Владетелот

(Пренасочено од Владетел (книга))

„Владетелот“ (италијански: Il Principe) — политичка расправа од фирентскиот политичар и политички теоретичар Николо Макијавели. Била напишана во 1513 година, а првобитно била насловена „За кнежевствата“ (De Principatibus).[1] Книгата не била издадена сè до 1532, пет години по смртта на Макијавели. Оваа расправа е најпрочуеното дело на Макијавели, одговорно за создавање на поимот „макијавелистички“, кој се употребува во негативна смисла. Некои критичари сметаат дека делото е всушност сатира,[2] но ова тврдење е спорно.

Владетелот
Насловна страница на првото издание на „Владетелот“
Насловна страница на првото издание на „Владетелот“
АвторНиколо Макијавели
Изворен насловIl Principe
ЗемјаФиренца (Италија)
Јазикиталијански
Предмет(и)политикологија
Жанрстручна литература
ИздавачАнтонио Бладо Дасола
Издадена
1532
ПретходнаРасправи за првите десет книги на Тит Ливиј 
СледнаАндрија 

Преглед

уреди

Откако во 1512 година, семејството Медичи повторно се вратило во Фиренца, Макијавели бил сменет од сите должности, а во февруари 1513 година бил осомничен за учество во заверата против семејството Медичи. Оттука, тој бил затворен и мачен, но најпосле успеал да докаже дека е невин. По тие настани, тој живеел повлечен и скромен живот на својот селски имот во близината на Фиренца и токму таму настанало делото „Владетелот“.[3] Имено, во писмото до Франческо Ветори од 10 декември 1513 година, Макијавели ја опишува работата на делото на следниов начин:[4]

Кога ќе се замрачи, се враќам дома и влегувам во својата работна соба. Уште на вратата ја соблекувам секојдневната облека, полна со кал и нечистотија, па облекувам кралска и дворска облека. Облечен како што доликува, влегувам во древните дворови на старинските мажи и тука, примен благонаклонето, се хранам со оние јадења кои се единствено мои, зашто за нив сум роден. Тука слободно разговарам со владетелите и им поставувам прашања за причините кои ги навеле на нивните дела. А тие, бидејќи се љубезни, ми одговараат, па во текот на цели четири часа заборавам на секоја грижа, не знам за замор, не се плашам од сиромаштијата, не ми е страв од смртта, целиот се пренесувам во нив. А бидејќи Данте вели дека нема наука ако не се усвои она што се дознало, го забележав она што во разговорот со нив ми се чинеше најзначајно, па го составив записот De Principatibus. Во него настојувам што подлабоко да продрам во овој предмет, расправајќи што е државата, колку видови држави има, како се доаѓа на власт, како се одржува таа и зошто се губи.

Првобитно, делото имало работен наслов на латински јазик (De Principatibus), како што било вообичаено во тоа време, а исто така, и сите глави во делото имале наслови на латински.[5] Притоа, првобитната намера на Макијавели била делото да му го посвети на Џулијано (1479-1516), најмладиот син на Лоренцо Величествениот, а причината за тоа била сиромаштијата во која западнал Макијавели во тоа време. Сепак, подоцна, во 1517 година, Макијавели ја променил одлуката и делото му го посветил на Лоренцо Медичи, синот на Пјеро Медичи. Меѓутоа, Лоренцо не ги оправдал надежите на Макијавели, ниту пак се покажал дарежлив кон него.[6]

Ставовите на Макијавели искажани во „Владетелот“ можеби изгледаат есктремни. Меѓутоа, тој го поминал сиот свој живот во Фиренца, во време на постојани политички судири. Затоа Макијавели ја нагласува потребата од стабилност во кнежевството на владетелот, од причина што самиот опстанок е доведен во прашање. Книгата има за главна цел да му укаже на владетелот како да ја одржи власта, додека самото негово управување е од второстепено значење.

Теориите во „Владетелот“ ги опишуваат методите со кои еден амбициозен владетел би можел да дојде на власт, или пак како постоечкиот владетел да ја одржи власта. Според Макијавели, најголемото морално добро е доблесна и стабилна држава, па така постапките кои имаат за цел да ја заштитат и зачуваат државата се оправдани, дури и ако се сурови (славната мисла на Макијавели „Целта ги оправдува средствата“). Меѓутоа Макијавели решително советува дека владетелот не смее да си дозволи да биде омразен. Тој вели:

...мудриот владетел треба да се зацврсти по пат на својата власт, а не власта на другите; како што веќе кажав, тој мора да настојува да не стане омразен. Најдобро е да бидеш сакан, но истовремено и да ти се плашат; меѓутоа, доколку обете не се можни, тогаш подобро да ти се плашат отколку да си сакан.

Во воведот на „Владетелот“ авторот исцртува делотворни методи за управување со неколку вида на кнежевства (на пр. новостекнати наспроти наследени). Макијавели му ги образложува на читателот, под претпоставка дека тој е член на семејството Медичи, најдобрите начини на стекнување, одржување и заштита на државата. Притоа авторот утврдува дека она што е неопходно мора да се постигне, без разлика по кој пат.

Содржина

уреди

Делото се состои од 26 глави:[7]

  1. Видови на власт и како се стекнуваат
  2. За наследните монархии
  3. За мешаните монархии
  4. Зошто кралството на Дариј, кое го зазел Александар, по смртта на Александар не станало против неговите наследници
  5. Како треба да се управува со градовите или областите кои, пред да бидат освоени, живееле по свои закони
  6. За новите владеења кои се стекнуваат со сопствено оружје и со храброст
  7. За новите владеења кои се стекнуваат со туѓо оружје и со туѓа среќа
  8. За оние кои до власта дошле со злосторства
  9. За граѓанската власт
  10. Како треба да се мери силата на секоја власт
  11. За црковните држави
  12. За војската воопшто и за наемниците
  13. За помошните, мешаните и сопствените војници
  14. Должностите на владетелот кон војската
  15. Поради што луѓето, а особено владетелите, ги фалат или ги прекоруваат
  16. За издашноста и за штедливоста
  17. За свирепоста и за благоста, т.е. дали е подобро владетелот да го сакаат или да се плашат од него
  18. Како владетелите треба да го држат зборот
  19. Како може да се избегнат презирот и омразата
  20. Дали тврдините и останатото што постојано го подигнуваат владетелите се корисни или не се
  21. Што му е потребно на еден владетел за да биде почитуван
  22. За министрите на владетелот
  23. Како треба да се избегнуваат ласкавците
  24. Поради што ги изгубиле своите држави италијанските владетели
  25. Колку може судбината во човечките дела и како треба да ѝ се спротивстави
  26. Повик за Италија да се разбуди и да се ослободи од туѓинците

Резиме

уреди

Вовед

уреди
 
Карта на Италија во 1494 г.

„Владетелот“ го проучува стекнувањето на власта, нејзиното зацврстување и употребата на власта. Притоа, Макијавели не го предвидел делото како академска расправа по политичка теорија, туку за да покаже дека е голем државник, давајќи совети за тоа како да се дојде на власт и како да се задржи власта. Во тој поглед, Макијавели го оправдувал владеењето со сила наместо со закони. Оттука, „Владетелот“ оправдува низа постапки извршени со единствена цел за зацврстување на власта. Ова е класична студија за власта — нејзиното стекнување, проширување и нејзината делотворна употреба. Макијавели, исто така, изјавува дека во делото нема да расправа за републиките, велејќи: „За републиките тука нема да расправам; за нив по други места веќе имам зборувано опширно. Тука ќе ги анализирам само кнежевствата, и, според горенаведениот преглед, ќе разгледувам како таквите држави треба да се управуваат и одржуваат.“

Видови држави

уреди

Во почетните 11 глави, Макијавели пишува за одликите на одделни видови држави. Тој ги дели сите држави на две групи: монархии и републики при што првите ги дели на наследни (ако господарите владеат долго време) и на нови, кои се или сосема нови или кои се придодадени на некоја постоечка држава. Во секој случај, овие видови држави или се навикнати да живеат под еден владетел или навикнале да бидат слободни. Притоа, тие се стекнуваат со сопствено или со туѓо оружје, или со среќа или со храброст. Тој смета дека наследните монархии се одржуваат полесно, зашто во нив е доволно само да не се прекршат древните правила; оттука, дури и владетелот со просечни способности лесно ќе се одржи на власт, освен ако не се соочи со некоја голема сила. Наспроти нив, новите монархии се нестабилно, зашто луѓето лесно можат да се свртат против владетелот, надевајќи се дека со неговата смена ќе дојдат до подобар живот; истовремено, новите владетели често ги угнетуваат поданиците, им наметнуваат давачки и слично, па така предизвикуваат незадоволство. Особено е тешко да се задржат новоосвоените територии кои се различни според обичаите, јазикот и уредувањето; за нивно задржување, најдобро е освојувачот да се насели во нив или да основа една-две населби кои би служеле како клучни точки во освоените земји, а кои се поевтино решение отколку во таа земја да се чува голема војска; покрај тоа, освојувачот треба да ги придобие послабите моќници кои се незадоволни од претходната власт. Како поткрепа на своите ставови, Макијавели ги наведува примерите на римските освојувања, како и француското освојување на Италија под водство на кралот Луј XII. Исто така, тој го посочува случајот на државата на Александар Македонски: по неговата смрт, Персијците не станале против наследниците на Александар. Во продолжение, Макијавели прави споредба меѓу Отоманското Царство и Франција: првото е тешко да се освои, но може лесно да се задржи, додека Франција може лесно да се освои, но тешко да се задржи. Макијавели наведува три начини за одржување на власта во новоосвоените градови и области: да се уништат, освојувачите да се населат во нив, и да се остават да живеат според нивните закони, со наметнување на определен данок и со воспоставување вазалска власт. Ако тие области претходно имале наследни монарси, тогаш со уништувањето на владејачката лоза, тие можат лесно да се покорат. Меѓутоа, тоа не важи за републиките, зашто тие не ја забораваат својата поранешна слобода, па поради тоа, тие треба или да се уништат или освојувачите да се населат во нив.[8]

Иако некој обичен човек може да стане владетел и благодарение на среќата, Макијавели смета дека тој начин не е сигурен, па советува владетелите повеќе да се потпираат врз вештината и во тој поглед наведува повеќе примери од историјата: Мојсеј, Тезеј, Ромул, итн. Притоа, превртливата природа на луѓето, новите владетели треба да применат и сила за да ја обезбедат лојалноста на поданиците. Од друга страна, оние кои доаѓаат на власт со помош на среќата, тешко можат да ја задржат власта, зашто се соочуваат со бројни тешкотии. За да ги поткрепи овие тврдења, Макијавели прави споредба на судбините на Франческо Сфорца и Чезаре Борџија. Во продолжение, Макијавели наведува уште еден начин за да се стане владетел — со примена на злосторства наведувајќи ги примерите на Агатокле и на Оливерото од Фермо. Меѓутоа, тој советува почетните насилства, потребни за освојување на власта, треба да бидат краткотрајни и подоцна да се заменат со корисни дела за поданиците. Најпосле, обичниот човек може да дојде на власт и така што ќе биде избран од народот, а тоа се случува во републиките во кои народната власт може да доведе до три состојби: тиранија (на народот или на големците), демократија или распуштеност. Поради различните интереси на големците и на народот, ваквите владетели мора да обезбедат поддршка од народот. Ваквите држави запаѓаат во опасност кога власта се претвора од умерена управа во апсолутистичка. Затоа, мудриот владетел мора да управува така што ќе ја обезбеди верноста на народот. Според Макијавели, секоја држава може да се одржи на два начина: со собирање голема војска која ќе биде способна да му се спротивстави на непријателот или со градење цврсти тврдини, како што е случајот со германските слободни градови. Најпосле, овој дел од расправата Макијавели го завршува со анализа на црковните држави, кои се единствените сигурни, зашто нивните владетели воопшто не мора да стравуваат ниту од надворешните непријатели ниту од сопствените жители и поради тоа со нив се управува многу лесно. Ова тврдење тој го илустрира со прегледот на историјата на Папската Држава.[9]

Одбрана и војска

уреди

По обработката на разните видови на кнежевства, од 12. до 14. глава Макијавели образложува на кои сè начини една држава може да напаѓа други или да се одбрани од нив. Двата најбитни темела на секоја држава, стара или нова, се добри закони и силна војска. Војската, пак, може да биде: сопствена, наемна, помошна или мешана. Макијавели се противи на користењето на платеници, воени единици најмени да се борат за пари. Тој смета дека тие се бескорисни, бидејќи се плашливи и без секаква лојалност, мотивирани само од парите. Макијавели смета дека италијанските градови-држави се слаби токму поради тоа што тие се потпираат на платенички војски. Макијавели исто така предупредува да не се користат помошна војска која е позајмена од некој сојузник, бидејќи ако таа победи, нивниот нарачател ќе се најде под нивна милост, а ако изгуби, владетелот пропаѓа. Помошната војска е поопасна од платеничката, бидејќи тие се обединети и командувани од способни водачи кои можат да се свртат против работодавачот. Во прилог на своите ставови, Макијавели наведува низа примери: Спарта, Стариот Рим, Картагина, Теба, Венеција, Фиренца, Франција итн., а исто така го објаснува настанувањето на платеничките војски во Италија. исто така, тој објаснува како дошло до подем на коњицата наместо пешадијата. Оттука, Макијавели советува дека најдобро решение е да се поседува сопствена војска, посочувајќи го примерот на Филип II.[10]

Главната преокупација на еден владетел треба да биде војувањето, или пак подготовките за него. Наследниот владетел со војна ја одржува својата власт, а пак приватниот граѓанин така добива можност да се издигне на власт. Макијавели советува дека владетелот треба често да оди во лов за да се одржи во кондиција и за добро да го научи теренот на неговото кралство. Вака, тој има најдобра можност да научи како најдобро да си ја брани својата територија или пак да напаѓа територии слични на неговата. За унапредување на интелектуална моќ, Макијавели советува проучување на животите и делата на големите војсководци, за владетелот да може да ги повтори нивните успеси, а истовремено и да научи од нивните грешки. Владетелот кој е трудољубив во мирновременски услови ќе биде спремен во време на неволја. Макијавели пишува: „Така, кога судбината ќе се сврти против него, тој ќе биде подготвен да ѝ пркоси.“[11]

На прашањето на одбраната Макијавели се навраќа и во 20. глава во која пишува за користа од тврдините. Повикувајќи се на разни примери, тој не дава конечен одговор на ова прашање, велејќи дека „тврдините се, значи, корисни или не, во зависност од околностите; и ако се корисни во еден поглед, во друг се штетни.“ Според него, ако владетелот повеќе се плаши од сопствениот народ, треба да гради тврдини; но, ако повеќе се плаши од надворешниот непријател, тогаш може и без нив. Според тоа, најдобрата тврдина за секој владетелот е да не биде омразен од народот, зашто ако народот се сврти против владетелот, тогаш не може да го спаси никаква тврдина.[12]

Угледот на владетелот

уреди
 
Портрет на Чезаре Борџија од Алтобело Мелоне. Макијавели го слави Борџија како пример за успешен владетел.

Во врска со односот на владетелот кон неговите поданици, во 15. глава од делото Макијавели вели:[13]

Многумина замислувале републики и кнежевства кои никогаш вистински не постоеле. Но сепак, начинот на кој луѓето живеат е толку далеку од начинот на кој би требало да живеат, што секој оној кој не се занимава со она што е, туку со она што треба да биде, всушност побрзо оди кон пропаст отколку кон победа; бидејќи тој што се стреми кон добрина во сето она што го прави сигурно пропаѓа, затоа што околу него има многумина кои не се добри.

Бидејќи има толку многу одлики кои може да ги поседува, владетелот не мора премногу да се грижи да ги има само добрите. Исто така, владетелот може да изгледа милослив, верен, човечен, отворен и побожен, но треба само да изгледа дека е таков, т.е. не мора навистина да ги има сите овие квалитети, бидејќи понекогаш тој мора да дејствува спротивно на нив. Иако лошиот углед треба да се одбегнува, тоа не е од круцијално значење за одржување на власта. Од важност е само една етика - онаа која оди во полза на владетелот при неговото работење со државните проблеми.[14]

Великодушност или штедливост

уреди

Во 16. глава, Макијавели пишува за штедливоста и издашноста на владетелот. Според него, доколку владетелот е премногу великодушен кон неговите потчинети, тој ќе стане помалку ценет и тоа само предизвикува алчност за повеќе. Покрај ова, преголемата великодушност е недомаќинска, и со време средствата ќе се исцрпат. Ова потоа резултира со покачување на даноците и ќе му донесе само неволја на владетелот. Потоа, ако тој сака да ја прекине или ограничи неговата великодушност, ќе биде прогласен за скржавец. Така, Макијавели заклучува дека поважно е владетелот да се соочисо омразата на народот, отколку да гради углед како великодушен. Мудриот владетел треба да претпочита да го нарекуваат скржавец, отколку да стане омразен, обидувајќи се да биде премногу великодушен.[15]

Суровост или милосрдност

уреди

Во 16. глава, Макијавели пишува за свирепоста и благоста на владетелот. Макијавели вели е подобро човек да биде сакан, но истовремено и да му се плашат. Но, бидејќи двете ретко одат заедно, кога мора да се избере, многу побезбедно е да му се плашат отколку да го сакаат. Тој тврди дека ветувањата дадени во мирно време не секогаш се одржуваат во време на неволја; додека пак, ветувањата дадени со страв се одржуваат од страв. Сепак, владетелот мора да внимава да не му се плашат дотаму што ќе стане омразен, што е многу можно. Макијавели вели дека, пред сѐ, владетелот не смее да се меша во имотот на поданиците, нивните жени, и нивниот живот без соодветно оправдување. Што се однесува на војската, стравот е апсолутно неопходен за одржување на редот и единството помеѓу голем број на војници, и затоа владетелот не треба да се грижи за суровоста во тој поглед. Суровоста е императив за еден владетел кој води војска, бидејќи тоа е единствениот начин да се одржи апсолутна почит. Микијавели прави споредба на двајца големи војсководци: Ханибал и Скипион Африканецот. Иако војската на Ханибал била составена од војници од разни народности и раси, тие никогаш не се бунтувале, бидејќи се плашеле од нивниот водач. Од друга страна, војниците на Скипион биле познати по бунтувањето и непослушноста.[16]

Избегнување на презирот и омразата

уреди

Иако одржувањето на дадениот збор е за пофалба, големи дела направиле само оние владетели кои малку воделе сметка за дадениот збор и се служеле со лукавство. Постојат два начина на борба: со закони и со сила, а владетелот мора да умее да се однесува и како животно и како човек, т.е. да биде комбинација на лисица и на лав, но тој треба да биде дволичен и да ја сокрие својата вистинска природа. Владетелот не смее да се придржува до сето она што луѓето го сметаат за исправно, туку треба да се однесува и спротивно на дадениот збор, на верата и на законите, ако тоа му е потребно. Макијавели смета дека владетелот треба да избегне да биде омразен при што забележува дека најголемиот број луѓе се задоволни сѐ додека не им се одземе имотот и жената. Од друга страна, тој треба да избегне да биде предмет на презир и не смее да биде малодушен, непостојан, неодлучен и разнежен, туку треба да покаже сила, храброст и сериозност. Владетелот кој е високо почитуван од својот народ ретко се соочува со внатрешни судири. Покрај ова, владетелот кој го задоволува народот и не предизвикува презир кај благородниците, нема зошто да се плаши од заговорници. Според Макијавели, најсигурниот начин владетелот да ги избегне заверите е тој да не биде омразен од народот. Оттука, тој треба да им го препушти на други извршувањето на непријатните нешта, а пријатните да ги задржи за себе. Своите ставови Макијавели ги поткрепува повикувајќи се на судбината на повеќе римски цареви.[17]

Стекнување на слава

уреди
 
Портрет на Макијавели од Санти ди Тито, 1500 г.

Владетелот стекнува слава со вршење на големи подвизи и со јуначки дела. Макијавели го наведува шпанскиот крал Фердинанд како пример за скромен монарх кој се прославил со големи подвизи, во име на верата, освоил многу територии и го занимавал своите поданици за да немаат можност да се бунтуваат. Исто така, владетелот може да стекне почит ако се истакне и со умешноста во внатрешната управа. Исто така, за време на војната меѓу две држави, Макијавели тврди дека е помудро да се избере нечија страна, отколку да се биде неутрален. Потоа тој ги наведува следните причини:[18]

  • Ако твоите сојузници победат, тоа ти оди во полза без разлика дали си помоќен од нив или не.
  • Ако си помоќен, тогаш твоите сојузници се под твоја команда; ако твоите сојузници се посилни, тие секогаш ќе чувствуваат извесна должност кон тебе за твојата укажана помош.
  • Ако твојата страна изгуби, ти сепак си го задржуваш губитникот како сојузник.

Макијавели исто така забележува дека помудро е владетелот да не влегува во сојуз со поголема сила, освен ако не е принуден. Како заклучок, најважната доблест е да се има мудрост да се расуди кои потфати се најисплатливи, и потоа храбро занимавање со нив. Најпосле, владетелот треба да се покаже и како љубител на способностите и да ги одликува оние кои се истакнале во некоја работа, да ги поттикнува жителите да ги вршат своите работи во трговијата и во земјоделството, да одржува односи со разните еснафи и занимања, а понекогаш да организира и прослави.[19]

Благородниците и кадарот

уреди

Во 22. глава Макијавели пишува за изборот на министрите. Според него, изборот на квалитетни слуги е непосреден одраз на интелигенцијата на владетелот, така што ако тие се способни и лојални, владетелот ќе го сметаат за мудар; меѓутоа ако министрите се лоши, тогаш владетелот подлежи на критика. Макијавели вели дека постојат три типа на умствени способности:[20]

  • Интелигенција која ги разбира работите самата - што е одлична.
  • Интелигенција која ги разбира работите кои другите можат да ги разберат - што е добра.
  • Интелигенција која ниту самата разбира, ниту пак преку други - што е бескорисна.

Ако владетелот го нема првиот тип на интелигенција, тој треба да го има барем вториот тип. Како што вели Макијавели: „Владетелот мора да може да расуди што е добро, а што не во она што некој го вели или прави, и покрај тоа што тој самиот не е остроумен по таа тема“. Владетелот може да ги препознае лошите министри по тоа што тие ја претпочитаат личната корист од користа на државата. Од друга страна, владетелот треба да ги врзе министрите за себе така што ќе им даде почести, доволно богатство и соодветни задачи.[21]

Избегнување на додворувачите и ласкавците

уреди

Во 23. глава Макијавели дава совети за избегнување на додворувачите. Тој препорачува дека умниот владетел треба да има група мудри советници кои постојано ќе го советуваат чесно. Нив треба да ги прашува за сите работи и сите нивни мислења и ставови треба да ги зема предвид, но на крајот, одлуката треба да ја донесе тој самиот. Ако владетелот се премислува, така ќе настрада неговиот углед. Владетелот мора да биде доволно мудар за да го разликува добриот совет од лошиот. Макијавели го посочува негативниот пример на царот Максимилијан I; Максимилијан, кој бил потаен човек, никогаш не се советувал со други, туку штом ќе ги изложел своите планови и наидувал на несогласувања, веднаш ќе ги променел.[22]

Значењето на судбината

уреди

Во 25. глава Макијавели пишува дека судбината е судија на само половина од нашите постапки и дека луѓето имаат контрола врз другата половина. Тој изразува високо мислење за Чезаре Борџија, но вели дека тој ја изгубил моќта заради неочекувана болест. Макијавели ја споредува судбината со бурна река која не може лесно да се контролира во време на поплава. Меѓутоа во мирните периоди, луѓето можат да прават брани и насипи за што повеќе да ја намалат штетата. Според него, судбината удира таму каде не чувствува отпор, како во Италија која „претставува поле без брана и без никаков бедем“. Покрај ова, владеењето на владетелот мора да биде прилагодено кон времето во кое живее. Во една поконтроверзна метафора, Макијавели вели дека „подобро е да се биде жесток отколку претпазлив, бидејќи судбината [(итал. Фортуна)] е жена; и ако сакаме да ја потиснеме, неопходно е да ја тепаме и да ја покоруваме.“ Ова го покажува погледот на Макијавели кон власта и неговото сфаќање за страста по неа. Владетелот треба да ги имитира делата на великаните пред него, но само до извесна мера, прилагодувајќи извесни аспекти од идеите на неговите претходници.[23]

Повик за ослободување на Италија

уреди

Во последната глава од делото Макијавели ја опишува жалната состојба во која се наоѓала Италија во тоа време. Тој пишува дека Италија моли да се најде некој кој ќе ја ослободи од грабежите на туѓинците и само чека да се појави некој кој ќе ја обедини. Тој смета дека се создадени сите услови за тоа и дека обединувањето на Италија не е тежок потфат, а надежта ја гледа во славната куќа Медичи. За таа цел, ослободителот на Италија најпрвин треба да собере сопствена војска, а Макијавели смета дека е потребен нов пристап во војувањето, т.е. да се создаде војска која ќе може да ѝ се спротивстави на коњицата, а нема да се плаши од пешадијата. Тој го повикува семејството Медичи да ја поведе Италија во праведната војна против туѓите освојувачи, а делото го завршува со стиховите на Петрарка: „Доблеста против бесот / Ќе го земе оружјето, и борбата ќе биде кратка / Зашто старата храброст / Во италските срца сè уште не умрела.“[24]

Влијание на делото врз политиката

уреди

Идеалите на Макијавели за управувањето со државата биле од големо значење за политичките водачи. На пример, Макијавели е претставен како лик во поговорот на делото „Малтешкиот Евреин“ од Кристофер Марлоу. Кралот на Прусија, Фридрих Велики, упатил остри критики кон Макијавели во неговото дело „Антимакијавели“, издадено во 1740 година. На неколку наврати во животот, Наполеон Бонапарт пишувал опширни коментари за „Владетелот“. По поразот кај Ватерло, овие коментари биле пронајдени во царската кочија и одземени од пруската војска.[25] И италијанскиот диктатор Бенито Мусолини има напишано расправа за делото „Владетелот“.

Поврзано

уреди

Белешки

уреди
  1. Google books. „The Prince“. Посетено на 2007-10-02.
  2. Mattingly G, 'The Prince: Political Science or Political Satire?', Major Problems in the History of the Italian Renaissance, (D.C. Heath and Co.: Lexington: 1995), стр. 179-186.
  3. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 115-116.
  4. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 8.
  5. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 116.
  6. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 9, 11-12 и 116-117.
  7. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018.
  8. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 12-28.
  9. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 28-54.
  10. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 55-64.
  11. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 65-64.
  12. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 94.
  13. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 68.
  14. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 68-69.
  15. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 69-72.
  16. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 69-75.
  17. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 75-90.
  18. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 95-97.
  19. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 99.
  20. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 100.
  21. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 100-101.
  22. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 101-103.
  23. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 105-109.
  24. Nikolo Makijalveli, Vladalac, 5. izdanje. Beograd: Akia Mali princ, 2018, стр. 109-113.
  25. Massa-Carrara, Marina (2006). El Principe/Владетелот: Comentado Por Napoleon Bonaparte / Коментари од Наполеон Бонапарт, Mestas Ediciones.

Македонски изданија

уреди
  • „Владетелот“, Тримакс, Скопје
  • „Владетелот“, Магор, Скопје
  • „Владетел“, Феникс, Скопје
  • „Владетелот“, Ѓурѓа, Скопје

Надворешни врски

уреди

Македонски

уреди

Странски

уреди
 
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Врски кон целосниот текст:


  Статијата „Владетелот“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).