Дваесет и едно барање

Дваесет и едно барање (јапонски: 対華21ヶ条要求; поедноставен кинески: 二十一条; традиционален кинески: 二十一條; пинјин: Èrshíyī tiáo) биле збир барања од 18 јануари 1915 година кои владата на Јапонското Царство ѝ ги поставило на владата на Република Кина за време на Првата светска војна. Овие тајни барања во голема мера би ја прошириле јапонската контрола врз Кина. Јапонија требало да ги задржи поранешните германски области кои ги освоила на почетокот од Првата светска војна во 1914 година. Нивното прифаќање би довело до сериозно зајакнување на јапонското економско и политичко влијание во Кина, Манџурија и Јужна Монголија.

Најекстремните барања (во делот 5) на Јапонија требало да ѝ дадат одлучувачки глас во финансиите, полицијата и владините работи. Со последниот дел од барањата Кина всушност требало да стане протекторат на Јапонија, а со тоа да се намали западното влијание врз неа. Јапонија имала силна позиција, затоа што западните сили биле во војна со Германија. Велика Британија и Јапонија имале воен сојуз од 1902 година, а во 1914 година Лондон го повикал Токио да се приклучи во војната. Пекинг ги објавил тајните барања и се жалел до Вашингтон и Лондон. Тие го принудиле Токио да се откаже од делот 5. Во последната спогодба од 1916 година, Јапонија се откажала од петтиот сет на барања. Откако Кина ги прифитала ревидираните барања, Јапонија не добила речиси ништо но го изгубила големиот престиж и доверба кои ги уживала во Британија и САД.[1]

Кинеската јавност одговорила со спонтан бојкот на јапонските стоки; Јапонскиот извоз во Кина драстично се намалил. Британија била навредена и повеќе не ѝ верувала на Јапонија како сојузник. Британија (и Соединетите Американски Држави) ја принудиле Јапонија да се откаже од петтиот сет на барања што би ѝ дале на Јапонија голема контрола врз целата кинеска економија и ја прекинале политиката на отворени врати. [2] Јапонија и Кина склучиле серија договори кои биле ратификувани на 25 мај 1915 година.

Предуслови

уреди

Јапонија по победите во Првата кинеско-јапонска војна и Руско-јапонската војна добила голема сфера на влијание во северна Кина и Манџурија, и на тој начин добила ист ранг како и европските империјалистички сили во нивната борба да воспостават политичка и економска доминација над царска Кина водена од династијата Ќинг. По соборувањето на династијата Ќинг со Синхајската револуција, и основањето на новата Република Кина, Јапонија добила можност дополнително да ја прошири својата позиција во Кина.[3]

Почетни преговори

уреди

Јапонскиот премиерот Окума Шигенобу и министерот за надворешни работи Като Такааки, ја подготвиле листата со дваесет и едно барање, кои биле разгледани императорот Таишо и одобрени од парламентот. Амбасадорот Хиоки Еки листата ја доставил до владата во Пекинг на 18 јануари 1915 година, [4] [5] [6] [7] и предупредил дека доколку Кина ги отфрли ќе се соочи со страшни последици.

Дваесет и едното барање било поделено во пет групи: [8]

  • Група 1 (четири барања) - го потврдува заземањето на германските пристаништа во провинцијата Шандонг и го проширува јапонското влијание врз железницата и големите градови.
  • Група 2 (седум барања) - се однесува на областа околу Јужноманџурската железница, продолжувајќи го периодот на закуп до 99 години, проширување на областа на влијание во јужна Манџурија и источна Внатрешна Монголија, вклучувајќи ја екстериторијалноста, правото на јапонско населување, назначување на финансиски и административни официјални лица, и приоритет за јапонски инвестиции во овие региони. Пристапот до Внатрешна Монголија бил важен за ресурсите, можноста за изградба на индустриска база и како тампон против можен руски упад во Кореја.[9]
  • Група 3 (две барања) - преземање контрола врз металуршко-рударскиот комплекс Ханјепин во централниот дел на земјата, кој бил заглавен во долгови кон Јапонците.
  • Група 4 (едно барање) - ѝ забранува на Кина да прави дополнителни отстапки на нејзините брегови или острови на странски земји.
  • Група 5 (седум барања) - прифаќање јапонски советници да ја преземат контролата врз кинеските финансии и полиција. Дозвола за изградба на три главни железнички линии, будистички храмови и училишта. Контрола над провинцијата Фуџијан, преку Тајванскиот теснец од Тајван, кој ѝ бил отстапен на Јапонија во 1895 година.

Јапонски ултиматум

уреди

Откако Кина го отфрлила ревидираниот предлог на Јапонија на 26 април 1915 година, Јапонија ја избришала „Групата 5“ од документот, бидејќи се покажало дека кинеската влада имала најмногу приговори за нив. Помал сет од „Тринаесет барања“ бил доставен на 7 мај во форма на ултиматум, со рок за одговор од два дена. Јуан Шикаи, натпреварувајќи се со други месни воени лидери за да стане владетел на цела Кина, не бил во позиција да ризикува војна со Јапонија и прифатил смирување, тактика што ја следеле неговите наследници. Конечната форма на договорот била потпишана од двете страни на 25 мај 1915 година [10]

 
„Прифаќањето на Кинезите на дваесет и едното барање“ потпишано од Јуан Шикаи

Последици

уреди

Последиците од ревидираната конечна (Тринаесет барања) верзија на Дваесет и едното барање биле повеќе негативни отколку позитивни за Јапонија. Без „Групата 5“, новиот договор на Јапонија ѝ дал малку повеќе од она што веќе имала во Кина.[се бара извор]

Од друга страна, САД остро реагирале на јапонското отфрлање на Политиката за отворени врати. Во белешката на Брајан, издадена од државниот секретар Вилијам Џенингс Брајан на 13 март 1915 година се изразува загриженост за понатамошно нарушување на кинескиот суверенитет.[11]

Велика Британија, најблискиот сојузник на Јапонија, изразила загриженост поради јапонските обиди да воспостават јапонски протекторат над цела Кина. [12]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Arthur S. Link, Wilson, Volume III: The Struggle for Neutrality, 1914–1915 (1960) pp 267–308; online.
  2. (Gowen, 1971)
  3. Roy Hidemichi Akagi, Japan Foreign Relations 1542–1936 (1936) pp 282–335.
  4. Minohara, Tosh; Hon, Tze-ki; Dawley, Evan (15 May 2014). The Decade of the Great War: Japan and the Wider World in the 1910s (англиски). BRILL. стр. 191. ISBN 978-90-04-27427-3. Посетено на 16 January 2021.
  5. Dillon, Michael (30 July 2010). China: A Modern History (англиски). Bloomsbury Publishing. стр. 154. ISBN 978-0-85772-164-8. Посетено на 16 January 2021.
  6. Best, Antony; Frattolillo, Oliviero (5 October 2015). Japan and the Great War (англиски). Springer. стр. 46. ISBN 978-1-137-54674-6. Посетено на 17 January 2021.
  7. Hsü, Immanuel C. Y. (1970). The rise of modern China. New York: Oxford University Press. стр. 582. Посетено на 17 January 2021.
  8. Nish, (1977) pp 98–99
  9. Li Narangoa, "Japanese Geopolitics and the Mongol Lands, 1915–1945," European Journal of East Asian Studies (2004) 3#1 pp 45–67
  10. Noriko Kawamura (2000). Turbulence in the Pacific: Japanese-U.S. Relations During World War I. Greenwood. стр. 27. ISBN 9780275968533.
  11. Walter LaFeber, The Clash: US-Japanese Relations Throughout History (1998) pp 106–16
  12. Robert Joseph Gowen, "Great Britain and the Twenty-One Demands of 1915: Cooperation versus Effacement" Journal of Modern History (1971) 43#1 pp 76–106.