на Јапонија и ја зголемиле воената помош за Кина, САД на Кина и дале вкупно 1,6 милијарди долари (18,4 милијарди долари во денешна вредност).[7] Во 1944 година, Јапонија ја започнала операцијата Ичи-Го, инвазија на Хенан и Чангша. Сепак, не успеале да издејствуваат предавање од кинеските сили. Во 1945 година, кинеските експедициски сили го продолжиле да напредуваат во Бурма и го завршиле патот Ледо кој ги поврзува Индија и Кина. Истовремено, Кина започнала големи контраофанзиви во Јужна Кина и ги зазела Западен Хунан и Гуангкси. Јапонија формално се предала на 2 септември 1945 година. Кина била призната како една од четирите големи сојузници за време на војната, ги вратила сите територии изгубени од Јапонија и станала една од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.[8] [9]

Имиња

уреди
 
Генералисимус Чанг Кај Шек, врховен командант на сојузниците во кинескиот театар од 1942 до 1945 година
Почетокот на војната

Во Кина, оваа војна е најпозната како „Војна на отпорот против јапонската агресија“ (кинески: 抗日 ) или „Војна на отпорот“ (抗战;). Наречена е и „Осумгодишна војна на отпорот“ (八年抗战), но во 2017 година кинеското Министерство за образование издало директива во која се наведува дека учебниците треба да се повикуваат на војната како „Четиринаесетгодишна војна на отпорот“ (十四年抗战), ставајќи го фокусот на поширокиот воен конфликт со Јапонија кој датира со јапонската инвазија на Манџурија во 1931 година.[10] Се нарекува и дел од „Глобалната антифашистичка војна“, а тоа е начинот на кој Втората светска војна е перцепирана од Кинеската комунистичка партија (ККП) и владата на НР Кина.

Во Јапонија, денес, најчесто се користи името „Јапонско-кинеска војна“ (јапонски: 日中戦爭).

Причини

уреди

Причините за Втората кинеско-јапонска војна може да се најдат уште во Првата кинеско-јапонска војна (1894–1895), кога Кина со која владеела династијата Ќинг, била поразена од Јапонија и според Договорот од Шимоносеки била принудена на Јапонија да ѝ го отстапи Тајван и да ја признае целосната независност на Кореја.[11][12][13] Династијата Ќинг била на раб на пропаст предизвикан од внатрешните бунтови и странскиот империјализам, а Јапонија прераснувала во велесила пред се поради своите ефективни мерки за модернизација.[14]

Република Кина е основана во 1912 година, откако со Синхајската револуција била соборена последната кинеска династија, династијата Ќинг (1644–1911). Но, централната власт за брзо била расцепкана и републичкиот авторитет подлегнал на авторитетот на регионалните воени водачи. Било тешко да се замисли обединувањето на нацијата и намалувањето на влијанието на странските сили. [14] Некои воени лидери дури се потпирале на одредени странски сили во меѓусебните битки. На пример, воениот лидер Жанг Зуолин од Манџурија неприкриено соработувал со Јапонците за воена и економска помош.

Дваесет и едно барање

уреди

Во 1915 година, Јапонија го објавила Дваесет и едното барање за да изнуди поголеми политички и трговски привилегии од Кина, кои Јуан Шикаи ги прифатил.[15] По Првата светска војна, на Јапонија ѝ припаднала германската сферата на влијание во регионот Шандонг,[16] што предизвикало антијапонски протести и масовни демонстрации во Кина. За време на владата на Беијанг, Кина останала внатрешно поделена и не можела да се спротивстави на странските упади.[17] Со цел обединување на Кина и поразување на регионалните воени лидери, Куоминтанг (КМТ, позната и како Кинеска националистичка партија) во Гуангџоу ја започнала Северната експедиција (1926 до 1928) со ограничена помош од Советскиот Сојуз.[17]

Инцидент во Џинан

уреди

Националната револуционерна армија (НРА) основана од КМТ дејствувала во јужна и централна Кина, а во Шандонг се конфронтирала со јапонскиот гарнизон што подоцна ескалирало во вооружен конфликт. Овие конфликти се познати по заедничко име како инцидент во Џинан од 1928 година, кога јапонската војска убила неколку кинески официјални лица и истрелала артилериски гранати во Џинан. Се верува дека за време на овие конфликти биле убиени меѓу 2.000 и 11.000 кинески и јапонски цивили. Како резултат на инцидентот во Џинан сериозно се влошиле односите меѓу кинеската националистичка влада и Јапонија. [17] [17]

Повторно обединување на Кина (1928)

уреди

Додека Националната револуционерна армија напредувала кон Пекинг, Жанг Зуолин решил да се повлече во Манџурија, а во 1928 бил убиен од Квантуншката армија.[18] Неговиот син, Чанг Ксуелианг, ја презел функцијата водач на кликата Фенгтиан во Манџурија. Подоцна во истата година, Чанг одлучил да ја објави својата верност на националистичката влада во Нанџинг под раководство на Чанг Кај Шек, и како резултат на тоа, Кина била обединета под една влада.[17]

Кинеско-советска војна (1929)

уреди

Конфликтот од јули до ноември 1929 година поврзан со Кинеската источна железница дополнително ги зголемил тензиите во североисточна Кина. Победата на советската Црвена армија над силите на Чанг Ксуелианг не само што ја потврдила советската контрола на Кинеската источна железница во Манџурија, туку ги истакнала воените слабости на Кина кои што офицерите од јапонската Квантуншка армија брзо ги забележале.[19]

Преформансите на советската Црвена армија, исто така, ги запрепастила Јапонците. Манџурија имала централна улога во јапонската политика за источна Азија. Победата на Црвената армија во 1929 година до срж ја разнишала таа политика. Во 1930 година, Квантуншка армија сфатила дека за Манџурија всушност се бори против Црвената армија која станувала сѐ посилна. Јапонските планови за освојување на североисточна Кина биле забрзани.[20]

Кинеската комунистичка партија

уреди

Во 1930 година, во Кина избувнала Војната во Централните Рамнини, во која учествувале и регионални команданти кои биле во сојуз со Куоминтанг за време на Северната експедиција и со владата на Нанџинг под Чанг. Кинеската комунистичка партија (ККП) по масакрот во Шангај во 1927 година отворено се борела против владата на Нанџинг, и продолжила да се шири за време на оваа граѓанска војна. Владата на Куоминтанг во Нанџинг одлучила да се сконцентрира на напорите на потиснување на кинеските комунисти преку политиката на „прво внатрешно помирување, потоа надворешен отпор“ (Кинески: 攘外必先安內).

Историјат на борбите

уреди

Увертира: инвазија на Манџурија и Северна Кина

уреди
 
Јапонските трупи влегуваат во Шенјанг за време на инцидентот во Мукден

Граѓанската војна во Кина, на Јапонија ѝ овозможило лесно да ја нападне Манџурија кон која гледала како подрачје кое ќе ѝ овозможи неограничено снабдување со суровини, пазар за нејзините произведени стоки (сега исклучени од пазарите на многу западни земји како резултат на тарифите од времето на депресијата) и како тампон држава против Советскиот Сојуз.[се бара извор] По Мукденскиот инцидент во септември 1931 Јапонија директно ја нападнала Манџурија. Јапонија навела дека нејзините права врз Манџурија, воспоставени по нејзината победа во Руско-јапонската војна, биле систематски прекршувани и дека имало „повеќе од 120 случаи на повреда на права и интереси, мешање во бизнисот, бојкот на јапонски стоки, неразумно оданочување, притвор на поединци, конфискација на имоти, иселување, барање за прекин на бизнисот, напади и тепање и угнетување на корејските жители“.[21]

По петмесечни борби, Јапонија ја во 1932 ја основала марионетската држава Манџукуо, а последниот кинески цар, Пу Ји, бил поставен за нивни марионетски владетел. Кина која била воено премногу слаба за директно да се соочи со Јапонија, апелирала до Лигата на народите за помош. По истрагата на Лигата бил објавен Извештајот Литон, со кој се осудува Јапонија за упадот во Манџурија, по што Јапонија се повлекла од Лигата на народите. Освен млака цензура, ниту една земја не презела акција против Јапонија.

По инцидентот во Мукден имало непрестајни борби. Во 1932 година, кинеските и јапонските трупи се судриле во т.н. инцидент од 28 јануари. Како резултат на оваа битка била извршена демилитаризација на Шангај, односно на Кинезите им било забрането да распоредуваат војници во овој град.

 
Територијална експанзија на Јапонското Царство

Во 1933 година, Јапонците го нападнале регионот крај Кинескиот ѕид. Како последица на овој конфликт било склучено примирјето од Тангу, според кое Јапонија стекнала контрола врз регионот Јехол, како и врз демилитаризираната зона помеѓу Кинескиот ѕид и регионот Пепинг-Тјанџин. Јапонија имала за цел да создаде уште една тампон зона меѓу Манџукуо и кинеската националистичка влада во Нанџинг.

Јапонија сè повеќе ги користела внатрешните конфликти на Кина за уште повеќе да ја ослабне. Дури и неколку години по Северната експедиција, политичката моќ на националистичката влада била ограничена само на областа околу делтата на реката Јангце. Другите делови на Кина всушност биле во рацете на локалните кинески воени лидери. Јапонија барала разни кинески соработници и им помогнала да воспостават влади пријателски настроени кон Јапонија. Оваа политика била наречена Специјализација на Северна Кина (кинески: 華北特殊化), попозната е како Автономно движење на Северна Кина. Северните провинции погодени од оваа политика беа Чахар, Сујуан, Хебеј, Шанкси и Шандонг .

Оваа јапонска политика била најефикасна во областа на сегашната Внатрешна Монголија и Хебеј. Во 1935 година, под јапонски притисок, Кина го потпишала Договорот Хе-Умезу, со кој на КМТ му се забранува да спроведува партиски операции во Хебеј. Истата година, бил потпишан Договорот Чин-Доихара со кој КМТ се протерува од Чахар. Така, до крајот на 1935 година кинеската влада во суштина ја напуштила северна Кина. На нејзино место, биле основани Автономниот совет на Источен Хебеј поддржан од Јапонија и Политичкиот совет Хебеј-Чахар. Таму во празниот простор на Чахар на 12 мај 1936 година била формирана Монголската воена влада. Јапонија ја обезбедила сета потребна воена и економска помош. Потоа, кинеските доброволни сили продолжиле да се спротивставуваат на јапонската агресија во Манџурија и Чахар и Сујуан.

1937: Целосна инвазија на Кина

уреди
 
Бебе седи во рушевините од железничката станица во Шангај на „Крвава сабота“, 1937 година
 
Генералисимото Чианг Кај Шек ја објавува политиката на отпор на Куоминтанг против Јапонија во Лушан на 10 јули 1937 година, три дена по инцидентот на мостот Марко Поло.

Ноќта на 7 јули 1937 година, кинеските и јапонските вооружени сили размениле оган во близина на мостот Марко Поло (или Лугу), клучен пристап до Пекинг. Она што започнало како спорадично препукување набрзо ескалирало во целосна битка по која Пекинг и неговиот пристанишен град Тијанџин паднале во рацете на јапонските сили (јули-август 1937 година). На 29 јули, околу 5.000 војници на 1-виот и 2-от корпус на армијата Источен Хопеј се побуниле и се спротивставиле на јапонскиот гарнизон. Покрај јапонскиот воен персонал, биле масакрирани околу 260 цивили во Тонгжу за време на востанието во сцени кои потсетуваат на Боксерскиот протокол од 1901 година. Цивилите претежно биле Јапонци, заедно со полициските сили и некои етнички Корејци. Кинезите потоа запалиле и уништиле голем дел од градот. Преживеале само околу 60 јапонски цивили, кои подоцна на новинарите и историчарите им дале извештаи од прва рака. Како резултат на таквото насилство, бунтот во Тунгчоу силно го потресло јавното мислење во Јапонија.

Битката за Шангај

уреди
 
Јапонци се истовараат во близина на Шангај, ноември 1937 година

Царкиот генерален штаб во Токио, задоволен од територијалните придобивки стекнати во северна Кина по инцидентот на мостот Марко Поло, првично покажал неподготвеност да го ескалира конфликтот во целосна војна. Сепак, КМТ утврдила дека е достигната „пресвртната точка“ на јапонската агресија. Чанг Кај Шек набрзина ја мобилизирал армијата и воздухопловните сили на централната влада, и ги ставил под своја директна команда. Откако на 9 август 1937 година бил застрелан јапонски офицер кој се обидел да влезе на воениот аеродром Хонгкиао, Јапонците побарале сите кинески сили да се повлечат од Шангај; Кинезите го одбиле ова барање. Затоа, и Кинезите и Јапонците марширале за да ги засилат своите позиции во областа Шангај.

На 13 август 1937 година, војниците на Куоминтанг ги нападнале позициите на јапонските маринци во Шангај, а за возврат трупите на јапонската армија и маринците влегле во градот, што ја предизвикало битката кај Шангај. На 14 август, на кинеските сили под команда на Жанг Жижонг им било наредено да ги заземат или да ги уништат јапонските упоришта во Шангај, што предизвикало жестоки улични борби. При нападот на јапонскиот крстосувач Изумо, авионите на Куоминтанг ненамерно ја бомбардирале Шангајската меѓународна населба, при што биле убиени преку 3.000 цивили.[22]

За три дена од 14-ти до 16-ти август 1937 година, Царската јапонска морнарица испратила многу видови на тогаш напредни средно тешки копнени бомбардери со голем дострел G3M и разновидни авиони сместени на носачи на авиони во очекување да го уништат Кинеските воздухопловни сили. Сепак, царската јапонска морнарица наишла на неочекуван отпори и претрпела тешки (50%) загуби од кинеските пилоти.[23][24]

 
Јапонски војници во урнатините на Шангај

Воведувањето на напредните ловци А5М „Клод“ во боиштето Шангај-Нанџинг, од 18 септември 1937, им помогнало на Јапонците да постигнат одредено ниво на воздушна супериорност.[25][26] Сепак, неколкуте искусни кинески пилоти ветерани, како и неколку кинеско-американските доброволни борбени пилоти се покажало дека се способни да се спротивстават на A5M авионите. На почетокот на битката, националната кинеска армија броела околу пет дивизии, или околу 70.000 војници, а тамошните јапонски сили биле сочинети од околу 6.300 маринци. На 23 август, кинеското воено воздухопловство со борбени авиони ги нападнало истоварените јапонски трупи во Вусонгкоу во северниот дел на Шангај, а Јапонците најголемиот дел од нападот го пресретнале со ловци А2Н и А4Н сместени на носачите на авиони.[27] Царската јапонска армија за да го заземат градот на крајот ангажирала над 200.000 војници, заедно со многу поморски бродови и авиони. По тримесечни интензивни борби, нивните жртви далеку ги надминале првичните очекувања.[28] На 26 октомври, Јапонската армија го зазела Дачанг, клучна точка во Шангај, а на 5 ноември во заливот Хангжу стигнало дополнително засилување од Јапонија. Конечно, на 9 ноември, Националната републиканска армија започнала со општо повлекување.

Битката кај Нанџинг и масакр

уреди
 
Советската амбасада во Нанџинг изгорела во пожар на 1 јануари 1938.

Надоврзувајќи се на тешко извојуваната победа во Шангај, ЦЈА го зазела главниот град на КМТ Нанџинг (декември 1937) и Северен Шанкси (септември-ноември 1937). Во овие кампањи биле вклучени околу 350.000 јапонски војници и многу повеќе Кинези.

Историчарите проценуваат дека во „Масакрот во Нанџинг“ од 13 декември 1937 до крајот на јануари 1938, јапонските сили убиле или раниле околу 40.000 до 300.000 Кинези (претежно цивили). Некои јапонски историчари ги негираат овие податоци наведувајќи дека 75% од цивилното население на Нанџинг веќе побегнало од градот пред да започне битката, а поголемиот дел од останатите се засолниле во безбедносната зона Нанкинг, и зад себе го оставиле само сиромашните класи. 

На почетокот на 1938 година, раководството во Токио сè уште се надевале дека конфликтот ќе го ограничи на окупирарење на областите околу Шангај, Нанџинг и поголемиот дел од северна Кина. Се надевале дека со ова ќе ја зачуваат силата за очекуваната пресметка со Советскиот Сојуз, но дотогаш јапонската влада и ГШ практично ја изгубиле контролата врз јапонската армија во Кина. По извојуваните победи, јапонските теренски генерали ја продолжиле војната во Џиангсу во обид да го уништат кинескиот отпор, но биле поразени во битката кај Тајержуанг (март-април 1938 година). Потоа, Царската јапонска армија ја променила својата стратегија и ги распоредила речиси сета своја војска во Кина за напад на градот Вухан, кој стана политички, економски и воен центар на задниот дел од Кина, со надеж дека ќе ја уништи борбената сила на НРА и ќе ја принуди владата на КМТ да преговара за мир. [29] На 6 јуни, тие го зазеле Каифенг, главниот град на Хенан, и се заканиле дека ќе го заземат Женгжу, каде се спојува пругата од Пинган и Лонгхај.

 
Војници на Националната револуционерна армија за време на поплавата на Жолтата река во 1938 година

1938 Поплава на Жолта Река

уреди

За да го спречат напредувањето на јапонската армија во западна и јужна Кина, Чанг Кај Шек, на предлог на Чен Гуофу, наредил отворање на насипите на Жолтата река во близина на Женгжу. Првичниот план бил да се уништи насипот во Жаоку, но поради тешкотии на тоа место, на 5 јуни бил уништен насипот кај Хуајуанку на јужниот брег и биле предизвикани поплави во источен Хенан, централен Анхуи и северниот и централен дел на Џиангсу. Поплавите зафатиле и уништиле илјадници квадратни километри земјоделско земјиште и го поместиле устието на Жолтата река стотици километри кон југ. Биле поплавени или уништени илјадници села, а неколку милиони селани биле принудени да се евакуираат од своите домови. Се удавиле 400.000 луѓе, меѓу кои имало и јапонски војници, а уште 10 милиони станаа бегалци. Оштетувањата на плантажите подоцна предизвикале глад. И покрај ова, Јапонците на 27 октомври 1938 година го зазеле Вухан, принудувајќи го КМТ да се повлече во Чонгкинг (Чунгкинг), но Чанг Кај Шек сепак одбил да преговара, велејќи дека би разгледувал разговори само доколку Јапонија се согласи да се повлече на границите од пред 1937 година.

1939–40: Кинески контранапад

уреди
 
Карта што ги прикажува јапонските окупирани територии во 1941 година (црвено)
 
Боишта (воени оперативни региони) на кинеската Национална револуционерна армија од крајот на 1938 до почетокот на 1940 година

Од почетокот на 1939 година, војната влегла во нова фаза по првите порази на Јапонците во битката кај Суиксијан-Заојанг, прватата битка кај Чангша, битката кај Јужен Гуангкси и Битката кај Заои. Овие успеси ги охрабриле Кинезите на почетокот на 1940 година да ја започнат својата прва голема контраофанзива против ЦЈА; сепак, поради нискиот воено-индустриски капацитет и ограниченото искуство во модерното војување, оваа офанзива била поразена. Потоа, Чанг не можел да ризикува други сеопфатни офанзивни кампањи со оглед на слабо обучената, недоволно опремена и неорганизирана состојба на неговите војски.

За време на офанзивата, силите на Хуи во Сујуан под команда на генералите Ма Хонгбин и Ма Букинг ја поразиле Царската јапонска армија и нивните марионетски сојузнички војски и го спречиле планираниот јапонски напредок во северозападна Кина. Генералот Ма Биао ги предводел коњаницате на Хуи, Салар и Донгсијанг и ги поразил Јапонците во битката кај Хуајанг.

 
Ванг Џингвеи и офицерите на колаборационистичката кинеска армија

По 1940 година, Јапонците наишле на тешкотии во администрирањето и гарнизонирањето на заземените територии и се обиделе да ги решат тоа преку спроведување на стратегија за создавање пријателски марионетски влади наклонети кон јапонските интереси во освоените територии. Најпозната е Владата на Ванг Џингвеи на чело со поранешниот Премиерот на KMT, Ванг Џингвеи. Меѓутоа, злосторствата извршени од страна на Царската јапонска армија, како и одбивањето на Јапонсците да им делегираат вистинска моќ, ги направило марионетите влади многу непопуларни и во голема мера неефикасни. Единствен успех кој го имале Јапонците било регрутирањето на голема колаборационистичка кинеска армија која требало да ја одржува јавната безбедност во окупираните области.

Јапонско проширување

уреди

Во 1941 година, Јапонија ги имала под контрола поголемиот дел од источните крајбрежни области на Кина и Виетнам, но во овие окупирани области продолжиле герилските борби. Јапонија претрпела големи жртви од неочекуваниот кинески отпор и ниедна страна не можела да постигне брз напредок како нацистичка Германија во Западна Европа .

Во 1943 година, во Гуангдонг завладеал глад. Додека ситуацијата се влошувала, до кинеските иселеници во Њујорк стигнало писмо во кое се наведувало дека во Сији од глад умреле 600.000 луѓе.[30]

Кинеска стратегија на отпор

уреди

Основата на кинеската стратегија на отпор може да се подели на два периода:

За разлика од Јапонија, Кина не била подготвена за целосна војна и неразвиена воена индустрија, без механизирани дивизии и мал број на оклопни сили.[31] До средината на 1930-тите, Кина се надевала дека Лигата на народите ќе обезбеди контрамерки за јапонската агресија. Покрај тоа, владата на Куоминтанг била во граѓанска војна против Кинеската комунистичка партија. Чанг Кај Шек рекол: „Јапонците се кожна болест, комунистите се срцева болест“. Вториот обединет фронт помеѓу КМТ и ККП никогаш не бил вистински обединет, бидејќи дури и за време на организирани, вооружени, контраофанзиви, комунистите и националистите сè уште се натпреварувале за влијание.

 
Кинески војници во борба од куќа до куќа во битката кај Тајержуанг, март-април 1938 година

Дури и под овие крајно неповолни околности, Чанг сфатил дека за да добие поддршка од САД и други странски држави, Кина мора да докаже дека е способна да се бори. Знаејќи дека избрзаното повлекување ќе ја обесхрабри странската помош, Чанг решил да се утврди во Шангај, за да го одбрани најголемиот и најиндустриски град во Кина од Јапонците ги користел своите најдобри дивизии обучени од Германија. Битката траела повеќе од три месеци, имало многу жртви од двете страни и завршила со кинеско повлекување кон Нанџинг, но докажа дека Кина нема лесно да биде поразена и ја покажала својата одлучност пред светот. Битката го зајакнала моралот кај кинескиот народ, бидејќи го побила фалењето на Јапонците дека може да го освојат Шангај за три дена, а Кина за три месеци.

Потоа, Кина ја усвоила Фабијановата стратегија за „тргување простор за време“. Кинеската армија ќе се бори за да го одложи јапонското напредување кон северните и источните градови, овозможувајќи му на домашниот фронт, со своите професионалци и клучните индустрии, да се повлече на запад во Чонгкинг. Како резултат на стратегиите за изгорена земја на кинеската војска, намерно биле саботирани браните и насипите за да се предизвикаат огромни поплави, кои требало да го спречат јапонското напредување.

Втора фаза: октомври 1938 – декември 1941

уреди
 
Војниците од Националната револуционерна армија маршираат кон фронтот (1939 година).

Во овој период, основна кинеска цел била колку што е можно подолго одолговлекување на војната во војна на истрошување, за да ги исцрпи јапонските ресурси додека истовремено го зајакнува кинескиот воен капацитет. НРА го усвоила концептот на „магнетно војување“ за да ги привлече напредните јапонски трупи до одредени точки каде што паѓале во заседа и биле подложени на странични напади и опколување. Најдобар пример за оваа тактика била успешната одбрана на Чангша во 1939 година (и повторно во 1941 година), кога ѝ биле нанесени големи загуби на ЦЈА.

Приклучување на западните Сојузници

уреди
 
Објавување на војна на Јапонија од страна на националистичката влада на Чонгкинг на 9 декември 1941 година
 
Генералисимусот Чанг Кај Шек и неговата сопруга Мадам Чанг со генерал-полковник Џозеф Стилвел во 1942 година, Бурма
 
Постер од Соединетите Американски Држави од организацијата „Помош за Обединета Кина“ која се залагала за помош на Кина.

По нападот на Перл Харбор, САД ѝ објавиле војна на Јапонија, а по неколку дена Кина им се придружила на сојузниците во формалната објава на војна против Јапонија, Германија и Италија.[32] Откако западните сојузници влегле во војна против Јапонија, кинеско-јапонската војна ќе стане дел од поголем конфликт, Тихоокеанското боиште од Втората светска војна. Речиси веднаш, кинеските трупи постигнаа уште една одлучувачка победа во битката кај Чангша, која на кинеската влада ѝ донел голем престиж кај западните сојузници.[33]

Чанг Кај Шек продолжил да добива воена помош од Соединетите Американски Држави. Сепак, морските патишта кон Кина и железницата Јунан-Виетнам биле затворени од 1940 година. Затоа, по затворањето на Бурманскиот пат во 1942, странската помош за Кина беше во голема мера ограничена на она што можеше да се пренесе преку Хималаите. Во Бурма, на 16 април 1942 година, за време на битката кај Јенангјаунг 7.000 британски војници биле опколени од јапонската 33-та дивизија, а биле спасени од кинеската 38-ма дивизија.[34] По Дулитловиот напад, Царската јапонска армија спровела акција на масовно чистење во областите Жеџијанг и Џиангкси во Кина, денес позната како Кампања Жеџијанг-Џиангкси, за да ги пронајде преживеаните американски воздухопловци и за да им се одмазди на Кинезите кои им помогнале да го извршат нападот. Операцијата започнала на 15 мај 1942 година, но во септември била одбиена од кинеските сили.[35] За време на оваа кампања, Царската јапонска армија зад себе оставила трага на уништување и исто така ширела колера, тифус, чума и патогена дизентерија. Кинеските проценки тврдат дека дури 250.000 цивили, од кои мнозинство биле сиромашни луѓе кои не можеле да побегнат, можеби умреле од болест.[36] Акцијата предизвикала повеќе од 16 милиони цивили да се евакуираат далеку во внатрешноста на Кина. 90% од населението на Нингбо веќе побегнало пред да започне битката.[37]

Поголемиот дел од кинеската индустрија веќе била заробена или уништена од Јапонија, а Советскиот Сојуз одбил да им дозволи на Соединетите Држави да ја снабдуваат Кина преку Казахстан во Синѓанг бидејќи воениот лидер на Ксинџијанг Шенг Шикаи во 1942 година со одобрение на Чанг бил антисоветски настроен. Поради овие причини, кинеската влада немала доволни залихи и опрема потребни за да изврши големи контраофанзиви. И покрај големиот недостиг на материјал, во 1943 година, Кинезите успешно ги одбиле големите јапонски офанзиви во Хубеи и Чангде.

Чанг бил именуван за врховен командант на сојузниците во кинеското боиште во 1942 година. Американскиот генерал Џозеф Стилвел извесно време служел како началник на Генералштабот на Чанг, додека истовремено командувал со американските сили во боиштето Кина-Бурма-Индија. Од различни причини, односите меѓу Стилвел и Чанг набрзо се влошиле. Многу историчари (како Барбара В. Тухман) наведуваат дека тоа најмногу се должи на корупцијата и неефикасноста на владата на Куоминтанг, додека други (како Реј Хуанг и Ханс ван де Вен ) сметаат дека се работи за покомплицирана ситуација. Стилвел посакувал да преземе целосна контрола врз кинеските трупи и да продолжи со агресивна стратегија, додека Чанг претпочитал трпелива и поевтина стратегија на чекање на Јапонците. Чанг продолжил да одржува дефанзивни позиции и покрај апелите од сојузниците активно да ја прекине јапонската блокада, бидејќи Кина веќе претрпела десетици милиони воени жртви и верувале дека Јапонија на крајот ќе капитулира пред огромното индустриско производство на Америка. Поради овие причини, другите сојузници постепено почнаа да ја губат довербата во кинеската способност да спроведуваат офанзивни операции, и затоа своите напори против Јапонците ги насочиле во областите на Тихиот Океан и Југозападната Тихоокеанска област, применувајќи стратегија на прескокнување на острови.[38]

 
Генералисимусот Чанг Кај Шек, Френклин Д. Рузвелт и Винстон Черчил се состанаа на конференцијата во Каиро во 1943 година за време на Втората светска војна.

Долготрајните разлики во националниот интерес и политичкиот став меѓу Кина, САД и Обединетото Кралство сѐ уште постоеле. Британскиот премиер Винстон Черчил не сакал да ангажира британски трупи за повторно отворање на патот од Бурма; Стилвел, од друга страна, верувал дека пробивањето на патот е од витално значење, бидејќи сите пристаништа во континентална Кина биле под јапонска контрола. Политиката на сојузниците „Европа прво“ не му одговарала на Чанг, а подоцнежното британско инсистирање Кина да испраќа сѐ повеќе и повеќе војници во Индокина за Кампањата во Бурма, Чанг го сметал за обид да се искористат кинеските човечки ресурси за одбрана на британскиот колонијален имот. Чанг, исто така, верувал дека Кина своите армиски дивизии треба да ги пренасочи од Бурма во источна Кина за да ги бранат воздушните бази на американските бомбардери кои сметал дека со бомбардирање ќе ја поразат Јапонија. Покрај тоа, Чанг на состанокот со Махатма Ганди во 1942 година, ја поддржал индиската независност, што дополнително ги влошило односите меѓу Кина и Обединетото Кралство. [29]

Кинези родени во Америка и Канада биле регрутирани да дејствуваат како тајни оперативци во окупираната Кина. Требало да се измешаат со месното население и да водат кампања на саботажа. Активностите биле насочени кон уништување на јапонската логистика. [39] Кон крајот на 1943 година, Кинеските сили напредувале кон северна Бурма, ги опколиле јапонските трупи во Миткиина и ја зазедоа планината Сонг.[40] Британските сили и силите на Комонвелтот ја спровеле Мисијата 204 со која требало да се обезбеди помош за кинеската националистичка армија.[41] Во првата фаза во 1942 година речиси ништо не се постигнало, а во втората поуспешна фаза, која започнала во февруари 1943 година под британска воена команда, била спроведена пред јапонската офанзивна операција Ичи-Го во 1944 година.[41]

Соединетите Американски Држави на кинеското боиште гледале како можност за ангажирање на многу јапонски војници, како и место за американските воздушни бази од каде што ќе ги нападнат јапонските острови. Во 1944 година, кога јапонската позиција на Тихиот Океан брзо се влошувала, ЦЈА мобилизирала преку 500.000 војници и ја започнала операцијата Ичи-Го, нивната најголема офанзива во Втората светска војна, и ги нападнала американските воздушни бази во Кина и успеала со железница да ги поврзе Манџурија и Виетнам. Големите градови во Хунан, Хенан и Гуангкси потпаднале под јапонска окупација. По неможноста на кинеските сили да ги одбранат овие области, Стилвел се обидел да ја добие целокупната команда на кинеската армија, а по неговата пресметка со Чанг бил заменет со генерал-мајор Алберт Коади Ведемаер.

Во 1944 година, Кина извојувала неколку победи против Јапонија во Бурма, што довело до прекумерна самодоверба. Националистичка Кина, исто така, во 1942 година пренасочила војници во Синџијанг за да ја врати провинцијата од советскиот клиент Шенг Шичаи, чија марионетска армија била поддржана од 8-миот полк на советската Црвена армија во Хами. Борбите ескалираа на почетокот од 1944 година со бунтот во Или од ујгурските комунистички бунтовници поддржани од Советскиот Сојуз, предизвикувајќи ја Кина да се бори против непријателите на два фронта. Целта на јапонската операција Ичиго била да се уништат американските аеродроми во јужна Кина кои биле закана за јапонските матични острови и да ги поврзе железничките пруги во Пекинг, Ханку и градовите од северна Кина во Пекинг со јужниот кинески брег на Кантон. Јапонија била вознемирена од американските воздушни напади врз јапонските сили во тајванскиот аеродром Синчу од американски бомбардери со седиште во јужна Кина, и заклучила дека јужна Кина може да стане база на голема американска кампања за бомбардирање на јапонските острови, па Јапонија со операцијата Ичиго решила да ги уништи и заземе сите воздушни бази од каде оперирале американски бомбардери.

Чанг Кај Шек и властите од Република Кина намерно ја игнорирале и ја отфрлиле дојавата до кинеската влада во Чонгкинг од страна на француската војска за претстојната јапонска офанзива за поврзување на трите града. Кинеската војска верувале дека тоа е лажна дојава подметната од Јапонија за да ги доведе во заблуда, бидејќи операцијата Ичиго во северна Кина започнала со само 30.000 јапонски војници кои ја преминале Жолта Река, па Кинезите претпоставувале дека тоа ќе биде операција ограничена само на северна Кина. само. Друг фактор за игнорирање на дојавата било тоа што борбениот фронт меѓу Кина и Јапонија бил статичен и стабилизиран уште од 1940 година, па Чанг претпоставил дека Јапонија ќе продолжи со истата тактика и ќе остане зад линиите во окупираните територии пред 1940 година, зајакнувајќи ја марионетската кинеска влада на Ванг Џингвеи и користејќи ги тамошните ресурси. Јапонците постапувале на ваков начин од 1940 до 1944 година, а Јапонците презеле само неколку неуспешни и млаки обиди да го заземат привремениот главен град на Кина во Чонгкинг на реката Јангце, кој брзо го напуштиле пред 1944 година. Јапонија, исто така, претходно немала намера да ги поврзе трансконтиненталните железници на кантонот Ханков во Пекинг.

Кина исто така имала самодоверба по нејзините три победи по ред за одбрана на Чангша од Јапонија во 1939, 1941 и 1942 година. Кина, исто така, ја победила Јапонија во Бурманската кампања во Југоисточна Азија, а Кинезите не можеле да поверуваат дека Јапонија поради невнимание дозволила информациите за планираната инвазија да стигнат до Французите, и верувала дека Јапонија намерно им давала дезинформации за Кина да ги пренасочи своите трупи од Индија и Бурма. Кина верувала дека боиштето во Бурма е многу поважен за Јапонија од јужна Кина и дека јапонските сили во јужна Кина ќе ја зачуваат одбранбената положба. Кина верувала дека првиот јапонски напад во Ичиго е само одвлекување на вниманието во северна Кина, така што кинеските трупи составени од 400.000 војници во Северна Кина по нападот на Јапонија намерно и без борба се повлекле. Оваа грешка довела до уништување на кинеските одбранбени линии бидејќи јапонските војници, кои на крајот броеле стотици илјади, по нападот продолжиле да продираат од северна Кина кон централна Кина и до јужните кинески региони додека кинеските војници намерно се повлекувале. Исклучок била одбраната на Хенгјанг каде што 17.000 кинески војници со месеци се спротивставувале на преку 110.000 јапонски војници во најдолгата опсада во војната, каде погинале 19.000-60.000 Јапонци. Во Тушан во провинцијата Гуижоу, националистичката влада на Кина билапринудена да распореди пет армии од 8-та воена зона што ги користеше за целата војна до Ичиго. Но, во тој момент, недостатокот на храна кај јапонските војници и многуте жртви кои ги претрпела Јапонија ја принудиле да ја прекине операцијата Ичиго. По операцијата Ичиго, Чанг Кај Шек започнал план за повлекување на кинеските трупи од Бурма и да ги пренасочи против Јапонија во Југоисточна Азија во контраофанзива наречена „Бела кула“ и „Леден човек“ против јапонските војници во Кина во 1945 година.[2]

На крајот од 1944 година, во Монг-Ју се здружиле кинеските трупи под команда на Сун Ли-Џен кои напаѓале од Индија и трупите под команда на Веи Лихуанг кои напаѓале од Јунан и успеале да ги протераат избркаат Јапонците од Северна Бурма и да го обезбедат патот Ледо кој бил витален за снабдување на Кина.[29] Пролетта 1945 година, Кинезите започнале офанзива со која ги вратиле Хунан и Гуангкси. Бидејќи кинеската армија добро напредувала обука и опрема, Ведемаер за летото 1945 година планирал да ја започне операцијата Карбонадо за повторно да го заземе Гуангдонг, на тој начин да има крајбрежно пристаниште и оттаму да напредува на север кон Шангај. Сепак, атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки и советската инвазија на Манџурија го забрзале Јапонското предавање и овие планови не биле спроведени.[42]

Крај и последици

уреди
 
Парада за победата во Втората светска војна во Чонгкинг на 3 септември 1945 година

Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз ставиле крај на војната со напад на Јапонија со ново оружје (од САД) и упад во Манџурија (од Советскиот Сојуз). На 6 август 1945 година, американскиот бомбардер Б-29, Енола Геј, ја фрлил првата атомска бомба употребена во борба врз Хирошима, при што биле убиени десетици илјади луѓе, а градот бил срамнет. На 9 август 1945 година, Советскиот Сојуз се откажал од пактот за ненапаѓање со Јапонија и ги нападнал Јапонците во Манџурија, со што го исполнал ветеното на Конференцијата во Јалта да ги нападне Јапонците во рок од три месеци по завршувањето на војната во Европа. Истиот ден, САД фрлиле втора поразорна атомска бомба врз Нагасаки.

За помалку од две недели Квантуншката армија, која била главна јапонска борбена сила,[43][44] која се состоела од преку милион војници, но со несоодветени оклопни возила, артилерија или воздушна поддршка, била уништена од Советите. На 15 август 1945 година, Јапонскиот цар Хирохито официјално капитулирал пред сојузниците. Официјалното предавање било потпишано на воениот брод USS Missouri на 2 септември 1945 година, на церемонија на која биле присутни неколку сојузнички команданти, меѓу кои и кинескиот генерал Су Јунгчанг.

 
Јапонските трупи им се предаваат на Кинезите

По сојузничката победа во Тихиот Океан, генералот Даглас Мекартур им наредил на сите јапонски сили во Кина (со исклучок на Манџурија), Тајван и француска Индокина северно од 16° северна географска ширина да му се предадат на Чанг Кај Шек, а јапонските трупи во Кина формално се предале на 9-ти септември 1945 година, во 9:00 часот.[45] Деветтиот час од деветтиот ден од деветтиот месец е избран како аналогија на примирјето од 11 ноември 1918 година (во единаесеттиот час од единаесеттиот ден од единаесетиот месец) и затоа што „девет“ на кинески е хомофон на зборот за „долготраен“ (да сугерира дека постигнатиот мир ќе трае вечно).[46]

Наводи

уреди
  1. Bix, Herbert P. (1992), „The Showa Emperor's 'Monologue' and the Problem of War Responsibility“, Journal of Japanese Studies, 18 (2): 295–363, doi:10.2307/132824, JSTOR 132824
  2. 2,0 2,1 Hsiung & Levine.
  3. Todd, Douglas. „Douglas Todd: Lest we overlook the 'Asian Holocaust'. Vancouver Sun. Архивирано од изворникот на 9 July 2021. Посетено на 2 July 2021.
  4. Kang, K. (4 August 1995). „Breaking Silence : Exhibit on 'Forgotten Holocaust' Focuses on Japanese War Crimes“. Los Angeles Times. Архивирано од изворникот на 19 January 2022. Посетено на 2 July 2021.
  5. Hotta, E. (25 December 2007). Pan-Asianism and Japan's War 1931–1945. Palgrave Macmillan US. стр. 40. ISBN 978-0-230-60992-1. Архивирано од изворникот на 12 October 2022. Посетено на 28 November 2017.
  6. Paine, S. C. M. (20 August 2012). The Wars for Asia, 1911–1949. Cambridge University Press. стр. 123. ISBN 978-1-139-56087-0. Архивирано од изворникот на 12 October 2022. Посетено на 28 November 2017.
  7. Wolfgang Schumann (et al.
  8. Mitter (2013).
  9. Brinkley, Douglas (2003). The New York Times Living History: World War II, 1942–1945: The Allied Counteroffensive. ISBN 9780805072471. Архивирано од изворникот на 12 October 2022. Посетено на 2 September 2015.
  10. Cain, Sian (2017-01-13). „China rewrites history books to extend Sino-Japanese war by six years“. the Guardian (англиски). Архивирано од изворникот на 25 May 2021. Посетено на 2021-05-04.
  11. „The Senkaku or Diaoyu Islands: Narrative of an empty space“. The Economist (Christmas Specials 2012). London: Economist Group. 22 December 2012. ISSN 0013-0613. Архивирано од изворникот на 26 February 2014. Посетено на 26 February 2014.
  12. „Senkaku/Diaoyu: Islands of Conflict“. History Today. Архивирано од изворникот на 1 February 2019. Посетено на 13 August 2016.
  13. „How uninhabited islands soured China-Japan ties – BBC News“. BBC. 10 November 2014. Архивирано од изворникот на 8 November 2019. Посетено на 13 August 2016.
  14. 14,0 14,1 Wilson.
  15. Hoyt, Edwin P., Japan's War: The Great Pacific Conflict, p. 45
  16. Palmer and Colton, A History of Modern World, p. 725
  17. 17,0 17,1 17,2 17,3 17,4 Taylor.
  18. Boorman, Biographical Dictionary, vol. 1, p. 121
  19. Michael M. Walker, The 1929 Sino-Soviet War: The War Nobody Knew (Lawrence: University Press of Kansas, 2017), p. 290.
  20. Michael M. Walker, The 1929 Sino-Soviet War: The War Nobody Knew (Lawrence: University Press of Kansas, 2017), pp. 290–291.
  21. POLITICAL STRATEGY PRIOR TO OUTBREAK OF WAR PART I Архивирано на 31 март 2022 г. Japanese monograph No. 144
  22. Frederic E. Wakeman (September 1996). Policing Shanghai, 1927–1937. University of California Press. стр. 280–281. ISBN 0-520-20761-0. Архивирано од изворникот на 12 October 2022. Посетено на 2011-10-20.
  23. „-Brief history of military airplanes“. mnd.gov.tw. 19 September 2006. Архивирано од изворникот на 26 August 2016. Посетено на 13 August 2016.
  24. „War hero's son seeks to establish museum in Taiwan“. Taipei Times. 13 February 2012. Архивирано од изворникот на 24 September 2021. Посетено на 13 August 2016.
  25. „Mitsubishi A5M (Claude) – Development and Operational History, Performance Specifications and Picture Gallery“. militaryfactory.com. Архивирано од изворникот на 3 March 2016. Посетено на 13 August 2016.
  26. Januszewski, Tadeusz (2013). Mitsubishi A5M Claude (Yellow Series). Sandomierz, Poland: STRATUS. ISBN 978-83-61421-99-3.
  27. „Martyr Qin Jia-zhu“. air.mnd.gov.tw (англиски). Архивирано од изворникот на 5 November 2020. Посетено на 2020-11-08.
  28. Fu Jing-hui, An Introduction of Chinese and Foreign History of War, 2003, pp. 109–111
  29. 29,0 29,1 29,2 Huang.
  30. Mar, Lisa Rose (11 October 2010). Brokering Belonging: Chinese in Canada's Exclusion Era, 1885–1945. ISBN 9780199780549. Архивирано од изворникот на 12 October 2022. Посетено на 2 June 2020.
  31. L, Klemen (1999–2000). „Chinese Nationalist Armour in World War II“. Forgotten Campaign: The Dutch East Indies Campaign 1941–1942. Архивирано од изворникот на 21 March 2011.
  32. „China's Declaration of War Against Japan, Germany and Italy“. Contemporary China. jewishvirtuallibrary.org. 1 (15). 15 December 1941. Архивирано од изворникот на 17 July 2011. Посетено на 10 September 2010.
  33. Westad, Odd (2003). Decisive Encounters: The Chinese Civil War, 1946–1950. Stanford University Press. стр. 305. ISBN 978-0-8047-4484-3.
  34. Slim, William (1956). Defeat into Victory. London: Cassell. ISBN 0-304-29114-5.
  35. Schoppa, R. Keith (2011). In a Sea of Bitterness, Refugees during the Sino-Japanese War. Harvard University Press. стр. 28. ISBN 978-0-674-05988-7.
  36. Yuki Tanaka, Hidden Horrors, Westviewpres, 1996, p.138
  37. MacKinnon, Stephen R. (21 May 2008). Wuhan, 1938: War, Refugees, and the Making of Modern China. ISBN 9780520934603. Архивирано од изворникот на 12 October 2022. Посетено на 3 June 2020.
  38. Hans Van de Ven, "Stilwell in the Stocks: The Chinese Nationalists and the Allied Powers in the Second World War", Asian Affairs 34.3 (November 2003): 243–259.
  39. MacLaren.
  40. ——— (2012). The Second World War. London: Weidenfeld & Nicolson. ISBN 978-0-297-84497-6.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  41. 41,0 41,1 Stevens.
  42. „China Offensive“. Center of Military History. United states Army. 3 October 2003. Архивирано од изворникот на 11 November 2014. Посетено на 14 November 2014.
  43. „Leavenworth Papers No. 7 (August Storm: The Soviet 1945 Strategic Offensive in Manchuria)“. Архивирано од изворникот на 2 March 2008. Посетено на 2013-07-15.
  44. Robert A. Pape.
  45. Act of Surrender, 9 September 1945 (page visited on 3 September 2015).
  46. Hans Van De Ven, "A call to not lead humanity into another war", China Daily, 31 August 2015.

Надворешни врски

уреди