Квантуншка армија
Квантуншка армија ― армиска група во Царската јапонска армија од 1919 до 1945 година.
Квантуншката армија била формирана во 1906 година по завршувањето на Руско-јапонската војна (1904-1905) како заштитна армија за Квантуншката изнајмена територија и Јужноманџуриската железничка зона, а во меѓувоениот период станала армиска група за поддршка на јапонските интереси во Кина, Манџурија и Монголија. Таа била во голема мера одговорна за основањето на јапонската марионетска држава Манџукуо во Манџурија и од 1937 година била една од главните јапонски вооружени сили за време на Втората кинеско-јапонска војна од 1937 до 1945 година.
Во август 1945 година, советските трупи се соочиле со Квантуншката армија за време на манџуриската стратешка офанзивна операција. Квантуншката армија им се предала на Советите на 16 август 1945 година - еден ден по капитулацијата на Јапонија - и била распуштена.
Историја
уредиФормирање
уредиВо 1895 година, по поразот во Првата кинеско-јапонска војна и во согласност со одредбите од Договорот од Шимоносеки, кинеската династија Ќинг на Јапонија ѝ ја изнајмила територијата Квантунг. Руската империја била заинтересирана за Квантунг, затоа што регионот имал потенцијал за изградба на пристаништа кои не замезнуваат во зима, а со цел за сопствена експанзија на Далечниот Исток. Неколку недели по изнајмувањето на јапонците, по Тројната интервенција Ќинг го раскинала договорот и Квантунг ѝ бил изнајмен на Русија во 1898 година. По победата на Јапонија во Руско-јапонската војна (1905 -1906) Кина повторно им ја изнајмила територијата Квантунг на Јапонците.
Квантуншкиот гарнизон бил основан во 1906 година за да ја брани оваа територија. Седиштето се наоѓало во Порт Артур и бил воден како оддел на Квантуншката влада, а генералниот гувернер истовремено бил негов командант. Во 1919 година, владата на Квантунг била заменета со одделна цивилна и воена администрација, Квантуншка агенција за цивилни операции и Квантуншка армија за воени операции.[1] Во високо политизираната Царска јапонска армија во 1920-тите и 1930-тите, Квантуншката армија била упориште на радикалната фракција „Империјален пат“ (Kōdōha ), а многумина од нејзините лидери отворено се залагале за политичка промена во Јапонија преку насилно соборување на владата и возобновување на Шова, и за реорганизација на општеството и економијата по фашистички терк. Тие, исто така, се залагале за поагресивна, експанзионистичка надворешна политика. Членови или поранешни членови на Квантуншката армија биле активни во многу обиди за пуч против цивилната влада, што кулминирало со инцидентот на 26 февруари 1936 година, по што била распуштена фракцијата Кодоха.[2]
Своеволни акции
уредиИако Квантуншката армија требало да биде подредена на Царскиот генерален штаб и на Генералштабот на Армијата сместен во Токио, нејзиното раководство често дејствувала самостојно, директно кршејќи ги наредбите од Јапонија. Заговорници од помладиот офицерски корпус од Квантуншката армија во 1928 година извршиле атентат на манџурискиот воен лидер Џанг Зуолин. Исто така, раководството на Квантуншката армија стоело зад Манџурискиот инцидент и инвазијата на Манџурија во 1931 година, во масовен чин на непослушност (гекокујо) против изричните наредби на политичкото и военото раководство со седиште во Токио.
Во 1932 година, Квантуншката армија имала најзначајна улога во основањето на Манџукуо, марионетската држава на Јапонија во североисточна Кина и Внатрешна Монголија. Квантуншката армија имала контролна улога во политичката администрација на новата држава, како и во нејзината одбрана. Командантот на Квантуншката армија имал овластување да ја одобри или да ја одбие секоја команда од Пу Ји, номиналниот цар на Манџукао.[3] Доказ за контролата на Квантуншката армија врз владата на Манџукао бил фактот што врховниот командант на Квантуншката армија истовремено бил и јапонски амбасадор во Манџукао.[4]
Втора светска војна
уредиКвантуншката армија продолжила да учествува во бројни гранични престрелки со Кина, како дел од напорите да се создаде тампон зона со јапонска доминација во Северна Кина. Откако избувнала војна по инцидентот на мостот Марко Поло во јули 1937 година, нејзините сили учествувале во битката кај Пејпинг-Тјанџин и во операцијата Чахар.
По „инцидентот Номонхан“,од Квантуншката армија биле отстранети нејзините понепокорни елементи, како и приврзаниците на доктрината Хокушин-рон („Напредување кон север“), кои ја повикале Јапонија своите експанзионистички напори да ги насочи кон Сибир, а не југ, кон Кина и југоисточна Азија.[5]
Бројноста на Квантуншката армија брзо била зголемена и во 1941 година имала 700.000 војници, а нејзиниот штаб бил префрлен во новиот главен град на Манџукао, Хсинкинг. По проширувањето на борбите на југ во Централна и Јужна Кина во Втората кинеско-јапонска војна, и по избувнувањето на Војната на Тихиот Океан, Манџукуо во голема мера бил „оаза на мирот“ во конфликтот. Меѓутоа, откако состојбата на сите фронтови за Империјалната јапонска армија почнала да се влошува, големата, добро обучена и добро опремена Квантуншката армија повеќе не можело да се држи во стратешка резерва. Многу нејзини единици биле испратени на југ да се борат во Војната на Тихиот Океан против војските на Соединетите Држави сместени на тихоокеанските острови или Филипините. Други единици биле испратени на југ во Кина за операцијата Ичи-Го.
Предавање на Квантуншката армија
уредиВо 1945 година, Квантуншката армија имала 713.000 војници. Квалитетот на војската драстично паднал, бидејќи најдобрите војници и опрема биле испратени во други театри. Овие сили биле заменети со милиција, нови регрути и резервисти опремени со застарена опрема.[6] Квантуншката армија била опремена и со бактериолошко оружје, подготвувано за употреба против советските трупи (види Единица 731). Најголемиот дел од воената опрема (артилерија, тенкови, авиони) била развиена во 1930-тите, а многу мал дел од војниците имале доволно обука или искуство.
Последниот командант на Квантуншката армија, генералот Отозо Јамада, на 16 август 1945 година наредил предавање, еден ден откако царот Хирохито на радио ја објавил капитулацијата на Јапонија. Некои јапонски дивизии одбиле да се предадат, а борбите продолжиле следните неколку дена. Маршалот Хата го добил „ултиматумот за предавање“ од советскиот генерал Георгиј Шелахов [7][8] во Харбин на 18 август 1945 година.[7]
Војниците од Квантуншката армија биле или мртви или на пат кон советските логори за воени заробеници. Преку 500.000 јапонски воени затвореници биле испратени да работат во советските работни логори во Сибир, рускиот Далечен Исток и Монголија. Тие биле репатрирани, етапно, во текот на следните пет години, иако некои биле задржани до 1950-тите.
Воени злосторства и судења
уредиПо предавањето на Јапонија, советската Црвена армија открила тајни инсталации за експериментирање и производство на хемиско оружје и биолошко оружје за масовно уништување поврзани со тајната армиска единица 731 и нејзините подружници.[8] Квантуншката армија била одговорна и за некои од најозлогласените јапонски воени злосторства, како и за развивање на неколку програми за експериментирање со луѓе користејќи живи кинески, американски и руски [9] цивили и заробеници, во режија на д-р Широ Иши.
Иши и 20.000 членови од Единицата 731 уапсени од американските окупациски власти, во 1948 година добиле имунитет од гонење за воени злосторства пред Трибуналот во Токио, во замена за податоци за бактериолошко војување засновано на човечки експерименти.[10] Сепак, дванаесет членови на Единицата 731 и некои членови од раководството на Квантуншката армија во Втората светска војна биле осудени како воени злосторници во Судењата за воени злосторства во Хабаровск, а други биле приведени од Соединетите Држави и осудени на Меѓународниот воен трибунал за далечниот исток во Токио од 1948 година. Меѓу осудените на смрт биле поранешните генерали Сеиширо Итагаки, Иване Мацуи, Кенџи Доихара, Хидеки Тојо и Акира Муто .
Поврзано
уреди- Кавашима Јошико - кинеска принцеза која станала јапонски шпион
- Воена историја на Јапонија
- Тврдината Жонгма - место на истражување за хемиско и биолошко војување
Наводи
уреди- ↑ Mayako Shimamoto, et al. Historical Dictionary of Japanese Foreign Policy (2015) p. 168.
- ↑ Harries, Soldiers of the Sun: The Rise and Fall of the Imperial Japanese Army
- ↑ Young, Japan's Total Empire: Manchuria and the Culture of Wartime Imperialism.
- ↑ Culver, Margaret S. "Manchuria: Japan's Supply Base." Far Eastern Survey, vol. 14, no. 12, 1945, pp. 160–163.
- ↑ Coox, Nomonhan: Japan Against Russia, 1939
- ↑ Glantz, p. 28
- ↑ 7,0 7,1 „ВОЕННАЯ ЛИТЕРАТУРА --[ Мемуары ]-- Белобородов А.П. Прорыв на Харбин“. militera.lib.ru.
- ↑ 8,0 8,1 „Гудок.RU - Новости железнодорожного транспорта, машиностроения и логистики“. gudok.ru. Архивирано од изворникот на 2017-10-06. Посетено на 2022-10-14.
- ↑ „Unit 731“. Архивирано од изворникот на April 30, 2009.
- ↑ Hal Gold, Unit 731 Testimony, 2003, p. 109